Кирил Петров поради болеста која веќе има хроничен тек, во последните неколку години се лекува на Клиниката за гастроентерохепатологија. Тој денеска дојде од неговиот роден град, Валандово. Патуваше два часа со автобус за да стигне навреме на закажаниот термин кај својот избран лекар-специјалист.
По направениот ехо-преглед, се надеваше дека лекарот ќе му одвои доволно време за да се распраша за неговата болест и болката која го мачи во последно време. Но, по посетата кај лекарот, Кирил излезе разочаран бидејќи тој не му посветил доволно внимание, затоа што морал да прегледа повеќе пациенти кои чекале пред неговата врата.
„Се надевав дека по две недели чекање и патот што го поминав до тука, ќе можам да разговарам со лекарот за мојот проблем. Но, тој љубезно ми објасни дека мора да си ја заработи платата по учинок, така што јас се почувствував како да сум само број во неговата листа на пациенти. Мојот лекар беше нестрплив и сакаше што побргу да заврши со мене“, раскажува овој 52-годишен човек.
Петров е само еден од многуте пациенти кои промените што се случуваат во здравството ги почувствувале на свој грб. Една година по примената на проектот „плата по учинок“, лекарите се незадоволни од начинот на кој функционира овој систем.
Дури 95,2 проценти од лекарите сметаат дека проектот „плата по учинок“ не е фер и е неправеден во однос на вреднувањето на трудот, покажало истражувањето на Центарот за истражување „Хелтгрупер“.
Платата на лекарите се пресметува со математичка формула
Во Одлуката којашто е влезена во Колективниот договор, се вели дека овој систем на пресметка на плата е базиран на резултатите од работењето на работникот, како и обемот и ефикасноста на користење на работното време.
Од документот до кој дојде БИРН се гледа дека пресметувањето на платите се заснова на математичка формула со која месечниот учинок на еден доктор се пресметува како количник на вкупно остварените бодови на докторот и просекот од остварени бодови на групата.
На пример, доколку месечниот учинок (У) е поголем од 1,2 бода и тогаш тој се пресметува како 1,2 и тоа изгледа вака: (У)≥1,2=>У=1,2
Доколку месечниот учинок(У)е помал од 0,8, тогаш тој се пресметува како 0,8, односно У≥0,8=>У=0,8. Тоа во практиката значи дека првиот лекар ќе добие за 20 проценти поголема плата, а вториот само 80 отсто од основната плата.
Неговите 20 проценти од платата ќе одат во џебот на докторот кој има 1,2 бода бидејќи се трудел да работи повеќе. Експертите објаснуваат дека не постои посебен фонд предвиден за оваа намена, буџетот на здравствената установа останува ист, а истите пари се префрлаат од еден во друг џеб.
Најдобро поминува докторот кој работи сам, односно на одделот нема други лекари и неговиот учинок е 1, што значи дека на крајот од месецот ќе добие 100 проценти плата и не се натпреварува со никого.
Проектот „плата по учинок“, кој пред повеќе од една година го воведе Министерството за здравство, имаше за цел да ги натера лекарите кои не придонесувале доволно, да работат повеќе.
Идејата беше со овој т.н. „американски модел“ да се стимулираат лекарите да се натпреваруваат кој ќе сработи повеќе, така што според дадените коефициенти во бодовникот на крајот на месецот ќе се знае кој ќе биде награден, а кој казнет.
Токму поради овој момент, моделот не само што не ги мотивира лекарите, туку ги наруши и меѓучовечките односи. Еве што за ова велат дел од лекарите во истражувањето кое го спроведе Хелтгрупер.
„Всушност не постои норма, норма е она што денес сме го изработиле и треба да се колеме меѓу себе за да си ја земеме платата или, пак, на колегата да му брцнеме во џебот. Методот не е реален“, вели еден од лекарите.
