Анализи

СЈО-реквием на поривот за правда

Згаснатото обвинителство не успеа до крај да ја урне тврдината од заробената држава

2016 година. 12 февруари. 11.30 часот. Улица Теодосиј Гологанов во Скопје. Ова се времето и местото кога новото обвинителство со долго официјално име, кое доби кратенка СЈО, ја закажа првата прес-конференција. Пресот се одржа пет месеци откако оваа институција беше изгласана во парламентот.

Јавноста веќе го виде тимот на Јанева пред зградата на Советот на јавни обвинители со т.н. „фемили фото“, но ова обраќање имаше поинаква цел.

Со мало доцнење во преполната сала со новинари, сниматели и фоторепортери, се појавија три обвинителки: насмеаната шефица на ова обвинителство, Катица Јанева, и уште две колешки од нејзиниот тим, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи.

На профилите што СЈО ги отвори на социјалните мрежи Твитер и Фејсбук уште стои објавата за првиот прес, иако веб-страницата на ова обвинителство згасна пред неколку месеци.

Привремениот, прв дом на СЈО беше зборно место, не само за новинарите, туку и за демонстрантите од „Шарената револуција“. Тимот на СЈО можеше да ги слушне скандирањата на гневните граѓани како револт од одлуката за помилување 56 осомничени и обвинети, која ја донесе експретседателот Ѓорге Иванов. Демонстрантите, секое попладне се собираа за од таму да го поддржат новоформираното обвинителство, a со тоа и борбата со криминалот и политичкото и бизнис-подземје.

На пресот, кој траеше 40-тина минути, шефицата на тимот, не го криеше задоволството и гордо ја соопшти првата истрага за изборен криминал наречена „Титаник“. Асоцијацијата беше јасна – криминалот и незаконието почнуваат да тонат.

„Правдата ќе победи, наспроти тешкотиите и заканите што доаѓаат од одредени политички партии и конструираните кривични пријави против мене и моите соработници“, рече тогаш Јанева пред новинарите.

„Т“ – прва буква на борбата со криминалот

Првичниот 12-член тим на СЈО од кој отпаднаа две обвинителки | Фото: Фејсбук на СЈО

Кодните имиња на истрагите во минатото вообичаено ги соопштуваше полицијата, но новородената институција, која не беше екипирана во целост, ја смени таквата пракса. Го обелодени кодното име за првиот случај, за кој побараа притвор за осум осомничени, а тоа беа за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, и за неговите најблиски соработници, кои подоцна судот ги одби.

За брзо време се зацементира впечатокот дека СЈО е решено докрај да расчисти со криминалот во државата, за кој имаше наоди во бомбите доставени од опозицијата. Тоа се базираше на неколку истраги, кои, за првпат, беа отворени за највисоките тогашни претставници на власта со дејствија што ги сториле меѓу 2008 и 2015 година.

Потоа заредија прес-конференции за истраги на буквата „Т“, која во македонскиот јазик важи за т.н. експлозивен консонант: „Тврдина“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тендери“, „Триста“, „Тенк“

Тајниот предмет од подрумот на СЈО

Само Катица Јанева и нејзината колешка Лиле Стефанова знаеле за истрагата во случајот „Империја“, која се водела со двајца истражители и стручни соработници на ротација, во подрумот на СЈО, далеку од очите и на другите обвинители.

Појавувањето на трите обвинителки почна да предизвикува напливи на еуфорија во јавноста и на социјалните мрежи, а тие за брзо време стекнаа популарност како естрадни ѕвезди. Таа „неумереност“ во објавите, која беше и разбирлива поради долгогодишниот институционален молк, повремено се граничеше со таблоидизација и ѝ пречеше на дел од јавноста, па отворено се спореше и способноста на Јанева да испорача резултати.

И покрај тоа, за првпат, наместо институции што комуницираат со соопштенија, истрагите ги обелоденија ликови со име и презиме. Како што одминуваше времето, обвинителките ги засенија политичарите во медиумите. Со пресовите се отвораа вести, новинарите до доцна во ноќта чекаа епилог од барањата за притвор пред судовите…

Граѓаните во СЈО препознаа пркос и отпор на обидите за попречување на правдата, особено од државни институции, кои, пак, се обидуваа да ги опструираат и да не им одговараат на барањата за доставување податоци.

