Регион

Состојба на негирање: Книги кои ги прекројуваат фактите за војната во БиХ

Војната во Босна и Херцеговина, 1992-1995, е извор на нов литературен жанр – книги, чија содржина е во спротивност со утврдените факти за војната, напишани од или за оние што се осудени за убиства.

Младен Лакиќ, Ана Владисављевиќ, Филип Рудиќ | Сараево, Загреб, Белград

Дека осудениот за воени злосторства, Воислав Шешељ, никогаш не се откажал од својот сон за Голема Србија, можеби говори фактот дека називот на неговата издавачка куќа е „Голема Србија”.

Можеби границите на Србија не се проширија колку што сакаше Шешељ, но затоа пак, неговата издавачка куќа ќе се прошири на овогодишниот престижен саем на книгата во Белград, бидејќи организаторите преместија две издавачки куќи од нивните штандови, за да направат повеќе простор за „Голема Србија”.

На саемот на книгата, кој ќе биде отворен во недела, ќе биде изложена и најновата книга на Шешељ, кој со неа на читателите им нуди уште едно негирање дека масакрот извршен во 1995 година над повеќе од 7.000 мажи и момчиња муслимани во енклавата Сребреница, претставува геноцид, што беше утврдено во текот на бројните меѓународни судски процеси.

„Јас докажав дека сите овие одлуки се незаконски”, изјави Шешељ, кого судиите на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ), во жалбена постапка, во април, го осудија за поттикнување на прогон и на други нехумани дела.

Но, овој ултранационалист, кој беше ослободен во 2014 година, откако помина 12 години во притвор, не е единствениот осуден воен злосторник, чија нова книга се наоѓа во продажба.

Имено, војната што се водеше од 1992 до 1995, во која загинаа 100.000 луѓе, беше извор на еден нов жанр на книги, чија содржина е во спротивност со утврдените факти за војната, напишани од или за оние што се осудени за убиства.

Реакции за забрана на ваквите книги нема, но активистите за човекови права велат дека нивната промоција претставува промоција на воените злосторници, што е феномен кој е присутен низ цела поранешна Југославија.

Теориите за заговор што тие ги промовираат, „служат само дополнително да ја збунат јавноста, која не е доволно информирана за конфликтите во деведесеттите години, но и да спречат таа да ја дознае вистината”, вели, Ивана Жаниќ, од Фондот за хуманитарно право од Србија.

Осудени на суд, „ослободени” во изданија

Плакати што го величат Ратко Младиќ во Белград, поставени од десничарска организација | Фото: ЕПА-ЕФЕ/Коча Сулејмановиќ

Воениот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, и нивниот поранешен висок претставник, Билјана Плавшиќ, објавија книги за војната, а истото го направија и озлогласениот паравоен водач Милан Лукиќ, претседателот на военото Собрание на Република Српска, Момчило Краишник, и поранешниот воен офицер на Војската на Република Српска (ВРС), Винко Пандуревиќ. Сите тие се осудени за воени злосторства. Случајот на Караџиќ, сега е во жалбена постапка.

Книгата на Пандуревиќ беше објавена во 2015 година, под наслов „Животот се брани со вистина”, додека Фикрет Абдиќ, самопрогласениот лидер на автономната покраина Западна Босна, кој за воени злосторства помина 10 години во затвор во Хрватска, во 2016 година ги објави своите мемоари под наслов „Од идол, до воен злосторник и назад”.

Масакрот во Сребреница, најголемото масовно убиство на европско тло по Втората светска војна, сѐ уште е најпопуларната тема на српските ревизионисти.

Србија, која, според Меѓународниот суд на правдата, ја прекршила својата обврска да го спречи масакрот во Сребреница, никогаш не ги прифати пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) и на Меѓународниот суд на правдата, со кои беше утврдено оти петдневниот јулски масакр претставува геноцид.

Сепак, во дел од изданијата, неговите главни архитекти, Радован Караџиќ и неговиот воен командант, Ратко Младиќ, се ослободуваат од вината.

Така, во февруари, српскиот историчар, Бојан Димитријевиќ, објави биографија на Младиќ под наслов „Командантот”, чија содржина го доведува во прашање постоењето на какви било докази дека Младиќ, кој беше осуден минатата година на доживотен затвор за геноцид и за злосторства против човештвото, всушност, го наредил масакрот во Сребреница.

Медиумите во Србија го цитираа Димитријевиќ, кој рече дека Младиќ, во писмото што му го испратил, му кажал оти „можеби претерано го фалел во некои сегменти” од книгата.

Белградската новинарка, Лилјана Булатовиќ, позната како најгласен поддржувач на Младиќ, во 2009 година напиша книга за него. „Генерал Младиќ е мој духовен брат и воен другар”, изјави таа во 2013 година.

Топли зборови за Младиќ, имаше и во книгата на Билјана Плавшиќ, објавена во 2005 година, во време кога таа ја отслужуваше казната затвор од 11 години, на која беше осудена за злосторства против човештвото и присилни прогони на верска, политичка и расна основа.

Во книгата Караџиќ се карактеризира како „кукавица”, а Младиќ како „прекрасен човек”.

На промоцијата на нејзината книга во Бања Лука, присуствуваше и водачот на босанските Срби, Милорад Додик, поранешен сојузник на Плавшиќ, кој овој месец беше избран за српски член на тројното Претседателство на БиХ. Во таа прилика, тој за Дојче Веле изјави: „Нормално е дека имаше жртви на сите страни и напросто ова не е оправдување на злосторствата … ова е едноставно гледање на вистината на начин на кој таа ја гледа”.

