Вести

Сведочењето на Камчеви клучно за судиите да го забетонираат „Рекет“

Aпелација ја објави пресудата за Јанева и Јовановски

Скопска Апелација на веб-страницата ја објави пресудата со која што ја потврди првостепената пресуда во мегаекспонираниот случај „Рекет“.

На 17 од 25 страници, колку што има пресудата, петтемина судии образложиле зошто сметаат дека Катица Јанева и Бојан Јовановски се виновни за кривичните дела кои им беа ставени на товар и со кои беа осудени на седум, односно девет години затвор.

За судиите постапката е законита, а фактите правилно биле оценети и поединечно и во целина.

Судејќи според образложеното, пресудни за потврдувањето на пресудата биле сведочењата на брачната двојка Камчеви, на обвинителките Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, на референтката што ги вадела парите од сметките на фирмите на Камчеви, а од доказите верба им поклонил на снимките кои Камчев ги направил во неговиот дом, како и фотографиите и пораките од мобилниот телефон на Јовановски.

Неспорно за судот е дека во торбата Луј витон околу која се вртеа многу контроверзии и која која осудениот Зоран Милевски Кичеец ја изнесува од домот на Камчев имало евра, а Јанева ургирала за полесна позиција на Камчев.

За тоа, според пресудата, примила 50.000 евра и подарок гарнитура, кои ѝ се конфискуваат.

Во пресуда се цитира и доказот – „видео-снимка пронајдена во домот на Боки 13, „на која се гледа како обвинетата лежи на гарнитура а на клуб масичката има пари во странска валута евра, за што судот оправдано прифатил дека овие пари во евра преставуваат принос од злоупотребата на службената положба и овластување од страна на обвинетата и неспорно заклучил дека гарнитурата е ‘подарок’ за сработеното“.

Јовановски веќе е префрлен во затворот Идризово на издржување на затворската казна.

Јанева може од гевгелискиот суд, кој е месно надлежен, да бара одлагање на извршувањето на казната поради причини кои се наведени во Законот за извршување санкции.

Нив од затворската казна им се „минусира“ времето поминато во притвор и куќен притвор. Одбраната веќе најави дека ќе поднесе вонреден правен лек до Врховниот суд за нивните клиенти.

Јанева е осудена дека ја злоупотребила службената положба и овластување, а Јовановски дека примил награда за противзаконско влијание и перење пари.