Во некаков идеален свет, кога би имале доволно доблесни политичари да ги стават интересите на државата пред партиските, би можеле да очекуваме сценарио во кое би се направила една широка, концентрациона или уште подобро експертска влада со јасна и кратка листа на приоритети.
Ургентно чистење на „сваровски“ судството, воспоставување реална, а не козметичка контрола врз тајните служби, продолжување на мандатот на СЈО и сите оние други итни реформи „излистани“ во прецизната дијагноза на Прибе.
Таа влада освен што би ги спровела овие реформи неопходни за нормализација и стабилизација на земјата, би можела истовремено да обезбеди локални избори во мај без циркуси и бугарски возови и за една година – одржување нови парламентарни избори.
Но, во сегашниов контекст има многу причини против ваква разврска. Никола Груевски ќе стори сѐ што може да се извлече од сенката на СЈО. Неговиот проглас сосе ветувањата дека нема да седне на маса со никакви странски претставници, ниту да прифати некакви хибридни решенија беше јасна порака дека разговори во таа насока не прифаќа.
Сѐ додека е нејасна позицијата на клучниот играч на овие избори, сите комбинаторики се во игра
Се разбира, не би било прв пат Груевски да се повлече и да се предомисли, но овој пат неговите ригидни ставови се темелат пред сѐ на калкулацијата дека може да собере доволно поддршка за да може да ѝ ја одземе позицијата на Катица Јанева. Тука Груевски првенствено смета на верноста на досегашниот коалиционен партнер Али Ахмети, но и на инвестициите во неговите најблиски соработници кои сега би требало да го одработат својот долг кон братучедите и да го убедат Ахмети дека партијата ќе преживее ако остане во коалиција со ВМРО ДПМНЕ, наспроти јасната порака на гласачите.
Освен Ахмети, паралелно се работи на обезбедување поддршка од Зијадин Села. Во оваа комбинација, за постабилна влада веројатно би се приклучиле и пратениците на верниот до гроб Тачи, и покрај неговата неодамнешна оставка.
Во оваа постава Груевски на клупата би имал 66 пратеници и навидум стабилна влада којашто по влезот на „Илинденска“ бб би можела со сите сили да се посвети на апсења, одмазднички акции за пресметка со неистомислениците, закон за воспоставување контрола врз невладиниот сектор по урнек на рускиот и слично. Главен приоритет, со помош на својата полиција и неограничените општински ресурси, би била темелна подготовка за голема победа на локалните плус предвремени парламентарни избори за да може коалицијата да ги врати под свое владеење сите урбани и рурални средини кои се осмелија да ги посрамотат на 11 декември.
Ваквиот епилог, освен натамошно тонење на државата, информативен мрак, повеќе иселувања на младите образовани кадри, секнење на странските фондови и зголемување на сиромаштијата, веројатно ќе значи и нови превирања во опозициската СДСМ.
Раководството на СДСМ сосе лидерот Зоран Заев ќе се соочат со притисок да поднесат оставка поради поразот, а сегашниот распоред на силите во партијата и кадровските решенија не оставаат многу простор за верба дека партијата ќе може да изроди сериозна листа на луѓе кои би можеле да се наметнат како ново лице на отпорот против Груевски. Притоа, ако Груевски и после сѐ успее да формира влада, сериозно се стеснува просторот за ентузијазам дека протести и некаков отпор би имале ефект, особено со полицијата под палка на ВМРО ДПМНЕ.
Ако Груевски и после сѐ успее да формира влада, сериозно се стеснува просторот за ентузијазам дека протести и некаков отпор би имале ефект, особено со полицијата под палка на ВМРО ДПМНЕ
Што доколку СДСМ направи влада? Математичките операции пак ги вклучуваат истите играчи. Кингмејкерот ДУИ и евентуално пратениците на Села за мнозинство од 62 пратеници. БЕСА се изјаснија дека таква коалиција би поддржале, но не би учествувале во владата.
Во тој случај, Заев би требало да има доволно поддршка да се фрли на работа. ВМРО ДПМНЕ, се разбира, ќе ги впрегне сите свои ресурси и медиуми таа работа да се одвива под услови на зголемена нестабилност поради „велепредавство со Албанците“, ќе организира протести, можеби ќе ја бојкотира работата на парламентот. Но, главниот предизвик за Заев ќе биде како да го направи неопходниот рестарт во секоја сфера од општеството во услови на разурнати, партизирани институции, корумпирано и контролирано судство, високи задолжувања и слаба економија. Тоа ќе бара болни резови и непопуларни мерки, но воедно е и единствена шанса за заживување на демократската држава и враќање на слободата.
