Истражувањa

Спонзорирана социјализација – партиските фејсбук-стратегии

СДСМ со најмногу објави, ВМРО-ДПМНЕ со најмногу пари за фејсбук-реклами

Од воспевање на партијата и на лидерот, до клетви и пцости за противниците. Вообичаениот фолклор што постојано го гледаме на Фејсбук, кога се зборува за политика, за време на изборната кампања, се зголемува многукратно со спонзорираните објави за кои партиите плаќаат илјадници евра и на кои се налепуваат стотици коментари од корисничката публика.

БИРН, во соработка со фондацијата SHARE, ги следеше спонзорираните објави на петте парламентарни партии и коалиции од минатиот состав што учествуваа на овие избори, и тоа коалицијата Можеме (СДСМ, Беса и други), ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата Обнова, како и ДУИ, Алијанса со Алтернатива и ДПА.

Се следеа и официјалните страници на лидерите на овие учесници на изборите, односно Зоран Заев, Христијан Мицкоски, Али Ахмети, Билал Касами, Зијадин Села и Мендух Тачи.

На овие 12 страници, во периодот од 18 јуни до 15 јули (пред, за време и по изборната кампања), имало вкупно 926 платени објави, и тоа 372 на партиските, а 554 на лидерските. Над 80 проценти од сите објави се на коалицијата „Можеме“, односно на страниците СДСМ, Зоран Заев, Билал Касами, Беса и Коалиција Беса и СДСМ – вкупно 769 спонзорирани содржини.

Освен од овие страници, платена фејсбук-кампања се водеше и од профилите на носителите на листи и на други кандидати, како и од други страници.

Трошокот за овие објави имаат обврска да го платат самите партии од сметките за изборната кампања. Тој не се покрива со пари од Државната изборна комисија, како рекламите во домашните медиуми, но влегува во вкупната сума што партиите треба да пријават дека ја потрошиле за предизборни активности.

Наместо преку однапред пријавени ценовници, како во локалните медиуми, кај рекламирањето на социјалната мрежа партиите сами определуваат колку ќе платат за секоја објава одделно. Поради тоа, големите разлики во бројот на спонзорирани објави сами по себе не значат различна присутност на Фејсбук. Во зависност од својата стратегија, некои партии избираат да ги рекламираат речиси сите свои предизборни активности, но со помали суми  за секоја од нив, што значи и помал поединечен досег. Други, пак, плаќаат големи износи за помал број одбрани објави да се прикажат на максималниот број корисници.

Но, колку навистина сето тоа се покрива од официјалните партиски сметки? За разлика од рекламирањето во медиумите и од другите трошоци во кампањата направени кон домашни компании или лица, плаќањето спонзорирани објави на Фејсбук е тешко проверливо без соработка со Фејсбук.

Пари за објави дека противникот не чини

Една од објавите на страницата на ВМРО-ДПМНЕ

Спонзорираните објави најчесто се содржеа од видеоспотовите што партиите ги изработија за телевизиско емитување, како и од фотогалерии и извадоци од говорите на кандидатите од патувањата низ Македонија.

Во помал број случаи (од 10 до 20 отсто), партиите платиле за промоција на содржини со кои директно се напаѓа противникот. Како што се приближуваше крајот на изборната кампања, така овие објави и уплатите за нив стануваа почести.

Таква беше објавата на СДСМ „Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува, тоа е истата таа партија заглавена во режимската матрица“, спонзорирана од 3 до 9 јули, па повторно од 9 до 13, со дополнителна уплата за 11 и за 12 јули.

Спонзорираната објава ја нема веќе бидејќи е истечено времето што било платено за неа, а во идентичната објава што сѐ уште стои на партиската фејсбук-страница е прикачено видеообраќање од кандидатката Јагода Шахпаска, во кое таа, врз основа на снимен разговор што се појави на Јутјуб, го обвинува противкандидатот Игор Јанушев за промовирање насилство врз жените.

Ова беше период кога СДСМ и на другите медиуми се сврте кон негативната кампања. Меѓу другото, истакна „предупредувачки“ билборди дека Груевски може да се врати на власт.

Но, ни ВМРО-ДПМНЕ не заостануваше. Уште во првата фаза на кампањата, од 26 јуни до 3 јули, двапати била спонзорирана објавата на Мицкоски „Можевте, ама изгледа не можевте“. Содржината веќе не може да се најде на неговата страница.

Во последните денови од кампањата, пак, и опозициската партија ја засили напаѓачката кампања. Објавата „Секогаш кога СДСМ е на власт, Македонија губи, во секоја смисла“, со изјава на партискиот член Влатко Ѓорчев, беше платена да се врти од 10 до 12 јули.

Потоа, од 11 до 13 јули (последниот ден од кампањата), од страницата на Мицкоски беа платени две објави, со фотографии од негови средби со граѓани и со содржини „Сликата сегде е тажна, мачна, луѓето не се задоволни од секојдневието, не се задоволни од оваа политичка пандемија наречена СДСМ и Заев, која трае веќе три години“, како и „Она што е вистина и е факт е дека ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев ја донесе нашата држава, нашата Македонија на дното“.

Црно-белата кампања, пак, траеше целото време, со платени објави, во кои се споредува работата на двете партии. СДСМ спонзорираше содржини, како „Каде бевме пред три години, а каде сме сега“ или „Направете споредба кој ги полнел вашите семејни буџети, а кој ги празнел“.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, плаќаше за ширење на пораките дека „Времето на притисоци и закани врз вработените во јавниот сектор завршува, го враќаме достоинството“ или „Доволно се срамевме од оние кои ја претставуваат државата, спаси ја Македонија од нови 4 години со непријатности“.