„За да нема нарушување на меѓучовечките односи на одделението, сите пишуваме ист учинок. Не може работата и квалитетот на еден специјалист да се вреднува преку бројки, така се нарушува чувството за правда“, вели друг лекар. „Моделот е гладијаторски. Секој ден борба човек со човек,“ сведочи лекар-специјалист.
Абдоминалниот хирург Милчо Пановски, кој ги следи светските трендови и реформи во медицината, македонскиот модел го објаснува вака:
„Со овој модел се стимулира докторот да работи многу, при што тој работи погрешно бидејќи брза да прегледа што повеќе болни, притоа пациентот страда, а Фондот за здравство троши многу повеќе финансиски средства. Економијата во здравството е многу важна и затоа мора да се направи анализа за што сте ги потрошиле тие пари и што сте добиле со тоа“, објаснува професорот Пановски.
Лекарите велат дека внесуваат само бројка која носи квантитет, воопшто не се врши оценување на квалитетот на работата додека на здравствениот систем му се нанесува штета.
Заради учинокот се закажуваат непотребни контроли и испитувања на веќе докажана дијагноза, што го прави скапо и неквалитетно нашето здравство. Тие велат дека во светот е обратно, со минимум испитувања се доаѓа до вистинска дијагноза.
Лекарите специјалисти, за кои исклучиво е наменет моделот, велат дека пациентите навистина со право се чувствуваат како бројка, бидејќи тие се натпреваруваат кој ќе има повеќе прегледи или интервенции и немаат доволно време за болните. Згора на тоа, административната евиденција им одзема дополнително време. Во таква ситуација многу малку внимание му се посветува на квалитетот во работењето.
„Јас моите пациенти веќе не ги познавам, а порано ги знаев кој како изгледа, од што боледува, кој како се вика. Толку брзо го изведувам прегледот, а потоа запишувам работи во компјутерот кои ми одземаат време што не знам кого сè сум прегледала“, изјави лекарка од Клиниката за уво нос и грло, која сакаше да остане анонимна.
„Моделот кој теоретски беше замислен како идеален систем што преку вреднување и бодување ќе ги натера докторите да работат повеќе, во практиката ги покажа своите аномалии“, вели експертот за Јавно здравство, Владимир Лазаревик.
Според него, со проектот се нарушија меѓучовечките односи, а ситуацијата на терен дава за право да се констатира дека проектот воопшто не е поврзан со квалитетот во работењето.
„Моделот не го мери квалитетот, тимската работа и низата комплексни фактори, туку е фокусиран на бројот и обемот на услуги со што се стимулира квантитетот. Се креираат голем број на услуги, без да се контролира квалитетот на работата. Имаше многубројни реакции кај лекарите на листата ТОП 100 најдобри доктори на која секој месец се наоѓаат наградени лекари што имале најмногу бодови, но очигледно наградата ја добиваат според квантитет, а не по квалитет на услугата“, објаснува Лазаревик.
Трката по бодови- можност за лажирање на податоци
Во таа трка за поени, пред извесно време во Градската општа болница „8 Септември“ изби скандал каде што лекарка си допишувала бодови, а со тоа ги лажирала податоците, а слични случаи имаше и во други болници.
Последниот уште поголем скандал, кој ја потресе болницата, се однесува на истата лекарка, но овој пат излезе информација дека направила преку педесет неуспешни операции на очи. Со овој пример најдобро се илустрираат аномалиите на моделот, велат нашите соговорници.
„Тоа е апсолутно неосмислен и непродуктивен проект кој не може да му донесе ништо добро на македонското здравство, особено што е базиран врз неутрален буџет. Тоа значи дека јас земам од тебе, ти од мене, односно парите на наградениот лекар се земаат од џебот на лекарот што не сработил доволно бидејќи буџетот на болницата останува ист.
Секаде каде што има ваква стимулација луѓето се подложни на манипулација и лажење, ако нема контролни механизми може да се доведеме во ситуација да лажеме, како што беше случајот со лекарката во болницата „8 Септември“, којашто лажираше податоци“, објаснува професорот Пановски.
