Истражувањa

Жив и надграден: Лукративниот бизнис-клуб околу РЕК Битола

Откриваме како еден релативно анонимен „играч“ се етаблира во клубот бизнисмени што профитираат од тоа што ЕСМ сѐ уште нема доволно своја механизација

  • 21
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Контроверзии, суми од кои боли глава и тешки зборови упатени преку партиските говорници ја следеа скапата пракса приватници да копаат јаглен за РЕК Битола. Во меѓувреме, „бомбите“ открија дека последниве десет години јагленот константно ја подгревал љубовта меѓу власта и тајкуните.

„Да ја организираш работата и сите да се задоволни, оти кратовчанецот ни е многу битен“, нарачуваше Никола Груевски во еден од објавените разговори, мислејќи на Љубисав Иванов-Ѕинго и на неговата фамилија – сопственици на Сител и на дополнителен бизнис со ископ на јаглен.

Меѓу другото, и од оваа „бомба“ произлезе обвинението на СЈО наречено „Труст“, по кое уште еден градежник, а подоцна и сопственик на телевизија, Сеад Кочан заврши во затвор.

Официјалните бројки покажуваат оти приватниците „изгореле“ повеќе од 212 милиони евра за времето на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски. Во тој период, СДСМ жестоко ги обвинуваше опонентите за корупција и силно ветуваше прекин на релацијата со бизнисмените. Меѓутоа, откако партијата е на власт, во овие две и пол години пропаднаа обидите да се купи државна механизација и се остави широко поле за сомнеж дека се случуваат нови пазарења и нови задоволувања.

Пријателот Вице

Нашите пресметки покажуваат дека и годинава најголем дел од тендер-колачот за јаглен отишол кај бизнисмените кои и претходно соработувале со термоелектраната.

Дури 12,6 милион евра од годишниве 39 наменети за ископ и за помошна механизација отишол или ќе отиде кај „Пелистер“ на битолчанецот Силјан Мицевски, фирма која е етаблирана и која изминатава деценија постојано соработува со македонскиот енергетски гигант. Во листата на компании што годинава работат во рудниците се и „Марковски компани“ и „Руд-коп“, приватници кои и претходнo работеле во рудниците за јаглен. Првата со договори од околу 10 милиони евра, а втората со договори вредни приближно седум милиони.

Стојан Чифлигароски | Фото: БИРН

Нови се кавадаречката „Машинокоп“, со тендер тежок повеќе од пет милиони евра, и битолската „СВ-Инвест“, која заедно со ланската година има договори вредни три и пол милиони евра со РЕК Битола. Токму појавувањето на „СВ-Инвест“ предизвика контроверзии и ги врати старите политички конфронтации, но сега со сменети улоги. Сега ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува СДСМ. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски уште лани обвини дека фирмата е параван за бизнисите на Вице Заев, братот на премиерот Зоран Заев.

Стојан Чифлигароски, 37-годишниот сопственик на „СВ-инвест“, во разговор со БИРН не криеше дека има пријатели во семејството Заеви и како што самиот вели – Вице Заев може да го нарече пријател. Студирал со негова братучетка во Белград и преку другарувањето со неа ги запознал другите членови на фамилијата.

„Меѓутоа, ако бев нечиј параван, тогаш веројатно ќе ги добиев најдобрите тендери во РЕК Битола, а не најлошите“, рече Чифлигароски.

Со Чифлигароски се сретнавме во канцелариите на фирмата сместени во реновираното приземје од неговата семејна куќа во строгиот центар на Битола.

Обвинувањата за параван-фирма се базираат на тоа дека „СВ-Инвест“ користела камиони на Вице Заев. Чифлигароски ни објасни оти возилата ги купил од сосема друг струмички бизнисмен, кој, пак, некогаш претходно ги презел од фирма во која Вице Заев имал удели.

„Камионите ги купив на компензација и имам документи за тоа. Тие никогаш не влегоа да работат во РЕК, бргу се покажа оти се во лоша состојба и ги продадов“, објасни тој.

