Вести

За првпат Врховниот суд ќе расправа за пресуди на СЈО

  • 6
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Врховниот суд ќе расправа за првите пресуди на СЈО | Фото: БИРН

По неколкумесечно одлагање, неделава двајца врховни судии се очекува да реферираат за два предмета од случајот на СЈО „Тенк“, потврдија извори за БИРН.

Едниот предмет пред колегите ќе го изнесе судијата Ристо Катавеновски, а во него се бара највисокиот суд да ја преиспита двегодишната затворска казна за Никола Груевски, како и за поранешниот-помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски, кој беше осуден на четири и пол години затвор.

Адвокатите на Груевски, во барањето навеле дека Апелациониот суд одлучувал за дело што застарело, односно дека апсолутната застареност настапила при телефонскиот разговор на Груевски со Јанкулоска, или при исплатата на „мерцедесот“, а не потоа. Ги оспоруваат и бомбите како доказ, а приговараат и на начинот на водењето на записниците и изведувањето на доказите.

Вториот предмет за популарниот случај „Тенк“ треба да го реферира судијата-известител Џемали Саити. Таму ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, бара да ѝ се провери законитоста на постапката и да ѝ се преиспита четиригодишната затворска казна.

И во овој предмет обвинетата поранешна министерка преку нејзината адвокатка бара да се преиспита пресудата поради сторени повреди на законот и поради начинот на кој била водена кривичната постапка.

„Тенк“ е првиот предмет на СЈО за кој се преиспитуваат донесените правосилни пресуди.

Петте судии по реферирањето на предметите може да побараат дополнително време за да ги проучат списите. Потоа треба да одлучат дали да ги потврдат, преиначат или да ги укинат пресудите за набавката на „мерцедесот“ од 600 илјади евра.

Неколку дена пред Горданa Јанкулоска да отиде во затвор, највисокиот суд, почитувајќи ја сличната судска пракса во примерот со експремиерот, Владо Бучковски, го одложи извршувањето на затворската казна додека нема одлука за пресудата.

За поранешната министерка се водеше раздвоена постапка поради мајчинските обврски, а Груевски и Поповски беа осудени во мај 2018 година.

Иако Груевски за пресудата на судијката Добрила Кацарска се жалеше многу порано пред Јанкулоска, предметот не можеше да стигне до Врховниот суд, бидејќи беше на пониските судови.

Од одлуката на Врховен ќе зависи и продажбата на мерцедесот за купување амбулантни возила, најава што ја даде Зоран Заев. Возилото е сѐ уште гаражирано и го чека исходот  од последната правосудна инстанца.

Експремиерот во ноември 2018 година, кога требаше да се јави во затвор за издржување на казната избега во Унгарија. Ако Врховниот суд потврди, а до октомври 2024 година Груевски не влезе во затвор, ќе му застари затворската казна.

За случајот „Тенк“ на СЈО, во затвор е единствено Ѓоко Поповски.

Во пресудата пишува дека Груевски им влијаел на другите двајца обвинети, поточно од Јанкулоска побарал МВР да купи „мерцедес“, а Јанкулоска, го поттикнала Ѓоко Поповски да фаворизира еден економски оператор.