Анализи

Собраниски кочници за закон за заштита од дискриминација

„Негативната атмосфера“ била причина законот да не помине на последната комисиска седница | Фото: БИРН

Половина година се чека за родовиот идентитет и сексуалната ориентација да станат дел од законот за заштита од дискриминација, но тој никако да дојде на дневен ред на собраниската комисија за труд и социјална политика, предводена од пратеникот Влатко Ѓорчев.

Новиот закон, со кој овие две категории прецизно се наведуваат како основи за дискриминација (за разлика од сегашниот закон во кој се ставени под општата категорија „припадност кон маргинализирана група“) беше изготвен од Министерството за труд и социјална политика и усвоен од Владата уште во јуни.

Во јули Собранието ја усвои потребата од донесувањето на законот, а постапката налага потоа тој да биде разгледуван на седници на соодветните работни тела, во овој случај комисиите за труд и социјална политика и за европски прашања, бидејќи е со европско знаменце.

Три неуспешни обиди

Ако ја помине комисијата, за законот ќе биде потребно просто мнозинство | Фото: БИРН

 

Оттогаш, комисијата за труд и социјала одржала девет седници, но ниту еднаш не го разгледувала овој закон. Пратеничката од ДОМ, Маја Морачанин, која е заменик-член во таа комисија, трипати досега барала законот да се стави на дневен ред. Но, нејзините предлози биле одбивани од комисискиот претседател Ѓорчев и од неговата заменичка и сопартијка Весна Пемова.

„Прво беа одморите, па референдумот, беше еден бурен период, но кога сето тоа помина, гледам дека законот сѐ уште не е ставен. Затоа предложив да се стави на една од претходните седници, ја водеше Весна Пемова, но не се прифати бидејќи колегите не биле запознаени. На следната седница повторно ја предложив точката, но ми беше одговорено дека бидејќи е со европско знаменце, прво треба да помине на Комисијата за европски прашања. Тоа не е услов, но го прифативме“, се присетува Маја Морачанин.

Комисијата за европски прашања, предводена од Артан Груби, бргу го усвоила законот, па Морачанин повторно го изнела предлогот минатиот петок, на последната седница што ја водел Ѓорчев.

„Имавме долга расправија околу дневниот ред, се создаде една негативна атмосфера, се изнесуваше дека се навлегувало во религиски чувства и друго, па освен претседателот, и други пратеници од за мене непознати причини решија, за да се смири ситуацијата, овојпат да не се расправа по тој закон, туку само по веќе предложениот дневен ред. Јас лично не гледам зошто не би се ставил законот на дневен ред. Секако јас го поддржувам, но нека се отвори дебата, па и тие што имаат различни ставови, нека си ги кажат своите мислења. Неставањето на законот е злоупотреба на позицијата на претседателот на комисијата“, додава пратеничката на ДОМ.

Намерно кочење?

Законот треба само да се разгледа во комисијата, не мора да добие зелено светло | Фото: БИРН

Според процедурата, законот мора да помине на седница на комисијата за да се гласа и да се усвои на пленарна седница, со што конечно би се озаконила заштитата од дискриминација врз основа на сексуалната ориентација и на родовиот идентитет. Не е важно дали комисијата, во која од 14 члена, седуммина се од ВМРО-ДПМНЕ, ќе донесе позитивна или негативна одлука.

Како и да заврши гласањето таму, конечниот глас ќе го даде целиот собраниски состав. Ако стигне на пленарна седница, може да се усвои со просто мнозинство од присутните пратеници, што значи дека голема е веројатноста дека би бил изгласан. Единствениот начин да не се донесе законот е да не се расправа за него на комисијата, и така тој ќе остане „заглавен во собраниските процедури“.

Единствениот начин да не се донесе законот е да не се расправа за него на комисијата, и така тој ќе остане „заглавен во собраниските процедури“.

Морачанин и нејзините колеги од парламентарното мнозинство се сомневаат дека законот намерно се кочи, особено што претседателот на комисијата, Влатко Ѓорчев, е познат во јавноста по своите радикални ставови во врска со ЛГБТ популацијата. Додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, Ѓорчев беше поборник за уставни измени со кои бракот ќе се прогласи за заедница меѓу еден маж и една жена и со тоа ќе се направи потешко евентуалното воведување истополови бракови во земјата.

 Јагода Шахпаска од СДСМ, која е членка на комисијата, вели дека е повеќе разочарана што заменик-претседателката Пемова исто така одбивала да го стави законот на дневен ред, бидејќи е докторка.

