Во јули, кога општинските советници на Всетин, мал град во чешката област Моравија, им наложија на основните училишта под нивна надлежност од септември да ги забранат мобилните телефони во текот на целиот училиштен ден, повторно се отвори дебата на оваа тема.
Чешкото Министерство за образование, кое се чини претпазливо избегнуваше да заземе директен став по ова прашање, изјави дека ваквиот потег е де факто невалиден. Министерството образложи дека одлуката околу користењето мобилни телефони законски припаѓа на училишните директори и одбори, а не на општините.
„Можеме да разговараме за правни мислења со месеци, но образованието на децата и нивното ментално здравје не може да чекаат“, реагираше градоначалникот на Всетин, Јиржи Цунек.
Според чешките закони, на училиштата им е дозволено да воведат забрани или делумни ограничувања за користење мобилни телефони во нивните простории
Без разлика на законските ограничувања, Цунек вети дека забраната ќе остане во сила, дури и ако тоа значи да се биде, како што кажа тој, лицемерен. Односно, тој „силно им препорачува“ на училиштата да ја ограничат употребата на паметните телефони на учениците.
Според чешките закони, на училиштата им е дозволено да воведат забрани или делумни ограничувања за користење мобилни телефони во нивните простории.
Сепак, физичката конфискација на ваквите уреди може да биде правно посложена.
Недостигот од унифициран пристап низ целата земја доведе до најразлични мерки. Некои училишта воопшто немаат регулатива, други вовеле делумни ограничувања, каде што користењето на телефоните е дозволено само одредени периоди, и во некои случаи има целосни забрани за користење на овие уреди.
Во зависност од училиштето, од децата може да се побара и да го исклучат телефонот на почетокот на денот, да ги остават уредите во своите торби или, пак, да ги чуваат во посебни шкафчиња.
„Чешкиот училиштен инспекторат препорачува училиштата да ги забранат мобилните телефони или да ја ограничат нивната употреба на училиште само кога тие имаат образовна димензија. Исто така, важно е учениците да ги разберат причините за ограничувањето“, вели за БИРН, Луси Слејскова, аналитичарка во ЕДУин, здружение фокусирано на образованието.
„Идеално би било да се постигне заеднички договор меѓу училиштето, родителите и учениците“, додава таа, „но од пракса знаеме дека токму тука се наидува на пречки, бидејќи родителите често имаат сосема различни мислења за употребата на мобилни телефони во училиштата“.
Дебатата за телефоните повторно активна
Неколку студии покажуваат дека чешките родители не знаат како најдобро да се справат со овој проблем. А особено кај помладите родители, кои можеби имале телефони додека биле на училиште, немаат позитивни мислења околу ваквите забрани.
Некои од нив дури ги перцепираат забраните како цензура со застрашувачки авторитарни импликации, како и повреда на правата на нивните деца, а и на нивните права како родители.
Во Словачка, властите зазедоа потврд став. Мобилните телефони ќе бидат целосно забранети во основните училишта од прво одделение
Но, Ева, 44-годишна мајка на две деца во Прага, не е една од нив.
„Апсолутно, забранете ги телефоните!“, категорично вели таа за БИРН.
„Наставниците треба да се оние што се одговорни за сѐ што се случува за време на училишните часови“.
Во соседна Словачка, властите зазедоа потврд став по ова прашање.
Почнувајќи од јануари, мобилните телефони ќе бидат целосно забранети во основните училишта од прво одделение, а наставниците ќе можат да одлучуваат како да постапат по сопствено убедување, почнувајќи од шесто одделение.
Словачкиот министер за образование, Томаш Дракер го потенцираше меѓународното истражување, кое покажа дека „во средини каде што мобилните телефони не се регулирани на каков било начин, децата потешко се концентрираат и имаат полоши академски резултати“.
Тој тврди дека ваквите мерки ќе доведат до „попаметни деца подобро подготвени за иднината“.
Добар наставник, лош наставник
Опсежниот извештај на УНЕСКО, објавен минатата година, се чини дека го поддржува ставот на словачкиот министер, покажувајќи дека мобилните телефони имаат негативно влијание врз академските перформанси.
Друго истражување, исто така, покажа дека на студентите може да им бидат потребни околу 20 минути за повторно да се фокусираат откако ќе добијат нотификација на телефонот. А просечниот тинејџер добива околу 250 нотификации дневно, или една нотификација на секои четири минути додека е буден.
Чешките деца на возраст помеѓу 8 и 15 години поминуваат во просек по три и пол часа дневно на своите телефони.
Забележана е зголемена дигитална зависност, која, пак, се поврзува со брзорастечките проблеми со менталното здравје кај помладите генерации, особено кога ќе се земе предвид дека овие технологии често се користат за сајбер-булинг и за ширење различни социјални стигми.
