Ако за десет години, Судскиот совет разрешил 22 судии за нестручно и несовесно вршење на професијата, правосилни пресуди за корумпирани судии има многу помалку.
Најновата е од пред две недели за поранешниот врховен судија Наќе Георгиев, кој беше осуден на три години затвор.
БИРН анализираше шест вакви пресуди. Делата за кои се осудени судиите се поткуп, примање награда за противзаконско влијание и злоупотреба на службената положба и овластување.
Две пресуди биле со условни казни, а во другите случаи, судиите добиле затвор од 8 месеци до 3 години.
А токму трите години што треба да ги одлежи Георгиев, се највисоката затворска казна за судија што е правосилно осуден за кривично дело во Македонија, во последниве десетина години.
Кривичниот суд сè уште не ја објавил пресудата, за да се види кои се олеснителните, а кои отежнувачките околности, кога судијата ценел дека оваа казна е доволна.
Дел од коментарите на општата и стручната јавност беа дека казната за Георгиев е несоодветна за неговата позиција како судија во највисокиот суд, кој е последната судска инстанца, во која граѓаните и фирмите бараат правда.
Особено затоа што таквите примери на корупција ја уриваат и онака малата доверба на граѓаните во правосудниот систем.
Соговорниците на БИРН сметаат дека тоа, меѓу другото, се должи на долгогодишната култура на неказнивост, во која обвинетите преку непостапување на органите на прогонот или преку законски дупки се спасуваат од затвор, или добиваат мали или условни затворски казни.
Казната (не) е доволна
„Jавно кажувам дека оваа казна не е доволна. За судиите не постојат олеснителни околности. За сите може да постојат, за судија – не. Или си чесен, или не си. Или имаш, или немаш интегритет“.
Судијката Антоанета Димовска, членка на Судскиот совет, со остар тон говореше дека не е задоволна од висината на затворската казна, за која се спогоди нејзиниот довчерашен колега Наќе Георгиев.
„Судиите треба да бидат похрабри и да изрекуваат построги казни“, рече Димовска на јавната седница на Судскиот совет, кој констатира дека Георгиев повеќе не е судија.
А тој, според кривичното дело за коешто беше обвинет, „примање награда за противзаконско влијание“ можеше да добие затворска казна до десет години, но се спогоди за три.
Oбвинителката Верица Бержецка-Крстева, во изјава за медиумите, рече дека е задоволна од пресудата затоа што се скратува времето за водење на постапката, обвинетиот повеќе не е судија и има забрана за вршење професија. Дополнително, таа отворила финансиска предистрага, а од телефонот на Георгиев произлегол материјал и за нова предистрага.
Висината на казната била доволна и за судијата Душан Јосифов, кој ја донесе пресудата.
Паднаа петте години затвор за управниот судија
Ги влечеа со лисици на рацете, за пред да почне судењето, да се спогодат со обвинителството. За неколкумина судии за прекршоци што беа осомничени во предметот „Јустиција“ во 2014 за чување предмети, судење немаше. Судиите се спогодија за условни казни.
Судии одговараа и во случаите „Ликвидација“ и „Изгрев“, но пресудите паѓаа.
За овие предмети постојано кружеше критиката и од адвокатите и обвинетите дека станува збор за неиздржани обвиненија, кои се „ѕидани“ политички и затоа не можеа да опстојат.
Сепак, и тогаш кога имало издржани обвиненија, корумпираните судии добивале условни или помали затворски казни.
Па така, за примање поткуп од 10 илјади денари, поранешниот охридски судија Ристо Силјаноски, во 2016 година беше осуден на условна затворска казна.
Во пресудата пишува: „Седнале во соседната пицерија и обвинетиот најпрво почнал да зборува за предметот, велејќи дека може да пресуди во корист на која било од странките при што на сведокот му побарал износ од 10.000 денари да го одбие тужбеното барање на тужителот“.
Осудениот судија, пред неговите колеги од битолскиот апелациски суд се правдал дека парите ги побарал за заем бидејќи „имал финансиски проблеми и истите му биле потребни за да плати за упис на семестар на неговата ќерка на факултет“.
Со условна казна помина и поранешниот претседател на Врховниот суд, Јово Вангеловски за злоупотреба на службената положба и овластување, бидејќи на неговата колешка Лидија Неделкова не ѝ исплаќал додатоци на плата.
Во 2004 година, струмичкиот судија Аксел Сулејманов беше осуден за поткуп на затворска казна од една година. Со слична казна како него помина и поранешниот претседател на кочанскиот суд, Зоран Трајанов. Тој одлежа осум месеци затвор затоа што ја злоупотребил службената положба и овластување и спречил предавање во сопственост на бензинска пумпа.
Поранешниот претседател на скопска единица, Владимир Панчевски, пак, ја одлежува две и полгодишната затворска казна за злоупотребите со системот за распределба на судски предмети, АКМИС.
Највисоката изречена казна во последниве десетина години е за управниот судија Мустафа Шахини, кој доби пет години затвор. Но, пресудата падна на Апелација и предметот се суди одново.
Порано и една година затвор изгледаше многу
Поранешната врховна судијка Вера Коцо, за БИРН, вели дека очекувала врховниот судија Наќе Георгиев да добие построга казна.
„Кога се дрзнал сега тоа да го направи на неколку години пред пензионирање, прашањето е што досега направил во неговата кариера“, вели Коцо, алудирајќи дека можеби поранешниот судија имал вакво коруптивно однесување и во други случаи во минатото.
На прашањето дали го дели впечатокот на дел од стручната јавност и граѓаните дека, генерално, осудените судии добиваат ниски казни, Коцо вели дека порано можеби казните изгледале дека се пониски, но контекстот бил друг.
„Тогаш довербата на граѓаните во судството не беше толку ниска“, вели таа и додава дека во минатото, кога владеел друг вредносен систем, и една или две години затвор изгледале премногу за разлика од денес.
Најголемата штета, како што вели таа, е што се „инфицирани“ и другите предмети со кои претходно бил во контакт судијата.
На иста линија со Коцо е и претседателот на Транспаренси интернешнел Македонија, Благоја Пандовски, организација што ги мониторира случаите на корупција.
„Во оваа ситуација, одмерувањето на казната е несоодветно и не само што не изгледа превентивно, туку и дава слика во јавноста дека еден врховен судија директно фатен во примање поткуп може да помине со несразмерно блага казна“.
Нагласува дека oва кривично дело од областа на корупцијата го сторил судија во највисоката судска инстанца.
„Наведеното, во секој случај, требало да се земе како сериозна отежнувачка околност и да се изрече построга казна од страна на судијата на претходна постапка и да не се прифати предлог-спогодбата“, заклучува Пандовски.
Идентичен му е впечатокот за поранешниот уставен судија, правобранител, министер за правда, и член на Советот на јавните обвинители, Иџет Мемети, кој помина со условна казна.