Извештај

Милионот, снимките и законите на физиката во „Рекет“

На што се жалеа Јанева и Јовановски

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Случај скаран со здраворазумската логика, факти што се спротивни на законите на физиката, селективни и незаконски докази, немање вештачења, недокажани околности, проблематична конфискација…

Ова се некои од жалбените наоди кои денеска во преполната сала на скопска Апелација ги слушаа петмина судии од адвокатите на Катица Јанева и Бојан Јовановски, алијас Боки 13, во мегаслучајот „Рекет“. Јанева како и на првостепената пресуда не дојде поради здравствени проблеми, а присутен беше нејзиниот пријател, Бојан Јовановски.

Една година од првостепената пресуда во случајот, адвокатите на одбраната ги вкрстија правните оружја со вишите јавни обвинители Дилавер Бектеши и Снежана Бундалевска, на седница, која што со прекини траеше пет часа. Вишото обвинителство смета дека пресудата е на место и оти треба казните да бидат уште повисоки.

Со колку прсти се носат 25 килограми евра

Адвокатите на обвинетите се жалат на суштествени повреди во постапката | Фото: БИРН

Тројца адвокати се жалеа на пресудата за ексшефицата на СЈО, меѓу кои и нејзиниот син. Адвокатот на Јанева, Дељо Кадиев, говореше дека пресудата е „скарана со законите на физиката“ од повеќе аспекти и оти се сторени суштествени повреди на постапката.

На судиите им подели фотографии од објавената снимка на весникот „Ла верита“, на која во зголемена верзија се гледа осудениот Зоран Милевски-Кичеец како излегува со Бојан Јовановски од неговиот дом и фамозната торба „Луј Витон“ ја носи со два прста, а со другите носи клучеви.

„Погледнете ја положбата на рацете со наводниот куфер, кој треба да тежи 25 килограми. Не ја носи со поголем напор“, рече Кадиев и дополни дека овде „законите на физиката не одат во прилог“.

Кадиев се осврна и на дрги прашања како на тоа дека Обвинителството не го одзело несесерот, во кој, како што сведочеше Ана Камчева, имало 350 илјади евра што му ги однела на Јовановски. Тие врз основа на анализи, процениле дека во несесерот би требало да собере 7000 банкноти.

„Да го донесеа на самото место ќе измеревме дали може да собере толку пари во несесер“.

Тој рече оти Обвинителството не побарало ниту еден доказ дека сметководителката на Камчев ги извадила парите од неговите сметки. „Зошто не се побарани изводи од банките? Зошто во Народната банка тоа не е пријавено?“, праша Кадиев.

Според неговата оценка првостепениот процес бил во „трка со времето“ за пресудата, затоа што таа била објавена 12 дена пред да почне да важи новиот Закон за јавното обвинителство, со кој, се забранува изведување „бомби“ во судската постапка.

Се пожали дека не им биле дадени сите докази, па затоа биле „оневозможени да предложат нивно вештачење“. Рече дека гарнитурата на која што седи Јанева на фотографијата не е предметната гарнитура за која што беше обвинета, туку стара гарнитура.

Повтори дека за тоа имале покритие – каса-прими дека е платена.

Она што го зборувал пред судот главниот сведок, Јордан Камчев, според Кадиев, било „одбрана за предметот Империја“. Тој цитираше записник, во кој, самиот Камчев на прашање од кого чул дека за него има предмет во СЈО, рекол оти тоа е адвокатот Васил Димишков. Уште повеќе, цитираше дека Камчев рекол оти Јанева ниту му нудела да биде заштитен сведок, ниту пак му нудела спогодба.

Како аргумент беше наведено и тоа што, осудениот Зоран Милевски Кичеец, не сведочел во постапката за да објасни што точно имало во торбата што ја носел.

Забелешка на одбраната на Јанева беше и исклучувањето на јавноста при објава на аудио-снимки поради „чување нечиј углед“, што е во спротивност со законот каде јасно било наведено во кои случаи јавноста може да биде исклучена.

Евра собирани од слика

Адвокатите прашаа како Обвинителството пребројало 50.000 евра кај Јанева | Фото: БИРН

Колешката на Кадиев, Ирена Фрчкоска, праша како е можно нејзината клиентка, Јанева, да ги пречекорила службените овластувања со само едно дејство и да прекршила дури 93 одредби од Законот за кривична постапка, како што докажуваше Обвинителството.

„Нема доказ дека зела пари“, кажа адвокатката и дополни дека двојката Камчеви имале интерес да сведочат, за Јордан Камчев да се спаси од кривичен прогон. Како аргумент беше наведено и прашањето зошто ако парите биле предадени 12 февруари 2019 година, Камчев го пријавил случајот дури во мај истата година.

„Зарем тој што дава еден милион евра и што снима во неговиот стан не би го снимал актот на примопредавање пари? Нема докази дека се дадени пари“.

