Регион

Собирање видеоснимки како докази за злосторствата во Косово

Mлад Албанец собира видеоснимки, во обид да сочува докази за злосторствата во Косово

Уште една непроспиена ноќ е зад Есат Шала, кој, иако е пладне, сѐ уште гледа вознемирувачки видеа од злосторства извршени за време на војната во Косово.

Веќе неколку години, Есат (35) собира визуелни докази за масакрите и кршењата на човековите права од страна на српските сили, извршени во војната во Косово. Тој вели дека досега собрал повеќе од 2.000 видеоснимки на злосторства.

Во разговор за БИРН, во неговата куќа во Крајкова, село во централниот дел на општина Глоговац, Шала вели дека има нарушен сон и треперење на телото, што, според него, е последица од прегледувањето на видеоматеријалите.

„Не само новите материјали што сум ги нашол, туку не можам да одолеам а да не ги погледнам и оние што ги имам претходно најдено. Тогаш не можам да останам смирен“, објаснува тој.

Станува збор за аматерски снимки направени од цивили, очевидци, или припадници на Ослободителната војска на Косово (ОВК), но и за телевизиски снимки, направени за време или веднаш по злосторствата. Шала на своите полици држи и неколку аудиоснимки од масакри.

Некои видеа биле снимени од луѓе што ги познава, но повеќето од снимките се направени од луѓе кои не ги знае.

„Во повеќето случаи, ги снимиле цивили и медиуми, но има и такви за кои е тешко да се открие кој ги снимал“, нагласува тој.

Шала објаснува дека често со недели, па дури и со месеци преговара со луѓето, за да ги убеди да му ги дадат своите снимки.

„Многу е тешко да се собере таков материјал како приватно лице. Луѓето не сакаат да ги дадат, тие често не веруваат во намерата за нивно користење“, посочува тој.

Овие немонтирани видеоматеријали, претежно без звук, досега не се прикажани јавно.

На едно од видеата, е снимен масакр извршен од српските сили во селото Рогово, јужно Косово, каде во јануари 1999 година бил убиен 21 Албанец. Половина од жртвите се наоѓале во црвено комбе, додека останатите биле убиени во нивните домови.

Видеото покажува како српски полицајци ги собираат телата на цивилите и ги поставуваат пред куќите. Снимките јасно покажуваат дека едно лице е сè уште живо, бидејќи неговиот здив се гледа во студениот воздух.

На самото место се гледаат и членови на верификациската мисија на ОБСЕ, која беше присутна на Косово за време на војната. На крајот, полицајците ставаат автоматски пушки покрај цивилните жртви, за да покажат дека тие всушност биле припадници на ОВК, убиени во борба.

„Постојат многу горчливи вистини, кои не сме ги знаеле“

Гробовите на жртвите на масакрот во Рачак. Фото: Сербезе Хаџијај/БИРН.

Шала вели дека не знаел што всушност значи војна, сѐ додека неговиот чичко, лекарот Хафир Шала, не исчезнал во април 1998 година, откако српската полиција го привела на распит, а потоа, српските сили ја убиле неговата сестра Лулејат, на границата меѓу Косово и Албанија, со уште 40 други припадници на ОВК.

Тие заминале во Албанија за да набават оружје за нивната борба. Шала истакнува дека пред неколку недели, пронашол видео кое покажува дека неговата сестра била единствената која одбила да се предаде.

„Постојат многу горки вистини, кои не сме ги знаеле за војната. Снимките откриваат нови работи, честопати различни од она што досега ни било кажувано“, нагласува тој.

Шала додава дека на некои видеа се гледаат припадници на српските единици, кои учествувале во масакри, убиства, киднапирања и други злоставувања.

„Многу снимки содржат тешки сцени, кои не можат да се емитуваат или да се објават на социјалните мрежи. Но, тие можат да им послужат на обвинителите во истрагите“, сугерира тој.

Шала објаснува дека не можел да најде многу снимки за вистинските борби меѓу ОВК и српските сили, но дека од некои, на кои се наоѓаат албански бегалци и припадници на ОВК, може да се види што преживеале на теренот.

За да се сочуваат, многу снимки бараат професионална интервенција и дигитализација. Шала вели дека би сакал државните институции да бидат вклучени во тоа што го работи и да се погрижат за доказите што ги собрал. Тој, воедно, бара и средства, за да може да продолжи со своето истражување.

Владата на Косово повторно работи на формирање на Институт за документација на воените злосторства, кој беше затворен во 2018 година, а Шала додава дека неговите видеоматеријали, можат да бидат корисни.

Неодамна, косовските политичари повеќепати ја обвинија Србија за геноцид и нагласија дека ќе покренат случаи пред меѓународните судови, иако досега властите не успеале да обезбедат соодветна документација за злосторствата за кои ги обвинуваат српските сили.

„Косово не истражува и документира воени злосторства. Тоа е она што ме тера да ја работам оваа работа“, нагласува Шала.