Анализи

Што „може“ СДСМ, а што ќе „обнови“ ВМРО-ДПМНЕ

„Обнова“ и „Можеме“ се слоганите што партиите ги избраа за овие избори | Фото: БИРН, В. Маглешов

Kрајно воопштена изборна реторика за спроведување реформи и вообичаените проекти во инфраструктурата, здравството и во образованието доминираат во изборните програми на двата најголеми политички ривали, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, во пресрет на предвремените парламентарни избори.

Политичките партии не штеделе зборови кога ги пишувале изборните програми, а богами ниту евра. На вкупно 608 страници се испишани стотици проекти, за чија реализација би биле потребни над 20 милијарди евра.

Двете партии во суштина нудат слична програмска содржина, спакувана во два различни документи, без притоа да се робува на идеологијата на левите или десните партии на кои припаѓаат. И пребарувањето клучни зборови во едната и во другата програма го покажа тоа.

Во програмата на владејачката партија СДСМ, наречена „Можеме“, напишана на вкупно 268 страници, најмногу доминираат зборовите „Европска Унија“ или „ЕУ“, кои се спомнуваат дури 109 пати и ја одразуваат главната стратегиска цел на оваа партија, а тоа се евроинтеграциите на земјата.

Потоа, најчесто застапен е зборот „инфраструктура“, кој се спомнува 94 пати,  „НАТО“ може да се прочита 58 пати, „работни места“, во контекст на намалување на невработеноста, се спомнува 54 пати, додека, пак, зборовите „правда“, „правна држава“ или „владеење на правото“ само 17 пати.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, наречена „Обнова“, распослана на 340 страници, според речиси истиот редослед, но поретко застапени отколку во програмата на СДСМ, најчесто спомнуван збор од неколкуте клучни што ги пребарувавме е исто така „Европска Унија“ или „ЕУ“, и тоа 74 пати, а исто толку пати може да се прочита и зборот „инфраструктура“. Потоа, 32 пати може да се прочитаат зборовите „работни места“,16 пати зборовите „правда“, „правна држава“ или „владеење на право“ и „НАТО“ само 12 пати.

И двете програми изобилуваат со километри нови патишта, железнички пруги, проекти за обновливи извори на енергија, инвестиции во здравството и образованието.

Меѓутоа, сè додека се на хартија, ветувањата се бесплатни.

Во овој контекст, за гласачите, всушност, најважен ќе биде одговорот на прашањето – не кој што нуди, туку какви гаранции даваат политичарите дека навистина ќе си ги остварат своите предизборни ветувања.

При овој избор, несомнено значаен за гласачите ќе биде и политичкиот багаж и претходното искуство на кандидатите за мандатари.

Партијата што беше на власт во последните три години, СДСМ, несомнено како свои најсилни адути ги истакнува влезот во НАТО, датумот за почеток на преговорите со ЕУ и очекувањата за одржување на првата меѓувладина конференција најавена до крајот на годинава, како формален почеток на евроинтеграциите, или некои од економските достигнувања до пред избувнувањето на пандемијата.

Но, од друга страна, досегашната владејачка партија ќе мора да се соочи со силните критики од граѓаните дека не успеа да воспостави правна држава и владеење на правото, без оглед што преку масовен собир, пред неколку месеци, оваа партија се обиде да се дистанцира од неуспесите на судската власт како независна од извршната власт.

Најголемата опозициска партија, пак, ВМРО-ДПМНЕ, иако се обиде формално да расчисти со своето минато и со некои од партиските функционери што беа обвинети за сериозен криминал, сепак сè уште носи тешко бреме од периодот на владеењето до 2016 година, кога меѓународната заедница ја окарактеризираше земјава како заробена држава.

Што „може повеќе и подобро“ СДСМ?

Зголемувањето на минималната плата е едно од достигнувањата што го истакнува СДСМ | Фото: БИРН, В. Маглешов

Изборната програма на СДСМ за периодот 2020-2024 година е поставена на шест столбови, и тоа: Рестарт на македонската економија; Стоп Ковид 19; Грижа за сите; Ред, дисциплина и правда; Екодржава; и НАТО и ЕУ.

