Анализи

Нема судиска тога без партија

Наместо според резултатите во повисоки судови, се напредува преку влијанија

Гласни пред странките, но молчаливи кога се обесправени. Самоуверени зад судиското столче, но речиси невидливи кога нивниот напредок не зависи од заслугите, туку од партискиот пазар.

Со децении, наместо според резултатите, професионалноста и интегритетот, во повисоки судови се напредува преку заднински влијанија.

За тоа да се надмине не помогна ниту новата методологија за оценка на работата на судиите, која „на сите ѕвона“ беше објавена во 2020 година. И натаму, наместо најдобрите, се избираат најподобните.

Телото што избира, унапредува и разрешува судии одамна е под критика дека е во џебот на политичарите, но со последните случувања во Судскиот совет, во партиското замешателство речиси веќе никој и да не се сомнева.

Во повисок суд само преку партиско пазарење

Не е важно кој си на листата, туку кој те гласа | Фото: БИРН

„Не успеа во ВМРО, не успеа во СДСМ“.

Oва ѝ го рекле блиски луѓе на судијка од Скопје, која многупати конкурирала да стане апелациски судија, но никогаш не била избрана.

Таа, за БИРН, вели дека со годините станал општоприфатен факт оти е нормално напредокот во судиската кариера да биде врзана како со папочна врвца со мандатот на политичка партија. Затоа, вели, се прашува кој судија во чие време е унапреден, а неунапредувањето се толкува како неуспех во партискиот алпинизам.

„Ако не завршиш предмет, не можеш да напредуваш. Треба некому да завршиш работа“, вели таа.

A тој „некој“ кому треба да му се заврши работа, претежно се политичари, бизнисмени, па дури и нивни колеги – судии. Услугата се дава пред унапредувањето, но почесто отпосле, кога стигнува да се плати „сметката“.

Со тоа, судиите што го прифатиле дилот, стануваат вечни должници.

Судијката што говореше за БИРН е разочарана како се унапредуваат судии. Вели, тоа е сѐ, само не е напредок според заслуги. Иако е пред пензија, и натаму ќе се јавува на огласите.

„Ќе ги нервирам, а ќе се нервирам и себеси“, енергично тврди таа, и додава дека не памети колку пати се пријавувала на огласите за повисок суд, за речиси 30 години судиски стаж.

Други нејзини колешки, пак, за кои тврди дека се исклучителни професионалци, за разлика од неа, одамна кренале раце. Вели, веќе не се ни пријавуваат на огласите. Причината е само една, што не веруваат дека се избираат најдобрите, туку најподобните.

„Се работи за несакање да се изложиш. Зошто уште еден стрес?“, ни пренесе дел од разговорот со нејзина колешка, велејќи дека токму затоа исклучителни и способни судии, кариерата ја завршуваат во прв степен и се пензионираат.

Важи непишано правило, вели друг судија од внатрешноста, дека има еден политичар во македонскиот, и еден во албанскиот политички блок, кои се главни „кадровици“ во партиите.

Како што рече, од нив зависи кој ќе напредува во кариерата, а кој ќе остане судија во прв степен.

Коментирајќи ги последните унапредувања на судии од Судскиот совет, судијата вели: „Се знаеше дека нив ќе ги изберат. Имаше обиди една од кандидатките да се фаворизира преку член на Советот, но политичкото лоби испадна посилно“.

Кажа дека не му верува на процесот на избор. На еден од огласите добил помалку бодови за познавање англиски јазик, иако има интернационална диплома. Советот тоа го исправил, но судијата вели дека ова е само еден од начините преку кои вештачки му се намалуваат бодовите за да не избие на врвот на листата. Со тоа, на членовите би им било потешко да се правдаат зошто не гласаат за кандидатите со најмногу бодови.

„Веројатно, познавајќи го мојот карактер, затоа никогаш не ми пристапиле“, вели судијата, во одговор на прашањето дали некогаш во кариерата добил „трговска“ понуда, повисоко судиско место за услуга.

