Репортажи

Скупи – од мегапроект до мегадепонија за седум години

Локалитетот можеби беше спасен од несоодветна реконструкција, но не и од заборав

Затскриен меѓу обраснатата трева се наѕира Скупи, најголемиот антички локалитет во Македонија, оддалечен одвај пет километри од центарот на Скопје. Единствениот превоз до таму е автобусот со број 21, кој обично доаѓа на еден час. Многу од таксистите не знаат ни каде е, а такси-компаниите одговараат дека немаат слободно возило.

Пробивајќи се низ густата вегетација и старите камења, со змиите како единствени „водичи“ околу нас, наоѓаме интересен артефакт што не е од античко време – метална табла стара десетина години, со податоци за проектот за реконструкција на амфитеатарот. Околу неа одамна нема ниту градежни работници, ниту активности, а само засушениот малтер на скалите покажува дека некогаш нешто се работело.

Една влада во 2016 година го почна проектот вреден над седум милиони евра, најавувајќи заживување на Скупи. Следната го запре во 2018 година, бидејќи оцени дека тој не е автентичен. Локалитетот можеби беше спасен од несоодветна реконструкција, но не и од заборав.

Денес, седум години по одлуката да прекинат градежните работи, тој изгледа како неоткриено наоѓалиште опкружено со ѓубришта. За него е надлежна институција што нема ниту пари, ниту капацитети за да го развие, а установите што можат да го финансираат уредувањето, чекаат таа да им предложи проекти.

Кабли, стари телевизори и искривен натпис

Околу археолошкото наоѓалиште се формираат диви депонии | Фото: БИРН

Градот Скупи бил двапати поголем од Стоби, петпати од Хераклеја кај Битола и деветпати од Баргала во околината на Штип, напишал своевремено професорот Иван Микулчиќ, еден од најзначајните истражувачи на античките градови во Македонија.

И покрај неговата големина и локацијата во главниот град, тој е многу послабо посетен од другите. Во туристичките програми речиси го нема, а го наоѓаат главно љубопитни историчари или археолози.

Васко Марковски, искусен туристички водич, кој редовно предводи странски групи низ знаменитостите во главниот град, вели дека за локалитетот има многу мал интерес, како и дека таму нема услови за да се однесат гости.

„Статусот на Скупи е практично недоистражен археолошки локалитет, кој не е подготвен за туристички посети,  без елементарната сервисна инфраструктура, како што се патеки, информативни табли, патокази, тоалет, сувенирница и вработени презентери. Понекогаш, иако ретко, луѓе ме прашуваат или ми кажуваат дека самите биле таму“, рече Марковски.

Повеќе од 500 години, ова место било значаен градски економски, културен, верски и административен центар. Историските податоци покажуваат дека во првиот век пред новата ера, Скупи го освоиле римските легии и го направиле воен логор, а потоа тоа прераснало во првата организирана урбана населба во скопската котлина, распослана на 44 хектари. Животот замрел по земјотресот во 518 година од новата ера, кога жителите се преселиле во реонот каде што денес е скопското Кале.

За да се дојде до заборавената историја на Скупи, претходно треба да се копа низ наоѓалишта што не се археолошки. Купишта кабли, стари телевизори и куфери го опкружуваат местото, расфрлани главно на приватните имоти околу него. Еден искривен натпис „Археолошки локалитет Скупи“ на главниот влез покажува дека сме стигнале на место што е значајно како културно наследство. Внатре, глетката не е многу различна. Расфрлани автомобилски гуми, пластични шишиња, дрвено полско веце и остатоци од градежни материјали нè пречекаа околу амфитеатарот.

Запрена реконструкција – не одговарала на заштитата

Вегетацијата го „презема“ локалитетот од археолозите и од посетителите | Фото: БИРН

Како Скупи стигна до оваа состојба? Поранешната влада на ВМРО-ДПМНЕ, додека во полн ек го спроведуваше преобликувањето на центарот на главниот град со проектот „Скопје 2014“, реши да ја прошири својата градежна офанзива на периферијата. Во февруари 2016, Никола Груевски, како претседател на владејачката партија, најави обнова на амфитеатарот во Скупи со девет илјади седишта, како дел од пакет-мерките за младите, што вклучуваа и изградба на скејт-паркови, вработување на најдобрите студенти и друго.

Истата година, споменичната целина на античкиот град Скупи се прогласи за културно наследство од особено значење со поткатегорија големо значење, со што се забранија доградби, надградби и реконструкции.

Во мај 2016 година, пак, Управата за заштита на културното наследство спроведе тендер и потпиша договор со тетовската фирма „Ак инвест“ за конзервација, реставрација и реконструкција на амфитеатарот, вреден 7,1 милиони евра, според податоците од Бирото за јавни набавки.

Проектот почна со конзервација на сценскиот објект и на циркуларните ѕидови на гледалиштето. Но, една година подоцна се смени власта во земјата и новоназначениот министер за култура, Роберт Алаѓозовски го раскина договорот и ја запре реконструкцијата.

