Анализи

Контрола на финансирање на партиите столб на антикорупциските закони

Законот за спречување на корупцијата наиде на пречки во Собранието | Фото: Роберт Атанасовски

Отпорот на зголемената контрола врз финансирањето на политичките партии досега двапати го блокираше Законот за спречување на корупцијата, а наскоро во законодавниот дом пристига  уште еден закон со кој партиските пари ќе станат повидливи за јавноста  – Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Во новиот антикорупциски закон се предвидуваат поголеми ингеренции на Државната комисија за спречување на корупцијата за контрола врз финансирањето на партиите, додека, пак, со новото законско решение за пристап до информации од јавен карактер се отвора можност секој граѓанин да побара од секоја политичка партија информација во врска со тоа како и од кого ги добива парите за своите активности и како ги троши.

На двата закони работеа владини тимови заедно со работни групи од граѓанските организации. Сепак, првиот владин предлог на законот за спречување на корупцијата беше повлечен и група пратеници од мнозинството поднесе нов предлог, кој е речиси ист, со измени во неколку членови, во кои подобро се дефинира јавниот интерес и јавното овластување, како и надлежностите на комисијата за селекција на кандидати за новата Антикорупциска комисија. Владата на вчерашната седница го разгледа предложениот закон за пристап до информациите од јавен карактер и одлучи и него да го прати во собраниска процедура.

Законот за борба против корупцијата се носи по скратена постапка и е со европско знаменце.

Според опозицијата, контрола веќе има

Ревизорите редовно наоѓаат неправилности во партиското финансирање | Фото: БИРН

Со новиот закон, Антикорупциската комисија ќе може директно да го истражува финансирањето на партиите и на кампањите, по своја иницијатива, или по пријава од кој било граѓанин. Ова е една од одредбите со кои досега ВМРО-ДПМНЕ не се согласувал. Опозициската партија бара само учесниците во кампањите да можат да поднесат пријави едни против други ако имаат индиции за нерегуларно финансирање, но не и трети лица.

„Според она што е поднесено, физички лица да можат да пријавуваат нерегуларно финансирање на политички партии и политички кампањи. Тоа значи можност за заглавување на работата на антикорупциската, со тоа што илјада пријави да стигнат, организирано, знаеме дека тоа се во можност да го направат, и да се закочи работата на Антикорупциската комисија“, рече партискиот портпарол Наум Стоилковски на прес-конференција, во одговор на новинарско прашање.

Како што додава тој, веќе има закон според кој контролата на финансирањето на партиите и на кампањите врши Заводот за ревизија. Стоилковски вели дека тоа е според препораките на ГРЕКО, па затоа немало потреба тоа да го прави и Антикорупциската комисија.

Меѓутоа , факт е дека ревизорите редовно наоѓаат неправилности во финансирањето на партиите, но ефектите се речиси невидливи. Во последниот извештај за СДСМ се вели дека начинот на кој партијата ја собира членарината, не овозможува увид дали се прекршуваат законите и дали се надминуваат максималните износи што еден член може да ги уплати. Во ДУИ чувале повеќе пари во кеш отколку што било дозволено со закон и немале целосна евиденција за прометот од благајната. Оваа партија за кампањата во 2016 година примила донации од физички лица во поголеми износи од дозволените. ВМРО-ДПМНЕ, пак, имале три сметки наместо една, што е исто така незаконски, а освен тоа дел од кампањата финансирале со кредит. Само за кредитот има информација дека се води постапка пред суд. Ревизорските наоди генерално остануваат само во извештаите.

Најпознатиот судски случај во врска со финансирањето партии, „Талир“ на Специјалното јавно обвилителство, всушност произлезе од прислушкувани разговори, а не од редовните контролни механизми на државата.

Обид за „обелување“ на оцрнетата политика

Во партиските каси се слеваат 4,5 милиони евра државни пари | Фото: БИРН

Потпретседателката на Владата, Радмила Шекеринска, во телевизиско интервју на Канал 5 им порача на опозиционерите да не се противат на законските решенија со кои Антикорупциската комисија ќе има увид во финансирањето на политичките партии и во банкарските сметки и во други податоци за политичарите.