Никој не одговараше за Скопје 2014

Иако беше отворена предистражна постапка, не дојде до истрага за проектот на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ, „Скопје 2014“, кој чинеше приближно 700 милиони евра.

Со години, за дузина предмети од редовните обвинителства немаше „ни трага, ни глас“, дури беа затворани со образложение дека за нив нема доволно докази. Обвинителите од СЈО беа следени и добиваа кривични пријави за сенешто, но тоа не ги поколеба да се борат со криминалот, за кој гласно се молчеше со години. Новото обвинителство почна повторно да ги отвора предметите што завршиле како архивски материјал во фиока.

Паролата од „Шарената револуција“ – „Нема правда, нема мир“, беше искрата со која се разгоруваше поривот за правда, a триото Катица, Ленче и Фатиме долго се задржа на тронот на популарноста. Со првите истраги почнаа да се нишаат темелите на тврдината од заробената држава. Мирисаше на надеж за правда.

Рузвелтова бр. 34

Местото каде речиси четири години беа очите на јавноста | Фото: В. Маглешов

Улица Франклин Рузвелт бр. 34. Ова е вториот и последен дом на СЈО и адресата каде што четири години беше врвулица. Од таму ова обвинителство им испраќаше покани на стотици сведоци, осомничени и обвинети, место во кое влегоа армија високи функционери: поранешен премиер, ексдиректор на УБК, министри, пратеници, директори. Па така, само во предметот „Талир“ сослушани биле над 260 сведоци.

17 милиони евра конфискација само од „Труст“

По правосилната пресуда за предметот „Труст“ на СЈО, само за овој предмет беше побарана конфискација на имот вредна 17 милиони евра.

Можеа да се прочитаат и коментари на социјалните мрежи дека во зградата, светлото често гори до доцна во ноќта, особено во обидот да се поднесат обвиненијата до судот во законскиот рок.

Од таму во јуни 2017 година, во еден ден беа испорачани вкупно 17 обвиненија со огромни кутии доказен материјал. Заклучно со првите две, станаа 19, за на крајот да завршат со вкупно 22 обвиненија.

Aнализата на БИРН на сите обвиненија што СЈО ги поднесе до судот покажа дека најчестото кривично дело за кои се обвинети десетици лица е „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Никола Груевски, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и другите обвинети, јавноста речиси и никогаш да не ги виде како влегуваат во скопското или во Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, иако за нив беа поднесувани кривични пријави.

Но, подоцна, поради обвиненијата на СЈО, тие станаа чести гости на Кривичниот суд во Скопје, каде што секој ден се одржуваа и по три, четири или повеќе судски рочишта. Честопати и во еден ист час имаше закажано по три рочишта.

Главната опасност за СЈО надвиснуваше со 18-месечниот рок за поднесување на обвиненијата. Но, како Дамоклов меч постојано висеше и иницијативата пред Уставен за преиспитување на уставноста на ова обвинителство.

И додека се стравуваше дека со еден потег највисоката уставносудска инстанца може да го згасне СЈО, никој ни оддалеку не можеше да предвиди дека крајот на обвинителството ќе биде толку неочекуван. Во меѓувреме, иницијативата го надживеа и СЈО и сè уште нерешена е во фиоките на судот.

СЈО му предаде 171 предмет на државното обвинителство

Државното обвинителство од СЈО, со писмото на Јанева што го испрати од затвор, презеде вкупно 171 предмет, од кои 22 обвиненија, 19 истраги, 38 финансиски истраги и многу предистражни постапки. Иако беа предадени во септември лани, до денеска за ниедно од нив досега нема обвинение.

Но, не е само тоа без епилог. Првата истрага на СЈО „Титаник“ сè уште се суди. СЈО е институционален покојник, кој остави незавршени истраги, а обвинителите што гонеа висока корупција откако Јанева беше разрешена, „на хартија“ се вратија од обвинителствата од каде што беа избрани за да гонат убиства, измами, кражби, разбојништва…

Тие, и покрај формалната „прекоманда“, останаа во зградата на СЈО заедно со своите соработници до самото згаснување на институцијата.

