Анализи

Броење на иселените

Една од причините зошто никој не знае колку луѓе живеат во Северна Македонија е тоа што никој не знае колку луѓе ја напуштиле

  • 6
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Една од причините зошто никој не знае колку луѓе живеат во Северна Македонија е тоа што никој не знае колку луѓе ја напуштиле земјата, особено по последниот попис во 2002 година.

Проблемот е како да се дефинира кој сѐ ќе се брои како Македонец за да се изброи колку Македонци живеат во странство. Дури и ако ги броите само тие што имаат македонски државјанства, набргу ќе увидите дека расположливите податоци се нецелосни и неверодостојни.

Непотврдените бројки се вткаени во политичката дебата како да се точни или потврдени. Малкумина разбираат дека бројките што се цитираат од инаку доверливи организации, како Светска банка или Обединетите нации, се груби пресметки.

Причината е што тие организации не собираат свои податоци, туку мора да се потпираат на бројките од други места.

Првото нешто што треба да се разбере е на кого точно се мисли или кој точно се брои. Дали зборуваме за етнички Македонци, државјани на Македонија или за потомци на луѓето што порано ја напуштиле Македонија?

Ако е последното, тогаш е важно да се напомене дека многу од нивните предци емигрирале од регион што е многу поголем од денешната Северна Македонија.

Проблемот е како да се дефинира кој сѐ ќе се брои како Македонец за да се изброи колку Македонци живеат во странство. Дури и ако ги броите само тие што имаат македонски државјанства, набргу ќе увидите дека расположливите податоци се нецелосни и неверодостојни

Македонците емигрирале во големи групи уште од доцниот 19 век, што значи дека сигурно има голема бројка луѓе во странство со македонско потекло или луѓе што имаат корени од Македонија.

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), со седиште во Вашингтон, САД, ги претставува етничките Македонци. Според тоа, Албанците, Турците, Ромите и други малцинства од сегашната Северна Македонија не се вклучуваат во нивните слободни проценки за бројот на Македонците во странство.

ОМД тврди дека има околу 250.000 луѓе од македонско потекло во Канада, околу 300.000 во Австралија, до 600.000 низ Европа (не вклучувајќи ја Северна Македонија) и околу 500.000 во САД. Со тоа се доаѓа до бројка од околу 1,65 милион.

Сепак, значаен, но неутврден дел од овие луѓе се потомци на иселениците што ја напуштиле Македонија во османлиското време, од која дел бил и Солун, денес втор град по големина во Грција.

За време на Балканските војни во 1912 и во 1913 година, оваа територија била поделена на три дела. Еден мал дел ѝ припаднал на Бугарија, но најголемиот дел бил поделен меѓу Грција и Србија.

По крајот на Втората светска војна, српскиот дел стана една од шесте југословенски републики, и таа денес е Северна Македонија.

По крајот на Втората светска војна, во Грција избувна граѓанска војна поради која десетици илјади етнички Македонци, често наречени егејски Македонци, избегаа од земјата.

Заедно со бегалците од грчка Македонија, многу од нив биле евакуирани во Советскиот Сојуз (поточно во Ташкент, Узбекистан) и во други земји од источниот блок. Други пребегале во Австралија, САД и во Канада.

Илјадници, сепак, се доселија во југословенскиот дел на Македонија директно, од кои голем дел беа луѓе што не се иселиле во Советскиот Сојуз или на други места во првите две децении по војната.

До средината на 1960-тите, се проценува дека околу 50.000 егејски Македонци нашле нов дом тука. Од друга страна, некои биле населени во Војводина, во северна Србија.

До средината на 1960-тите, емиграцијата од Југославија била, или незаконска, или екстремно тешка. Македонија, сепак, беше голем исклучок. Договорот меѓу Турција и Југославија им дозволил на Турците од Македонија слободно да се иселуваат.

Според турското Министерство за надворешни работи, околу 170.000 Турци се иселиле од земјата меѓу 1953 и 1968 година. Сепак, иако мнозинството биле Турци, имало и Албанци и Македонци муслимани што се декларирале како Турци за да можат да заминат.