Афирмацијата на новиот „играч“

Следејќи го принципот „каде има чад, таму има и оган“, истражувавме како стартувала соработката меѓу фирмата на Чифлигароски и РЕК Битола. Се заинтересиравме за нејзиниот воопшто прв ангажман – да ги чисти лентите за јаглен во рудниците.

ЕСМ и РЕК Битола не ни презентираа конкретни аргументи зошто во овој случај го прескокнале вообичаениот и транспарентен тендерски процес, во кој може да се натпреварува која било компанија, а не само тие што ќе ги избере раководството на термоелектраната. Дополнително, нашите наоди наведуваат на тоа дека раководството на РЕК Битола не се водело од критериуми кога ја поканило токму „СВ-инвест“ да се натпреварува за овој таканаречен „договор во четири очи“.

„СВ-Инвест“ пред 2018 никогаш не работела за термоелектраната, ниту, пак, за која било државна институција. Основна дејност на нејзиниот сопственик Стојан Чифлигароски била и уште е трговијата со цемент и со армирано железо, како и градба и продажба на објекти.

Иако Чифлигароски многу години соработувал со битолскиот градежник Силјан Мицевски, сепак неговата фирма не била од рангот на „Пелистер“ или на другите приватници што една деценија соработуваа со РЕК Битола и тоа го отсликува бројот на вработени низ годините. Таа во 2015 и во 2016 имала само еден, а во 2017 двајца вработени. Пресвртот се случил во 2018 година, кога таа брои дури 150 работници на својот платен список.

Што се случило во 2018? Во март таа година, оваа битолска компанија го добила првиот бизнис во термоелектраната вреден 345.000 евра. РЕК Битола ја ангажирала за чистење на лентите со руда, а не за копање јаглен – чистењето е важно за да се одржува функционален системот што ја вади енергетската руда. „СВ-Инвест“ ангажира работници и тие со лопати, копачи и со метли ги чистат лентите во рудниците.

РЕК не ја одбрала „СВ-инвест“ на јавен оглас достапен за сите, туку заедно со уште четири фирми ја поканила да даде понуда и да преговара. Тоа е брза постапка, која меѓу народот е позната како „договор во четири очи“ и која законот ја дозволува само во специфични случаи.

Од РЕК Битола, за БИРН велат дека поканиле фирми што „претходно биле оценувани во други постапки“. Меѓутоа, и покрај нашето инсистирање, оттаму не ни покажаа каков било доказ дека „СВ-Инвест“ некогаш била евалуирана и оти учествувала во постапка за јавни набавки. И самиот сопственик на фирмата, Стојан Чифлигароски потврди дека претходно не учествувал на тендери.

Оттука заклучокот дека РЕК Битола арбитрарно одлучила да ја покани токму „СВ-Инвест“ да се натпреварува за овој бизнис, кој индиректно го потврдува и Чифлигароски.

Тој ни откри дека самиот му се понудил на тогашниот директор на РЕК, а сегашен прв човек на ЕСМ, Васко Ковачевски. Му рекол дека би сакал да добие шанса да работи за термоелектраната.

„Отидов и му чукнав на врата зошто Ковачевски пред да дојде на власт има зборувано дека кога би дошол во РЕК Битола би им дал шанса и на младите фирми да работат во рудниците“, вели Чифлигароски и ги отфрла шпекулациите на еден македонски портал дека е „близок пријател со Ковачевски“.

„Се знаеме од Битола и може да се каже дека сме познајници кои понекогаш пиеле кафе“, додава тој.

Високи профити за приватниците

Loading...

Loading…

Се обидовме да преиспитаме и дали навистина во овој случај имало специфични услови поради кои морало да се прескокне подолгата тендерска процедура и да се најде чистач по брза и помалку транспарентна постапка. 

РЕК Битола се правда дека лентите биле многу нечисти, седум години не биле чистени и затоа имало застои во работата. Меѓутоа, иако инсистиравме, оттаму не ни презентираа какви било показатели од кои може да се увериме дека имало пречки во работата.

