Регион

Случајот со „лажните воени ветерани“, продолжува да предизвикува спорови во Косово

Министерството за финансии вели дека во моментов има 36.920 лица на списокот за исплата на бенефиции

Одејќи несигурно и со големи напори потпирајќи се на патериците, Мухамет Лани, едвај успева да седне на маса во малото кафуле во близина на неговата куќа во Обилиќ. Тој се фаќа за масата, а рацете му треперат од лутина, додека зборува за својата влошена здравствена состојба.

„Од минатата година имам потешкотии при одењето, а корона вирусот дополнително ми ја влоши состојбата“, вели 71-годишниот Мухамет за БИРН.

Она што најмногу го загрижува, освен неговото здравје, е тоа што тој официјално е класифициран како „лажен“ воен ветеран, кој не се борел во редовите на ОВК против српските сили во конфликтот 1998-1999, и покрај тоа што тој тврди дека бил борец.

„Ние сме во доба на пандемија и луѓето умираат секој ден, без оглед на возраста или здравјето. Се плашам дека можеби ќе умрам, пред да се реши мојот статус“, вели тој и додава: „Моето семејство не го заслужува ова понижување“.

Мухамет е еден од околу 19.000 лица, за кои се тврди дека со лажна документација аплицирале за добивање на статусот воен ветеран на ОВК, што овозможува да се добијат одредени бенефиции. Спорната постапка за проверка на регистрираните апликанти, се претвори во голем скандал во Косово и доведе до долг судски процес.

Напорите за утврдување на вистинскиот број на луѓе кои учествувале во борбите на страната на ОВК, започнаа со донесувањето на законот во 2011 година. Следната година, со работа започна и владината комисија за верификација на припадниците на ОВК.

Во 2016 година, оваа комисија објави список од 46.000 имиња на луѓе, за кои тврдеше дека биле припадници на ОВК.

Но, во 2017 година, истрагата покрената за тој список, го наведе поранешниот специјален обвинител, Елез Блакај, да поднесе обвинение во кое се наведува дека 19.000-те лица наведени во списокот на комисијата, не биле членови на ОВК. Во неговото обвинение се нагласува дека исплатата на бенефициите за овие „лажни борци“, ја чинела државата над 68 милиони евра.

Блакај потоа поднесе оставка, наведувајќи дека „познати и непознати лица“ му се заканувале, со цел тој да се откаже од истрагата, а потоа го напушти Косово и замина во Соединетите Американски Држави.

Тој, исто така, посочи дека, откако ја напуштил својата позиција во 2018 година, дополнителни 2.000 имиња биле необјасниво додадени на списокот на наводни лажни ветерани. Едно од овие имиња е и името на Мухамед Лани.

„Командантите ги злоупотребија бројките“

Воениот ветеран, Мухамет Лани. Фотографија на Мухамед Лани

Во 2018 година, Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение против 12 членови на владината комисија за верификација на ветераните, наведувајќи дека илјадници луѓе кои никогаш не војувале во војната 1998-1999, биле лажно регистрирани како ветерани.

Меѓу обвинетите беше и претседателот на комисијата, Агим Чеку, поранешен командант на ОВК, поранешен косовски премиер и поранешен министер на Косовските безбедносни сили.

Се наведува дека списокот на ветерани, го прошириле поранешни команданти на ОВК кои се наоѓаат во комисијата, како и поранешни функционери на ОВК, кои по војната станале високи политичари, со цел додадените и нивните семејства да гласаат за нив на изборите, во замена за придобивките што ќе ги добијат како ветерани.

Поранешниот припадник на ОВК, Бардул Махмути, вели дека до ова дошло поради недостиг на постоечка документација од времето на војната, која би укажала на точниот број на луѓе,  мобилизирани од ОВК.

„Кристално е јасно дека командантите го злоупотребија бројот на воени ветерани“, посочува Махмути. „Повеќе од две децении подоцна, сѐ уште се поставуваат прашања за вистинскиот број на учесници во војната. Тоа е навистина апсурдно“, додава тој.

Имаше и тврдења дека 2.000-те имиња додадени на списокот во обвинението, се обид да се дискредитираат напорите на Блакај, да ја утврди вистината за процесот на верификација, односно, со додавање на имиња на вистински ветерани, да се сугерира дека поранешниот обвинител направил грешка при составувањето на овој список.

„Јасно беше дека моето име и имињата на други како мене, беа ставени во списокот, со цел да се дискредитира Елез Блакај“, нагласува Лани.

