Вести

Промени во порталот Нoва ТВ

„Предизвик ми е влезот во медиумскиот простор“, вели за БИРН новиот сопственик

  • 8
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Првиот човек на нафтената компанија „Супертрејд“, Владимир Стајиќ го купи порталот Нова ТВ од четворицата искусни новинари, кои по затворањето на телевизијата А1 го основаа медиумот во политички-турбулентната 2011 година.

Промената во централниот регистар беше регистрирана на 27 април годинава.

Неполни четири месеци подоцна, на фан-страницата на Нова се појави известување, со кое порталот информира дека содржините ќе бидат привремено недостапни.

Причината беше изработка на новиот изглед на сајтот, кој oсамна со ново лого и со нови имиња во редакцијата.

За главна и одговорна уредничка е назначена новинарката, која долго време помина во телевизијата Канал 5, Мирјана Трпчевска.

Новиот газда на медиумот, Владимир Стајиќ, за БИРН, вели дека мотивот за да го купи порталот бил предизвикот што го нудат онлајн-медиумите.

На прашањето дали гледа економски бенефит, со оглед на тоа што медиумите со децении кубурат со пари, вели дека секој бизнис може да биде рентабилен „доколку сте иновативни и креативни“.

Разработиле повеќе опции за тоа како ќе продолжи порталот да работи, но засега одлучи да не ги открие.

„Кога ќе ги дефинираме рамките, јавноста ќе може непосредно да го добие одговорот на вашето прашање“, вели Стајиќ на прашањето што ново ќе понудат на медиумскиот пазар.

Интернет-просторот го доживеал како „инспирација за создавање нови вредности“.

Тоа што бизнисмени одлучуваат да влезат во моќниот и скап, но тешко исплатлив медиумски бизнис, не е непознато во македонскиот медиумски пејзаж. Напротив, стана децениска пракса.

Новиот газда на Нова ТВ своевремено го поврзуваа со бизнисменот Јордан Камчев, а денес, пак, чаршијата го поврзува со актуелната власт.

Не сака да ги коментира поврзувањата и гласините за клиентелистички релации со актуелните политички гарнитури.

„Нашата компанија е семејна компанија и постои 30 години и никогаш не зависела од тоа кого познавам или која партија е на власт, туку од професионалното работење и од добрите бизнис-практики и не би сакал да давам одговор на шпекулации“, тврди тој за БИРН.

Како почна Нова

Старото и новото лого на порталот | Илустрација: БИРН

Неколку месеци по згаснувањето на телевизијата А1, новинарите од овој медиум се распрснаа на сите страни.

Неколкумина од нив: Борјан Јовановски, Сашка Цветковска, Биљана Секуловска и Менче Атанасова-Точи заеднички основаа портал под името Нова ТВ.

Правно регистриран во октомври 2011, Нова, под името „Видео веб продукција“, првите содржини почна да ги објавува во 2013 година, кога е регистриран и јутјуб-каналот.

Покрај вести, се емитуваа и студиски содржини, интервјуа, анализи, стории, изјави и прилози.

Во колумна од јануари 2013, Нова го најавува своето постоење како реакција на атмосферата во која „секој еден фрејм е окупиран од партиската пропаганда и фамозните владини кампањи“.

Пишаа и дека со оглед на можностите со кои располагаат и од условите во кои работат, „Нова“ ќе се позиционира на маргините, но таа позиција ја прифаќаат како комплимент.