Приштина
Атентатот извршен во вторникот врз политичарот Оливер Ивановиќ во Митровица, е шокантна вест. И додека во врска со убиството, во вообичаен балкански стил во јавноста се појавуваат приказни за заговори, егзекуцијата во мафијашки стил на човекот кој нашироко се сметаше за умерен политичар, е беден неуспех на сите актери вклучени во косовската политика. А ги има неколку.
Ивановиќ беше контроверзна личност. Тој беше прогласен за виновен за смртта на бројни косовски Албанци во Митровица, за време и по војната во Косово. Тој беше член на косовскиот парламент, а подоцна ги бојкотираше косовските институции и стана државен секретар на Србија во паралелните, од Србија поддржани, структури во Косово.
Меѓутоа, во последно време, тој стана гласен критичар на српската влада, особено на нејзиниот став кон Србите во Косово. И додека, од една страна, многумина на Косово и натаму го сметаа за воен злосторник, од друга страна, многумина го сметаа за единствениот вистински глас на Србите од Косово.
Неговиот живот беше контроверзен, но нема ништо контроверзно во неговата смрт. Беше застрелан, повеќе пати, од непознат извршител од автомобил во движење. Тој беше убиен.
Затоа е важно да се застане за момент и да се престане да се зборува за неговиот живот. Важно е, неговата смрт, како чин на брутално насилство, да се изолира од сите други значења презентирани во различни политички дискурси. Важно е неговата смрт да стане настан, а не да се користи како потврда на постоечкото значење.
Значи, не е важно дали Ивановиќ е воен злосторник, умерен политичар или нешто помеѓу. Дури не е ниту важно кој го убил, иако, како што објави на Твитер експертот за Балкан, Тим Џуда, трагите на вината водат кон север, кон Белград, а не на југ, кон Приштина.
Она што денес е најважно е дека тој е убиен сред бел ден, пред неговата канцеларија, каде што требало да биде безбеден. Затоа неговата смрт е најважниот показател за поразот на сите нас во Косово.
Србите на Косово не успеаја, бидејќи не изградија политичка и социјална реалност, во која луѓето ќе можат да ги задржат своите позиции, без оглед на тоа колку се против владините политики на другата држава – Србија.
Тие не успеаја да изградат заедница во која различностите во мислењата нема да водат кон насилство, па дури и кон смрт.
Ова не беше прв напад врз животот на Ивановиќ. Во последните неколку години имаше пет такви обиди. Затоа и Албанците не успеаја. Како мнозинство во Косово, сносиме најголема одговорност за косовските институции, кои не успеаја да им се доближат на Србите во Косово, особено оние кои што живеат во северниот дел на земјата.
Сепак, и двата неуспеха, повеќе се резултат на уште поголемиот неуспех на меѓународната заедница.
Етничките тензии што избувнаа за време на војната во Косово, ниту ООН, ниту ЕУ, никогаш не ги решија, туку само ги замрзнаа. Албанците и Србите во северниот дел на земјата, се изолирани едни од други, уште од влезот на тенковите на НАТО во Косово, во 1999 година.
ЕУ беше најмалку успешна, иако најмногу интервенираше од сите меѓународни фактори во Косово. Во духот на познатото писмо „Обвинувам“, на Емил Зола, заради овој ужасен неуспех, најмногу ја обвинувам ЕУ, иако и Албанците и Србите во Косово, се директно одговорни за сопствените постапки.
Инсистирањето на ЕУ, дека само преку Владата на Србија, Србите од Косово можат да зборуваат со албанското мнозинство во Косово, повторно се покажа како погрешно.
Како што напишав во една неодамнешна студија, Европски надворешни работи, ЕУ ефикасно ги исклучи Србите од Косово како учесници во тековниот дијалог меѓу Косово и Србија, иако повеќето одлуки во дијалогот се однесуваат на нив.
Во исто време, инсистирање на ЕУ, доминантно албанските власти во Приштина, да се држат понастрана од северот во кој доминираат Србите, останува проблематично. Особено кога станува збор за владеењето на правото. Таквите политики доведоа до тоа Митровица и целиот северен дел да станат територија без закон, каде што политичарите како Ивановиќ може да бидат убиени од било која причина.
Политиката на ЕУ доведе до тоа Ивановиќ и другите умерени српски политичари да станат маргинализирани на политичката сцена. Дијалогот помеѓу Косово и Србија под покровителство на ЕУ доведе до учество на косовските Срби во институциите на Косово – но по која цена? По цена на новата марионетска политичка сила, директно контролирана од Белград, која ја презема српската политичка сцена во Косово.
Анонимните новодојденци од Српска листа денес легално ги застапуваат интересите на српската заедница во парламентот и владата на Косово, што се должи на, како што велат моите колеги, Срби од Косово, активисти на граѓанското општество, измамата од индустриски размери, два пати по ред на изборите. ЕУ замижа на овие неправилности, што доведе до тоа, умерените политичари како Ивановиќ, да бидат маргинализирани во политиката.
Убиството на Ивановиќ е злосторство. Но, пред да паднеме во дискурзивни замки на секој политичар кој се обидува од ова да извлече корист за својата агенда, на локално, регионално или меѓународно ниво, важно е да се види зошто ова е неуспех.