Иако во последно време изгледа како да стивнаа поплаките од докторите, тоа е само привидна состојба бидејќи се плашат јавно да го изразат своето незадоволство објаснуваат нашите соговорници. Менаџерите се обидуваат да внесат „мир во куќа“, па самите одржуваат некаков баланс во бодовникот и исплатата на платите.
„Таа лекарка беше наградувана и се најде во ТОП 100 најдобри доктори, иако продуцираше операции со негативен исход. Ова покажува какви несогледливи последици може да донесе квантитетот во работењето во здравството“, изјави Лазаревик.
На ваквите опасности лекарите укажуваа уште во јуни минатата година кога се водеше проект за кој надлежните тврдеа дека е по теркот на американски модел. Тогаш лекарите бараа негово одложување додека не се исфилтрира и приспособи кон македонскиот здравствен систем, по што незадоволството премина во штрајк кој траеше 40 дена.
Исходот беа неколку мали измени, како што е пресметувањето на платата со просекот од претходните три месеци, вели доктор Дејан Ставриќ, очен хирург и претседател на Самостојниот синдикат на клиничкиот блок.
„Во практиката излегоа на површина сите аномалии на кои укажувавме на почетокот. Моделот сам по себе не ја постигна целта, а тоа е да ги издиференцира поквалитетните од помалку квалитетните лекари. Излезе на површина квантитетот, а не професионалноста и квалитетот на лекарите“, вели Ставриќ.
Министерот за здравство, Никола Тодоров, уште во декември за време на штрајкот на лекарите демантираше дека американскиот модел продуцира поголеми и непотребни трошоци, бидејќи од комплексниот систем на САД била земена само бодовната листа на интервенции.
Не се контролира работата, се зголемува опасноста од лекарски грешки
Практиката покажува дека лажирањето на податоците, допишувањето на бодови многу лесно може да се изведе. Лекарот наместо две операции може да напише дека направил три, што значи дека е можно да се внесат здравствени услуги коишто воопшто не се направени, објаснуваат раководителите кои се занимаваат со економски прашања во здравствените установи.
Во болницата „8 Септември“, пак, велат дека досега имале само две контроли од Министерството за здравство, а самите повремено прават интерни контроли. Признаваат дека лекарите се оптоварени со бодовникот, со кој воопшто не се мери тежината на извршената здравствена услуга.
Доктор Ставриќ, пак, објаснува дека моделот „ плата по учинок“, кој го имплементираше Министерството за здравство, се покажа како дволичен и не е применлив во практиката. Од една страна, овој модел ги стимулира лекарите да работат повеќе, а од друга страна, болницата им го ограничува бројот на операциите поради лимитираните буџети кои ги добиваат од Фондот за здравство.
„Трудот на лекарот не може да се мери со бодови бидејќи тие спасуваат човечки животи. Еден хирург може кај пет луѓе да оперира слепо црево без компликации, а друг може да направи една тешка операција на слепо црево со компликации и да остане пет часа во операциона сала исто колку и првиот лекар. Тој што извршил комплицирана операција и спасил човечки живот ќе има помалку бодови и ќе земе помалку плата од неговиот колега кој направил пет рутински операции“, изјави за БИРН економски директор на една од болниците во внатрешноста кој сакаше да остане анонимен.
„На пример, ако клиниките имаа право на 1.200 операции годишно, како што е случајот со Клиниката за очни болести каде што јас работам, поделено со бројот на хирурзите, тоа значи секој лекар има право да изврши две операции неделно. Тоа е многу малку и преставува еден до два часа од работното време на еден очен хирург. Наместо да работат многу повеќе, лекарите се принудени да оперираат толку колку што дозволуваат финансиските средства на болницата“, дециден е Ставриќ.