Разликата меѓу овие луѓе и етничките Македонци што емигрирале е што додека едните силно го бранеле својот македонски идентитет во дијаспората, тие што се иселиле во Турција, по кратко време целосно се идентификувале како Турци.

Поранешниот премиер Груевски со иселеници во Дизелдорф, Германија, во 2014 година | Фото: Влада на РСМ

Од средината на 1960-тите, Македонците, како и другите Југословени, почнаа да се иселуваат во Германија и во други европски земји во потрага по работа, и тогаш почна ново поглавје во историјата на македонската емиграција.

Денес, освен проценките од организациите на дијаспората, се вртат и неколку други цифри за бројот на Македонците во странство.

Во март 2019 година, владата ја објави Националната стратегија за соработка со дијаспората, во која се вели дека 700.000 луѓе „може да се сметаат за груба проценка на емиграцијата“. Но, се предупредува дека оваа проценка може да се добие само од „странски извори на податоци“.

Во една проценка на Обединетите нации од 2019 година, исто така заснована на странски податоци, се дава прецизна бројка од 658.264, додека од Светска банка има заокружена бројка од 500.000.

Едмонд Адеми, министерот за дијаспора, вели дека, според него, точната бројка е меѓу 500 и 600 илјади, додека Изет Зеќири, кој ги проучувал овие бројки, смета дека таа е меѓу 600 и 640 илјади.

Кога Македонците во странство се појавуваат во базите на податоци, тоа значи дека се државјани, а етничката припадност не се зема како фактор. Сепак, се гледа дека во некои земји има тенденција, различните националности да се групираат заедно.

Албанците се големо мнозинство меѓу македонските иселеници во Швајцарија, на пример. Македонците муслимани одат во Италија, а етничките Македонци одат во Словенија и во Шведска.

Ако тие што се во странство, исто така, зеле друго државјанство, тогаш најчесто не се ни појавуваат во бројките.

Австралија, на пример, дава бројка од 49.000 илјади свои жители што биле родени во она што денес е Северна Македонија.

Во Европа, според податоците од Евростат (кои всушност се собираат од државните статистички агенции), на 1 јануари 2019 имало 102.000 луѓе од Македонија во Германија, 66.600 во Швајцарија, 63.600 во Италија, 23.400 во Австрија и 12.300 во Словенија.

Според Евростат, имало 156.900 македонски државјани во ЕУ, во 2010 и 220.400 во 2019 година.

Но, како и сите такви бројки, и овие се проблематични. Прво, најмалку 81.000 Македонци зеле бугарски пасоши, со кои лесно можат да работат во ЕУ. Така, секој Македонец што се регистрирал како Бугарин во ЕУ, нема да се покаже во податоците како Македонец.

Второ, според Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика, странските податоци за македонските државјани во странство не покажуваат од каде дошле тие.

На пример, бројот на Македонци во Италија се намалува, а бројот во Германија се зголемува.

Затоа би било погрешно да се претпостави дека тие што доаѓаат во Германија или на други места се нови емигранти од Северна Македонија и дека, според тоа, бројот на населението во земјата опаднал за истата бројка. Новодојденците во една земја можеби ја напуштиле Северна Македонија години порано, само сега се преселиле од една во друга земја.

Трето, бројките на Евростат, а според тоа и националните податоци од кои тие се составени, се збунувачки и нецелосни. Евростат бележи дека бројката на Македонци во Грција, Шпанија, Велика Британија, Малта и во Хрватска е нула.

Но, се проценува дека има околу 3.000 Македонци што живеат во Велика Британија, не броејќи ги тие што се регистрирале како Бугари, според Канцеларијата за национална статистика. На крајот од 2018 година имало 1.591 македонски државјанин со дозволи за престој во Малта.

Ако напишете на Гугл „колку е голема ирската дијаспора“, првиот резултат што ќе се појави е напис во „Ајриш тајмс“, во кој се вели дека таа изнесува „од три до 70 милиони луѓе, во зависност за кого станува збор“.

Има 4,83 милиони луѓе во Република Ирска. Македонците во странство си го наметнуваат епитетот „Ирци од Балканот“, но, за разлика од Ирците, тие не знаат колкумина живеат ниту дома .