Рече дека повеќе нема да конкурира на огласите, бидејќи ниту бодовите, ниту рангирањето немаат смисла, кога изборот се прави без критериуми, со „амин“ од горе.

Неприродни скокови во кариерата

Судиите за БИРН велат дека порано имало природно напредување во кариерата | Фото: БИРН

Апелацискиот судија Енвер Беџети, за кого Судскиот совет отвори постапка зашто со месеци го држеше во фиока предметот со прислушувањето, за судија е избран во 2010 година. 

Претходно бил секретар на Општина Боговиње, управител на фирма, секретар на Тетовскиот универзитет, адвокат…

Со нецели две години судиски стаж беше избран за апелациски судија да ја оценува работата на пониските судови, според тогашниот Закон за судови, која пропишуваше дека не мора да се биде основен, па да се стане повисок судија, туку доволно е „петгодишно работно искуство на правни работи и положен правосуден испит“.

Судството е полно со случаи кога, наместо судии со долг судиски стаж, се избираа правници со искуство. Така, на пример, во Скопска апелација беа избрани Африм Фидани и Сафет Кадрии. Со кариерата напредуваа и натаму, и станаа и врховни судии.

Судиите со кои разговараше БИРН велат дека порано напредокот во кариерата во најголемиот број случаи бил природен. Судиите со помал судиски стаж, иако конкурирале на огласите, не биле разочарани кога биле избирани нивни колеги со долгогодишна кариера.

„Тоа беше нормално“, вели скопската судијка за БИРН.

За изборот на судиите да биде врз основа на заслуги, а не со трговија со влијание, во 2020 година се заострија критериумите во Законот за судови. Меѓутоа, тие требаше да осигураат дека ќе бидат избрани најдобрите, преку последните седници на Судскиот совет, во кои се применува новата методологија, покажаа дека без какво и да е образложение, не ги избираат тие што се први на листата, туку тие што се подолу.

Чуму рангирање?

Групирањето во Судски како лоша традиција | Фото: БИРН

Која е логиката да има бодување на кандидатите за судии во повисок суд, ако Советот, наместо прворангираните, ги избира петтиот и шестиот на листата? Ова прашање е без одговор при секој избор на судии, бидејќи и во минатото, но и денес, Советот не ги избира тие што избиваат први, туку оние што се подолу на листата.

На пример, во 2017 година, Судскиот совет, наместо прворангираниот во Скопска апелација, ја избра третата на листата, судијката Тања Милева. Таа е сопруга на функционерот на СДСМ, доскорешниот директор на Царина, Игор Милев.

На седницата за избор на претседател на судот во Тетово, наместо прворангираниот Бетим Јахја, Судскиот совет го избра Хасани Асани, за кого на прес-конференција, лидерот на Алијанса за Албанците рече дека е под контрола на ДУИ, бидејќи е поранешен шеф на огранокот на партијата во Брвеница.

Слично беше и на 29 март годинава.

Тогаш се избираа двајца судии во Апелацискиот суд во Гостивар. Без дискусија, првата на листата, судијката Верка Костовска доби 9 гласа „против“ и само 3 гласа „за“, и не беше избрана. Образложение за тоа немаше.

Истото се случи и со следните тројца кандидати. Без дискусија и без образложение, со стискање копче не беа избрани.

На седницата беа избрани петто и шесторангираниот, судиите Даут Рустеми и Александар Милошевски.

На записникот од седницата, врховната судијка Мери Радевска-Стефкова рекла дека „не ѝ е јасно зошто и за претходните кандидати од ранг-листата било гласано против“…

И бидејќи Законот за Судскиот совет налага да се образложи гласањето, но кога кандидатот веќе е избран, членовите на Советот говореле само во суперлативи „заслужува да биде избран“, „судија со морал, интегритет, професионалност“, „солидни резултати“, „квалитетен судија“ и сл.

