Анализи

„Рекет“ во сенка на тривијалноста

Ново продолжение на реалното шоу во Кривичниот суд

Навреди, поговорки, дофрлања, лични коментари, повишен тон… Наместо утврдување на фактичката состојба за тоа дали имало уцена, судските рочишта за предметот „Рекет“ кој речиси е пред самиот крај, се сведуваат на непристоен речник меѓу странките во постапката, па новинарите добиваат впечаток дека небаре гледаат епизода од реално шоу со примитивно ниво на комуникација.

Па така, само во „последната епизода“ во Кривичниот суд, обвинетиот Бојан Јовановски, тврдејќи дека е инспириран од изрека на Гоце Делчев за подeленоста на народот што ја цитираше обвинителката Русковска, реферираше на цитатот на Иво Андриќ за времињата во кои паметните замолчуваат, а фукарите се збогатуваат. На тоа следуваше дофрлање од Русковска дали Јовановски под „фукара“ мисли на себе.

Медиумските објави беа повеќе таблоидни и насочени кон воведниот говор на Русковска за филмот со „Чарлиевите ангели“, на театралното рочиште каде Јанева упати лични навреди кон нејзината колешка, Лиле Стефанова, како и кон честите дофрлања меѓу адвокатите и обвинетиот и обвинителката, отколку кон суштинските прашања поврзани со тоа што навистина се случило.

Имајќи го предвид фактот дека првообвинет во случајот е поранешниот шоумен и неформален сопственик на телевизијата 1ТВ, Бојан Јовановски, дел од јавноста, барем ако се суди по социјалните мрежи, уште пред да почне судењето очекуваше да гледа циркус кој би можел да се спореди со популарните турски сапуници, што се покажа како реално.

Во досегашниот тек на судењето судиите и поротниците, како и јавноста, малку можеа да чујат аргументи кои се во насока на разјаснување на тоа што се случило меѓу обвинетите Јовановски и Јанева и пријавувачите, брачната двојка Камчеви. Наместо тоа, тие слушаат искази поврзани со средби, контакти и лични врски на обвинетите, кои немаат суштинско влијание за докажување или пак негирање на тезата на обвинението.

Јавноста слушна искази дека популарниот Боки 13 е „модно освестен“, дека „светски реномирани креатори му донирале облека“, дека сакал „од 135 килограми да стигне 70“, дека „добил торта за роденден“ и сл.

Впечатокот од досегашното сослушување на сведоците, за предметот кој лани ја стресе Македонија и го затвори СЈО, е дека како што случајот навлегува во својата завршница, така се испитуваат сведоци кои имаат сè понезначителна и посимболична врска со предметот за уцена, кој медиумите го популаризираа со кодно име „Рекет“.

Хирургот и возачот на Бојан Јовановски меѓу последните сведоци во „Рекет“ | Фото: БИРН

Ова особено ако се земат предвид сведочењата на водителката Лила Филиповска која говореше за нејзиниот заем и донација што немаше врска со предметот или апелациската судијка, Мери Дика која сведочеше за патувањето во Италија, а не за кривично-правниот настан. Хирургот од болницата на Камчев, „Систина“, пак сведочеше за операцијата која му jа направил на Јовановски, стилистот и пријател на Бојан, Сергеј Варошлија за нивното пријателство и навиките за купување брендирана облека на Јовановски, сопственичката на оптиката каде што тој купувал и добивал очила како подароци.

Сите овие сведоци дополнително го одвлекоа вниманието од главните прашања и директно не придонесоа да се расчисти дилемата за тоа дали имало обид за противзаконско влијание, перење пари или злоупотреба на службената положба и овластување.

Остана енигма на која околност обвинителката Вилма Русковска ги повика да сведочат бизнисмените Томе Главчев, Зоранчо Митровски и адвокатот Сашо Бошков, како и други имиња кои се најдоа на листата сведоци, а судот ги прифати и ги сослуша, иако тие не се директно позврзани со случајот „Рекет“.

Најмногу детали за фактичката состојба досега изнесоа брачната двојка Камчеви, сметководителката во нивните фирми што ги броела парите, во делот на постапувањето на СЈО тоа го направија и обвинителките Лиле Стефанова и Елизабета Јосифовска, како и шефицата на кабинетот на Катица Јанева…

Тезата која одбраната на Јовановски се обидува да ја пласира низ испитувањето на сведоците е дека парите кои тој ги трошел не биле од уценување туку од неговата баба, од сопругот на пријателката во Белград, како и тоа дека тој многу пред оваа афера, купувал брендирана гардероба и дека алиштата и додатоците кои Русковска ги одзеде, не се купени со пари од кривичното дело.

Впечатливо е што во обвинението на Русковска пишува дека Јовановски купувал и вредни уметнички слики од познати македонски сликари, со парите од кривичното дело, но галеристот што го предложи обвинетиот, кажа дека сликите во станот на Јовановски, биле земени на реверс за што покажа и документ, што го проблематизира овој дел од обвинението. Возачот и стилистот на Јовановски, пак, сведочеа дека некои од запленетите алишта при неговото апсење биле нивни спакувани во еден куфер.

Русковска, пак, преку материјалните докази (особено фискалните сметки), досега се обиде да докаже дека Јовановски, неговата мајка и кума, откако ја зеле торбата Луј Витон во која имало пари од уцената, во Милано за три дена потрошиле над 148 илјади евра.

Од изведените материјални докази, се чини највредни за утврдување на фактите беа вештачењата од телефонската комуникација на Јовановски со други лица, кои не се обвинети во постапката. Таму на екраните во судницата можеа да се видат пораки со документи од СЈО кои Јовановски ги разменувал со трети лица.

Одбраната на ексшефицата на СЈО, Катица Јанева, досега е мошне внимателна и резервирана и во позиција ретко да им поставува прашања особено на сведоците кои ги предложи Јовановски. Она што би можело да се очекува во нивната стратегија е дека тие би биле погласни кога ќе стигнат на ред нивните сведоци, меѓу кои се поранешните колеги на Јанева, обвинителите од СЈО.

Со обвинението се тврди дека Бојан Јовановски противзаконски посредувал кај шефицата на СЈО и перел пари за повластена позиција на Камчев, а Катица Јанева ја злоупотребила службената положба. Преостануваат уште неколку сведоци кои ги предложи Јовановски, како и сведоците на Јанева.

Судејќи според датумите кога се закажани рочишта и ако нема дополнување на доказите, можно е уште во март да бидат закажани завршни зборови, по што судот треба да донесе пресуда за случајот, кој влезе и во Извештајот за напредокот на државата.