Актуелно

Скопје ниту ги сака, ниту ги урива галиите  

Ги игнорираат дури и кога горат

Неколку години, единствен гостин што наминува во галијата до „Холидеј ин“ е ветерот. Во зависност од тоа низ која нејзина дупка ќе се мушне вардарецот, турка различен мирис од објектот во распаѓање.

Некогаш смрди на полски клозет, а другпат на изгорено дрво.

Таа гореше пред помалку од десет дена, во недела наутро баш пред разденување, меѓутоа полицијата не ја истражува причината за пожарот. Од МВР за БИРН информираат дека никој не сакал да поднесе пријава, ниту Градот, ниту концесионерот.

Галијата кај „Холидеј ин“ гореше пред помалку од десет дена, во недела наутро баш пред разденување, меѓутоа полицијата не ја истражува причината за пожарот – никој не сакал да поднесе пријава

Тогашниот градоначалник Петре Шилегов тргна да ја урива оваа галија пролетта 2021, меѓутоа поголем дел од објектот остана бетониран во водите на Вардар.

Сега во долниот простор, цел човек може да влезе низ дупката што гледа кон кејот. На подот што се распаѓа од влага расфрлани се празни пива, пластични шишиња, разни отпадоци и догорчиња, а во еден ќош некој послал ќебе и перница.

Галијата беше замислена и работеше како кафуле, а концесионерот планирал и казино. Врз искршените прозорци сѐ уште стои излепен брендот на несудената коцкарница.

Неподвижниот брод крај МЕПСО| Фото: БИРН/В.А.

Оваа неподвижна галија изгледа најлошо од трите поставени во Вардар на потегот од зградата на МЕПСО до хотелот„Холидеј ин“.

Онаа кај МЕПСО, пред седум-осум години, многу кусо, неколку месеци, работеше како ресторан со ентериер во антички стил и со специјалитети именувани во духот на епохата на Александар Велики. Бргу по отворањето се поплави и никогаш повторно не проработи. На влезот одамна стои катанец.

Единствено функционира галијата кај ГТЦ. Угостителот Стојан Филиповски, познат по својот ресторан „Воденица“, таму држи локал и хотел со 18 соби.

Вардар тече, ништо не се менува

Галијата кај „Холидеј ин“ | Фото: БИРН/В.А.

Неподвижните платформи што ги нарекуваме галии беа дел од контроверзниот проект „Скопје 2014“. Ги немаше во промотивното видео од 2009, идејата за нив дојде отпосле, во време кога граѓаните веќе жестоко реагираа на државните трошоци за неокласицистичкиот фејслифтинг на Скопје.

Затоа се најде начин галиите да се изградат преку приватници, слично како што се подигнаа и „псевдоантички“ сендвичарници и како што невладини организации донираа споменици.

Замислата беше тие да го надополнат пејзажот на неокласичен град и да ги освојат симпатиите на скопјани и на туристите.

Пресвртната 2017 година, новата градска власт зборуваше за нивно отстранување со идеја симболички да се пресмета со идеолошки обоениот проект „Скопје 2014“. Аргумент плус беше дека ако надојде Вардар, галиите може да бидат пречката поради која водата би се излеала

Локалните власти, во времето на градоначалникот Коце Трајановски, се обврзаа да ја изградат инфраструктурата, да постават канализациска мрежа и да донесат струја, а обврска на инвеститорот беше да ги изгради галиите од челик и од дрво, а внатрешноста од гипс-картон, на начин што ќе може објектот да се отстрани, бидејќи сплавовите се поставуваа на одреден период, во кој концесионерот треба да плаќа кирија на Град Скопје од околу 1.000 евра месечно.

Пресвртната 2017 година, новата градска власт зборуваше за нивно отстранување со идеја симболички да се пресмета со идеолошки обоениот проект „Скопје 2014“. Аргумент плус беше дека ако надојде Вардар, галиите може да бидат пречката поради која водата би се излеала како за време на големата поплава од 1962 година.