Истовремено, Заев ќе се соочи со притисок однатре, од партијата.
Од неконтролирани изблици на реваншизам, од медиумски страшила, од долги редици партиски членови кои десет години чекаат да станат ВМРО за да вработуваат, да добиваат тендери или да малтретираат медиуми со партиски нарачки; барања да се продолжи со политиката за задолжување за популистички мерки како зголемување плати, пензии, субвенции и слично.
Се разбира, тоа не се однесува на целото членство на партијата, но одговорноста ќе биде на Заев и потесното раководство да не подлегнат на притисокот своето владеење да го претворат во истиот тој режим против кој се бореа последниве 10 години.
Судбината на Никола Груевски во овој случај, освен што дополнително ќе го зближи со Катица Јанева, ќе го раздели од матичната ВМРО ДПМНЕ. Во обезвластени услови во ВМРО ДПМНЕ полесно и побрзо ќе се окуражат да побараат смена на Груевски и да се обидат да ја реформираат партијата со надеж дека, како и хрватската ХДЗ по падот на Санадер, брзо ќе бидат во позиција да се вратат на власт.
Изборот на Али
Али Ахмети е човекот со сите одговори. Во неговите раце е клучот за слободата на Никола Груевски или за слободата на сите нас. Тој сѐ уште нема донесено одлука дали ќе го послуша мнозинството во партијата коешто инсистира дека уште една коалиција со Груевски е погубна за партијата или оние малкумина должници на братучедите кои му тврдат дека со помош на ДПМНЕ, ДУИ не само што ќе ги врати оние изгубени души што се прелажале да гласаат за БЕСА или СДСМ туку и ќе ги збрише од политичката сцена своите конкуренти и потоа ќе владее долго и просперитетно.
Ахмети може да се обиде со друга варијанта, да каже „не одам со никого, го прифаќам поразот и ќе бидам опозиција“ и од позиција на морален победник да наметне ситуација во која никој нема да може да формира влада
Можеби неговата одлука во корист на ВМРО ќе беше далеку полесна ако не беше оној несреќен проглас и оние во секоја смисла трагични некролози за амбасадорите. Како Албанците повторно ќе веруваат во заложбите на ДУИ за евроатлантските интеграции ако Груевски јавно се пресметува со американскиот амбасадор, а неговите повикуваат да се оди пред амбасада.
И каква ќе биде казната од меѓународната заедница за таквото однесување? Дополнителен проблем се и заканите на одредени пратеници дека би пребегале ако се оди во коалиција со ВМРО ДПМНЕ. Ахмети, исто така, ќе треба да излезе со добро објаснување пред својот електорат зошто би одел со истиот Груевски кој целата кампања ја темелеше на милитантна реторика и сеење албанофобија и страв.
Доколку, пак, реши да му го сврти грбот на Груевски, ќе мора да се соочи со ризикот дека Белата палата може да почне со објавување разни компромитирачки снимки, како оние поради кои Ахмети толку многу ги презира Заев и СДСМ.
Во исто време, Ахмети ќе треба да го проголта и понижувањето дека СДСМ со својата кампања и програма му стана конкуренција откако привлече дел од албанските гласачи кои немаа проблем да ја напуштат традицијата на етничко гласање и на кои очигледно им е многу поважно да имаат канализација и основни услови за живот, отколку заговарања за федерализација и слични идеи, дизајнирани да се спречи соживот во државата.
Ахмети може да се обиде со друга варијанта, да каже „не одам со никого, го прифаќам поразот и ќе бидам опозиција“ и од позиција на морален победник да наметне ситуација во која никој нема да може да формира влада. Се разбира, Ахмети нема навистина да биде во опозиција, бидејќи за доброто на државата ќе мора да се формира концентрациона влада со краток рок на траење, евентуално до локалните избори во мај. Ако падне ваква одлука, веројатно и во дослух со Груевски, Ахмети ниту ќе мора им одговара на оние што заговараат коалиција со СДСМ, ниту да му сврти грб на својот долгогодишен партнер.
Ахмети нема да брза да ја објави својата одлука и роковите му го дозволуваат тој луксуз. Во секој случај, неговата одлука ќе значи собирање или одземање на државата.