Вести

Половина од употребените вакцини се од кинеските производители

Без вакцинираните во странство, над 500 илјади се целосно имунизирани

Околу 55 проценти од ковид-вакцините што досега се употребени во Македонија потекнуваат од Кина, од производителите „Синовак“ и „Синофарм“. Овој податок произлегува од податоците што БИРН ги доби од Министерството за здравство.
Заклучно со 21 август годинава, искористени биле нешто повеќе од 382.000 дози од вакцината на „Синовак“ и речиси 300.000 од онаа на „Синофарм“.

По поединечен производител најмногу аплицирани дози има од вакцината на „Фајзер“, нешто преку 400.000.
Во пунктовите за имунизација низ државата дадени се и речиси 108.000 дози „АстраЗенека“, а најмалку е користена руската „Спутник В“, употребени се само нешто повеќе од 45.000 вакцини.

Процесот на имунизација се засили откако властите забранија влез на невакцинирани лица во кафулиња, ресторани, молови и на културни и спортски настани. Во двете недели откако се воведени рестрикциите, бројот на аплицирани вакцини порасна за 20 проценти, односно од 15 август до вчера дадени биле речиси 200.000 дози, и сега бројката на вкупно употребени вакцини е приближно 1.236.000.

Заклучно со вчера, бројката на вакцинирани со две дози надминува 531.000 граѓани, меѓутоа во овој збир не влегуваат луѓето што се вакцинираа во соседните земји. Проценките што кружеа во јавноста се дека во Србија, каде што најмногу одеа нашите граѓани, се вакцинирале неколку десетици илјади македонски државјани.

Министерството за здравство нè информира дека во моментов располага со вкупно 361.000 вакцини од тројца производители, и тоа 135.000 од „Синовак“, 124.000 од вакцината што во државава се дава само на повозрасните од 60 години – „АстраЗенека“ и 102.000 дози од можеби најбараната вакцина – онаа на „Фајзер“.

Македонија има договор со производителот „Бионтек/Фајзер“ да добие 800.000 вакцини оваа година, од кои повеќе од половината се пристигнати и добар дел аплицирани, додека најголемата поединечна пратка што ја обезбеди државава беше онаа од кинескиот производител „Синовак“ од половина милион дози.

„До крајот на годината треба да се испорачаат останатите вакцини што ги обезбедивме во директни преговори со компанијата ‘Фајзер’ и вакцините обезбедени преку ковакс-механизмот“, велат од Министерството.
Преку механизмот Ковакс досега, во неколку наврати пристигнаа вакцини од производителот „АстраЗенека“, а дози од истата вакцини ни донираа неколку членки на ЕУ.

Македонското Министерство за здравство уште во март годинава најави дека се договорило со рускиот производител да добие 200.000 дози, меѓутоа сè што пристигна се 6.000-те дози во мај.
Оттогаш, од нашите власти нема информација што се случува со оваа набавка, а од амбасадата на Русија велат дека не поседуваат информации за конкретните рокови на испораки на вакцините „Спутник В“.

„Поаѓаме од тоа дека Рускиот фонд за директни инвестиции ги исполнува своите обврски кон странските партнери, со оглед на обемот на постоечките нарачки и производствените капацитети на фармацевтските компании што произведуваат лекови, како и земајќи ја предвид програмата за имунизацијата на населението, која во моментов се спроведува во Русија,“ се вели во одговорот на амбасадата до БИРН.

Најголем дел од вакцините на „Спутник В“ што се искористени во државава се оние 40.000 дози што ни ги донираше Србија.