Нејасна е потребата од оваа брза постапка и поради тоа што во моментот кога РЕК Битола преговарала со „СВ-Инвест“ и со другите фирми, веќе течела друга транспарентна тендерска процедура за истата работа – чистење на лентите со јаглен. Само две недели откако РЕК Битола по скратената постапка ја избрала „СВ-Инвест“ за чистач, термоелектраната го поништила тендерот и до денес надлежните немаат објаснување кои се пропустите и техничките недостатоци поради кои паднала таква одлука.

Со овој потег ѝ било овозможено на „СВ-Инвест“ до крај да го одработи целиот договор вреден 345.000 евра, зашто договорот склучен по брза постапка престанува да важи во истиот момент кога тендерот би бил успешен.

Останува нејасно и зошто РЕК Битола потоа чекала дури седум месеци, па во октомври 2018 објавила нов транспарентен оглас за фирма-чистач. Претходниот месец, пак, РЕК Битола спровела уште една брза постапка и уште еднаш бизнисот вреден 345.000 евра ѝ го доделила на „СВ-Инвест“.

На тој начин, преку две брзи постапки, „СВ-Инвест“ дошла во позиција да ги чисти лентите точно цела година, а подоцна се изборила и за уште 12 месеци. Имено, вториот тендер завршил успешно во март 2019 и работата повторно ја добила истава фирма – овојпат станува збор за едногодишен договор вреден 805.000 евра.

Стојан Чифлигароски планира да учествува и на наредниот тендер за чистење објавен на почетокот од декември.

Откако „СВ-Инвест“ обезбедила договори од приближно милион и половина евра од чистењето, полека влегла во големата игра каде се „тешките“ договори за изнајмување механизација и за копање. Тие ѝ носат договори од дополнителни два милиони евра.

По истата формула – прво брза постапка, па потоа тендер, фирмата влегла во друштвото на приватници што изнајмуваат механизација за потребите на РЕК Битола. Па така, во октомври 2018 склучила договор по брза постапка вреден 370.000 евра, а по пет месеци, во февруари 2019 добила и дел од тендер што вреди 866.000 евра.

Сопственикот на „СВ-Инвест“, Чифлигароски за БИРН објаснува дека влегол во бизнисот со изнајмување дополнителна механизација зашто заработката, сепак, била голема. Ако од својата основна дејност, трговија со градежните материјали имал маржа од два до пет проценти, со изнајмувањето механизација во рудниците имал заработка од 20 проценти, и покрај тоа што камионите не се негови и ѝ плаќа на друга фирма зашто ги користи, има трошоци за гориво и плус плаќа работници.

Во меѓувреме, на почетокот од 2019 повторно по брза постапка „СВ-Инвест“ била избрана како една од фирмите што ќе копа јаловина (слојот земја над јагленот) во рудниците и за оваа услуга таа треба да добие околу 800.000 евра.

Признанието за голема заработувачка од диловите со РЕК Битола е уште еден податок што оди во прилог толку најавуваната и неостварена набавка на сопствена механизација.

Пролонгирањето ги „изеде“ парите за механизација

Термоелектранта близу битолското село Новаци | Фото: БИРН

Од доаѓањето на власт на СДСМ, во средината на 2017 година до денес поништени се два огласа за купување на најавуваната опрема, а резултатот од пролонгирањата повторно е изразен во многу милиони евра.

„Бомбите“ несомнено открија политичка вмешаност во поделбата на тендерскиот колач при ископ на јаглен и ангажирање помошна механизација, а јавноста веќе беше сензитивирана поради сличната злоупотреба во Србија, која неколку години претходно беше откриена со големата афера „Колубара“.

Притисокот што се создаде во јавноста придонесе првиот чекор за набавка на нова опрема, која би ја анулирала потребата од приватници, да ја направи директорот на тогаш сѐ уште ЕЛЕМ, Христијан Мицкоски, и тоа само неколку недели пред да биде разрешен од страна на новата влада на СДСМ.

