Анализи

Неодговорените прашања во „Рекет“

Мегааферата пред пресуда, многу факти останаа неразјаснети

  • 12
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Со завршните зборови закажни за утре, па прeзакажани за 25 и 26 мај, финишира првиот чин од мегааферата „Рекет“ за изнуда од Орце Камчев, тешка милион и пол евра, во која се обвинети личности што до вчера ѝ припаѓаа на естрадно-политичката и правосудна елита, популарните Бојан Јовановски-Бoки 13 и Катица Јанева, ексшефицата на згаснатото специјално јавно обвинителство.

Врз основа на искажаното на над 30 рочишта, обвинението, исказите на сведоците и на обвинетите може да се заклучи дека досегашната судска постапка не го надмина ефектот на Рашомон – според кој на настанот му се даваат спротиставени описи и толкувања, во зависност од тоа кој ги кажува, за на крајот сите да имаат свои верзии за тоа што се случило.

Кон ова придонесе и фокусот на медиумското известување за случајот, кој помалку беше насочен кон доказите и фактичката состојба, за сметка на тоа, кој, што и кому му рекол во судницата.

„Рекет“ од првиот ден е на насловните страници на медиумите | Фото-колаж: БИРН

Една година откако Камчев го пријави случајот кај обвинителката Русковска, различните вистини продолжуваат паралелно да постојат: на обвинетите дека се жртви на мајсторски изрежирана операција за уништување на СЈО и спасување на оние што тоа обвинителство ги гонеше, во прв ред спасување на милионерот Орце Камчев, но и онаа на Камчеви и на обвинението – дека Јовановски и Јанева се полакомиле за парите на еден од најбогатите Македонци.

Но, судењето покажа дека пари кај Јанева има само на фотографија, a најголемиот дел од еврата од торбата „луј витон“ не се пронајдени. Ова се само две од отворените прашања што не добија одговор во текот на постапката.

Доказите со кои Обвинителството ја гони Јанева пред судот, во најголем дел не беа директни, туку посредни. Oд друга страна, ниту Јанева, ниту Јовановски не ја искористија неколкучасовната одбрана со јасни искази да ги побијат сведочењата на Камчеви.

Од предканцерогена состојба до амбиција за политички ангажман

Секое рочиште за „Рекет“ го следеа театралност и дофрлања| Фото: Роберт Атанасовски

116/19. Овој број на јавноста не ѝ значи ништо, но тој број, пет месеци стоеше на огласната табла пред судницата во Кривичниот суд за да ги означи термините за судењето, кое доби популарно име „Рекет“. Иако редоследно тоа значи дека е 116. предмет за организиран криминал во 2019 година, уште пред да се отвори „Рекет“, стана случај број еден, бидејќи има, не само правосудни, туку и политички, општествени и морални импликации.

Ексцентричниот, неформален сопственик на згаснатата „1ТВ“, Бојан Јовановски е обвинет дека со посредништво на Зоран Милески, во два наврати, зел вкупно милион и пол евра од семејството Камчеви за да влијае врз шефицата на СЈО, Катица Јанева.

Таа, пак, наместо како обвинителка, по 16 години обвинителска кариера, во судот влезе како обвинета, бидејќи, како што пишува во обвинението, му ја олеснила положбата на Камчев во предметот „Империја“, злоупотребувајќи ја службената положба, а за тоа добила 50.000 евра и мебел.

По 34 одржани и 6 одложени рочишта, судењето дојде до крајот, а двајцата обвинети пријатели треба да дадат завршни зборови и да ја чујат пресудата.

Од првиот ден, врнежливиот декемвриски вторник, кога Јанева ја донесоа од куќен притвор со полициско комбе во судот, па сè до крајот, судскиот процес го следеа: театралност, упаѓање во збор, навреди… Впечатокот кај тие што го следеа е дека станува збор за судско шоу во серијал, полно со досетки и дофрлања.

Во еден дел од тие рочишта, особено на почетокот, фокусот беше здравствената состојба на обвинетиот Јовановски. Јавноста памети дека неговиот бранител, а и тој самиот, постојано повторуваа дека има здравствени проблеми, се најавуваа најстрашни дијагнози, се викаше Брза помош во судницата и постојано се бараше домашен притвор.

Популарниот „Рекет“ не е изнуда

Поимот „рекет“ е несоодветен за природата на обвинението, бидејќи такво дело во Кривичниот законик не постои. Еквивалент на народскиот „рекет“ во нашиот Кривичен законик е изнуда што е различно кривично дело и подразбира користење сила или закана за да се добие одредена корист.

Бранителот на популарниот Боки 13, Сашко Дуковски, дури рече: „Утврден е карцином, односно рак на желудникот. Се очекува потврдување на фактичката состојба“.