Во воведниот дел на програмата, претседателот на партијата, Зоран Заев вели дека „ова е понуда што обезбедува план за успешно справување со ефектите од корона кризата, уште посилен економски раст, уште поодговорни институции, уште понагласен напредок, ова се мерки што обезбедуваат ред, правда и дисциплина“.

Во првиот столб посветен на клучните економски цели, СДСМ се осврнува на некои од своите достигнувања во последните три години, па ги истакнува растот на бруто домашниот производ (БДП) од 3,6 проценти лани, отворањето на над 60.000 работни места во последните две години, зголемувањето на просечната плата на 27.200 денари, како и зголемувањето на минималната плата од 9.000 на 14.500 денари.

„Оваа голема економска промена беше возможна и поради повисокиот износ на домашни и странски инвестиции. Обезбедивме историски највисок износ од 950 милиони евра странски инвестиции во 2018 и во 2019 година“, пишува во програмата на СДСМ, осврнувајќи се на сработеното.

Потоа, владејачката партија наведува дека пандемијата со корона вирусот, која наметна строги мерки на ограничувања за да се запре ширењето на заразата оставила силни последици врз економијата, па ги набројува и сите мерки што ги донесе владата за да го амортизира ударот.

За следните четири години, СДСМ најавува дека ќе обезбеди економски раст од 4 проценти. По завршувањето на кризата со корона вирусот, оваа партија ветува зголемување на минималната плата за 40 проценти, со што би достигнала до 20.000 денари и на просечната плата во земјата за 30 проценти, на ниво од 34.000 денари.

Паралелно со платите, оваа партија најавува дека рамномерно ќе растат и пензиите, со што минималната пензија би се зголемила за 21 отсто до крајот на мандатот.

Влез на странски директни инвестиции од една милијарда евра во текот на целиот мандат и 2,2 милијарди евра јавни инвестиции од страна на државата.

„Значително ќе го зајакнеме капацитетот за реализација на јавните инвестиции. Капиталните инвестиции ќе бидат генератор на јавната инвестициона потрошувачка за да се фокусираме целосно на огромниот потенцијал на домашната потрошувачка и инвестиции“, пишува во програмата.

За следните четири години, СДСМ најавува дека ќе обезбеди економски раст од 4 проценти. По завршувањето на кризата со корона вирусот, оваа партија ветува зголемување на минималната плата за 40 отсто, со што би достигнала до 20.000 денари и на просечната плата во земјата за 30 отсто, на ниво од 34.000 денари

Во делот на даночната политика, СДСМ најавува дека данокот на добивка ќе остане на истото ниво од 10 отсто, а тие компании што ќе ја реинвестираат добивката следната година, ќе бидат ослободени од овој данок. Персоналниот данок на доход, исто така, 10 отсто, освен за вработените во ИТ индустријата, каде што се планира да биде 0 отсто, меѓутоа, повторно се зборува за воведување на прогресивното оданочување.

„Остануваме посветени на праведноста во оданочувањето, со понуда на осмислен систем на прогресивното оданочување на вкупните лични приходи, по претходно сериозна и детална јавна дебата и преговори, со фокус на реконфигурирање на концептот на личен доход (семеен доход) и воведување данок на луксуз“, пишува во програмата.

Во делот на ДДВ, се најавува намалување на стапката кај одредени сектори, како ресторани и занаетчии.

„Го стабилизиравме редовниот поврат на ДДВ и прекинавме со лошите пракси од минатото на дискриминација и притисоци при поврат или при плаќање на обврските на државата. Продолжуваме со оваа добра практика“, се обврзува СДСМ.

Потоа следуваат низа мерки за приватните фирми, како поддршка од 600 милиони евра за инвестиции и намалување на парафискалните давачки за 75 проценти.