„Толку се оцрни функцијата политичар, што ние треба први да викнеме и да покажеме дека сме спремни сѐ да ставиме на тањир. Кога ќе влезеш во оваа сфера, не можеш да кажеш – знаете како, банкарската тајна е заштитена. Ако сакаш да ја штитиш тајноста на твојата банкарска сметка, немој да влегуваш во политиката“, порача Шекеринска.

Таа додаде дека бидејќи партиите од оваа година добиваат многу повеќе пари од државниот буџет, тоа им ја зголемува одговорноста да бидат потранспарентни.

Во јули минатата година, со големо мнозинство, 101 глас од вкупно 120 пратеници беа усвоени законските измени со кои партиите меѓу себе ќе си делат 0,15 проценти од државниот буџет, наместо 0,06 проценти како досега. Тоа значи раст од 1,8 на 4,5 милиони евра народни пари во партиските каси.

„Политичките партии треба да имаат пари за да не зависат од бизнисот и да не зависат од црните финансии. Меѓутоа, ако сакаш да користиш државни пари, не можеш да бегаш од контрола. И затоа ова беа два многу важни принципи и за Европската комисија. И затоа јас и денеска апелирам да се прифати законот. Ние рековме, десетина-петнаесет амандмани што се однесуваат на други теми, спремни сме да ги подготвиме. Меѓутоа, ние не сакаме да имаме борба против корупција, која ќе биде декларативна. Ни треба Антикорупциска комисија од која секој од нас по малку ќе се плаши. Во кој јавноста ќе го доживее тој нов орган, таа нова комисија како силна, со легитимитет и со независност“, рече Шекеринска во интервјуто.

Освен зголемените ингеренции на Антикорупциската во врска со финансирањето на партиите, меѓу позначајните новини во законот е и промената на начинот на избор на членови на комисијата. Во тој процес ќе учествува и т.н. комисија за селекција, составена од пратеници од власта и од опозицијата, претставници на граѓанските организации од оваа област и на медиумите, како и претставник на Народниот правобранител. Со тоа треба да се добие поголем граѓански увид и контрола во именувањето нови антикорупционери, во комисијата која е празна уште од минатата пролет.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ досега повеќепати обвинија дека начинот на кој треба да се избере Антикорупциската е премногу комплициран и дека власта сака да не се состави нова комисија до претседателските избори.

Секој да може да ѕирне во партискиот џеб

Партиите нема да го кажуваат само тоа што го сакаат, туку и тоа што им се бара | Фото: БИРН

Предложениот закон за пристап до информациите од јавен карактер што беше објавен на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) и што помина владина и стигна во собраниска процедура е целосно направен според насоките на работната група составена од претставници на граѓански организации и на медиуми.  

Со законот партиите директно ќе им одговараат на граѓаните за своите пари. Политичките партии во делот на финансирањето и досега се контролирале преку Државната изборна комисија, Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија. Информациите за тоа од кого добиваат пари и како ги трошат сега може да се добијат индиректно, од овие државни институции. Сепак, во работната група одлучиле да ги додадат директно партиите како иматели на информации од јавен карактер.

„Реално, во нормални услови, секој има право да добие увид во финансирањето на партиите за изборните кампањите преку овие институции. Но, бидејќи имавме заробена држава, со контролирани институции и нецелосна транспарентност на информациите поврзани со финансирањето на партиите, што е податно за ширење корупција, неопходно беше да се осигуриме дека пристапот до информациите ќе биде гарантиран. Затоа, во новиот предлог-закон за слободен пристап беше неопходно да се уреди дека иматели на информации се и самите политички партии во делот на финансирањето“, вели Данче Данаиловска Бајдевска од Фондацијата Отворено општество, која беше членка на работната група.

Со законот, исто така, Комисијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер ќе се трансформира во Агенција, која ќе добие поголеми овластувања да реагира против органите од кои биле побарани информации, а тие не ги доставиле во одредениот рок од 30 дена. Таа ќе води управни постапки и ќе одлучува по жалбите на одбиените и ќе може да изрекува казни до 500 евра за недавање информација. Овие мерки ќе може да се применат и против политичките партии.

Данаиловска не очекува дека за неговото усвојување ќе има кочници. Како што објаснува таа, во Законот за финансирање на политичките партии веќе е утврдено дека секој граѓанин има право на еднаков пристап во увидот на финансирањето на политичката партија, а со законот за пристап до информации само се утврдува процедурата како да се добијат тие податоци со рокови и жалби.