„Јас можам да ја разберам реториката на Влатко Ѓорчев, популистички ставови, конзервативни, десничарски, итн. Но, кога еден здравствен работник не може да прифати различности, тоа не можам да го разберам“, ни изјави Шахпаска.

Влатко Ѓорчев не ги коментираше овие обвинувања и не објасни дали станува збор за намерно користење на собраниските процедури за да се блокира овој закон.  Коментар добивме само од партијата ВМРО-ДПМНЕ.

„Власта на СДСМ има убедливо двотретинско мнозинство, со поддршка од 80 пратеници и таа го диктира носењето на законите. Коалицијата на СДСМ има убедливо мнозинство и во Комисијата за труд и социјална политика. Власта и опозицијата имаа заедничка согласност на пленарна седница да се упатат законите кои се однесуваат на пензионерите, инвалидите и Црвен крст, кои беа навистина важни за Владата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ, во врска со последната седница на комисијата за труд и социјала, на која по третпат бил одбиено барањето за законот за заштита од дискриминација да се стави на дневен ред.

Има дискриминација и по двете основи

ЛГБТИ центарот за поддршка ги бележи случаите на дискриминација | Фото: БИРН

Во основите за дискриминација, во стариот закон не се прецизно наведени сексуалната ориентација и родовиот идентитет, а во новиот се. Во стариот се наведени други основи, како пол, раса, боја на кожа, род, етничка припадност, социјално потекло, религија и други, и има неколку поопшти термини, како припадност кон маргинализирана група. Во новиот, сето тоа останува и се додаваат овие две основи.

Во извештаите на ЛГБТИ центарот за поддршка на Хелсиншкиот комитет се забележуваат случаи на дискриминација по оваа основа. Така, во месечниот извештај за октомври годинава е забележано дека две трансродови жени од Турција, кои присуствувале на меѓународна конференција во Скопје, биле омаловажувани од полициските службеници.

 Тие биле задржани од граничната контрола бидејќи на едната пасошот ѝ бил постар, пред да ја почне транзицијата, и во него стоело дека е лице од машки пол. Додека тие чекале за да се разјасни оваа ситуација, според извештајот објавен од Хелсиншкиот комитет, биле изложени на недоличен однос од полициските службеници, кои ги повикувале своите колеги, ги гледале фотографиите и се смееле.

„Со своето однесување, непотребните коментари, чекањето, повикувањето на колегите и исмејувањето, полициските службеници на аеродромот создале непријателска и понижувачка средина, го повредиле правото на приватност, го отежнале пристапот и го повредиле достоинството на жените“, се вели во извештајот.

Претходно, во септемврискиот извештај е регистриран случај на семејно насилство, кога едно лице било претепано од својот татко поради својата сексуална ориентација. Според ЛГБТИ центарот за поддршка, полицијата, како и меѓуопштинскиот центар за социјални работи, непрофесионално се справиле со овој случај.

Во месечните извештаи се забележуваат и случаи на говор на омраза, особено на социјалните мрежи.

Нови правила и за комисијата за антидискриминација

Законот го подготви Министерството за труд и социјална политика пред половина година | Фото: БИРН

Освен што се додаваат нови основи за дискриминација, со предложениот закон попрецизно се утврдуваат начините како ќе се избираат членови и како ќе функционира Комисијата за заштита од дискриминација.

Оваа комисија сега ја предводи професорот Александар Даштевски, а нејзин член е и професорот Тони Науновски, двајцата во јавноста познати како поддржувачи на политиките на претходната власт. Таму е и Александар Спасеновски, поранешен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Тие издадоа мислење според кое поранешниот премиер Никола Груевски бил дискриминиран во судењето за случајот „Тенк“, за што тој доби правосилна пресуда од две години затвор. Се смета дека ова решение влијаело врз одлуката на унгарските власти да му доделат политички азил на Груевски, за да ја избегне затворската казна во Македонија.

Пред оваа одлука, комисијата често беше цел на критики затоа што не поведе постапки и не виде дискриминација во повеќе контроверзни случаи. Еден од нив беше факултетски учебник што ги опишува ЛГБТ луѓето како болни и девијантни, за кој беше изнесено образложение дека тоа било слобода на научно и на уметничко творештво загарантирано со Уставот. Во друг случај, не се поведе постапка против Алфа телевизија за емисија на водителот Миленко Неделковски, во која, според подносителот на претставката, постоела дискриминација по етничка припадност.

Членовите на Комисијата ги именува Собранието. Со стариот закон, услов за некој да стане член беше да има високо образование и искуство од областа на човековите права или од општествените науки. Со новиот закон, овој критериум се зацврстува и се додава дека кандидатите треба да имаат најмалку седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои најмалку пет години во областа на еднаквост и недискриминација.