Вработени во СЈО, за БИРН, велат дека во последните денови од оваа институција, во атмосфера на разочараност и апатија се средувале кластерите со документи, компјутерите, работните канцеларии. Вчера им беше последен ден во институцијата. Од утре остануваат без работа, а во зградата само обезбедувањето и обвинителите кои чекаат насоки за понатаму.

Пресекот на сè што сработе СЈО покажа дека некои обвиненија завршија со правосилни пресуди, а некои сè уште се судат. Ова од денешна гледна точка го отвори прашањето дали воопшто СЈО требало да покрене толку многу обвиненија, или да се фокусира само на најважните, како „Талир“, со кој, за првпат, беше обвинета и политичка партија како правно лице, или „Титаник“, кој го покажа образецот на изборни измами и секако најважниот процес „Таргет-Тврдина“ за скандалот со долгогодишното незаконско прислушување.

Правда во женски род

Се бараше столче повеќе за новинарите на пресовите на СЈО | Фото: Р. Атанасовски

Ликот на правдата пред четири години во Македонија беше персонифициран со три жени, обвинителките Јанева, Ристоска и Фетаи, кои Би-би-си ги нарече „Чарлиевите ангели“. Тие не се симнуваа од ТВ-екраните, а беа амблем и на многу маички, беџови и транспаренти.

Во тоа време се говореше дека е вистинска борба кој да ги обезбеди обвинителите од СЈО во ТВ-емисии. Иако тимот го сочинуваа 10 обвинители, сепак коментарите беа дека правдата во Македонија ќе ја вратат три жени.

Дотогаш речиси анонимната гевгелиска обвинителка Катица Јанева (која постапуваше во експониранииот случај со Спаска Митрова и нејзината ќерка), доби неверојатна обвинителска моќ во законските овластувања, но и политичка поддршка од сите, вклучително и од Никола Груевски. Тој, Јанева ја нарече „висок професионалец“, но бргу потоа се премисли.

Бавна разврска за скандалот со прислушувањето

Најважниот предмет, поради кој, СЈО беше формирано, случајот „Таргет-Тврдина“ за незаконското прислушување, сè уште е далеку од судска разврска и се наоѓа во доказна постапка.

Првиот јавен настап, телевизиското интервју со кое Јанева се појави една недела по донесувањето на законот за СЈО веднаш предизвика поделени реакции поради изборот на облеката, односно „црната чипка“ што ја носеше и впечатокот дека е недоволно елоквентна.

Јавноста, која жедно бараше правда, ова го прогледа „низ прсти“, бранејќи го ставот дека реториката и облеката на Јанева не се најважни, туку истрагите и обвиненијата.

Oва особено падна во сенка кога таа со судски налог во една октомвриска ноќ викаше „Отвори, отвори“, тропајќи на вратата на институцијата што во извештаите на Рајнхард Прибе беше посочена како најголема тврдина на заробената држава, тајната полиција, односно Управата за безбедност и контраразузнавање.

Јанева, Фетаи и главниот истражител по судење за случајот „Насилство“ | Фото: В. Маглешов

Јанева успеа да ги обезбеди доказите за прислушување по поминати 48 часа во тајната полиција и да ги освои симпатиите и на тие што дотогаш се сомневаа во нејзините капацитети.

Еднакво смелиот настап на пресовите на обвинителката Фатиме Фетаи, која не го привлече вниманието во јавноста само поради атрактивниот физички изглед, туку и поради начинот и пристапот во соопштувањето на истрагите, како и поради тоа што говореше на јазиците на немнозинските заедници, ветуваше фронтална борба со криминалот.

Сепак, и Јанева и Фетаи беа коментирани и критикувани поради своите јавни настапи, а им се забележуваше и за претенциозните изјави во документарниот филм „Трите“.

Во ликот на обвинителката Ленче Ристоска, која трпеливо и по повеќе од половина час одговараше на новинарските прашања, јавноста препозна правна прецизност, доследност, воздржаност и уверливост во настапите.

Се чинеше дека секоја од нив три има посебно место во големиот мозаик што го сочинуваше целиот тим на оваа институција. Нивната севкупна појава не беше стихијна. Тоа го сведочат новинарите, кои се сеќаваат дека на самиот почеток им држеле обуки за јавен настап на обвинителите, за кога ќе почнат прес-конференциите ништо да не биде оставено на случајност.

