„Сакам да изразам задоволство од укажаната чест да бидам премиер на преодната влада“, ни рече Оливер Спасовски, додека ги поминуваше последните работни часови во министерскиот кабинет во МВР.
Првиот работен ден на Илинденска број 2 го почна со седница на Владата, а ќе продолжи со бројни средби и состаноци. Вели – негов приоритет и цел е владата активно да продолжи да работи во сите сегменти.
„Да продолжат реформите за да нема застој во напредокот, да ги реализираме проектите што ќе значат економски развој и раст, да направиме сѐ државата да биде подготвена за фер и демократски избори, со шанса еднаква за сите партии, но и за граѓаните слободно да ги донесат одлуките. И од претставниците на опозицијата во Владата очекувам да бидат насочени кон остварување на тие интереси на граѓаните“, дециден е тој.
„Не смееме фокусот да го насочиме исклучиво кон партијата од каде што доаѓаме или од нејзиниот интерес. Пред сите во владата стои единствено интересот на државата“
Според искуствата што неодамна ги сподели претходниот технички премиер, Емил Димитриев, таа позиција воопшто не е лесна, бидејќи треба да се менаџираат персонални решенија што не се именувани од премиерот, па дел од кадрите и не чувствуваат одговорност кон него.
„Секако, тежината во менаџирањето ќе биде поголема, но тоа не е причина за да се откажуваме, туку да бидеме уште помотивирани. Таков пристап ќе имам и јас во водењето на владата“, најавува Спасовски.
Смета дека сите подеднакво треба да придонесат за целите на државата во интегративните процеси – членството во НАТО, но и за почеток на преговорите со ЕУ.
„Тоа се два витални национални интереси, од кои никој не смее да отстапи. Не смееме фокусот да го насочиме исклучиво кон партијата од каде што доаѓаме или од нејзиниот интерес. Пред сите во владата стои единствено интересот на државата“, потенцира премиерот.
Стара реторика
По неприфатениот предлог, полковникот Драган Ковачки да биде министер за внатрешни работи, опозицијата обвини дека власта се плаши од професионалци и дека „допрва ја чека главоболка пропорционална со степенот со кој се огрешиле од законите“.
Во овие најави Спасовски препознава стара реторика. Вели дека не е изненаден затоа што немало сериозна реформа во ВМРО-ДПМНЕ, ниту во кадрите, ниту во политиките што ги нудат пред граѓаните, туку само празни флоскули.
„Ако нема реформи, има континуитет на партијата што го инсталираше режимот во државата. Намерите на ВМРО-ДПМНЕ се повеќе од јасни. Тие би направиле сѐ повторно да го вратат режимот на Груевски. Немавме друг мотив за одбивањето на тој предлог. Единствената причина е да се почитуваат Уставот и законите. Тоа е минимумот од кој не можеме да отстапиме. Во периодот на владеењето на Груевски, повеќе личности од Армијата беа внесени во МВР. Еден од нив е и Горан Грујовски, а податоците говорат какви злодела и непочитување на човековите права беа направени“, потсетува Спасовски.
По Ковачки, предлогот Наќе Чулев да биде министер за внатрешни работи, заврши како поместување „од трн на глог“. СДСМ се изјасни дека тој предлог е прифатлив според критериумите, но во соопштение потсети дека бил директор на Агенцијата за разузнавање во време кога се случија настаните во „Диво Насеље“ и дека опозицијата се обидува да ја враќа земјата назад во деновите на сериозни внатрешни конфронтации.
Спасовски не го коментира тој дисонантен став на прифаќање со критикување, и кусо одговара дека „очекува Чулев да работи во интерес на безбедносниот систем.“
Ревизија на решенијата?
Опозицијата, пак, го обвини Спасовски дека заедно со Заев се обидуваат да му ги скратат овластувањата на техничкиот министер за внатрешни работи преку нова систематизација. Со неа, наводно, се зголемува старешинскиот кадар, кој ќе биде тампон-зона што ќе го кочи министерот и неговата контрола во ресорот. Спасовски тврди дека тоа се целосни невистини.
„Нема можност да му се ускратат правата на министерот за внатрешни работи бидејќи тие се утврдени со закони. Очекувам дека ќе имаме конструктивна работа во МВР, без застој и без враќање назад, напротив – да се продолжи со сите добри работи што ќе значат јакнење на институцијата и на професионализмот. И систематизацијата, и сѐ друго што е направено е резултат на длабоки анализи за да имаме поефикасен систем на функционирање во безбедноста“, тврди тој.
„Во периодот на Груевски, повеќе личности од Армијата беа внесени во МВР. Еден од нив е и Горан Грујовски, а податоците говорат какви злодела беа направени“
За обвинувањата дека 1.000 решенија за прераспоредување биле подготвени во декември, смета дека тие се кажуваат поради непознавање на работите. Неговиот наследник во МВР, Чулев, веќе најави дека по потребен период за согледување на состојбата, ќе ја информира јавноста за тие решенија. Спасовски уверува дека станува збор за тековна активност.