Снимката од неколку секунди на која се гледа Јанева како седи на гарнитура, а пред неа има сноп пари, не докажува ништо, аргументираше Фрчкоска, потенцирајќи дека не е докажано чии се тие пари, дали се од Камчев, или на Јанева.

„Како ги изброја Обвинителството дека се 50 илјади евра“, праша бранителката на Јанева. Тврдеше дека имотната состојба на Јанева е непроменета од кога станала обвинителка до крајот на нејзиниот мандат и оти сега се издржува од пензијата на нејзинот покоен сопруг.

Синот на Јанева пак, Лазар, кој ја бранеше неговата мајка, рече дека никаде во обемната пресуда нема напишано дека одземените предмети од Јанева се поврзани со наводното кривично дело што го сторила.

„Телефонскиот апарат поради кој се крена врева во јавноста не е одземен, туку е вратен бидејќи не е поврзан со кривичното дело“. Торбата „Луј Витон“ ѝ била одземена само затоа што на неа имало принт дека е „Луј Витон“, рече синот и бранител на Јанева.

Младиот Јанев на линија со повозрасните колеги, поентираше и дека во пресудата само е нафрлено дека се конфискува имот од трети лица, без да се презицира кои се тие лица, бидејќи и тие имаат законски права.

Праша како е утврдено дека Јанева зела 50 илјади евра, а говореше и за конфискацијата. „Не се бара конфискација на 1,5 милион евра, а се бара конфискација на 50 илјади евра“, рече тој.

Каде е остатокот од милионот?

Одбраната праша зошто парите биле сменети во менувачница, а не во банката на Камчев | Фото: БИРН

Аргументација против пресудата изнесе и Сашко Дуковски, адвокатот на Бојан Јовановски. Првостепениот суд недвосмислено поклонил верба на исказот на брачната двојка Камчеви и ги цитирал постојано низ пресудата, рече Дуковски. Но, предвид не биле земени многу докази, како 16 снимки кои во декември 2019 година се појавија на Јутјуб, непосредно по почетокот на процесот.

Образложението на судот било дека тие се предоцна поднесени, но Дуковски образложи оти не можеле да предвидат дека ќе се појават нови снимки.

Коментирајќи го исказот на сметководителката на Камчеви пред судот, адвокатот потсети дека на двапати од нивните сметки биле извадени пари, еднаш 20 милиони денари и еднаш 18 милиони денари, односно вкупно 630 илјади евра. Праша каде се останатите пари.

За него симптоматично е и тоа што наместо парите да ги смени, во како што кажа, својата банка „Стопанска банка АД“ од Битола, и на што треба да плати провизија од неколку илјади евра, парите ги вади од мала менувачница што се наоѓа на адвокатската улица.

„Нема вирман, нема налог, нема документ“, тврдеше Дуковски.

Неговиот клиент, Бојан Јовановски, пак, рече дека му биле повредени правата како осомничени и обвинет и дека не можел да се запознае во целост со доказите. Снимката со парите ја нарече „лоша монтажа“, исказите на Камчеви и сметководителката ги квалификуваше како противречни.

Пред судиите рече и оти му биле одземени облека, предмети и накит што ги имал со години, за што биле изведени над 1600 фотографии од „Инстаграм“, каде што бил сликан, а со обвинението се тврдело дека се купени од парите на Камчев.

Обвинителството контра жалбите на обвинетите

Вишите обвинители Бектеши и Бундалевска | Фото: БИРН

Обвинителот Дилавер Бектеши, кој остана до крајот на седницата, бидејќи неговата колешка на првата пауза си замина, за разлика од спротивната страна која усно ги образложуваше жалбите, го читаше ставот на Обвинителството.

Предложи жалбите на Јанева и Јовановски кои бараат пресудата да се укине и предметот да се врати од почеток да се одбијат, а да се усвои само жалбата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое бара ист вид, но повисока казна за обвинетите.

Aпелационен суд Скопје | Фото: БИРН

Бектеши прочита дека првостепениот суд правилно ја утврдил состојбата правејќи целосна анализа и корелација на доказите.

„Сите вештачења се по предлог на Јавното обвинителство прибавени каде вработените се компетентни“, рече Бектеши за жалбите дека во предметот немало вештачења, туку технички извештаи. Кажа дека Јовановски однапред ги знаел сите истражни дејствија што ќе ги преземе СЈО во предметот „Империја“.

Посочи и дека според членот 359, за противзаконско влијание, Камчев не може да има статус на оштетен, околност на која се осврнаа адвокатите на обвинетите.

Побара пресудата да се потврди и да се преиначи во делот на санкцијата, односно второстепените судии да им определат повисоки затворски казни на обвинетите.

Судиите Тања Милева, Јани Нича, Ѓоко Ристов, Енвер Беџети и Лидија Чачева, ќе треба внимателно да ги проучат жалбите и списите на предметот и да утврдат дали ова ќе биде крај или нов почеток на аферата „Рекет“, која засекогаш го згасна СЈО.