Зборувајќи за пандемијата од Ковид 19, СДСМ наведува дека „големо мнозинство од македонските граѓани се задоволни од начинот на кој се менаџираше оваа криза“, и потенцира дека здравствениот систем е подготвен за нов бран наесен. Во тој контекст, најавени се 33 милиони евра инвестиции во одделенијата за интензивна нега, нови регионални здравствени центри во Струмица, Охрид и во Тетово, како и нов клинички центар во Скопје.

Во социјалната политика, оваа партија најавува зголемување на опфатот на социјалната помош од 26.000 на 34.000 домаќинства и детски додаток за околу 65.000 деца. За студентите, СДСМ ветува дека ќе ги реновира сите студентски домови по примерот на домот „Гоце Делчев“.

Во врска со воспоставувањето правна држава, СДСМ најавува прочистување на судството, конкретно преку разрешување на судиите чии предмети ќе застарат, детална проверка на имотната состојба на сите судии и обвинители, европски мониторинг на случаите каде што има висока корупција и криминал.

Партијата најавува и кратење на државната администрација за 20 проценти и целосно укинување на патните трошоци за пратениците.

Во екологијата, СДСМ најавува поригорозни контроли и казни за загадувачите, 60.000 бесплатни екоинвертери, во замена за печки на фосилни горива и целосно укинување на употребата на пластични кеси и цевки.

Последниот столб во оваа програма е посветен на НАТО и на ЕУ. Партијата ветува дека во својот мандат ќе отвори дури 80 проценти од сите поглавја од преговорите за членство во ЕУ и пристап до европски фондови од 2,5 милијарди евра.

Каква „Обнова“ нуди ВМРО-ДПМНЕ?

ВМРО-ДПМНЕ ветува економски раст преку изградба на силни институции | Фото: БИРН, В. Маглешов

Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ наречена „Обнова“ и под мотото „Се обврзуваме“, е поставена на четири столба, и тоа: Ефикасна држава и силни институции; Конкурентен приватен сектор; Интегрирана, стабилна и безбедна земја; и Подобри услови за живот за сите граѓани.

Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, во воведот објаснува дека програмата „се фокусира на економијата, претприемништвото и поддршка на бизнисот, а целта е едноставна, повеќе пари за секого“.

Во првиот столб, оваа партија дава свои проценки за економијата во следните четири години и се обврзува да оствари економски раст до 5 отсто до крајот на мандатот.

„За висок економски раст потребни се силни институции. Во периодот 2020-2023 година, ВМРО-ДПМНЕ ќе работи на интензивирање на економскиот раст преку изградба на силни институции, одржување високи капитални инвестиции од буџетот, посилна инвестициска активност на домашниот приватен сектор, но и преку нови странски инвестиции и раст на извозот“, пишува во програмата.

Таму се додава дека „доколку не се случат непредвидени геополитички и економски нарушувања на глобално и регионално ниво, вклучувајќи и нов бран на пандемијата со Ковид 19, во периодот 2020-2023 година, растот на БДП ќе се движи меѓу 4 отсто и 5 отсто“.

Во делот на даночната политика, оваа партија се залага да го задржи моделот на рамен данок, но со намалување на стапката од 10 отсто на 8 отсто. Данокот на добивка за компаниите што ќе ја реинвестираат, да продолжи да биде 0 проценти.

Притоа, се најавува ослободување од персонален данок на доход за млади до 29 години што ќе остварат нето-приходи до 6.000 евра при првото вработување.

Новина е и воведувањето зелени државни обврзници, односно хартии од вредност, со кои ќе се задолжува Министерството за финансии, но наменски, за намалување на загадувањето.

Во делот на капиталните инвестиции, ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека „постои силна корелација меѓу висината на јавните инвестиции и растот на бруто домашниот производ. Покрај висината на јавните инвестиции, важна е и ефикасноста во нивната имплементација“, пишува во програмата на оваа партија, и таа се обврзува дека ќе инвестира минимум по 4 отсто од БДП годишно во капитални објекти.

Притоа, најавува изработка на национална програма за јавни инвестиции и формирање тело за следење на капиталните инвестиции.