Блакај изјави дека сѐ уште не знае како се избрани тие 2.000 имиња и како се вклучени во обвинението. „Немам одговорност за изменетиот обвинителен акт, ниту за додадените имиња“, рече тој.

„Имунитет за јавните личности“

Мухамет Лани со своите соборци, за време на војната во доцните 90-ти. Фотографија на Мухамед Лани

Во февруари оваа година, Основниот суд во Приштина го ослободи Чеку и останатите 11 обвинети, меѓу кои имаше уште еден поранешен министер и неколку поранешни пратеници, од обвинението за злоупотреба на службената положба, со додавање на имиња на списокот на ветерани на ОВК.

Во март, обвинителот поднесе жалба против оваа одлука, а жалбената постапка сѐ уште трае.

„Дури и ако ги ослободи обвинетите службеници, судот мора темелно да ги провери сите случаи, бидејќи на списокот има илјадници лажни ветерани“, истакнува Лани.

Блакај нагласи дека случајот со лажните ветерани, покажува дека културата на неказнивост има длабоки корени во Косово.

Тој рече дека долгите правни процедури, што често се случуваат во предметите во кои се вклучени осомничени лица од висок ранг, се „еден од методите за стекнување имунитет за јавните личности, вклучени во злоупотреби на службената положба“.

„Бидејќи на наводните лажни ветерани сѐ уште им се исплаќаат бенефиции, ние имаме кривично дело кое се продолжува“, наведе Блакај.

„Овој случај треба да се третира како приоритет, но тешко дека ќе видиме нешто поконкретно во втор степен (во жалбената постапка)“, додаде тој.

Освен тужбата што беше поднесена против членовите на верификационата комисија, имаше и други правни напори за решавање на лажните барања за добивање на боречка пензија, која изнесува 170 евра месечно.

БИРН дојде до сознанија дека Косовското специјално обвинителство досега поднело вкупно 39 обвиненија против 76 лица, за фалсификување на документи при аплицирање за боречка пензија.

Во јануари 2020 година, Специјалното обвинителство објави дека само обвинителството во Пеќ води истрага за над 8.000 вакви барања.

Во октомври 2019, Основниот суд во Пеќ им наложи на три лица да ги вратат исплатените бенефиции, што ги добиле со измама, односно со фалсификување на нивниот боречки статус. Досега ниту еден од нив не ги вратил парите.

Лани, но и други лица, и натаму примаат пензии од 170 евра месечно, и покрај фактот што обвинителот побара од Апелацискиот суд, да ги суспендира исплатите, додека не се донесе одлука во случајот на верификационата комисија.

Сепак, тој посочува дека парите никогаш не биле негова мотивација за вклучувањето во ОВК. „Не се борев за да ме платат. Не бев платеник“, вели Лани.

Тој прашува што ќе направат властите доколку Апелацискиот суд донесе одлука дека бројни апликанти кои биле верификувани како ветерани дале лажни наводи за тоа: „Што ќе се случи со илјадниците луѓе од списокот?“, прашува тој. „Дали ќе треба да ги вратат парите?

Здруженијата на воените ветерани, во повеќе наврати, го повикуваа судот да го прекине случајот против членовите на владината верификациска комисија, нагласувајќи дека наводите во обвинението се лажни.

Газменд Сула, претседател на здружението на воените ветерани  од воената зона Дукаѓини и поранешен советник на премиерот за прашањата на воените ветерани, кој, исто така, е на списокот на „лажни ветерани“ на обвинителството, вели дека списокот е фабрикуван.

„Срамота е, има десетици луѓе кои починаа за време на пандемијата и никогаш не дочекаа да се реши нивниот случај“, посочува Сула.

Вујкото на Мусе Зенелај, Зенел, бил на листата на лажни ветерани, но тој неодамна, на 66-годишна возраст, починал од корона вирус. Тој не дочекал да се реши неговиот статус.

„Тоа не е праведно кон него и неговото семејство. Тој беше борец од почетокот на војната и беше сигурен дека судот ќе го реши неговиот случај“, вели Зенелај.

И покрај досегашните истраги, многу мал број лажни ветерани се избришани од верификуваниот список.

Министерството за финансии вели дека во моментов има 36.920 лица на списокот за исплата на бенефиции, и дека од минатата година над 2.000 од нив се избришани, но не затоа што нивните апликации биле лажни, туку затоа што тие нашле работа во меѓувреме.

Од оваа институција, исто така, потврдија дека од јануари до септември оваа година, се исплатени вкупно 56.853.817,25 евра, за бенефиции на воените ветерани, воените инвалиди и семејствата на убиените.