Истражувањa

Хуманитарното друштво на Боки под истрага 

  • 12
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Јасна Мандиќ, потпретседателка на Меѓународен сојуз и директорка на 1ТВ | Фото: Влада на РСМ

Во исчекување на обвинение за случајот „Рекет“ обвинителката Вилма Русковска отвори нова истрага во која повторно првоосомничен е притворениот Боки 13, но во која како осомничени се јавуваат и татко му Миле Јовановски, претставници на неговиот хуманитарен Меѓународен сојуз, како и Фросина Ременски, висок функционер на владејачкиот СДСМ.

Според најавите на обвинителството, се очекува да биде приведена и да ѝ биде одредена мерка притвор на Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.

Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ беше важен дел од двата големи проекти на Бојан Јовановски – Боки 13, човекот што е осомничен во скандалот „Рекет“. Таа е косопственик на 1ТВ, заедно со таткото на Боки, директор е на телевизијата и втор човек на невладината Меѓународен сојуз со која претседателствуваше Бојан Јовановски.

БИРН се обиде да ја контактира на 28 август. Ја добивме на телефон, меѓутоа таа не сакаше ниту средба, ниту, пак, да одговори на прашања што евентуално би ѝ ги испратиле на имејл.

„Ме вознемирувате“, тоа беше сѐ што искоментира таа во кусиот телефонски разговор.

Спорна невладина со Боки 13

Рендер од европските центри за возрасни лица

Со Боки и со уште неколку десетици активисти и јавни личности, во 2017 година ја формирале невладината Меѓународен сојуз. Во хотелот „Александар палас“, во првиот ред на основачкото собрание, заедно со неа седеле сегашниот портпарол Костадин Костадинов, пратеничката на СДСМ Фросина Ременски, бизнисменот Енвер Малиќи и се разбира Бојан Јовановски.

Преку оваа организација требало да се градат европските центри за возрасни лица

„Ова ќе биде најголемо по големина и по обем на услуги, место за живеење и сместување на пензионери во земјата, кое поседува инфраструктура со која, не само што ќе обезбедиме нега на постари лица, туку и станбени објекти за активни постари лица“, вака Меѓународниот сојуз ја објасни идејата за европските центри за возрасни лица.

За овие проекти, двајца бизнисмени префрлиле вкупно околу милион евра на личните банкарски сметки на Јасна Мандиќ и на уште една жена, основач на невладината.

Битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски префрлил 720.000 евра на сметката на пензионерката Лилјана Тодоровска, додека стружанецот Ардијан Амзоски, 233.000 евра ѝ префрлил токму на Јасна Мандиќ. Планот бил со парите на Силјан Мицески да се изградат модерни пензионерски домови во Охрид и во Битола, а со оние на Амзоски ист таков центар во скопски Карпош.

Двете фирми се наведени и во денешната објава на Јавното обвинителство по сомневање за кривично дело – измама и перење пари. 

Првоосомничен е Бојан Јовановски, а останатите, меѓу кои е и Мандиќ, се сомничат за помагање. 

„Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра, од едното правно лице, и 233.821 евро, од другото“ се вели во соопштението на Јавното обвинителство. 

Ременски беше на распит во септември | Фото: Роберт Анастасовски

И додека Мицевски, според изјави во медиумите, не се чувствува измамен што сѐ уште не се градат центрите, стружанецот Амзоски за Телма тврдеше дека си ги бара парите назад, сосе камата.

Ново светло врз овие проекти фрли изјавата на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Јакимовски, кој СЈО го сомничи за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски во случајот ТНТ. 

Тој ги поврзува активностите на невладината на Боки и на Мандиќ-Ерцеговиќ со една дискутабилна одлука на специјалната обвинителка Катица Јанева.

Стружанецот Ардијан Амзоски е зет на Цаноски и како директор на фирмата што го градела „Космос“, во времето на Никола Груевски, бил осомничен за нелегална градба.

Сега поранешниот градоначалник Јакимоски тврди дека Катица Јанева кога го отворила предметот ТНТ го затворила обвинението за Амзоски, а тој по неколку месеци ги исплатил парите на невладината и тоа на сметката на Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ.

Во меѓувреме, Мандиќ се јави со соопштение во името на Меѓународниот сојуз. Тврдеше дека парите се искористиле за целите на невладината, меѓутоа не откри детали за што точно се употребиле овие речиси милион евра.

Невладини, медиуми и хотел во Грција

Мандиќ на програмата на 1ТВ

Јасна Мандиќ не е нов лик во НВО-секторот и за себе вели дека во сите организации работи про боно. Во 2010 година ја основала невладината „Дајте ни крилја“, која ги застапува интересите на лицата со посебни потреби и ретки болести, а две години подоцна учествува и во формирањето на Ресурсниот центар за родители на деца со посебни потреби.

Како резултат на нејзиното искуство во 2018 станала дел на две владини тела. Прво ја  избрале за член на Советот за соработка и развој на граѓанскиот сектор, а потоа и на Национално координативно тело за правата на лицата со попреченост.

Во сопствеништвото на фирмата „БЈМ медиа груп“, која денес стои зад 1ТВ, влегла во средината на 2016. Речиси две години потоа во компанијата влегол таткото на Боки и дури тогаш, пролетта 2018 телевизијата стартува со работа. Сега таа има пет проценти од компанијата, додека остатокот му припаѓа на Миле Јовановски.

За време на кампањата за претседателските избори, кога 1ТВ имаше спор со Државната изборна комисија (ДИК) – околу тоа дали телевизијата може да емитува платена политичка програма, и покрај тоа што задоцниле со пријава на ценовникот, Мандиќ-Ерцеговиќ за првпат се појави на програмата и беше претставена како директорка на телевизијата.

Таа како дипломиран правник ги коментираше легалните аспекти на спорот поради кој 1ТВ малку подоцна се вклучи во изборната кампања. 

На основачкото собрание на Меѓународниот сојуз, Мандиќ-Ерцеговиќ, меѓу другото, за себе кажа дека има приватен бизнис во странство. Станува збор за хотелот „Ал маре“ во близина на Полихроно, на првиот крак на Халкидики.

БИРН дојде до документ од грчката фирма на Јасна Мандиќ-Ерцеговиќ преку централниот регистар на Грција. Фирмата е заведена под името „Јасна Мандиќ ИКЕ“, регистрирана е во областа на туризмот и во неа Мандиќ-Ерцеговиќ има двајца партнери од Македонија.

На неколку интернет-страници може да се види дека таа е претставена како менаџер на хотелот, тоа го пишува и на нејзината линкедин-страница, додека на Фејсбук, каде што е Јасна Ерцеговиќ, може да се види дека го промовира овој угостителски објект. Дополнително, телевизиската водителка и инфлуенсерка Лила Филиповска, која е блиска пријателка на Боки, на својот Инстаграм го промовира хотелот.

Според информациите на обвинителството за Јасна Мандиќ ќе се бара притвор, а за другите осомичени ќе се бараат мерки за претпазливост. Првоосомничениот Бојан Јовановски речиси три месеци е во притвор за случајот „Рекет“.