Откако се покажа дека судот нема намера да го пушти дома, ги снема и поплаките за болки и болести, а Јовановски нa крајот, со уверлива реторика, триумфално најави политички ангажман и како „иден лидер“ побара од судот да му ги објавуваат соопштенијата.

„Целта ми е сите политички малверзации во оваа држава да ги посведочам за да станам лидер на нова, европска Македонија“, рече тој.

Првично сведочеа петнаесетина сведоци, кои ги предложи обвинителката Вилма Русковска. Први на листата беа брачната двојка Камчеви, поранешни обвинители од тимот на Јанева, бизнисмени, благајничката кај Камчеви, продавачка на мебел, судијка, новинар…

Во судот продефилираа и долгогодишните медиумски пријатели на Јовановски, Лила Филиповска, стилистот Сергеј Варошлија и „споредни“ ликови за утврдување на фактите, како што се бизнисмените Зоранчо Митровски, Томе Главчев, адвокатот Сашко Бошков.

Неистражени снимки на Јутјуб

Додека траеше судењето, на Јутјуб се појавија нови снимки од анонимен канал наречен „Фид демокраси“. На нив се слуша гласот на Камчев како говори за случајот „Рекет“. До крајот на судењето остана нејасно кој ги објави, иако бранителите побара, но судот не дозволи да бидат докази.

Јанева за сведоци ги повика обвинителите што таа лично ги избра во СЈО, но судењата кога тие сведочеа, беа затворени за јавноста, бидејќи се изнесувале доверливи податоци за предистражните постапки.

Сепак, за сведоци не беа повикани синот на Јанева, за кого Камчев тврдеше дека бил „лостот за уцена“, бидејќи Јовановски наводно му покажувал договори за бизнис-планови со потпис на Лазар Јанев, ниту бизнисменот Дејан Панделески, за кој беа презентирани пораки кои укажуваа дека се одвивале некакви условени трансакции меѓу него и Јовановски.

Но, она што најмногу привлече внимание беше отсуството на сведочење на човекот, кој од прва рака директно беше дел од случувањата, третообвинетиот Зоран Милески.

Чудниот третман на Кичеец

Улогата на третообвинетиот Зоран Милески со прекар „Кичеец“ во целиот случај е круцијална. Тој е ликот што ја носи скапата чанта од брендот „луј витон“, во која, како што сведочеше Камчев, имало милион евра прекриени со весници.

Станува збор за човек за кој се смета дека улогата на „посредник“ му е професија. Неговата биографија говори за необјаснив подем од телохранител, до бизнисмен со силни врски во политичкото и бизнис-подземје.

Последен пат се јави во нелегално објавените снимки од средба со Христијан Мицковски – снимки што треба да ѝ послужат на владејачката СДСМ за дискредитација на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Аферата „Рекет“ го затекнува во улога на близок соработник на Камчев. За неговото посредништво сведочеа и Камчеви. Ана Камчева раскажа дека на сите средби со Бојан секогаш бил присутен и Милески, а тој бил ликот што првично ѝ позајмил 150 илјади евра, за да му ги однесе на Бојан додека нејзиниот сопруг бил во затворски притвор.

Меѓутоа, и покрај можноста да говори за случувањата од прва рака, судењето за Кичеец заврши само што почна. По признанието за вина, судот пресуди дека е виновен и неправосилно го осуди на три години затвор за примање награда за противзаконско влијание.

Обвинителството не се жалело за висината на казната, потврдија неговите адвокати за БИРН. Во пресудата за Милески напишана на 10 страници, не беа изведени докази и не беа сослушани сведоци, бидејќи тој призна вина.

Милески од неодамна е на слобода, откако понудил гаранција над 200 илјади евра, и ја чека правосилноста на неговата, а ќе чуе и какви пресуди ќе добијат Јовановски и Јанева.

На прашањето на БИРН зошто за сведок не е повикан човекот што бил директен посредник и учесник во случувањата, обвинителката Русковска рече дека неговото сведочење за обвинителството не било потребно.

„Проценка е дали некого ќе повикаш за сведок или не. Моја беше дека мене не ми е потребен затоа што имам доволно докази и секој дополнителен сведок доведува до одолжување на постапката“, рече таа додавајќи дека очекувала Милески да го викне одбраната.

Меѓутоа, ниту обвинетите не сметаа дека е потребно да го повикаат да сведочи, што, за Русковска е логично, бидејќи „целата одбрана на Јовановски се потпира на обвинувања на Милески“.

„Доколку го повикаа сигурно Бојан Јовановски, немаше да може така да ја дава својата одбрана“, заклучи Русковска.

Бојан Јовановски, во сведочењето го ослови Милески како „агент-провокатор“, кој свесно му се доближил и како што кажа, му влегол под кожа за да го злоупотреби.