“Трагично, понижувачки, без почит”

Радован Караџиќ во судница, во 2018 година | Фото: ЕПА-ЕФЕ/Ивес Херман

Книгата на Караџиќ, „Мермерните вистини за Босна”, беше објавена во 2016 година, кога тој беше осуден за геноцид во Сребреница, за тероризирање на населението во Сараево за време на опсадата, за прогон на Бошњаците и Хрватите и за земање на мировници на ООН како заложници.

„Сѐ е документирано од правна, историска, донекаде и филозофска гледна точка”, рече неговиот адвокат, Горан Петрониевиќ.

Издавачот соопшти дека книгата главно се базира на уводните и завршните зборови на Караџиќ пред Хашкиот трибунал, при што тој за војната ја обвини „непопустливата муслиманска фракција која инсистирала или на покорување или на војна”. Караџиќ беше осуден на 40 години затвор.

Мурат Тахировиќ, претседател на босанското Здружение на жртви и сведоци на геноцидот, вели дека ваквите книги го покажуваат презирот на нивните автори кон судот на ООН и покажуваат колку ним им било пријатно, самото изразување на тој презир.

„Тие веруваат дека можат да станат автори во оваа земја”, истакна тој за БИРН, „што е трагично, понижувачки и без почит кон жртвите и преживеаните”.

Минатата година, непосредно пред МКТЈ да го осуди на 25 години затвор за воени злосторства извршени над Бошњаците, поранешниот лидер на самопрогласената хрватска република во БиХ, Хрватска Република Херцег-Босна, Јадранко Прлиќ, објави книга со наслов „Придонес кон историјата на Хрватската Република Херцег-Босна”.

Книгата, која содржи три тома, ги оправдува постапките на непризнаениот бунтовнички регион. На промоцијата на книгата во БиХ и во Хрватска, говореа Жељко Рагуж, пратеник на владеачката Хрватска демократска заедница во хрватскиот парламент и Анте Назор, претседател на Хрватскиот меморијален и документациски центар на Татковинската војна.

Никола Пухариќ од Младинската иницијатива за човекови права од Хрватска вели дека книгата се обидува да ја демонстрира законитоста на овој самопрогласен регион и да го скрие „негативното влијание на неговите институции”.

Сепак, МКТЈ утврди дека раководствата на Хрватска и на босанските Хрвати, имале за цел обединување, со „спроведување на заеднички злосторнички потфат, преку извршување на масовни злосторства, прогон и етничко чистење на муслиманското население”, нагласува Пухариќ за БИРН.

Тој додава дека книгата на Прлиќ била презентирана и во Државниот архив на Хрватска, и дека на овој настан присуствувала и хрватската министерка за култура, Нина Обуљен Коржинек.

Пофалби од претседателката на корицата на книгата

Фотографија на Слободан Праљак, на неговата комеморација во 2017 година | Фото: ЕПА-ЕФЕ/Антонио Бат

Еден од петмината на кои им беше судено заедно со Прлиќ, беше и поранешниот генерал, Слободан Праљак, кој во текот на изрекувањето на казната, пиејќи отров во судницата, изврши самоубиство. Веќе осудениот Праљак, со овој чин, кој беше директно емитуван на телевизија, стана маченик во очите на многу Хрвати, особено кај поддржувачите на конзервативната владејачка партија.

„Генералот Праљак”, книга на авторите Мирослав Меѓиморец и Јосип Печариќ, објавена минатата година, содржи листа на потписници кои предлагаа Праљак да биде номиниран за Нобеловата награда за мир, „докази” дека тој не направил ништо погрешно, како и фотографии, песни и есеи кои ја величаат неговата улога во војната. На промоцијата на оваа книга во Загреб, беше прочитана и порака, со која му се дава поддршка на Праљак, на хрватската претседателка, Колинда Грабар-Китаровиќ.

Грабар-Китаровиќ го пофали Праљак за улогата што ја имал во војната и изрази надеж дека тој и другите петмина поранешни функционери на босанските Хрвати, ќе бидат ослободени. Дел од писмото се најде и на корицата на другите две книги за Праљак од истите автори, „Генерал Праљак II” и „Генерал Праљак III”.

Праљак, на почетокот на минатата година, кога поднесе жалба на првата пресуда, објави и свое дело од 800 страници, „Како да станете здружен злосторник”.

Издавачот на БИРН му испрати една копија. Во делото Праљак тврди дека Хрватска одиграла позитивна улога во војните при распадот на Југославија, нудејќи бројни графикони и табели кои покажуваат колку хуманитарна помош Хрватска испратила во Босна и Херцеговина, и колку бегалци и ранети влегле во оваа земјата.

Во овој дел не се споменува дека силите на босанските Хрвати, познати како ХВО, им ја блокирале помошта на Бошњаците, особено во поделениот град Мостар. Според МКТЈ, силите на босанските Хрвати го држеле источен Мостар под опсада, во периодот меѓу јули 1993 и април 1994 година, спречувајќи ги жителите Бошњаци да избегаат.

Пухариќ вели дека е „срамота” што високи хрватски политичари и некои владини институции покажале вакви симпатии за воените злосторници.

„Високите официјални лица на Хрватска, никогаш не се дистанцираа од злосторничката политика на Херцег-Босна и ХВО, од 1993 до 1994 година, чии претставници беа Прлиќ и Праљак”, заклучи тој.