Како и секоја приказна, и годината може да се раскаже низ слики. БИРН замоли петмина македонски фоторепортери да ја споделат својата најуспешна и најдрага фотографија од изминативе 12 месеци.
Немавме сценарио за тоа какви слики сакаме, изборот го оставивме на фотографите, меѓутоа, сепак, добивме прецизен пресек на 2022 година.
Објавуваме ексклузивна фотографија од финалето на Светското фудбалско првенство во Катар, портрет што потсетува на војната во Украина, СФ-сцена со Месечината, морничав кадар од Тетово по пожар и фотографија што беше наградена на светско ниво.
Момент на победата
Светското првенство во Катар беше топ настан во светот. За првпат, Мундијалот се одржа во есен, бидејќи летните температури на Блискиот Исток се неподносливи.
И покрај резервите на фудбалската стручна јавност за тајмингот на првенството, изгледавме одличен турнир и можеби највозбудливото финале во историјата на ова натпреварување.
Македонскиот фотограф Ѓорги Личовски, цел месец беше во Катар и професионално ги следеше фудбалските натпревари за агенцијата ЕПА.
По финалето, аргентинскиот голман Емилијано Мартинез, на својот инстаграм-профил објави фотографија на Личовски од еден од решавачките моменти на натпреварот, кога голманот во последната минута од продолженијата го одбрани шутот на францускиот напаѓач и го однесе натпреварот на пенали по кои Аргентинците излегоа како победници.
Личовски со нас ја сподели фотографијата од реакцијата на најдобрите аргентински фудбалери и нивниот капитен Лионел Меси по решавачкиот пенал, кога веќе стана јасно дека се шампиони.
„Оваа фотографија ми е најважна и најдрага од минатава година. Тоа е првата реакција на Аргентинците, на Меси и на колегите по победата во финалето“, вели Личовски.
Водата е живот
Загадениот воздух е еден од најголемите проблеми на нашите и на градовите од регионот. Решението до чист воздух е комплексно, нема волшебно стапче за тоа, меѓутоа свесноста за отровот што го дишеме е голема. Секојдневно ги проверуваме ПМ-честичките на апликациите од нашите телефони и жестоко реагираме на друштвените мрежи.
Томислав Георгиев со оваа негова фотографија сака да ни укаже на уште една катастрофа што протекува незабележливо. Таа говори за условите за живот во нашите води и во реките.
„Црн Дрим е една од најдолгите реки на Балканот. Извира во Охридско Езеро и тече 149 километри низ државава до Албанија. Во последните години станува сѐ позагадена и се намалува нејзината биолошка разновидност. Исчезнуваат видови риби и растенија“, алармира фотографот.
За сликава Георгиев ја доби престижната награда за најдобра фотографија на светскиот конкурс „Вода = Живот“, во организација на Министерството за надворешни работи на Холандија.
Готам сити
На тема екологија е и фотографијата на младата и талентирана авторка Арбнора Мемети.
Во мај годинава, Тетово беше погодено од еколошка катастрофа. На влезот во градот се запали фабрика со градежен материјал и околу 12 часа граѓаните беа изложени на опасни материи.
Тетово и онака е на врвот на листата на најзагадени градови во Европа, а понекогаш и во светот.
„Градот имаше добиено друга боја, мирисаше насекаде, а од друга страна доброволци и пожарникари се обидуваа да го спасат градот од црниот чад. Кога стигнав таму, освен пожарот, ми беше многу важно да ја документирам реакцијата на граѓаните околу градот“, раскажува Мемети.
И покрај повиците на надлежните да се избегне движење во градот, граѓаните не го сфатија сериозно овој повик.
Мемети забележала многу луѓе околу пожарот без никаква заштита, чисто поради љубопитност, а други, свесни за последиците, бргу бегале од градот во домовите.
„Намерно ја избрав оваа слика, бидејќи верувам дека последиците од овој пожар не исчезнаа толку бргу како што мислиме“, вели таа.
Лицата на војната
Ретко кој веруваше дека во 21 век ќе бидеме сведоци на уште една класична воена инвазија. Русија ја почна пролетта со воен напад врз Украина, а сè уште траат борбите и бомбардирањата. Војната однесе илјадници жртви и расели милиони лица од своите домови.
Предизвика енергетска криза и инфлација низ целиот свет.
Официјално, Скопје ја осуди агресијата предводена од рускиот претседател Владимир Путин врз Украина и се придружи на сите санкции што западниот свет и НАТО алијансата ги наметнаа врз Русија.
Годинава во главниот град на Македонија се одржа и антивоен протест на кој фотографот Огнен Теофиловски го „замрзнал“ овој поглед.
„Ликот на госпоѓата што зрачи со тага, болка и, пред сè, со немоќ до портретот на Путин буди чувства што го обземаат секој човек застанат пред бесмислената војна“, вели тој за овој вознемирувачки портрет.
Надвор од овој свет
Крстот на Водно, поради својата големина, е чест мотив на македонските фотографи. Досега сме виделе слични сцени, најчесто христијанскиот симбол бил искомбиниран со полумесечината, меѓутоа ретко која композиција како оваа на Роберт Атанасовски изгледа како да не припаѓа на овој свет, како да е сликана на некоја друга планета.
Тој ефект го засилува јасноста со која е „уловен“ Земјиниот сателит, може да се видат карактеристиките на неговата површина.
Атрактивноста на оваа фотографија најмногу се должи на илузијата дека Месечината во тој момент, веднаш до крстот, е многу поголема од обично.
„Месечината отсекогаш ми била голема инспирација за фотографирање. Ја сликав пред целосно да падне ноќта, во идеална позиција зад крстот на Водно“, вели Атанасовски.