Неговата одбрана се темелеше на наративот дека сценариото за изнуда му го напишал лично Орце Камчев, со помош на како што рече „оперативецот“, Зоран Милески, кој бил упорен во договарање на средбите, за да го „обработи и да постигне цел и агенда“.

„Овој предмет е направен за рушење на „Империја“ и на СЈО и за дискредитација на Катица Јанева“, заклучи Јовановски, во неговата одбрана.

Кај Јанева не се oдземени пари

На Јанева ѝ е одземена чанта „луј витон“ со златни иницијали КЈ | Фото: Роберт Атанасовски

Само една недела по апсењето на Јовановски, италијанскиот десничарски весник „Ла Верита“ ги објави првите снимки од домот на Камчеви, па Бојан го доби и италијанскиот превод на тринаесетката „тредичи“.

На снимките се гледа листа со пребројани банкноти, женски раце како бројат евра и чанта „луј витон“. Половина од милионот, според листата, бил исплатен во банкноти од по 50 евра, а останатиот дел во банкноти со апоени од 100, 200 и 500 евра.

Следните снимки беа од надзорните камери на Камчеви, на кои се гледа како на 20 февруари 2019 година, Јовановски и Милески излегуваат од неговиот дом, а Милески изнесува чанта „луј витон“.

Во последниот дел беше објавен и краток разговор снимен од мобилниот телефон на Камчев, на кој се слуша гласот на Јовановски, кој говори како небаре тој да е шеф на СЈО, па вели: „СЈО нема да се жали“, „Апелација ќе ве одбие“ и сл.

Империја со „лет во место“

Истрагата за случајот „Империја“, врз што се темелеше предметот „Рекет“, не мрднала од мртва точка дознава БИРН од извори во Обвинителството. Биле преземени одредени дејствија, но тоа е „лет во место“. Идентична судбина имаат и останатите предмети од СЈО.

Подоцнежните објавени снимки, на огромно изненадување во јавноста, го открија и  гласот на Јанева, каде што, во нејзин манир на лаконски говор, на спикерфон вели: „Не се секирај, сè ќе биде ОК“ и „Лиле е под моја контрола“.

Адвокатите на Јанева тврдат дека тие снимки не се вештачени и дека неосновано се прави причинско-последователна врска меѓу снимката со парите и снимката од надзорните камери, иако нема доказ дека таа врска постои.

Дополнително тие  ја отворија и дилемата дали на снимката навистина се гледа само чанта, или чанта полна со евра.

Бранителите на Јанева инсистираат и на тоа дека пари во судот не се покажани и не се вештачени, односно дека нема доказ оти Јанева примила пари, а оттаму ниту мотив и умисла да го изврши кривичното дело.

Во обвинението на 58 страници се ставени предлози да им се одземат предмети на обвинетите, ама кај Јанева нема одземено пари, туку само компјутери, хард-дискови, 12 мемориски уреди, три телефони, сим-картички и мебел. Одземена ѝ е чанта „луј витон“ со златни иницијали К.Ј.

Пари се одземени, но од Бојан Јовановски, и тоа банкноти во различен износ наведени со сериски броеви, заедно со мебел и луксузна гардероба и уметнички слики.

Како крунски доказ на обвинението за земени пари од Јанева, во судот беа презентирани фотографија и видеа, кои небаре папарацо, Јовановски ѝ ги направил на неговата пријателка. На нив се гледа Јанева фотографирана и снимена како седи дома замотана во ќебе, а на масата пред неа има банкноти и врзопче, на кое пишува 50.000 евра.

Јанева не гледа во телефонот што ја снима и само вели: „Како ќе одлучат, така ќе планираме“. За неовластено снимање, пред самиот крај на процесот, ексшефицата на СЈО му поднесе и приватна кривична тужба на Јовановски, во обид да докаже дека незаконски била снимана и фотографирана.

Обвинителката Русковска, одговарајќи на новинарско прашање на БИРН дали има доказ дека ексобвинителката ги добила овие пари, кои наводно биле предмет на уцена на Камчеви, кажа дека не било важно чии биле парите на фотографијата, но тврди дека „Јанева добила пари“.

Беше презентирана и слика во ресторанот „Ден и ноќ“, каде што во апартман живееше Јанева додека го формираше тимот, на која става плик во чанта, но остана енигма што имало во пликото.

На товар на Јанева ѝ се става уште една корист – дека добила мебел од Јовановски како подарок за олеснетата положба на Камчев. Таа, пак, во своја одбрана рече дека за мебелот има каса-прими, која е доказ дека тој е платен, а не добиен на подарок.

Каде се преостанатите 850 илјади евра од милионот?

