Анализи

СЈО е сè помалку специјално

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Поради историскиот контекст во кој се изроди на СЈО му се падна улогата на правен месија | Фото: БИРН

Терминот „специјално“ од колоквијалниот назив СЈО се однесува на единствената задача на ова обвинителство, да ги истражува нелегално прислушуваните разговори, со што се направи преседан во дотогашната судска практика.

СЈО беше специјално и бидејќи за првпат некое обвинителство истражуваше корупција и злоупотреби во редовите на актуелната власт, поставуваше повисоки стандарди за транспарентност, ѝ даде шанса на млада и неизвалкана екипа, на која ѝ се придружија професори и познати правници.

СЈО беше специјално и бидејќи за првпат некое обвинителство истражуваше корупција и злоупотреби во редовите на актуелната власт

Се зафати да ги испитува финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ, бизнисите зад кои стоеше двоецот Мијалков – Камчев и прислушувањето, работи за кои претходно само се шепотеше, а каква било истрага беше надвор од умот.

Поради историскиот контекст во кој се изроди од Пржинскиот процес му се падна улогата на правен месија и затоа од него се очекуваа повисоки етички стандарди.

Три години подоцна, СЈО сè почесто реагира на политички импулси, сме заборавиле кога последен пат одржало прес-конференција, видовме непотизам и непристојно однесување во судница, а сè погласни се најавите дека обвинителството може да остане без „бомбите“ и без дел од актуелните истраги.

Синхронизирано пливање со политичката агенда

Сме заборавиле кога СЈО последен пат одржало прес-конференција | Фото: БИРН

СЈО и претходно било обвинувано дека е политичка маша, но коинциденциите особено бодеа очи кога се вршеше силен дипломатски притисок врз ВМРО-ДПМНЕ да ги прифати уставните измени предвидени со Преспанскиот договор.

Имено, тогаш СЈО излезе со нови истраги за поранешни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и за еден член на актуелното партиско раководство.

Покрај тајмингот, спорно е и тоа што Специјалното јавно обвинителство ги напушти своите вообичаени практики да ги најавува истрагите на прес-конференција и да ги открива само иницијалите на осомничените. Овојпат ги објави целите имиња и прати само соопштение.

Наместо прес-конференција, Катица Јанева ги промовираше истрагите во ексклузивно интервју на Канал 5.

Доколку СЈО ја задржеше старата пракса, тешко дека некој ќе погодеше оти иницијалите И.Ј. во случајот „Дизајн“ се однесуваат на актуелниот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев. Затоа партијата ова веднаш го протолкува како дел од притисокот да се прифати Договорот од Преспа.

На идентичен начин, без вообичаениот прес и со целите имиња на осомничените, СЈО ја најави една од најочекуваните истраги „Империја“, која се занимава со бизнисите зад кои стои двоецот Мијалков – Камчев.

Изгледа дека СЈО беше искористено да ги неутрализира негативните реакции што следеа по бегството на експремиерот, со тоа што на негово барање Мијалков влезе и брзо излезе од притвор

И во овој случај, во најмала рака, чуден беше тајмингот.

„Империја“ се појави доцна попладнето на 9 ноември минатата година, истиот ден кога судскиот курир не го најде Груевски дома и кога почнаа да се будат сомнежите дека избегал.

Изгледа дека СЈО беше искористено да ги неутрализира негативните реакции што следеа по бегството на експремиерот, со тоа што на негово барање Мијалков влезе и брзо излезе од притвор.

Полицијата го приведе Мијалков истиот ден кога Груевски на Фејсбук објави дека добил азил од Унгарија. СЈО се исплаши дека и тој ќе избега, иако само една недела претходно Катица Јанева беше убедена и јавно тврдеше оти тој нема да ги следи стапките на братучедот.

Осумтемина пратеници од опозицијата, кои ги поддржуваа уставните измени, порачаа дека престојот на Мијалков во Шутка „го вознемирува процесот на помирување“, а слично предупредуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по што случајно или не СЈО се премисли.

Јанева по речиси два месеца побара Мијалков и другите осомничени во „Империја“ да одат во домашен притвор и тоа отвори сомнеж дека целата операција е димна бомба за прикривање на скандалот со бегството на Груевски.

Бледнее специјалниот имиџ

За тимот на Јанева ќе бидат вистински предизвик завршниците на големите случаи | Фото: Роберт Атанасовски

СЈО се појави во време на целосна општествена декаденција и некако природно од него се очекуваа повисоки етички стандарди. Тие стандарди секако не дозволуваат специјалната обвинителка да си го вработи внукот од сестра токму во СЈО, што беше протолкувано како класичен непотизам.

Слична реакција уследи и по ангажманот на нејзината сестра во државната Комисијата за хартии од вредност по смената на власта.

Удар врз имиџот на СЈО се и неодмерените изјави на дел од обвинителите, кои на моменти звучеа како чисто политиканство. Фатиме Фетаи на пресот за случајот „Трезор“ сосема непотребно иронизираше позната изјава на Никола Груевски.

„Парите како и вистината се како шило“, со овие зборови Фетаи ја затвори прес-конференцијата за спорната набавка на опрема во УБК.

Во јавноста се проблематизира и нејзиното однесување во судница. Се чини дека обвинителката Фетаи целосно се вложува да ги скандализира новинарите.

„Не сум дојдена за да ве видам колку сте убава“, ѝ префрли на судијка, a за обвинет кој со боледувања избегнувал рочишта, саркастично коментираше дека „во иднина очекува да забремени“.

Исповедите на Катица Јанева и на Фетаи за своите политички амбиции, градоначалничка на Гевгелија и претседателка, најблаго кажано можат да одат во категоријата „неумесно“.

Затоа не е изненадување што на последната анкета на МЦМС и Телма повеќе од половината испитаници се изјасниле дека немаат доверба во Специјалното јавно обвинителство, односно дека само 41 процент му веруваат.

Удар врз имиџот на СЈО се и неодмерените изјави на дел од обвинителите, кои на моменти звучеа како чисто политиканство

Не може да се направи директна споредба со претходните анкети, бидејќи се работи за различни прашања и различни испитувања, меѓутоа не е за занемарување тоа што анкета од пред две години покажува дека 63 проценти од граѓаните ја поддржуваа работата на обвинителството.

Доколку се остварат најавите дека политички партии и групи во Собранието, кои се засегнати од неговите истраги, бараат обвинителството да остане без „бомбите“ како доказ, па дури и како индиции, СЈО дефинитивно ќе загуби на „специјалност“.

Министерката за правда Рената Тренеска-Дескоска најави и дека е можно СЈО да изгуби дел и од истрагите и предистражните постапки што се во тек, односно да им ги преземе Обвинителството за организиран криминал.

Ваквите предлози се наоѓаат во трите верзии на новиот закон за СЈО, кои сè уште не се дефинитивни.

СЈО беше препознаено како светол пример од киднапираното македонско правосудство, а тоа го видоа и странските новинари и затоа трите специјални обвинителки ги споредија со детективките од филмот „Чарлиевите ангели“.

Меѓутоа, ова обвинителство сѐ повеќе се претопува во амбиентот на подредената судска власт и затоа за тимот на Катица Јанева ќе бидат вистински предизвик завршниците на големите случаи, како нелегалното прислушување, финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ и случајот „Империја“.