Според него, за да може да се оствари замислениот проект, треба да се зголемат буџетите на болниците. Тој нагласи дека Министерството мора под итно да воведе засилени контроли во однос на квалитетот на работењето на лекарите.
„Без контрола на квалитетот на работата, во трката по пациенти постои ризик од зголемување на бројот на лекарски грешки“, предупредува Ставриќ.
Лекарите кои ги контактиравме сметаат дека моделот „плата по учинок“ не се вклопува ниту со претходно донесените реформи, како што се Ди-ер-џи стандардите со кои во принцип треба да се намалува оптимумот на здравствени услуги. Спротивно на ова, моделот „плата по учинок“, стимулира што повеќе прегледи, снимања, анализи.
„Во светот се носат модели кои се контрадикторни, но се прават и напори за да се променат работите“, вели Лазаревик.
Според податоците на „Хелтгрупер“, 88 проценти од лекарите сметаат дека овој модел се одразува негативно на тимската работа на колективот, 71,4 проценти дека со овој начин на работење непотребно се стимулира бројот на прегледи кои им се прават на пациентите, 61,4 проценти од докторите мислат дека проектот негативно се одразува на пациентите. Еден од врвните експерти од оваа област, професорот Кристијан Лако од Универзитетот во Радбоуд во Холандија, уште пред половина година укажа дека не постои единствен модел кој ќе го вреднува трудот на лекарите на ваков начин.
„Не сум запознаен дека постои ваков модел во САД. Всушност не постои единствен модел кој ќе може да се земе од една земја и да се имплементира во друга поради различните здравствени системи“, изјави Лако, на самитот кој се одржа во Скопје во декември минатата година.
На професорот Франц Порзолт од Универзитетот „Улм“ во Германија, пак, не му е јасна целта на моделот што го воведоа македонските здравствени власти.
„Овој модел е катастрофа за Македонија. Секаде постојат модели за да се смени начинот на плаќање, но за тоа треба да се направи софистициран економски концепт. Основна цел на овие модели треба да биде задоволството на пациентот, а не зголемување или намалување на платите на лекарите. Оваа ситуација ќе доведе до тоа многу лекари да ја напуштат вашата земја“, предупреди Порзолт.
Очигледно, укажувањата на професорот Порзолт почнаа да се остваруваат бидејќи лекарите масовно ја напуштаат државата во потрага по подобра заработувачка во странство, најчесто во болниците во Германија и Австрија. Од почетокот на годината до сега се издадени 109 потврди со кои докторите во странство презентираат дека се членови на Лекарската комора, велат од оваа асоцијација.
Сепак, Министерството за здравство не ги зема предвид советите на двајцата светски познати експерти. Но, и доколку се прават некои корекции, јавноста не е запознаена со тоа поради нетранспарентниот однос на тимот на чело со министерот Тодоров.
Министерството за здравство нема одговор за ефектите од проектот
Авторот на оваа анализа веќе два месеца залудно се обидува да добие одговор на прашањата: Какви се ефектите од ваквиот начин на работа и дали во моментот се прави некаква анализа за состојбата во болниците една година по примената на моделот „плата по учинок“.
Овие и други прашања поврзани со темата по електронски пат во Министерството беа испратени уште на 20 јули. Десетина дена подоцна, откако немаше никаков одговор, повторно беа испратени истите прашања. На прес-конференција не беше дозволено министерот Никола Тодоров да биде запрашан на оваа тема со образложение дека писмено ќе одговори за сè што нè интересира.
Без одговор останавме и на последните барањата доставени пред неколку дена до двајцата шефови на кабинетот на Тодоров. Со самиот факт што до овој момент министерот Тодоров цели два месеца не одговори на прашањата на БИРН, останува нејасно за чии интереси се крои политиката во здравството?
За граѓаните, кои треба да бидат информирани за ефектите од реформите во здравствениот систем за кој плаќаат или само за неколку луѓе од кабинетот на ресорниот министеркои ги знаат овие податоци.