„Имаме поранешни вработени останати од УБК, околу 350, кои мораа да бидат распоредени на места во МВР. Имаме формирање на нова интервентна единица, и тука се нови 300-400 решенија, а имаме прераспоредувања и по други основи. Решенија се издавале и се издаваат, не е ништо вонредно, туку редовна, тековна активност, која треба да се заврши“, уверува тој.
Горд на реформите
Најголемите успеси во ресорот ги гледа во спроведените реформи во МВР.
„По 28 години, со реформите на системот за следење на комуникациите и на безбедносните служби, ставивме крај на сите злоупотреби што се правеа. Вложиме во опремата и во инфраструктурата, реконструирани се 43 објекти на полициски станици, набавени униформи и опрема, имаме градба на два капитални објекти – Центарот за обновување од катастрофи во Прилеп и Форензичка лабораторија. Тоа се работите што ме прават горд“, набројува Спасовски.
На неговиот наследник му остава ресор, кој е подготвен на највисоко професионално ниво да се однесува за време на изборниот процес.
„Спроведовме три изборни циклуси и во сите три имаше само намалување на пријавите за изборни нерегуларности. Тоа значи дека капацитетот на полицијата е на високо ниво, опременоста исто така, финансиската стабилност одлична“, објаснува поранешниот министер.
„Спроведовме три изборни циклуси и во сите три имаше само намалување на пријавите за изборни нерегуларности. Тоа значи дека капацитетот на полицијата е на високо ниво“
Минатата година во МВР ја завршиле како година во која речиси и не пренеле обврски и долгови во 2020. Првпат се исплаќа бонус-плата за сите што работеле прекувремено повеќе од 150 часа во годината, со цел тие пари да не ги наплаќаат преку тужби. Посакува тие резултати да продолжат и во наредниот период.
Кога беше номиниран за премиер на преодната влада, таа вест на социјалните мрежи беше дочекана со фотографии на кои Спасовски е во друштво со Бојан Јовановски.
Премиерот, во една пригода, изјави дека нема намера да ги прашува соработниците каде биле и со кого, но медиумите имаат таква обврска. Спасовски не бега од одговор на тоа прашање.
„Имавме една средба во МВР, кога претставници на Меѓународниот сојуз дојдоа да понудат да се потпише некаков меморандум. Ние тоа не го прифативме. Едната фотографија е од прославата на 1 ТВ, а друга кога сум учествувал на дебата во телевизијата. Тие се контактите и средбите“, објаснува Спасовски, додавајќи дека посакува и процесот за „Рекет“, и кои било други случаи да завршат, а секој што се огрешил да одговара.
Нужност од кохезија
Новите министри предложени од опозицијата синоќа не дојдоа на приемот кај претседателот на државата, што не е слика за синергичен старт во преодната влада. Има ли Спасовски рецепт што ќе создаде елементарна кохезија меѓу старите и нови членови на Владата?
„Јас ќе направам сѐ како претседател на Владата сите заедно да продолжиме кон заедничките цели, да знаеме дека институциите функционираат, без разлика кој го води тој ресор и да се покаже едно повисоко ниво, и на однесување, и на одговорност. Тоа е нешто што ќе го препознаваат и граѓаните“, смета премиерот.
На потсетувањето за одредени опструкции што тие како опозиција ги имаа во минатата техничка влада, вели дека очекува конструктивна атмосфера.
„Ако секој од нас ги става личните интереси во прв план наспроти државните, тоа би покажало дека не сме подготвени да направиме исчекор. Сметам дека такви ситуации нема да има, дека граѓаните нема да ја препознаваат владата по ситни препирки“, вели премиерот.
Нема никакви дилеми околу главниот приоритет на оваа влада: очекува мирна, фер и демократска кампања, како во претходните три циклуси.
Спасовски имал една средба во МВР со претставници на Меѓународниот сојуз на Бојан Јовановски, кои понудиле некаков меморандум којшто не бил прифатен
„Да не се посегнува по политизација, депрофесионализација, по потези што ќе значат рушење на безбедносниот систем. Апелирам до сите вработени во МВР да останат на нивото на својата професионалност, на интегритетот со кој работеа и да не дозволуваат какви било поместувања од патот по кој сите заедно тргнавме“, порачува тој.
Изјави дека сака што пократко да биде технички премиер, за што побргу да се врати Заев.
Прашан дали соопштува убеденост во изборна победа, но и на негово враќање во МВР, Спасовски вели:
„Сметам дека овој концепт ќе победи на изборите затоа што тој има извесност. Знаеме каде се движи државата и која е нашата крајна цел – интеграција во НАТО и во ЕУ, економски развој, заштита на работничките права, на социјалните категории граѓани, сѐ што беше политика и проекти во изминатиот период. Затоа сум убеден во победа на тој концепт, наспроти една неизвесност што се нуди на државата. За мене лично, воопшто не размислувам дали ќе се вратам во владата или нема да бидам дел од неа“.
Сепак, случајно или не, прашан за негова најомилена филмска реплика ја избра „I’ll be back“. Изјавата ја даде пред кабинетот во МВР.
На крајот од нашиот разговор упати порака до граѓаните: „Ветувам одговорна и транспарентна влада, која ќе го слуша гласот на граѓаните, ќе работи, нема да застанува во реализација на проектите и ќе ги оправда очекувањата на сите граѓани“.