Вести

Унгарците влегуваат и во сопствеништвото на „Нетпрес“

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

„Адинамик Медиа“, фирмата на Унгарката Агнеш Адамик која минатиот месец ги купи порталите „Курир“ и „Република“, сега влегува и во сопствеништвото на порталот „Нетпрес“. 

Податоците од Централниот регистар говорат дека унгарската фирма влегува во сопствеништвото ЛД Пресс Медиа, фирма издавач на порталот „Нетпрес“.  

Сопственици на ЛД Пресс Медиа се Дејан Николовски и Лидија Станчевска – Кумова, а од денеска во Централниот регистар е впишана и фирмата на Унгарката, Адамик.

Претходно, сопственик на Нетпрес беше фирмата „Финзи“ чиј сопственик Коста Крпач во 2016 година изврши самоубиство.

Крпач беше инволвиран и во истрагата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за случајот „Трезор“, со оглед на тоа што фирмата „Финзи“ беше предмет на интерес во врска со набавката на израелската опрема за прислушување за потребите на МВР. 

БИРН вчера објави истражување за влезот на унгарскиот капитал во дел од македонските медиуми.

За неполна година, двајца Унгарци кои се поврзуваат со премиерот Виктор Орбан, влегоа во сопствеништвото на телевизија Алфа, Курир, Република, а сега и на Нетпрес. Непознат останува мотивот за влезот на унгарски капитал во медиумите блиски до сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ.