Анализи

Над сто осомничени во незавршените истраги на СЈО

Вкупно 19 истраги на СЈО, во кои се осомничени исто колку што се и на обвинителна клупа, чекаат епилог

Разврската на борбата со криминалот e оставена на чекање. Нецели три недели по изгласувањето на новиот Закон за јавно обвинителство, нема абер дали воопшто нешто се случува со истрагите што ги отвори специјалното јавно обвинителство. Јавниот дискурс главно е окупиран со претстојните избори, а прашањето за гонењето на криминалот е оставено на периферијата.

До примената на новиот закон има нецели четири месеци, па оттука е неизвесно кога ќе има одлуки за истражните постапки што ги отвори тимот на Катица Јанева, дали тоа може да се случи во меѓупериодот до важење на новиот Закон, или, сепак, ќе се чека да дојде први јули.

Ова особено поради тоа што некои истраги се отворени подолг период, но принудно беа ставени во фиока без истражни дејствија, а има и активни судски мерки за замрзнување имот, одземени пасоши и сл.

Во меѓувреме, над сто oсомничени физички и правни лица, меѓу кои и луѓе од врвот на власта, го очекуваат епилогот од истражните постапки.

Обвинители од СЈО, пак, за БИРН коментираат дека и до почетокот на важење на новиот Закон има простор да се покренат обвиненија, иако завршила истражната постапка, не исклучувајќи ја можноста тоа да се случи и во претстојниот период.

Првиот знак за тоа ќе бидат известувањата дека истрагите се завршени, кои треба да ги добијат осомничените и нивните адвокати за да почне да тече рокот од 15 дена, во кој, тие треба да поднесат докази, списи или да побараат од јавниот обвинител да собере докази во нивно име.

Најстарата отворена истрага на СЈО e од март 2017 година

Истрагите на СЈО се отворени повеќе од две години | Фото: БИРН

Во атмосфера на колективна разочараност по аферата „Рекет“, која најмногу им одеше во прилог на осомничените, истрагите што ги отвори СЈО го напластуваат времето на чекање. Некои од истрагите се отворени пред повеќе од две години, но поради законската пречка и начелното правно мислење на Врховниот суд, беа ставени во нафталин.

Во ловењето на „крупните риби“ што СЈО ги сомничи за криминал, како да се подзаборави дека ова обвинителство отвори истрага под кодното име „Табла“, и тоа пред три години. Тоа е најстарата истрага на СЈО.

Тогашниот директор на основно училиште, Сулејман Дервиши, во „Табла“ е осомничен дека незаконски склучил договор за градење училиште во село, во Општина Зајас, во 2006 година.

Истрагата беше отворена заедно со уште три други предмети („Тотал“, „Триста“ и „Тифани“)..

Иако изгледа нејасно што се случува со некои од постапките, БИРН, од извори во обвинителството, дознава дека има истраги зрели за обвинение и дека, иако со смален интензитет, сè уште се преземаат истражни дејствија за отворените предмети.

„За подигнувањето обвиненија треба да одлучат шефовите на обвинителствата и стручните колегиуми пред кои обвинителите ги реферираат предметите“, велат за БИРН обвинители што инсистираат на анонимност.

Сумирајќи ги податоците, излегува дека бројот на луѓето што седнаа на обвинителна клупа за предмети на СЈО, е приближно ист со бројот на лицата за кои има сомненија дека сториле криминал, но за кои сè уште нема обвиненија.

Откако СЈО во еден потег поднесе 17 обвиненија во законскиот рок (со претходните две за „Тврдина 2“ и „Насилство“), продолжи да работи истражни постапки, па така, во еден ден во декември 2017 година отвори седум истраги.

Во нив беа осомничени седумнаесетина лица. За првпат осомничени беа екс министерот за здравство Никола Тодоров (Рентген) и поранешната пратеничка Силвана Бонева (Друмарина). Меѓу истрагите се најдоа и онаа со име инспирирано од говорот на екс премиерот, Никола Груевски, за скандалот со прислушувањето „Странски служби“, за тендер за набавка на опрема за прислушување.

СЈО, веќе во март следната година, отвори уште три нови истраги. Во две од нив осомничен е екс премиерот Никола Груевски, а за првпат на листата осомничени се најдоа и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и пратеникот Антонијо Милошоски.

Триесет и пет осомничени беа опфатени со шесте следни истраги, кои обвинителите на СЈО ги отворија во октомври 2018 година. Меѓу нив, првпат се најдоа и екс министерот за финансии, Зоран Ставрески, вицепремиерот Бујар Османи и генсекот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Во октомври и во ноември 2018 година, СЈО ги отвори последните две истраги „Поштенска банка“ и „Империја“. Последнава истрага се насочи кон семејството на бизнисменот Орце Камчев и неговите соработници, како и кон екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков.

Сепак, во јануари 2019 година, Врховниот суд со начелното правно мислење ги замрзна  сите истраги отворени по 18-месечниот рок. Следуваше барање за автентично толкување до Собранието во однос на рокот, но тоа прашање остана неодговорено, сѐ до новиот закон, кој, според предлагачите, практично отвора пат за нивно продолжување.

Најмногу истраги на СЈО ќе завршат во Обвинителсството за гонење oрганизиран криминал | Фото: БИРН

Законот за јавно обвинителство пропиша дека доказната моќ на бомбите е историја. Тоа може да влијае врз неколку истраги на СЈО, какви што се „Попис“ и „Моќник“, бидејќи во нив има разговори каде што се слуша умислата за сторување на кривичното дело.

Потежок би бил патот за докажување на умислата во предметот „Хармонија“, иако според информациите на БИРН, за тој случај се обезбедени и други цврсти докази.

Од анализата на отворените истражни постапки може да се заклучи дека најчестото кривично дело за кое се осомничени овие лица е злоупотреба на службената положба и овластување, а најмногу кривични дела им се ставаат на товар на осомничените во „Империја“.

Покрај злоупотреба на службената положба и овластување, тие се товарат за злосторничко здружување, оштетување или повластување доверители, измама и перење пари.