На истата седница, невообичаен беше и изборот на судии кривичари во Врховниот суд. Сите пет кандидати ги исполнуваа условите. Прворангираниот судија Зоран Димитриевски, без никаква дискусија со четири гласа „за“ и осум „против“, не беше избран за врховен судија.

Истото се повтори и со другите кандидати, со идентичен број гласови за и против. На тој начин не беше избран ниеден кандидат и огласот пропадна.

Судиите со кои разговаравме велат дека се разочарани од овие очигледни групирања, но уште повеќе од осумте судии што самите ги избрале во Судскиот совет.

Тие би требало да бидат бедемот што ќе спречи тргување со влијание при изборот во повисок суд. Но, не само што тоа не се случува, туку и кога се избираат судии што членуваат во Советот, тоа многу често е со повикување во канцеларија за кого да се гласа, велат судиите со кои разговаравме.

Методологија „за сликање“

Стручната јавност вели дека важно е да се каже зошто за некој кандидат не се гласа | Фото: БИРН

Судскиот совет не мора секогаш да се придржува до рангирањето, бидејќи тогаш се поставува прашањето за неговата улога во конечниот избор и дали воопшто тој избира или унапредува судии, вели, за БИРН, универзитетскиот професор од Правниот факултет, Денис Прешова.

Но, тој е дециден дека „секој пат кога се отстапува од тоа, мора да даде соодветно образложение. „Колку подолу се оди на ранг-листата при изборот, толку посилно треба да биде образложението и причините“.

Дарко Аврамовски, директорот на коалицијата „Сите за правично судење“, вели дека „образложението зошто не е гласано за некој кандидат е еднакво битно како и образложението на гласовите за кандидатот“. А тоа ретко или никогаш не се случува.

Судскиот совет, како што вели тој, нуди апстрактни и стереотипни образложенија на своите одлуки, што веројатно е најголемиот проблем во неговото работење.

Седница на Судскиот совет | Фото: БИРН

И Јелена Кадриќ од Институтот за човекови права, која ја мониторира работата на Судскиот совет, го дели истиот став.

Вели, кога е избран прворангираниот кандидат, се потенцираат високите бодови, но „доколку некој кандидат не е избран едногласно, судиите што не гласале за него, најчесто се оградуваат од коментари или само сметат дека не треба да биде избран тој кандидат за повисок суд без навлегување во детали“. 

Таа оценува дека е несфатливо поради кои причини, и покрај тоа што е сложена и долготрајна постапката за оценување на судиите, членовите не гласаат за кандидатите за судии во повисок суд.

Со тоа, како што вели самата, се заобиколува и се негира суштината на целата постапка за оценување на кандидатите. Тоа, пак, ја поткопува довербата и на самите судии во независноста на Советот и ги обесхрабрува судиите да се пријавуваат на огласите.

Прешова вели дека е индикативно што самите судии не се охрабруваат да покренат судски постапки „дури и во ситуации кога повредите на правата и процедурата се очигледни“.

„Тоа треба посебно да нѐ загрижи бидејќи судиите покажуваат дека не му веруваат на системот чиј дел се или, пак, калкулираат со некакви други ‘утешни’ награди што дополнително ги подгрева наводите за клиентелизам“.

А потврда за тие наоди е најновата анкета на ОБСЕ направена на над 200 судии, која покажа дека две третини од судиите не веруваат во избор по заслуги, ниту му веруваат на Судскиот совет.

Шеесет и пет проценти од судиите сметаат дека начинот на избор на судии не е објективен и транспарентен. Дури 73 проценти од судиите одговориле дека за унапредување на судиите не се применуваат објективни, мерливи и правични критериуми.

Споредено со анализата на ОБСЕ од 2009 година, бројот на судиите што го споделуваат ова мислење е во пораст за пет проценти.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.