ЕЛЕМ под водство на Мицкоски на 15 јуни 2017 распиша оглас за купување опрема и за неа подготви речиси 35 милиони евра. Два месеца подоцна, кога веќе Мицкоски беше заменет со Драган Миновски, ЕЛЕМ го поништи огласот, со образложение дека „настанале непредвидени промени во буџетот“.

Денес недостасува објаснувањето кои биле тие непредвидени промени. БИРН побара наследникот на Миновски, сегашниот директор на ЕСМ (старото ЕЛЕМ), Васко Ковачевски токму тоа да ни го објасни, меѓутоа тој одби интервју за потребите на ова истражување. Интервјуто со Ковачевски ќе беше корисно и зошто тој во ЕСМ дојде од директорското место на РЕК Битола.

„Дадени Ви се сите податоци што ги побарувавте и сметаме дека нема потреба (н.з. Ковачевски) да дава интервју“, ни соопштија од прес-службата на ЕСМ, алудирајќи на документите што ни ги испратија по барањето за слободен пристап на информации.

Документите што ги добивме, сепак, се однесуваа само на дел од нашето истражување и од нив произлегоа дополнителни прашања. Ковачевски не одговори ниту на другите прашања што му ги испративме по имејл.

Вториот обид за набавка на фамозната опрема следи дури осум месеци по поништувањето на првиот.

Во март 2018, тогаш новото раководство на чело со директорот Драган Миновски, на прес најави нов оглас за опрема поделен во два дела. Тогаш тој рече дека првиот дел, вреден 19 милиони евра, ќе биде објавен истиот ден – на 26 март 2018, додека вториот „тежок“ 22 милиони евра требаше да следи по неколку месеци.

Васко Ковачевски | Фото: СДСМ

Првата набавка уште годинава требаше да ја елиминира праксата на ангажирање помошна механизација од приватни фирми, а втората требаше „во текот на годинава“ да ја сведе на минимум праксата приватници директно да копаат јаглен и јаловина.

Арно ама, првиот дел од огласот не траеше долго и беше поништен, додека вториот дел никогаш и не се случи. Миновски во емисијата 360 Степени на Алсат објасни дека го поништил тендерот од страв дека ќе победи произведувач на неквалитетна опрема. Веќе биле пријавени неколку такви. Анализите покажале дека треба да се смени Законот за јавни набавки, и покрај најниската цена и квалитетот да влезе во критериумите за избор на најповолна понуда.

Овде се поставува едноставна дилема. Како тоа државните институции и компании, вклучително и ЕСМ, кога набавуваа автомобили во минатото, ги подготвуваа огласите на начин што ги елиминираат неквалитетните произведувачи и затоа на тендерите за возила не се нуделе автомобили од марките „фиат“, „опел“ или „шевролет спарк“, туку секогаш тоа биле поквалитетни марки, како „фолксваген“, „ауди“ или „мерцедес“?

ЕСМ нема одговор на прашањето зошто оваа пракса не била применета и при овој оглас за да се елиминира неквалитетната конкуренција.

Симптоматично е и тоа што токму овој оглас го нема на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, каде што институциите имаат законска обврска да ги објавуваат огласите. И покрај нашето барање, ЕСМ не ни го покажа.

Откако и овој тендер пропадна, тогашниот директор Миновски ги помести своите очекувања за една година:

„Убеден сум дека успешно ќе ја завршиме таа набавка и дека на крајот на 2019 година ќе имаме сопствени машини.“

Сега сме на крајот од 2019, новините во Законот за јавни набавки се во сила од април годинава, Миновски летово во операцијата „Метла“ му го отстапи директорското место на колегата од термоелектраната, Васко Ковачевски, ама сѐ уште ја нема долгонајавуваната механизација.

ЕСМ не ни даде образложение на што се должи одолжувањето, како што не ни кажа ниту кога ќе има нов оглас.

Цехот на пролонгирањето јасно се гледа во годинешниве бројки. Имено, годинава ЕСМ има договори тешки 39,7 милиони евра, со приватници за копање јаглен и јаловина и за помошна механизација. Тоа се точно 99 проценти од 40-те милиони потребни за сопствена механизација што ќе се користи десетина до петнаесет години.