Вести

Девет години затвор за Ѓоко Поповски за случајот „Триста“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

 

Поранешнииот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски е виновен е за злоупотреба на службената положба и се осудува на казна затвор 9 години, пресуди Кривичниот суд.

Тој, според судијката Добрила Кацарска, треба да ги надомести трошоците во постапката и да врати над 453 илјади евра, во рок од 15 дена од правосилноста на пресудата.

„Опасноста од негово бегство и те како постои“, рече обвинителката на СЈО Фатиме Фетаи по изрекувањето на пресудата и побара притвор за осудениот.

Одбраната, пак тврди дека Поповски е сеемен човек, редовно се јавувал на досегашните судења, има влошена здравствена состојба и од тие причини судот не треба да го прифати предлогот за притвор. 

Судијката Кацарска, по 45-минутна пауза, одлучи да му определи притвор на Поповски. 

Случајот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) се однесуваше на набавка на 300 возила за потребите на МВР. Според обвинението, со оваа набавка буџетот бил оштетен за 453.570 евра, а единствен обвинет во случајот беше Поповски.

СЈО во текот на судењето тврдеше дека Поповски тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на фирми кои немале најевтина понуда.

Во овој случај судот ги прифати телефонските снимки од прислушуваните разговори како докази.

Утре за Ѓоко Поповски се очекува уште една пресуда, за случајот „Тенк“, каде што е обвинет и поранешниот премиер Никола Груевски, а на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска за истиот случај ќе ѝ се суди во одвоена постапка, бидејќи таа донесе лекарска потврда дека има ризична бременост.

Ова е втора пресуда што ја изрекува Кривичниот суд за предмет на СЈО. Првата пресуда беше за новинарката и уредничка во „Сител“ Ивона Талевска на која судот ѝ условна казна затвор од две години, доколку во следните четири години не го повтори или стори друго кривично дело за случајот „Тифани“. Според обвинението, Талевска затаила 1.6 милиони денари, а нејзините фирми не платиле данок од 2.1 милиони денари. Таа треба да ја врати целата сума за која беше обвинета во предметот „Тифани“.