Во Хрватска, 6 мај 1991 година, се памети како ден кога започнаа демонстрациите во Сплит против ЈНА, која стануваше сè помалку неутрална во конфликтот кој тлееше помеѓу Хрватите и Србите.
Но, во една друга поранешна југословенска република, денешна Северна Македонија, тој ден беше ден на жалост, затоа што беше убиен војник на ЈНА – Македонец.
Сашко Гешовски, 19-годишен војник од Кавадарци, беше убиен додека стражареше пред командата на Военопоморската област (ВПО) во Сплит, за време на демонстрациите против присуството на ЈНА. Во немирите кои избија, беше ранет уште еден Македонец, регрут на ЈНА, Тони Стојчев.
Меѓутоа, од разговорите што БИРН ги водеше со луѓе кои тој ден биле во Сплит, може да се заклучи дека сè уште има различни и спротивставени верзии на настанот и оти сè уште не е познат одговорот на прашањето, кој е одговорен за смртта на Гешовски.
Стојчев, кој служел војска во Хрватска од септември 1990 година, вели дека во тоа време „бев свесен што се случуваше во Југославија, ама и не бев“.
„Од една страна, знаевме во тоа време за инцидентите и блокадите помеѓу Србите и Хрватите во Хрватска… Но тогаш решив да одам во војска на 19 години, а подоцна да одам на факултет, бидејќи не сакав да служам војска на постари години (27)“, вели Стојчев за БИРН.
„Од оваа гледна точка, тоа се покажа дека ми била животна грешка“, додава тој и нагласува: „Можеби денеска звучи глупаво, ама во тоа време, ние верувавме дека работите ќе се средат, дека ќе се изнајде некакво решение за проблемите кои постоеја и дека сѐ ќе се заврши добро. Никој не очекуваше војна“.
Сепак, инцидентот во Сплит, како резултат на подемот на национализмот на обете страни, беше вовед во војната што набргу избувна во Хрватска.
„Кога носиш оружје, тогаш тоа во одреден момент и ќе пука“
Демонстрациите во Сплит на 6 мај 1991 година, беа организирани од синдикалците на бродоградилиштето „Бродосплит“, со барање ЈНА да го деблокира хрватското село Киево, кое припадниците на ЈНА и српските бунтовнички сили, го држеа во обрач.
Демонстрантите побараа и повлекување на оклопниот транспортер пред зградата Бановина во Сплит, каде што се наоѓаше седиштето на командата на ВПО.
Ден пред да започнат демонстрациите, тогашниот лидер на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), Фрањо Туѓман, разговараше со членовите на неговата партија за ситуацијата во Киево, а на 6 мај, хрватските весници го објавија текстот на неговиот говор, што многумина го сметаа за директен повик за излегување на протести.
Бидејќи ЈНА очекуваше демонстрациите да бидат масовни, таа распореди оклопни транспортери познати како БОВ (борбено оклопно возило), како дополнителна помош на војниците, кои веќе ја чуваа командната зграда.
Беше договорено армијата да остане во зградата, а полицијата да ги обезбедува демонстрациите, со цел да се избегне директен судир меѓу војниците и демонстрантите.
„Мислам дека поставувањето на БОВ-овите пред зградата беше грешка. Да не беа таму, можеби целиот ужас ќе се избегнеше. Можеби демонстрантите ќе маваа со камења и ќе ги скршеа прозорите, но не верувам дека некој ќе се осмелеше да влезе во зграда полна со војници“, нагласува Стојчев.
Некои војници преку прозорец забележале оти дел од демонстрантите се искачиле на оклопното возило кое стоело пред зградата. Тогаш Стојчев го видел својот командир, како излегува со неколку војници.
И тој излегол надвор: „Го видов командирот како пука во воздух. Им викаше на демонстрантите што го давеа нашиот војник да се симнат од БОВ-от. Мислам и дека ги опцу. И во тој момент дојде рафал од правец на толпата“, се сеќава тој.
Тогаш го видел Гешовски како лежи на земја. А кога тој бил ранет, не се сеќава ниту денес. Уште еден војник, Словенец, бил ранет, но полесно.
„До ден денес не се сеќавам кога точно бев погоден, дали бев повреден од тој ист рафал што го уби Сашко или не… Не видов кој го уби Сашко, дали некој чекал со намера да пука или пукал во паника, можеби погрешно ги протолкувал истрелите од страна на командирот. Не можам да кажам“, вели тој.
Но, луѓето кои биле меѓу демонстрантите тој ден, тврдат дека Гешовски бил убиен од неговите претпоставени, дека бил убиен случајно, па дури и намерно, со цел хрватските демонстранти да се прикажат како неселективни убијци.
