Анализи

Базата на финансии ги откри бонусите на Јанева

  • 26
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Целосните примања на Јанева беа тајна | Фото: Роберт Атанасовски

Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, за време на својот мандат, зела вкупно 157.000 евра надвор од редовната плата, покажуваат официјалните информации од базата „Отворени финансии“.

Министерството за финансии, завчера преку базата ги објави сите буџетски трошоци од 2010 година наваму, освен основните плати на вработените во администрацијата и затоа не може да се дојде до официјална информација за висината на личниот доход на Јанева. 

Целосните примања на Јанева беа предмет од особен интерес на јавноста уште од самото формирање на СЈО, меѓутоа тие официјално не можеа да бидат потврдени бидејќи обвинителството дел од примањата ги класифицираше како таен податок. Сите инсистирања за сумите досега се сведуваа на претпоставки, а Јанева одбегнуваше да соопшти колку вкупно пари зема како шефица на Специјалното јавно обвинителство.

Најголем дел од дополнителните 157.000 евра таа ги добивала како додаток за доверливост – да не открива што чула во „бомбите“, а земала и надоместоци за кирија и за тоа што работела вон градот во кој живее.

Како што може да се види во базата, поранешната обвинителка секој месец земала по околу 42 евра за тоа што работи надвор од местото на живеење, 400 евра за кирија и додаток за доверливост што ѝ бил исплаќан под контото „Други трансфери“. Токму овој последен бонус е модусот преку кој Јанева ги зела најголемите суми.  

Тој се зголемувал во текот на мандатот од четири години – од 1.600, преку 2.200, па сѐ до 4.000 евра. 

Базата покажува оти Јанева за првпат ваков додаток за доверливост зела во ноември 2015, и тоа во износ од 248.000 денари, додека втор во февруари 2016, и тоа 70.000 денари. Наредните десетпати зела по 100.000, па еднаш – 40.000 и потоа уште 11 пати по 140.000. Од октомври 2017, па сѐ до јули годинава, Катица Јанева  22 пати зела по 250.000 денари или по 4.000 евра.

Додатокот за доверливост е предвиден со Законот за СЈО, а, според нашите информации, Јанева со посебна одлука лично го одредувала износот. 

Базата „Отворени финансии“

Додатоците за доверливост, на Јанева ѝ биле исплаќани на различни датуми, некогаш по два во месецот, некогаш преку еден месец, меѓутоа таа има вкупно 46 исплати, што одговара на бројот на месеци колку што беше на чело на Специјалното јавно обвинителство.

Вакви додатоци и надоместоци добивале и другите обвинители и некои вработени во СЈО. Сумите кај нив се различни, но без исклучок се пониски од оние на Јанева, која всушност самата ги одредувала, како за себе, така и за другите. И податоците за нивните примања може да се најдат на базата „Отворени финансии“.

Обвинителите и вработените не биле информирани за тоа кој колкави бонуси добива, а нејасно е  врз основа на каква методологија биле одредувани сумите.

Оваа база ги нотира и исплатите што Академијата за јавни обвинители ѝ ги исплаќала на Катица Јанева во периодот од 2015 и 2016, меѓутоа станува збор за мали суми споредено со она што таа го добивала од СЈО. Дополнително, на „Отворени финансии“ може да се види дека специјалната обвинителка, во март 2018 добила 53.000 денари од нејзиното матично обвинителство во Гевгелија и две исплати од владата под шифра „други оперативни расходи“, едната од 24.000 денари во 2018 година и другата од 36.000 денари годинава.

Поранешната шефица на СЈО, од завчера е во домашен притвор и го чека судењето за случајот „Рекет“, во кој Обвинителството за организиран криминал ја сомничи дека заедно со Бојан Јовановски – Боки 13 го рекетирале бизнисменот Орце Камчев. Според обвинението, Јанева добила 50.000 евра и мебел во вредност од 5.000 евра за да му дозволи на Камчев да се брани од слобода и да му го врати пасошот додека за него течела истрагата за „Империја“.

Јанева од Шутка неодамна побара и апанажа, односно уште една година да ја зема платата како поранешен функционер. Mедиумите објавија дека таа побарала и пари од таканаречениот „колективен фонд“ на СЈО за да ја плати адвокатката. Како што беше објавено, во фондот имало неколку десетици илјади евра и за него месечно принесувале сите вработени во СЈО. Парите биле користени за свадби, прослави, хуманитарни цели, болести и за незгоди.