„Талир“ – прирачник за преживување на политичката корупција

Коментар на Васко Маглешов

Предметите „Талир“ беа едни од ретките случаи што не се занимаваат само со корупција кај еден функционер. Тие требаше да дадат одговор дали политичката партија која десет години беше на власт преку злоупотреби дојде до пари и многу имот. Овие предмети со пресуда требаше да исцртаат јасна граница меѓу партијата и државата.

Заедно со „Таргет-Тврдина“ случајот за прислушувањето и „Титаник“ за злоупотреба на средства за изборна кампања, беа најважните случаи што ги отвори СЈО. А важни се затоа што за првпат кај нас обвиненијата ги скицираа обрасците за злоупотреба на политичката моќ.

Во првото обвинение „Талир“ Никола Груевски, петмина поранешни функционери и самата партија беа обинети за противзаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Уште пред да почне судењето, обвинетата Елизабета Чингаровска, како потписничка на партиската сметка призна вина за перење пари и доби условна казна.

Скоро осум години подоцна, по безброј нови почетоци, претежно поради промена на судии и поротници, предметот до денес нема ниту првостепена пресуда.

Вториот предмет „Талир 2“ за противправна градба на партиското седиште познато како белата палата и купувањето партиски имот заврши вчера по вторпат со ослободителна пресуда.

Истата судијка, Данила Алексовска Стојановска, во 2022 веќе еднаш го осуди Груевски на затвор од шест години, па тогаш рече дека „ниту едно одговорно лице во политичка партија не треба да се осмели да стори такво или слично кривично дело“. Но, оваа силна порака на судијката се изгуби во времето, затоа пресудата не опстои.

Вчерашната ослободителна пресуда, пак, испрати сосема поинаква порака, дека функционери од партиите на власт може да ја злоупотребуваат политичката моќ, затоа што е извесно дека за тоа нема да одговараат.

Пиши исто

Слична судбина како „Талир 2“, извесно е дека ќе доживее и случајот „Талир 1“ и поради долгото судење и поради измените на Кривичниот законик.

Судијката рече дека го ослободила Груевски главно поради измените на Кривичниот законик. Тие измени беа донесени за време на владеењето на СДСМ и ДУИ со кворум што го обезбеди тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Со нив описот на дејствијата на кривичните дела злоупотреба на службена положба и овластувања суштински беше променет, а затворските казни значително скратени.

Еден час присутните во судницата слушаа што е искористување, што е пречекорување, а што неизвршување на службените дејствија, кога судијката ја читаше пресудата. Целта беше да се убеди јавноста дека оваа втора одлука, која е различна од првата, е правно издржана токму поради ваквиот законски „инженеринг“.

Но, остана нејасно зошто не претставува злоупотреба тоа што обвинетиот Груевски со неизвршување на службената положба требало, а не ја вратил разликата во пари што ја обезбедил од „Бетон“, ниту во буџетот, ниту на компанијата, а со тоа овозможил несразмерна корист. Но, тоа е прашање за стручна правна анализа.

Тоа значи дека и во овој случај, како и во предметот со прислушувањето, повторно нема да биде јасно што се случило, бидејќи за иста фактичка состојба судот донесува две спротиставени пресуди, а нема време да се преиспита втората, бидејќи делото застарува на 31 август.

Обвинителството можеше да бара конфискација на спорниот партиски имот во посебна постапка, но сега тоа не е возможно поради ослободителната пресуда.

Долго и мачно од почеток до крај

Aдвокатскиот тим на објавата на пресудата | Фото: БИРН

Ништо во овој предмет не беше брзо. На самиот почеток, на Кривичниот суд додека претседател беше Иван Џолев, му беа потребни цели девет месеци да го оцени обвинението за случајот „Талир 2“. Откако обвинението беше поднесено во ноември 2018, првото рочиште се одржа дури во август 2019 година.

На ова му претходеше правно надмудрувње на СЈО со Кривичниот суд, кој двапати одбиваше да го замрзне паритскиот имот.

Судењето во прв степен траеше две години и девет месеци. Откако се донесе пресудата, случајот во Апелација „чекаше ред“ за одлучување од година и седум месеци.

Обвинителот кој го наследи предметот Кристијан Смилевски | Фото: БИРН

Потоа, на исходот влијаеа и измените на Кривичниот законик од 2023 година, па судењето почна одново. Потоа предметот се судеше по вторпат уште две години и четири месеци.

Со други зборови, откако обвинението влегло во судот, во кое се обвинети двајца луѓе, овој случај се судел скоро осум години.

Пред три месеци новиот државен обвинител Ненад Савески ги одзеде сите овластувањата за предметите вклучително и за овој случај, па наместо Ленче Ристоска, почна да постапува новоименуваниот обвинител, Кристијан Смилевски. Одлуката тогаш предизвика критики во јавноста бидејќи дојде во завршна фаза на случајот.

Смилевски, како новоназначен обвинител во случајот не остави впечаток дека има посебен интерес да се бори за предметот кој веќе беше на самиот крај, особено ако се следат последните јунски рочишта кои се одлагаа.

Обвинителот не почувствува ниту потреба да побара од судот да биде проактивен во закажување на рочиштата, особено кога знае дека на предметот му истекува времето. Беше нем набљудувач, како да е поставен само да ја засведочи „смртта“ на случајот.

Таквиот пристап остави впечаток дека обвинителството како веќе да се помирило со исходот.

Судијката повторуваше дека неколку пати доаѓа до одлагање на рочиштата поради отсуство на бранител, но освен што тоа беше констатирано на записник, не промени ништо.

Времето како најдобар адвокат

Сега на потег е Апелациониот суд кој може да ја преиспита одлуката. Но, само ако стигне жалба од обвинителството. Тогаш второстепениот суд има краток рок да пресече дали судијката е во право, или пак, многу поизвесно, да констатира дека делото застарело, затоа што „рокот“ за тоа се 47 дена.

До тогаш треба да биде направено сѐ: Да биде напишана пресудата во рок од 15 до 60 дена, па да им биде доставена на странките. Само доставувањето на пресудата понекогаш трае со недели, особено за време на судска ферија, како што е сега, кога судот постапува само по итни предмети, каков што не е „Талир 2“.

Нема да дознаеме што се случило

За исти факти судијката донесе две спротивни пресуди. А бидејќи предметот најверојатно ќе застари, нема да дознаеме која пресуда е вистинската, што е уште еден пораз на правната сигурност.

Потоа следува нов рок од осум дена за жалба, па уште три дена за да се достави предметот до второстепениот суд. Кога предметот ќе стигне во Апелација се определува судија-известител, па следува нов рок од две недели до еден месец, кога списите треба да му се дадат на јавен обвинител за да достави предлог до второстепениот суд.

Дури по сите овие дејствија, второстепениот суд може да закаже седница и да одлучува.

Дури и строго придржување до најкратките законски рокови скоро и да не остава простор за правосилна одлука пред да настапи застареноста.

„Талир 2“ одамна не е правосудна приказна само за една партија и за еден обвинет поранешен премиер. Тоа е слика за држава во која политичката корупција може да преживее речиси сè – истраги, обвиненија, судења и пресуди.

Овој случај повеќе ќе се памети по тоа што го откри, отколку по тоа што (не) го докажа. Судските трошоци и трошоците за адвокатите во постапката, ќе ги платиме ние, граѓаните.