Хрватската новинарка, Хени Ерцег, која во тоа време работела за Хрватската телевизија, ја опишува атмосферата како „одвратна“ и додава дека ХДЗ на Туѓман „ги труела луѓето со национализам“.
На 6 мај, таа и нејзината екипа, биле пред зградата на Бановина во Сплит.
„Според нашите проценки, таму имаше околу 30-40 илјади луѓе, што е огромна маса во која без проблем може да се создаде хаос“, истакнува Ерцег за БИРН.
Иако нема видеоснимка од убиството, луѓето низ цела Југославија беа шокирани од снимките на оклопниот транспортер, во кој имаше и други македонски војници.
ТВ-станиците низ поранешна Југославија ја објавија снимката од оклопното возило, на кое се гледа како демонстрантите го дават војникот, Светланчо Наков, кој стои во окното за набљудување на транспортерот.
Ерцег, чија екипа го снимила инцидентот, објаснува дека снимките биле испраќани до другите радиодифузери преку Евровизиската размена на вести, мрежа на европските јавни медиуми, но дека тие биле емитувани на Хрватската телевизија само еднаш, што предизвикало проблеми со нејзините претпоставени.
„Дојдов во редакцијата, ги монтирав и ги испративме преку таа евровизиска размена, и тогаш главниот уредник ме повика … (ме праша) зошто сме го пуштиле материјалот“, нагласува Ерцег.
Таа посочува дека постојат различни толкувања за тоа кој пукал прв, но дека клучното прашање е зошто вооружени лица дошле на протестот.
„Тоа не може да се наречат мирни демонстрации, како што ги нарекоа тие, ако испратиле маса во која има луѓе со оружје. Кога носиш оружје, тогаш тоа во одреден момент и ќе пука“, истакнува таа.
„ЈНА тврдеше дека бил убиен од демонстрантите“
Ниту еден конечен наоди од истрагата за инцидентот, не е откриен во јавноста. По демонстрациите, ЈНА уапси четворица демонстранти, на кои потоа им се судеше во Сараево, пред воен суд, по обвинение за сторено кривично дело – напад врз воено лице. Тие беа осудени, но беа ослободени неколку месеци подоцна, како дел од размената на затвореници меѓу ЈНА и хрватските власти.
Истрага покрена и Јавното обвинителство во Сплит, но во септември 1991 година се откажа од случајот, поради недостиг на докази.
Главен осомничен беше хрватскиот полицаец, Иван Врдољак, бидејќи еден од куршумите што го погодија Гешовски, бил испукан од неговото оружје.
„Во истражната постапка се претпоставуваше дека само еден истрел од автоматот на Врдољак, го погодил Гешовски, а оти другите рани биле резултат на истрели од одреден број неидентификувани вооружени лица, кои биле во толпата“, објави Слободна Далмација на 27 септември, 1991 година.
Обвинителите веруваа дека Врдољак, дури и да пукал, не сторил никакво злосторство, затоа што војниците први започнале да пукаат, па тој дејствувал во самоодбрана.
Исмет Рамадани, кој во тоа време беше пратник во тогашното Собрание на Социјалистичка Република Македонија, беше испратен во Сплит веднаш по инцидентот, како дел од македонската комисија задолжена да ги утврди фактите за смртта на Гешовски.
Рамадани вели дека членовите на комисијата биле фрустрирани од спротивставените тврдења и оскудните информации што ги добиле за време на посетата.
„ЈНА тврдеше дека тој (Гешовски) бил убиен од демонтрантите таму. Се сретнавме и со градските власти во Сплит, со градоначалникот, а тие пак го тврдеа спротивното, дека истрелите дошле од страна на армијата, односно од страна на армискиот објект“, нагласува Рамадани за БИРН.
„Практично ние се вративме од Сплит со празни раце. Не дознавме ништо ново“, вели тој.
Смртта на Гешовски силно одекна во неговата татковина. На неговиот погреб во Кавадарци присуствуваа околу 20 000 луѓе, при што ЈНА не ја пропушти можноста да ги обвини хрватските сецесионисти за неговата смрт и да повика на зачувување на единството на поранешна Југославија.
Нешто подоцна, на протестите во Скопје, во мај 1991 година, илјадници луѓе, вклучително и бројни родители на македонски регрути, побараа македонските војници веднаш да се повлечат од Хрватска и од другите југословенски републики, при што извикуваа дека не сакаат да продолжат да ги испраќаат своите деца во туѓи војни.
Настанот во Сплит се оценува како клучна причина која ги убеди Македонците, подоцна истата година, да гласаат за напуштање на Југославија.
Пратеникот, Павле Трајанов, кој во тоа време беше потсекретар за јавна безбедност во македонското Министерство за внатрешни работи, вели дека смртта на Гешовски е „катализатор што го забрза процесот на македонската независност“.
„Тој беше на погрешно место во погрешно време“
Драган Марковина, историчар од Сплит и поранешен претседател на партијата Нова левица, за БИРН вели дека градските власти имаат „класичен митолошки став“ кон инцидентот од 1991 година.
„Приказната оди вака: (протестираа) правдољубиви, патриотски работници од бродоградилиштето, синдикатите , плус луѓето од Сплит, со оглед на тоа што се случи во Киево и фактот дека ЈНА не го заштити нападнатото население, тие го одбележуваат настанот како еден од херојските чинови на отпорот“, посочува Марковина.
Во понеделникот, по повод 30-годишнината од овој настан, Јуре Шундов, поранешен синдикалец и организатор на демонстрациите во тоа време, зборуваше за овој настан на тркалезната маса во градската управа на Сплит, бранејќи ги тврдењата дека демонстрантите не се одговорни за смртта на Гешовски.
„Отидовме организирано пред Бановина, тогаш го нарековме тоа протест за живот, побаравме од поранешната ЈНА да не биде српска, агресорска армија, туку народна армија што треба да го спречи масакрот што го вршеа нејзините војници“, рече Шундов.
Тој истакна дека му е жал што Гешовски е убиен тој ден, но потенцираше дека синдикалците немале оружје.
Марковина вели дека секоја година на официјалното одбележување на годишнината од демонстрациите во Сплит, неколку активисти доаѓаат и креваат транспарент во спомен на Гешовски, но дека тие често се напаѓани.
„Полицијата обично ги проверува нивните лични документи и ги казнува за нарушување на јавниот ред и мир“, нагласува тој.
Од друга страна, Стојчев вели дека не му замерува на хрватскиот народ. Но, тој, сепак, не го посетил Сплит од смртта на Гешовски. Дури и денес, тој не е задоволен што некои луѓе во Хрватска, него и неговите поранешни другари од ЈНА, ги сметаат за окупатори.
„Тони Кукоч и Дражен Петровиќ секогаш ми биле идоли од светот на кошарката и сѐ уште ги сакам. Уште ги слушам Прљаво казалиште и Парни Ваљак, тоа не се променило“, вели тој.
„Ама кога ќе чујам дека некои луѓе таму во Сплит се гордеат со тоа што го направиле, или дека го започнале ослободувањето на Хрватска така што нѐ нападнале нас, не можам да се согласам. Од моја гледна точка, тоа не личеше на никакво ослободување“, додава тој.
„Ние бевме само регрути… Јас никогаш не сум бил претерано ниту пројугословенски, ниту антијугословенски настроен. Едноставно ние само си ја вршевме должноста, а верувам дека и Сашко размислувал и се чувствувал исто“, нагласува Стојчев.
„Може Сплит една чест да направи. Би било убаво да подигнат едно обележје, или мал споменик, да речат дека таму загинал Сашко, не како окупатор, туку како некој кој што само се нашол на погрешно место во погрешно време и бил невина жртва“.
„Спречивме испраќање на околу 12.000 Македонци на боиштата“
Иако властите во Скопје никогаш не учествуваа во војните што го следеа распадот на Југославија и не застанаа на страната на ниту една југословенска република, во војните беа убиени вкупно 54 македонски регрути во редовите на ЈНА, а 120 беа ранети.
Ноќта помеѓу 21 и 22 август 1991 година, македонското Министерство за внатрешни работи, во најголема тајност, ја одзело воената евиденција за резервниот состав од тогашниот Републички секретаријат за одбрана, со што ја спречило ЈНА дополнително да регрутира македонски војници.
„Тоа беше многу ризична операција, но на овој начин спречивме регрутирање и испраќање на околу 12.000 македонски регрути на боиштата во Хрватска и Босна“, посочува Трајанов.
Сепак, на македонската Влада ѝ требаше извесно време за да успее да ги повлече своите граѓани од зоните погодени со конфликтите.
На референдумот на 8 септември 1991 година, Македонците гласаа за независност на државата, што дополнително ги зголеми тензиите со југословенското раководство и ЈНА, која сè уште беше стационирана на македонска територија.
Во февруари 1992 година, тогашниот претседател, Киро Глигоров, постигна договор со ЈНА за нејзино мирно повлекување, заедно со целата нејзина воена опрема.