Во врска со тековните трошоци од буџетот, оваа партија најавува кратење на парите за стоки и услуги за 10 отсто, зголемување на платите во јавниот сектор за 25 отсто до крајот на мандатот, но не и кратење на бројот на вработени, и раст на пензиите за 20 отсто.

Новиот развоен концепт на ВМРО-ДПМНЕ, како што пишува во програмата, „ќе биде насочен кон креирање модерни индустриски политики насочени кон извозно ориентирана индустријализација на земјата, како основа за забрзување на економскиот раст и подобрување на животниот стандард на македонските граѓани“, и притоа се планира Министерството за економија да стане Министерство за индустрија, трговија и развој и наведени се низа проекти за поддршка на извозните компании.

Оваа партија повторно ги актуализира и промоторите како дел од нов модел за привлекување странски инвестиции.

„Овие промотори ќе бидат лоцирани во оние земји и региони каде што потенцијалот за привлекување странски инвестиции е најголем“, пишува во програмата.

Преку проектот „Слобода за неправедно осудените во политички монтираните случаи“, партијата најавува дека ќе примени инструмент „потрага по вистината“ во елиминирањето на селективната правда и во решавањето на случаите со неправедно осудените лица во политички монтираните процеси

Во делот на образованието, наведени се проекти за изградба и реконструкција на основни, средни училишта и факултети и студентски домови. Од останатата јавна инфраструктура, планирана е реконструкција на сите државни патишта според степенот на оштетеност, потоа во Град Скопје, жичарница од подножјето до средно Водно, како и пречистителна станица.

Најавена е изградба на пругата од Коридорот 8 кон Бугарија, како и набавка на нови возови.

Една од најголемите разлики меѓу двете најголеми партии е во врска со рударството. ВМРО-ДПМНЕ во програмата најавува политики за развој на рударски капацитети и набројува отворање дури пет рудници за металични суровини, меѓу кои Стогово, Тајмиште, Плавица, Кадиица и Лојане.

За разлика од нив, СДСМ во неколку наврати се изјасни дека нема да дозволи отворање нови рудници и дури и ги раскина договорите со некои од концесионерите, со што ја испочитува волјата на граѓаните што се бунтуваат против оваа политика.

Потоа, неколку страници од оваа програма се посветени на реформи во уставно-правниот и политички систем во земјава.

Партијата констатира дека „Македонија е заробена држава со хибриден правен и политички режим“.

Како дел од решенијата, ВМРО-ДПМНЕ наведува дека ќе формира експертска група со задача да ги посочи сите евидентирани слабости, проблематични, неконзистентни и неприменливи одредби во Уставот на Македонија и да подготви нови, модерни предлог-уставни решенија, во согласност со европските вредности и стандарди.

Потоа, проверка на имплементацијата на европските стандарди и вредности во текстот на сите нацрт или предлог-закони пред тие да бидат донесени во Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека ќе понуди политики со кои судството и обвинителството ќе ги ослободи од политичките, но и од другите форми на влијание и зависност.

„Ќе воведеме нови критериуми за избор на судиите, за избор на претседателите на судовите, ќе ги подигнеме критериумите за унапредување на судиите, за евалуација на нивната работа, како и критериумите за утврдување одговорност на судиите и на претседателите на судовите врз построги законски основи“, пишува во програмата.

Еден од највпечатливите проекти на оваа партија, која најголем дел од предметите на Специјалното јавно обвинителство во последните години ги нарекуваше политички монтирани, е проектот „Слобода за неправедно осудените во политички монтираните случаи“, каде што партијата наведува дека ќе примени инструмент „потрага по вистината“ во елиминирањето на селективната правда и во решавањето на случаите со неправедно осудените лица во политички монтираните процеси.

Во врска со патните трошоци на пратениците, оваа партија планира да признава само најниски патни трошоци.

Партијата заклучува дека во периодот 2020-2024 година, фокусот ќе биде ставен на исполнување на сите критериуми за полноправно членство во Европската Унија и континуирано исполнување на обврските од членството во НАТО, без да спомнува поништување или непочитување на Преспанскиот договор, туку само со најава за формирање научна институција за проучување на ризиците, обврските, предностите и слабостите од него.