Колумни

Социјално дистанциран пазарлук

Многу сакам балсамико и салата со балсамико. Тоа чудо од оцет може да претвори во салата буквално сѐ, па дури и магарешки трн и онаа најобичната трева што расте во двор. Не користам јаболков оцет, тој е за тие што се лажат дека слабеат кога го пијат во комбинација со мед, а уште помалку го консумирам оној алкохолниот. Тој е за чистење фрижидер.

„Ќе идам у КАМ по балсамико!“, свечено им соопштив на моите небаре преку конференциска врска кревам знаме пред седиштето на НАТО во Брисел.

Тие, пак, вратија со едно „добро“, кое звучеше како да е само првиот збор од прекорот што целосно би изгледал вака:

„Добро, за еден оцет ќе идеш надвор?“

Е, сега во време на пандемија едно е да донесеш одлука, а сосема петта работа е да ја спроведеш.

Прво проверив на интернет дали маркетот во меѓувреме го сменил работното време или евентуално скратил на каси и на персонал. Потоа погледнав во изводот од матично, чисто да видам дали за време на карантинот не сум преминал од една во друга и поризична старосна група и веќе ми е доцна за излегување. Времето чудно минува во изолација. Денот ти е долг и никако да помине, а инкубационен период од две недели летнува „дур да ка’еш Венко“.

Откако ја комплетирав основната разузнавачка аналитика, на ред дојде логистиката. Маски имам, не се многу, ама конечно најдов од оние евтините што се перат и се пеглаат.

Уште ме болат парите, точно 345 денари, што ги дадов за маската што можела да се користи само два дена, евентуално три, ме тешеше аптекарката. Тогаш дилемата беше лесна, да одвојам по стотина денари дневно за заштита или, пак, Филипче да ме чита на прес. Како попче ја купив „солената“ маска, плус цело пакетче „септолете“ без шеќер за секој случај и чај од камилица за инхалација.

Ставив ракавици и излегов по балсамико. Надвор морници ме полазија оти на мојата улица немаше никој, буквално пиле не прелетуваше.

„Овие 5G-активистите биле у право!“, се пошегував и така малку се подразочарав што немаше кој да ми ја чуе шегата.

Деновиве предизвик е да возиш безбедно дури и до маркет. Има луѓе, дечишта да бидам попрецизен, што ќе стават маска со дезен што им одговара со бојата на кошулата и возат по „сто на саат“, зашто улиците реално се полупразни. Треба некој да им каже оти маските не само што целосно не штитат од корона, туку уште помалку вршат работа при сообраќајка.

Пред маркетот веќе ме чекаше долга редица.

„Диши длабоко, ништо страшно. Ко цел цивилизиран свет ќе држиме социјална дистанца“, си помислив додека повеќето дисциплинирано чекаа во редот.

И тогаш дојде еден „чикица“. Се направи наудрен и застана најблиску до вратата.

Тој, ете, не знаел што е со редицава, од каде, пак, сега гужвава. Погледнуваше лево и десно, па во часовникот – демек ние другиве требаше да сфатиме дека му се брза некаде. Се туфкаше, трупкаше во место и се чешкаше по глава. Промрмори нешто неодредено за ситуацијава, а ми се чу ко да рече:

„Го лажат народот!“

Никој не му врати на муабетот, ама него не му текна оти тоа е сигнал да се нацрта на крајот од колоната.

Се пикна прв и преку ред. Онаа група што влезе со него немаше ништо против, луѓето си бркаа работа, а мене ми помина нервозата кога по десет минути излезе со две полни кеси в раце и со погледот закован за земја.

Внатре во маркетот брзо и во слалом минував крај рафтовите со производи за кои претпоставував дека можеби се најчесто допирани и враќани. Ги избегнував и оние малку муштерии без маска на кои од око – ама биометриски прецизно им го одредував ризик-факторот.

„Висок дечко со бел стегач на глава? Бил на скијање во Италија!“

И додека го барав оцетот, забележав еден другар од средно како стои на другиот крај од маркетот и чека да ни се сретнат погледите преку коридорот од долгите рафтови. Обично кога ќе се видиме срдечно се поздравуваме и врзуваме по некој чамче-муабет.

Сега се ежам кога на телевизија ќе видам како се ракуваат, а веројатно и пријателов го тресат слични паранои.

Неколку секунди незгодно си трепкавме, па тој нешто довикна, а јас демек го разбрав и секој си отиде на своја страна. После се сретнавме кај фрижидерот, речиси се удривме со рамениците, ама таму се направиме ко да не се познаваме.

Конечно го зедов шишето балсамико, собрав уште по некоја ситница и тргнав кон касата.

Редицата не беше толку долга, колку што секој купил по една планина намирници. И овде имаше такви што стојат од страна, демек се мислат што да докупат, а всушност ја чекаат првата шанса да се мушнат во редот.

Во време на општа шопинг-хистерија пред каса луѓето со обвинувачки погледи ти ја скенираат корпата за да видат дали си купил вишок тоалетна или, не дај Боже, брашно. Ако треба сега да купувам брашно, ќе влезам во маркет со транспарент:

„Брашното ми е за палачинки!“

Тука сфатив дека може да заглавам по скратениот полициски час. Ме фати паника, почнав тешко да дишам и свртев неколку од најлошите можни сценарија. Малку фалеше да ѕвонам во МНР и да барам репатријација од КАМ. Па, наместо дома да завршам во карантин и без оцетот.

Среќа тоа не се случи и безбедно се вратив дома. По сите сложени ХТЗ-процедури во купатило, како што се агресивното миење раце и дезинфекција со елементи на оbsessive–compulsive disorder, денот конечно можеше да почне. Имав неизгледано две прес-конференции на Венко, една комбинирана дебата со епидемиолог и со клинички психолог и сериозно заостанував со лајкање мемиња.

А, си направив и салата со балсамико.