Нов модел и стандарди за работа

Доказите на СЈО спакувани во кутии со име и број | Фото: Р. Атанасовски

Автономијата, односно буџетот што СЈО ги имаше на располагање, заедно со целиот тим истражители, стручни соработници и останатиот персонал покажа како треба да изгледа една институција, која е на првата борбена линија со криминалците.

Некои обвинители во СЈО имаа дури по петмина стручни соработници и по двајца или по повеќе истражители. Ако се знае дека во редовните обвинителства има едвај по еден стручен соработник на неколкумина обвинители, постојано има борба за записничари и дека секоја истрага зависи од полицијата, јасно е каде е клучот за успехот во организацијата на обвинителството.

Ефикасноста, во најголем дел, според оценките и на обвинителите оттаму, лежи во истражителите, бидејќи за ниту едно дејство не се чекаше да се одоброволи МВР. СЈО покажа дека сето она што со години е на хартија, со волја и пари може и да се реализира.

Бомбите беа чувани во сефови со посебен безбедносен протокол за преслушување, а начинот на водење на постапките овозможуваше електронски запис од секој документ што стигнува или се испраќа од СЈО. Иако постојано однекаде се појавуваа неемитувани бомби, до крајот на мандатот од СЈО не протече ниту еден материјал.

За разлика од сите други обвинителства во државата, СЈО беше присутно на социјалните мрежи, не само за да наметне нови стандарди во обвинителскиот пристап, туку и да изгради имиџ и висока доверба кај граѓаните, во што своевремено и успеа.

Судско рочиште за прислушувањето „Таргет-Тврдина“ | Фото: Р. Атанасовски

Па така, профилот на СЈО на Фејсбук постојано беше „хранет“ со информации, соопштенија и извештаи. Оваа страница сè уште ја следат над 20 илјади следбеници, иако последната објава е изјавата на Јанева за случајот „Рекет“ од август 2019 година.

За првпат, јавноста виде прес-конференции за отворените истраги, на половина година добиваше извештај што работи СЈО, беа објавувани анонимизирани примероци од обвиненијата, воведни и завршни говори, распоред на судења, соопштенија. Сево ова беше и сè уште е „луксуз“ за редовните обвинителства. Објавите на истрагите беа проследувани и со графички презентации.

Небаре налик на компанија со долгогодишна корпоративна култура, обвинителите и истражителите на СЈО, уште во почетокот добија и препознатливо лого, кое стоеше на нивната гардероба, но и на сите документи што излегуваа од ова обвинителство. Наместо бројки, предметите добија кодни имиња, по кои беа препознатливи во јавноста.

Ако на пребарувачот „Гугл“ напишете СЈО, за помалку од една секунда ќе ви се појават над 2 милиони текстови, анализи и видеа што го содржат скратеното име на згаснатата институција. Ова само потврдува дека СЈО било едно од најчестите теми во желбата на граѓаните да се врати правдата.

Од друга страна, во правосудната хиерархија на специјалното јавно обвинителство постојано се гледаше како на диво месо. Но, оваа институција стана успешен модел преку кого се изроди и новиот концепт за избор на антикорупциската комисија, а стандардите за работењето и ефикасноста на СЈО до денеска не ги постигна ниту една друга установа во целокупната институционална меморија на државата.

Политичкиот погреб на СЈО

Влезот во СЈО каде што се одржуваа прес-конференциите | Фото: В. Маглешов

Но, кај нас убавите приказни кратко траат. Како што одминуваше времето, по бурата од очекувања, постепено бледнееше статусот „специјално“ што го имаше СЈО, а се топеше и довербата што граѓаните ја имаа во ова обвинителство.

Падот на СЈО почна многу порано од јануари 2019 година, кога Врховниот суд го донесе начелното правно мислење, со кое СЈО беше прогласено за неовластен тужител по рокот од 18 месеци определени со законот. Тоа беше првиот смртоносен удар за обвинителството.

На оваа блокада ѝ претходеа позитивното мислење од СЈО за пуштање во куќен притвор на осомничените во „Империја“, на чело со милионерот Орце Камчев и Сашо Мијалков и издавањето привремен пасош. Овие одлуки се чини беа првите клинци во запечатувањето на судбината на СЈО.