И покрај очигледните ризици, многумина сè уште не се убедени дека целосната забрана на мобилните телефони е решение на овој проблем
И покрај очигледните ризици, многумина сè уште не се убедени дека целосната забрана на мобилните телефони е решение на овој проблем. Наместо тоа, некои ги гледаат ваквите стратегии како „одраз на беспомошноста на возрасните“ да се справуваат со сеприсутноста на дигиталните технологии.
Од практична гледна точка, спроведувањето на ваквите ограничувања не е толку едноставно како што можеби се чини на прв поглед.
На пример, учениците што се побунтовнички настроени, секогаш ќе наоѓаат креативни начини за да ја заобиколат сеопфатната забрана. Од друга страна, некои попријателски настроени наставници можеби и самите ќе бидат поподготвени да замижуваат кога се во прашање ваквите прекршоци.
„Во некои училишта, ограничувањето на телефоните не е проблем, а училиштата функционираат на овој начин долго време“, вели за БИРН, Луси Слејскова од ЕДУин.
„Но, во други училишта, тоа е предмет на тешки преговори со директорите и постојана битка за формирање и спроведување на правилата“, објаснува Слејскова.
Таа додаде дека постојат и родители што сакаат да можат да го контактираат своето дете во кое било време од денот и дури „не се двоумат да ангажираат адвокат за да се спроведе нивното мислење во училиштето“.
Од една страна, мобилните телефони често се обвинувани како главни злосторници, кои ја поткопуваат способноста на децата да комуницираат и да се дружат меѓу себе за време на паузите во училиштата. Но, од друга страна, за поизолираните ученици, телефоните некогаш претставуваат единствениот начин тие да останат во контакт, во текот на денот, со другари што одат во други училишта, истакнуваат експертите.
Забраната „нема да реши ништо“, смета детскиот психолог Радка Курилова.
Во разговор со чешкиот медиум Сезнам Зправи, Курилова вели дека не треба да ги прикажуваат паметните телефони како „мајка на сите зла“.
Наместо тоа, наставниците и родителите отворено треба да зборуваат на оваа тема со децата и со учениците, да најдат начини како значајно да ги вклучат овие уреди во училниците и да ги учат младите како да бидат продуктивни, дружељубиви и фокусирани дури и со телефон при рака.
Таа смета дека ова е клучна вештина што им е потребна на младите за да се подготват за модерниот живот на секој возрасен човек.
„Треба да ги научиме децата како да живеат и со и без технологија; да го земат она што им треба од изобилството информации, но и да го игнорираат она што не им е неопходно“, вели Манос Антонис, директор на Глобалниот мониторинг на образованието на УНЕСКО.
Дигитална иднина
Дури и пред да почнат мерките за словачките ученици, унгарските деца и тинејџери ќе треба да научат како да живеат без своите телефони – барем на неколку часа во денот – кога ќе се вратат на училиште на 2 септември.
Неодамнешниот владин декрет, издаден во август годинава, ја ограничува употребата на дигитални уреди во училиштата, но не ја забранува целосно. Од септември, учениците во сите основни и средни училишта ќе треба да ги предадат мобилните телефони во утринските часови и ќе ги добијат назад по завршувањето на училишниот ден.
Сепак, декретот ја остава вратата отворена за наставниците самостојно да одлучат дали ќе ги дозволат телефоните и таблетите во училниците доколку тие се користат за учење. Како ќе функционира тоа во пракса, останува нејасно, но она што е сигурно, е дека за ваквите мерки да бидат успешно спроведени, ќе мора да бидат придружени со комплициран административен процес.
Унгарските деца и тинејџери ќе треба да научат како да живеат без своите телефони – барем на неколку часа во денот – кога ќе се вратат на училиште на 2 септември
При поднесувањето на нацрт-законот претходно летото, Бенце Ретвари, државниот секретар на унгарското Министерството за внатрешни работи, тврдеше – слично како неговиот колега во Братислава – дека меѓународните истражувања покажуваат дека „употреба на мобилни телефони негативно влијае врз концентрацијата и перформансите на учениците“, дури и ако самиот уред не е на маса, туку едноставно се чува во училишните торби и ранци.
Тој напиша откако Министерството за внатрешни работи широко се консултирало со директорите на училиштата и со наставниците, кои се пожалиле дека телефоните им го одвлекуваат вниманието на учениците за време на часовите. Затоа владата се чувствувала обврзана да реагира со некакви регулации.
Истражувањата во Унгарија покажуваат дека, како и во повеќето развиени земји, зависноста од мобилни телефони достигнува алармантни нивоа.
Од унгарското население, кое брои 9,8 милиони луѓе, 82 отсто од децата на возраст од 7 до 16 години користат мобилни телефони. А таа бројка се зголемува на 97 отсто, кога се гледаат само оние деца на возраст над 13 години.
Децата на возраст од 8 до 15 години поминуваат во просек по четири часа дневно на своите телефони, а колку се постари, толку повеќе се врзуваат за овие уреди.
Децата имаат просечно 76 апликации на своите телефони и претежно (60 отсто) ги користат за социјалните медиуми, главно Тик-ток (80 минути на ден), Месинџер и Инстаграм.
Училиштата, а особено постарите генерации на наставници, се борат да се справат со тоа.
Некои дури сметаат дека трендот на намалување на резултатите од ПИСА тестирањата во земјата (Програмата за меѓународно оценување на студентите) се должи на ширењето на дигиталните уреди.
Почнувајќи од 2006 година, успехот на унгарските ученици на меѓународните ПИСА тестови постојано се влошува во сите три категории – читање, математика и наука – паѓајќи малку под просекот на ОЕЦД.
Најголем пад имало кај категоријата читање со разбирање. Некои веруваат дека може да биде знак за губење на способноста на учениците да се концентрираат повеќе од неколку минути одеднаш.
Сосема очекувано, здруженијата на наставници, кои обично ја критикуваат владата на конзервативната владејачка партија Фидез, во голема мера го поддржуваат ограничувањето на паметните телефони.
Сепак, Тамас Тотик, лидерот на најголемиот синдикат на наставници во земјата, предупреди дека повеќето училишта едноставно не се подготвени безбедно да складираат стотици мобилни телефони и да преземат толкава одговорност за ваквите скапи уреди.
Студентските организации, од друга страна, изразија загриженост и го гледаат ограничувањето на телефоните како јасен знак дека владата – на чие чело е премиер Виктор Орбан, кој самиот призна дека сè уште користи стар „нокиа“ телефон – нема допирна точка со дигиталниот свет.
„Ние ги користиме нашите уреди за тестови и за дигитално учење“, напишаа неколку студентски организации во отвореното писмо до Золтан Маруза, државниот секретар за образование.
Впрочем, популарните апликации за учење, како Кахут или Квизлет, веќе се интегрирани во наставните процеси.
Студентските организации, исто така, ја исмеваа идејата дека владата што потрошила милиони форинти за нови таблети и лаптопи со цел учениците да можат да ги користат дигиталните материјали во образовниот процес, сега се обидува да ја ограничи нивната употреба на училишните клупи.
„Ова нè одвлекува сѐ подалеку од нашата иднина, која е дигитална“, тврдат тие.
Очигледно е дека постои зголемен јаз во возраста меѓу политичките актери и учениците.
Студентските организации, од друга страна, изразија загриженост и го гледаат ограничувањето на телефоните како јасен знак дека владата – на чие чело е премиер Виктор Орбан, кој самиот призна дека сè уште користи стар „нокиа“ телефон – нема допирна точка со дигиталниот свет
Помладите наставници велат дека паметните уреди треба внимателно да се интегрираат во училницата, но потенцираат дека им требаат и повеќе и подобри дигитални материјали за да ја постигнат таа цел.
„Денешните ученици веќе се социјализирани во дигиталниот свет; нивниот нервен систем е многу различен од оној на нивните постари врсници. Ако им презентираме материјали и методи што не се прилагодени на нивниот свет, тоа е како да ги праќаме во кинеско училиште, каде што би го виделе наставникот како им зборува, но тие не би разбрале ниту еден збор“, вели за БИРН Зофија Мендреј, студентка на докторски студии и наставничка по историја во училиште во Будимпешта.
Но, Мендреј признава дека, како наставничка, понекогаш ѝ е тешко да се „натпреварува“ со светкавиот онлајн-свет.
„Без разлика што правите како наставник во училница со 30 ученици, не можете да се натпреварувате со паметен телефон со Инстаграм или со Снепчет“, вели таа со разочарување.
Мендреј предлага да се направи разлика меѓу таблетите што се користат само за учење и паметните телефони за лична употреба. Телефоните може да се чуваат во затворена соба за време на часовите и да бидат вратени по училишните часови. Но, сите студенти немаат среќа да поседуваат и таблет (за учење) и паметен телефон (за лична употреба).
Учениците со кои разговараше БИРН генерално не изгледаа премногу загрижени за новата регулатива.
„Ова нема да се спроведе. Можеби ќе трае една недела, но училиштата нема да имаат моќ и капацитет тоа навистина да го спроведат. А учениците сигурно ќе најдат креативни начини ако сакаат да ги задржат своите паметни телефони“, самоуверено тврдеше еден ученик.