Во телефонски разговор, Алаѓозовски ни објасни дека не биле спорни археолошките истражувања и конзервацијата на сцената, туку целосната реконструкција на гледалиштето, кое било оценето како неавтентично.

„Затоа, ние, како Министерство, одобривме средства да се доврши конзервацијата. И таа заврши. Не дозволивме да се оди во следните фази“, рече Алаѓозовски.

Ревизорски извештај од 2021 година покажа дека само 7,56 отсто од договорот е реализиран. На компанијата ѝ биле исплатени 36 милиони денари (околу 600 илјади евра) за сработеното. Таа ги тужела Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство за раскинувањето на договорот. Стигнала сè до врховниот суд, но загубила на сите нивоа.

Од милиони на илјади евра

За Скупи нема ниту доволно пари, ниту доволно луѓе| Фото: БИРН

Проблематичниот проект беше прекинат, но од тој момент до денес не се појави ниту една нова идеја за тоа како да се уреди и да заживее локалитетот. Сумите, пак, што се поврзуваат со Скупи се намалија од милиони на илјади евра, на годишно ниво.

Побаравме одговори од Министерството за култура и туризам за тоа дали има некаков нов план за Скупи, со оглед на неповолната состојба во која се наоѓа локалитетот. Оттаму добивме одговор дека тие не раководат со него, упатувајќи нè кон Музејот на Град Скопје. Како Министерство, тие го поддржувале Скупи единствено преку конкурсите што ги распишуваат за проекти од национален интерес во културата.

„Секоја година, Министерството за култура и туризам, со програмите од музејска дејност и недвижно културно наследство, учествува со финансиска подршка за проекти на Музеј на Град Скопје, кои се поврзани со археолошкиот локалитет Скупи. Така е и во 2025 година“ одговорија од Министерството.

Податоците достапни во годишните програми на Министерството, достапни онлајн, покажаа дека оваа поддршка одвај достигнува пет илјади евра годишно. Во 2022 година, на пример, Музејот има добиено 90 илјади денари (1.500 евра) за тековно одржување, оваа година треба да добие околу 200 илјади денари (3.300 евра) за одржувањето и 96 илјади денари (1.600 евра) за конзервација на нумизматичкиот материјал.

Разговаравме со Игор Кузмановски од Музејот на Град Скопје, кој е раководител на археолошкото наоѓалиште Скупи. Тој рече дека главен проблем со кој се соочуваат е малиот буџет, одвај доволен за егзистенција.

„Освен за чувар и за плаќање струја, нема доволно средства што би се издвоиле за да може да се уредат патеките и да се постават информативни табли за туристите. Додатни средства од Министерството за култура и туризам се обезбедуваат само преку аплицирање и добивање проекти, но и тие се со ограничена сума до 200 илјади денари по проект“, рече Кузмановски.

И за да се подготват апликации за проекти е потребен тим, а Кузмановски го нема. Во неговиот сектор, до неодамна работеле уште тројца археолози, кои заминале во пензија, и оттогаш останал сам. Кузмановски објаснува дека обемот на работата не може да се постигне само со едно ангажирано лице, па затоа многу археолошки процеси се забавени.

Затрупан локалитет меѓу луксузни населби

Околните приватни земјишта засега не се во рацете на градежни фирми | Фото: БИРН

Општина Карпош, на чија територија се наоѓа локалитетот Скупи, вели дека има мали надлежности во врска со археолошкото наоѓалиште. На прашањето зошто не се чистат депониите околу античкиот град, оттаму одговорија дека тоа треба да го прават комуналните претпријатија на Град Скопје.

Локациите во главниот град затрупани со диви депонии лесно се претвораа во атрактивни градежни парцели во последниве неколку години, како што бизнисот со недвижности стануваше сè попрофитабилен, а цената на станбениот квадрат се зголеми неколкукратно.

Во непосредна близина на Скупи, на 50 до 100 метри од амфитеатарот, има седум земјишта што се во приватна сопственост. Проверката на катастарските податоци за секој од овие имоти покажа дека засега тие се во рацете на приватни лица што не се познати и не се поврзани со градежниот бизнис. Сепак, Скупи се наоѓа меѓу Бардовци и Злокуќани, две населби што порано беа познати по земјоделството, но две децении наназад, главната асоцијација за нив е луксузното домување што се развива таму.

Од Општина Карпош, во врска со тоа дали градежната индустрија се приближува до Скупи, одговорија дека за тоа подрачје досега нема изработен детален урбанистички план, односно не се предвидени нови градби.

Досегашните скопски искуства покажале дека кога има финансиски интерес, институциите може да бидат мошне ажурни во носењето документи, планови и правила. Тој принцип многу потешко се применува кога треба да се заштити културното наследство, како што покажува токму примерот со Скупи, во кој одговорноста за пропаѓањето прелетува од една до друга установа.

Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2024-25 година