Во најтесното градско подрачје има десетици споменици, од кои 15 се подарени, покажува истражувањето на БИРН. Тие формално не се платени со јавни пари, но се укажува дека постои спрега помеѓу донаторите и партијата која стои зад идејата на проектот „Скопје 2014“.
Имено, во ист ден, на иста седница се носи одлука за одбележување на одредени личности, се прима донација за споменици на тие личности и се одредува одбор за нејзино спроведување, со дефинирана локација што говори дека нивното поставување е однапред договорено, а потоа аминувано преку владеачкото мнозинство во општинскиот совет.
Донирањето како алатка за продолжување на проектот „Скопје 2014“ во авторство на ВМРО ДПМНЕ започнува веднаш по настаните од таканаречениот „црн понеделник“ на 24 декември 2012 година, а во предвечерието на локалните избори, откако критиките за менување на централното градско подрачје станаа дел од политичката аргументација на опозицијата која беше насилно избркана од парламентот.
И додека во јавноста сѐ уште трае шокот од насилното бркање на пратениците и тензиите кои се закануваат да излезат од контрола, советниците на Општина Центар на седница одржана на 27 декември решаваат спомен-обележјата на Борис Сарафов, Петар Чаулев и Методија Шаторов Шарло да влезат во Програмата за култура на општината, со назнака дека се донација од самите скулптори.
Следниот ден на 28 декември 2012, градоначалникот на Центар Владимир Тодоровиќ потпишува решение за дополнување на програмата за одбележување значајни настани и истакнати личности со спомен-обележја и Советот на општината во програмата ги внесува и скулптурите на Генерал Михајло Апостолски, Пере Тошев, Никола Петров Русински, Света Лидија Македонска и Андон Јанев Ќосето. Сите споменици фигурираат како донација на Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци од Лерин, кое подоцна во името го вклучува и топонимот Крушоради.
По локалните избори 2013 година во кои опозицијата го добива градоначалникот на Центар, а градската власт останува во рацете на ВМРО ДПМНЕ, спомениците иако уште непоставени се префрлаат во надлежност на Град Скопје, а таму се префрла и дарувањето.
Донираните споменици од Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради во 2013 година сѐ уште не се поставени, но сè наведува на тоа дека тие се веќе излиени и чекаат во некој склад да бидат истакнати на локациите кои веќе им се определени.
Одлуката на Град Скопје за преземање и чување датира од декември 2013, додека самата донација Градот ја одобрува подоцна во јули 2014 година, a спомениците се поставуваат во септември истата година. На претходно донираните пет споменика на Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради се приклучува и споменикот на Ѓорѓи Сугарев.
Во електронскиот гласник на Град Скопје во одлуките за преземање на спомениците во 2014 година секој од нив е претставен не само со локација туку и со цртеж кој покажува како ќе бидат преставени фигурите и со детални параметри за висината и габаритот.
Но донациите тука не завршуваат. Речиси година подоцна, повторно од Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради од Лерин примена е донација за спомен-обележје на Македонците бегалци од Граѓанската војна во Грција и донација од Фондот на холокауст на Евреите од Македонија за Македонски паметник за жртвите од холокаустот.
Градот Скопје во 2015 прима уште неколку донации од автори на бронзени фигури на Партение Зографски, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчоски и Христофер Жефаровиќ.Тие се поставуваат на оградата на кејот на реката Вардар на потегот од МНР до Археолошкиот музеј.
Истата 2015 година, Градот Скопје прима и донација од фирмата Урбан инвест која го градеше Плоштадот на ВМРО во Скопје. Фирмата го донираше лавот, централната фигура во фонтаната која чини 500 илјади евра, на авторката Елена Дуковска.
Кој донирал и кој потпишал?
Првите донации како начин да се заобиколи процедурата со јавни пари да бидат плаќани спомениците и објектите на „Скопје 2014“ доаѓаат од самите скулптори кои добиле хонорари за избраните решенија на нивните скулптури.
Валентина Стевановска, Миле Брцески и Кирил Мукаетов се авторите на спомениците на Борис Сарафов, Петар Чаулев и Методија Шаторов Шарло што Општина Центар ги прима како донација на крајот од 2012 година, во неделата на таканаречениот „црн понеделник“.
Стевановска е најпознатиот скулптор на спомениците во рамките на проектот. Таа како автор потпишува повеќе дела меѓу кои е и скулптурата Воин на коњ, на Филип и порта Македонија и се смета за најплатен автор . Таа воедно е скулптор за најголем донаторски капацитет. Освен на Сарафов, бесплатно изработила и два споменика подарени од Здружението на Ташко Јованов како и споменикот на Александар Македонски во општина Аеродром.
Кирил Мукаетов заедно со Стевановска е автор на идејното решение за споменикот на Мајка Тереза.
Миле Брцески, покрај донираната статуа на Петар Чаулев е автор на наградените идејни решенија за споменик на Тодор Александров и Павел Шатев.