Камчев преку адвокат уште на првото судење си ги бараше парите | Фото: Роберт Атанасовски

9570 евра, 7980 евра, 1440 евра… Ова се суми од фискалните сметки, од кои се гледа дека на патувањето во Милано, кое се случи непосредно по посетата на Камчеви, Боки 13 со мајка му и нејзината пријателка, потрошиле над 150 илјади евра. Тие пари, според Обвинителството, биле дел од милионот со кои Јовановски се луксузирал на патувањето во Италија.

Одбраната тоа се обиде да го оспори со сведокот на Јованоски од Србија, Александар Радуловиќ, како и неговиот личен возач. Тие пред судот изјавија дека непосредно пред да заминат за Италија биле на пријателска вечера во Белград. Случајно или не, Боки 13 добил пари во истиот износ од Радуловиќ како оној што го потрошил во Италија за да купи гардероба и скапи лекови за сопругата. Но, пред судот не приложија писмен доказ дека парите биле од нив.

„Рекет 2“ пред почеток

За Бојан Јовановски почнува ново судење за предметот „Рекет 2“, во кое, покрај него, обвинети се и неговиот татко, Јасна Мандиќ и експотпретседателката на Собранието, Фросина Ременски.

Покрај овие 150 илјади евра за кои се расправаше во доказната постапка дали се парите од Камчев, јавноста до крајот на судењето не дозна и каде е преостанатиот износ од 850 илјади евра од вкупно еден милион, колку што се тврди дека имало во чантата „луј витон“.

Во обвинението пишува дека со парите од рекетирањето, Јовановски купувал гардероба и скапи уметнички слики, но одбраната и тоа го оспори. Сведок од уметничка галерија рече дека сликите не биле на Јовановски, туку на галеријата.

„Имам реверс дека сум му дал уметнички дела на Јовановски. Тоа е пракса на секоја галерија, се обидуваме на секој начин да се испромовираме. Не беа репродукции, туку оригинали“, рече сопственикот на галеријата, Александар Кртов, како сведок на одбраната.

Во делот на доказната постапка, во еден миг, судницата се претвори во модно ателје, каде што обвинетиот разгледуваше негови слики од Инстаграм од пред неколку години, во обидот да докаже дека само 5 проценти од неа ја купил во периодот ноември 2018 – април 2019 година, а дека останатиот дел ја купил многу години порано.

И сведоците на Боки 13 тврдеа дека му биле подарувани скапи парчиња облека, очила и накит.

Јовановски и Јанева не одговорија на клучни прашања

Остана енигма чии се и што барале еврата во домот на Јанева | Фото: БИРН / В. Маглешов

Јанева за СЈО, Јовановски за „1ТВ“. Најмногу време од одбраната, обвинетите наместо да говорат за оние докази со кои им се става на товар обвинението, потрошија часови за да говорат на теми што им лежат, а тоа се згаснатото СЈО и телевизијата, каде што Јовановски тврди дека бил прокурист.

Од нив јавноста и судот очекуваа да одговорат на други клучни прашања за целосно расветлување на фактичката состојба.

Така на пример, Јанева во одбраната не одговори на основното прашање чии се и што барале 50.000 евра на масата во нејзиниот дом каде што ја фотографирал Боки 13, потоа, дали добиле од Ана Камчева 500 илјади евра во кутија за чевли, што имало во пликото со кое е фотографирана?

Во одбраната, Јанева се осврна на пријателството со Бојан Јовановски, а за Орце Камчев рече дека е лукав човек и дека не бил таргет на слушање во СЈО, туку како што кажа, „неговите миленички“.

Но, ексобвинителката не рече ниту збор за некакви средби со Ана Камчева во домот на Јовановски во населбата Орман, и дали на тие средби биле примопредавани пари за да му се олесни положбата на сопругот на Камчева.

Пријатели до крај

Судејќи и по сведочењата, но и по гестикулациите додека траеја рочиштата, Јовановски и Јанева и натаму се пријатели. Тие разговараа пред почетокот и за време на паузите од рочиштата. Тој не штедеше епитети за Јанева нарекувајќи ја „правдољубива“, а таа го следеше со насмевка неговиот говор за политичките амбиции.

Исто така, остана нејасно зошто поранешната обвинителка, наместо од продажен салон, решила да набави нов мебел преку Бојан Јовановски, кому тврди дека му се раздолжила за таа намена.

Во идентичен манир, Јовановски говореше дека немал влијание врз уредниците во телевизијата, дека бил и сценограф и организатор во медиумот и сл.

По тврдењето дека не знаел што има во чантата „луј витон“ бидејќи била затворена, судијката мораше да го потпраша дали не го заинтригирало што има во торбата. На тоа тој рече „Не разговаравме ништо за таа торба. Не сум ја допрел торбата“.

На крајот, судот ќе мора да ги цени доказите поединечно и во целина, но и да се апстрахира од фактот дека за голем дел на јавноста и Јовановски и Јанева се веќе одамна прогласени за „рекетари“ , а се лицитира само со бројот на годините затвор.