Во остатокот од објавите се промовираа партиските ветувања и секојдневните активности, посети на населени места и средби со граѓани, а кај СДСМ се промовираа и проекти што партијата ги направила во изминатите години. Владејачката партија платила за повеќе од 30 објави во кои го споменува членството во НАТО како свое достигнување.

Кај партиите на Албанците, спонзорираните директни напади беа ретки, какo таа на Алијансата на Албанците „Да ги тргнеме ДУИ од власта, да ги тргнеме казината од нашите деца“, на која има прикачено видеоспот, во кој се обвинува ДУИ дека ги игнорира барањата на граѓаните за релокација на објектите за игри на среќа подалеку од образовните установи.

Беса и Билал Касами главно плаќале за промовирање на своите активности, а ДУИ во 13 од своите 19 платени објави го промовира своето ветување за прв Албанец премиер.

Скриена, платена и подмолна кампања

Од анонимна страница се плаќаше кампања против опозицијата

БИРН веќе објави дека додека се тера официјалната кампања на Фејсбук, во различни групи на мрежата се водат пеколни расправии меѓу симпатизерите на партиите. Во овие судири учествуваат луѓе со јавни и со скриени идентитети, кои се расфрлаат со квалификации, како „црпко“, „хидро Мицко“, „СМРДСМ“, „ДП.НЕ“ и други.

Иако голем број од групите и страниците на кои се случуваат овие расправии имаат јасна наклонетост, тие не се официјално поврзани со политичките партии. Постојат повеќе години, а жестината на нив може да се забележи дури и кога нема абер од избори, само се засилува во предизборниот период.

Но, куриозитет во кампањата беа страници што беа полни со навредливи содржини за некоја политичка партија, кои ги спонзорираа своите објави, како што беа  „Еуросурвеј“ или „Лудите доаѓаат“, кои беа  дизајнирани за оцрнување на коалицијата „За обнова на Македонија“ . Тие веќе не постојат, но во периодот пред изборите се ширеа со платени содржини меѓу македонската публика, без притоа да биде означено кој стои зад нив.

Според Изборниот законик, скриена кампања не е дозволена и секоја кампањска активност треба да биде уредно регистрирана, без разлика низ каков медиум се спроведува (на терен, во јавни гласила или на социјалните мрежи). Овие кампањи, освен што беа анонимни, најдоа и начин да го заобиколат ова правило бидејќи со нив јасно не се поддржуваше ниедна партија, само се напаѓаше друга.

„Британските“ спотови донесоа голема гледаност

Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ го привлече вниманието на корисниците на Фејсбук | Извор: Јутјуб каналот на ВМРО-ДПМНЕ

Што се однесува до популарноста на објавите, видеоспотовите во „британски стил“ на ВМРО-ДПМНЕ (како што ги нарече Мицкоски во едно ТВ-интервју) ја постигнаа целта. Над 7.000 реакции (главно допаѓања) има спотот во кој партискиот лидер ги исправа подвитканите кичми, а над 7.600 реакции доби спотот во кој ја враќа од аеродромот девојката што треба да се исели. Видеото во кое тој му се спротивставува на наводниот активист на СДСМ, пак, доби 8.400 реакции, од кои 7.400 за поддршка.

Коментарите од типот „Солзи ми потекоа, браво“, „Нема подобро видео и спот за оваа наша мала и бедна државичка“, „Браво претседателе, само напред“, доминираат под овие објави. Но, имаше и понекој коментар како „Ова го направиле како народни приказни“.

Објавите на Заев, иако петпати почесто спонзорирани од тие на Мицкоски, добиваа по околу две и пол илјади реакции, далеку помалку од противкандидатот. Но, ниту двајцата не можеа да го достигнат Зијадин Села, чие видеообраќање до дијаспората дека е „време да се чувствува безбедно да се врати во татковината“ добило над 10 илјади реакции, главно на поддршка. Тоа добило популарност, не само меѓу гласачите во Македонија, туку и меѓу Албанците во Косово, Албанија и во други земји, кои му пишуваа пораки за поддршка. Во мал дел коментари тој е нарекуван „лидер на Албанците во Илирида“.

Рани почетоци и престапи

 

Статистиката на објавите покажува дека најпопуларен ден за платено рекламирање на Фејсбук бил 26 јуни, третиот ден од кампањата, кога се објавиле 120 од 926-те спонзорирани содржини. Вкупно 103 од нив биле на СДСМ и на Заев.

Оваа партија била особено активна со спонзорирањето на почетокот од кампањата, а Беса и Билал Касами кон средината. Другите немаат пикови, но немаат ниту голем број објави. Мицкоски спонзорирал по најмногу пет објави дневно, а Ахмети шест, на првиот ден од кампањата.

Податоците што ни ги достави фондацијата Share покажува дека повеќето партии и лидери што ги следевме почнале со уплати за објавите на Фејсбук уште пред да почне кампањата. Беса, на пример, почнале уште од 14 јуни, десет дена пред кампањата, а Мендух Тачи и ДПА од 18 јуни. Заев објавил 28 спонзорирани објави, а СДСМ 22, непосредно пред да почне кампањата, на 22 и на 23 јуни. По една објава за предвремен почеток имале ВМРО-ДПМНЕ и Али Ахмети, а ДУИ како партија и Мицкоски како лидер немале.

Со времетраењето на спонзорираниот пост, изборниот молк практично  го „заобиколиле“ страниците на Коалиција Беса и СДСМ, ДПА, Мендух Тачи и Алијанса за Албанците. Тие уплаќале за објавите додека траела кампањата, но го местеле спонзорираното објавување да трае и на 14, дури и на 15 јули, на самиот изборен ден.