На сето ова се надоврзаа и пишувањата на медиумите за поплавата во подрумот на ова обвинителство каде беа натопени документи од истрагите.

Во истиот период, особено по поврзувањето на Јанева и шоуменот Бојан Јовановски, алијас Боки 13, во јавноста се засилија критиките дека шефицата на СЈО обожава да биде во друштво со лик, околу чие име се вртеа многу контроверзии.

Непотизам, кронизам и додатоци за доверливост

Уште во првите интервјуа за јавноста, Јанева отворено кажа дека во СЈО го вработила нејзиниот внук. Тоа го правдаше со објаснување дека за одредени позиции никој не се јавувал на огласите. Врските на обвинителите со вработените како да го засилија впечатокот дека Јанева ја приватизирала институцијата. Пред да згасне СЈО, обвинителката Русковска почна да ги испитува основите за додатоците на плата што Јанева им ги делела на вработените.

Ничкосувањето, недвосмислено дојде со случајот „Рекет“, со кој светлото во СЈО почна да се гаси, а Јанева, од прв борец за правдата, заврши со правосудно salto mortale и неправосилна пресуда со седум години затвор.

Прашањето зошто крахира СЈО нема едноставен и единствен одговор, но едно е јасно, дека преговорите за продолжување на мандатот на СЈО траеја една година, и најважно од сè, беа прашање на политички пазар.

Некои од правните стручњаци гласно коментираа дека случајот „Империја“ бил една од авантурите што  СЈО „не смеело“ да си ја дозволи, особено бидејќи со тоа излегува надвор од мандатот што им би доделен со законот, односно опфаќа дејствија пред 2008 година.

Од денешна временска дистанца, и Јанева и романската специјална обвинителка Лаура Ковеси, која во знак на поддршка ја посети Македонија, ги загубија битките со корупцијата. Но, за разлика од Јанева, која заврши како неправосилно осудена за злоупотреба на службената положба и овластување, Ковеси стана прв јавен обвинител на Европската унија.

Предметите на СЈО пред Врховниот суд и Стразбур

Предметите на СЈО допрва ќе бидат ставени на Прокрустова постела бидејќи првите пресуди се на преиспитување до Врховниот суд, а како опасност пред судот од Стразбур остануваат помилувањата дадени од Ѓорге Иванов.

Независно од вината на Јанева во предметот „Рекет“, останува дилемата дали власта требаше да дозволи заедно со Катица да го пушти низ вода целиот тим обвинители, истражители и стручни соработници, кои функционираа како еден организам. Со тоа згасна надежта за рестартирање на ова обвинителство со избор на нов шеф или изнаоѓање друго решение за иднината на оваа институција.

СЈО остави 19 отворени истраги, во кои осомничени се над 100 лица, но тие повеќе од една година се во различна фаза и нивната иднина е нејасна, освен истрагата „Пациент“, која во март запре само за вицепремиерот Бујар Османи и „Базни станици“, каде беше осомничен Жарко Луковски.

Ова, сега веќе мртво обвинителство, со стапувањето во сила на новиот Закон за јавното обвинителство, денеска, 30 јуни, останува историја и меморија, заедно со бомбите, поради кои, беше и формирано.

Државното обвинителство, кое беше репрезент на „заробената држава“, треба да гони и презема постапки. На моменти тоа како да има за цел да го избрише и секое позитивно сеќавање за овој обид за правна држава.

Беџовите останаа белег од борбата за правда | Фото: В. Маглешов

Иронија или не, СЈО настана поради бомбите, а заврши со докази во кои Јанева била незаконски снимана и фотографирана. Поимот „бомби“ стана синоним за сите дополнително објавени прислушувани разговори, но и за оние материјали кои уште се објавуваат. Крајот на СЈО значи и крај за доказната моќ на „бомбите“ од тогашната опозиција.

Тимот на СЈО се распрсна на различни страни, а борбата со криминалот повторно ќе ја водат оние обвинителства кои до вчера беа етикетирани како „маша на власта“.

На крајот, останува впечатокот дека на ниедна власт не ѝ одговара автономно, силно и независно обвинителство. СЈО, пак, независно од тоа што не успеа да ги преброди партиските Сцили и Харибди, остана живо сеќавање и архив на поривот за правда, епитаф кој вели „се обидовме“.