Контроверзното здружение на Ташко Јованов за Духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради од Лерин е најголем донатор. Тие донираат вкупно седум спомен обележја, во време кога континуирано добиваат помош од Владата на ВМРО ДПМНЕ.
Како Ќосето стигна пред Судската палата
Првичната локација на споменикот на историски контроверзниот лик Андон Јанев Ќосето е на раскрсницата пред Македонската радиотелевизија. Но, во 2014 советниците на Град Скопје прифаќајќи ја донацијата што претходно Општина Центар ја доби од Здружението за духовно обединување на Сетинци – Попадинци и Крушоради решаваат обележјето на ликот со камата познат по убиство врз неистомислениците да биде лоциран пред Судската палата.
Предлагач за примање на донацијата се тогашните градоначалници на Центар, односно на Град Скопје – Владимир Тодоровиќ и Коце Трајановски.
Одлуките за прифаќање на донациите се носат на седници на советниците на Општина Центар и на Град Скопје потпишани до претседателите на Советите, Владимир Здравев, односно Ирена Мишева. И двајцата се експонирани функционери на ВМРО ДПМНЕ. Здравев е претседател на Советот на Општина Центар , а до 2010 е и директор на МЕПСО, а Мишева е неизвршен директор на Македонски Телеком чијшто глас се слуша во „бомбите“ каде што се договара исклучување на одредени телефонски броеви на противничката СДСМ за време на локалните избори во 2013.
И Центар и Град Скопје со прифаќањето на донациите се обврзуваат да управуваат, чуваат, одржуваат, и да ги заштитуваат спомен- обележјата со свои средства и за секој споменик е назначен одбор што ќе спроведува постапката за нивно подигање.
Во тие одбори се вклучени главно советници на тогашната владејачка партија. Во одборите на општина Центар е и Виолета Самарџиска, основач на невладината организација „Акорд“ која уште во 2010 преку познати режисери, скулптори и музичари го бранеше проектот „Скопје 2014“. Во истражувањето на БИРН во 2013 година, Самарџиска вели дека здружението „Акорд“ не е повеќе активно, но во регистарот на Управата за јавни приходи тоа сѐ уште постои.
Во одборот е и Дамјан Мирчевски, инаку организационен секретар на УМС на ВМРО ДПМНЕ, Даниела Рангелова, советник во Центар во два мандата, а подоцна и пратеник во Собранието, член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ и претседател на Унијата на жени на истата партија.
Во одборите членува и професор Бранислав Саракањац, исто така советник од редовите на ВМРО ДПМНЕ во општина Центар. Овој универзитетски професор во 2010 јавно застанува во одбрана на проектот „Скопје 2014“ модерирајќи трибина на која се промовира тезата дека барокот како правец е карактеристичен и за македонската архитектура, а подоцна во колумна ги осудува критичарите на проектот за кој вели дека е „нешто наше и автентично“.
Саркањац на изборите 2013 преку листата на ВМРО ДПМНЕ станува советник на Град Скопје и претседава со сите одбори задолжени за поставување на спомениците донирани од Здружението на Ташко Јованов, а членови на одборите се Марјан Додовски и Љупчо Трпевски.
Додовски е еден од старите членови на ВМРО ДПМНЕ кој по расколот на партијата остана со поранешниот лидер Љубчо Георгиевски и со него замина во новоформираната ВМРО Народна партија на која извесно време ѝ беше и претседател. Во 2011 се враќа во матичната ВМРО ДПМНЕ на Никола Груевски и на локалните избори стана советник во Град Скопје од таа партија.
Трпевски е избран член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ во 2013 година.
Последни примени се донациите во 2015 на неколку скулптори чиишто дела веќе се инкорпорирани во проектот „Скопје 2014“, како и компанија која не може да се пожали на висината на склучените договори, иако не влегува во петте најголеми изведувачи на проектот.
Димитар Филиповски, Кристина Пауновска, Зоран Тошевски и Слободан Милошевски се донатори на скулптурите на Партение Зографски, Кирил Пејчиновиќ, Јоаким Крчоски и Христофер Жефаровиќ.
Филиповски е автор на неколку споменици во рамките на „Скопје 2014“, како што се Цар Самуил, неколку скулптури на мостот “Око“ и споменикот на Ченто.
Пауновска е застапена во помал обем во споменичната колекција на проектот „Скопје 2014“ за што склучила договори за споменикот на Питу Гули и скулптура на Мостот на уметноста.
Тошевски меѓу другото ги потпишува скулптурите на Плоштадот Света Богородица и Стариот театар,како и на Мостот на уметноста.
Милошовски исто така работи на скулптури на Стариот театар, а негово е и Првото заседание на АСНОМ и скулптурите на Мостот Око.
Урбан инвест е единствената компанија која се вклучува во друштвото на донаторите на „Скопје 2014“. Оваа градежна фирма има десетина договори за градба или поставување споменици, илуминација, нови фасади во рамките на проектот „Скопје 2014“ во вкупен износ од 5,8 милиони евра.