„Да се ослободи коритото на Вардар“, велеше тогашниот градоначалник.

Тој тргна со идејата да ги отстрани, ама граѓаните да не ги платат трошоците, односно уривањето да не се одрази врз градскиот буџет. Концептот му „потона“ во Вардар. Процените беа дека отстранувањето ќе чини пет милиони евра.

Арсовска без јасен став за Скопје 2014 | Фото: Град Скопје

И покрај неколкуте претходни најави, Шилегов почна да ја урива галијата кај „Холидеј ин“ дури пролетта 2021, искористувајќи го аргументот за неплатена концесија. Случајот сега е на суд.

Каков е сега ставот на градската администрација во однос на галиите, нема јасен одговор. Град Скопје, цела недела ги игнорираше нашите прашања за иднината на неподвижните бродови во Вардар.

Градоначалничката Данела Арсовска, пред изборите и по нив, прашана за „Скопје 2014“ коментираше дека таа ништо не би уривала. Во кампањата бегаше од јасни ставови за „Скопје 2014“, надевајќи се и на поддршката на идејниот творец на проектот, ВМРО-ДПМНЕ и на скопјаните разочарани од Шилегов и од новата власт.

По победата, таа коментираше дека „галијата е завршена работа“, алудирајќи дека не може да се врати назад тоа што е урнато.

Гради-уривај политика

Пресконференцијата на Шилегов кога почна да се урива на галијата | Фото: Град Скопје

И за галијата што работи, онаа кај ГТЦ, тешко може да се каже дека е дел од скопската шема.

Во средата попладне, празна беше палубата каде што е локалот. Долу вратата беше отворена, меѓутоа немаше никој на рецепцијата. На влезот на бродот беа двајца туристи, прозбореа нешто на англиски, се помислија и решија да не влезат.

Се фотографираа пред галијата и заминаа.

Стојан Филиповски, човекот што стопанисува со галијава, во разговор со БИРН не се согласува со впечатокот и вели дека нему добро му оди бизнисов.

„Кога има сонце, има и луѓе на палубата. Локалот и не треба да е полн, доволно е да има луѓе.“

Иако сега во Вардар има три статични брода, ДУП-от за тој дел од центарот на главниот град, пред повеќе од една деценија предвиде шест вакви објекти, и тоа четири на десната и два на левата страна од реката

„Странците ја сакаат галијата, се сликаат со неа и ѝ даваат најдобри оценки на интернет.Таа веќе е некаков симбол на градот“, смета тој.

Познатиот Столе Воденица ја коментираше неконзистентната гради-уривај политика на различните градски власти.

„Кога веќе се направија галиите, нели ќе беше подобро да се остават да работат, да генерираат каков-таков приход, отколку да се уриваат до некаде, па да се остават.“

Според него, во бродот се вложени повеќе од два милиони евра. Инвестицијата тешко се враќала, вели дека кога веќе се зафатил со галијата и потпишал договор, нему обврска му била да го почитува.

„Галијата што почна да ја урива Шилегов, сега е ‘ругло’ на градот, странците прашуваат што е работава со неа. Навечер се собираат секакви луѓе таму, палат огнови, не знам што прават“, вели во разговор за БИРН, Филиповски.

Галијата кај ГТЦ | Фото: БИРН/В.А.

За третата галија, онаа кај МЕПСО, последно се знае дека со неа управуваше фирмата на бизнисменот и автор на егзотични историски читанки, Ниче Димовски – Македон, кој во меѓувреме почина. Тој имаше роднински релации со поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, во чие време се замислија и изградија галиите.

Иако сега во Вардар има три статични брода, ДУП-от за тој дел од центарот на главниот град, пред повеќе од една деценија предвиде шест вакви објекти, и тоа четири на десната и два на левата страна од реката.

Не се изградија галии предвидени на локацијата веднаш под мостот „Гоце Делчев“, до ново-стариот театар и до колонадата.