Резултатот е збирка на академски статии со наслов „Врамување на нацијата и колективниот идентитет во Хрватска”, на Павлаковиќ и Давор Пауковиќ, од Универзитетот во Дубровник.
Павлаковиќ за БИРН објаснува дека истражувањето опфаќа настани од двете војни, бидејќи политиките на сеќавање кои ги опкружуваат и ги дефинираат, се целосно испреплетени.
„Втората светска војна во современа Хрватска неизбежно се толкува низ призмата на војната од деведесеттите години и затоа, за овој проект, е важно да се согледаат различните комеморативни практики, кои се однесуваат на 20 век и на начинот на кој политичките и општествените актери ги презентираат (и двете војни)“, вели Павлаковиќ.
Фокусот, овој проект, го става на анализата на говорите на комеморативните настани, а истражувачкиот тим, во текот на теренската работа, го бележел и говорот кој се користел на комеморациите, како и медиумското покривање на овие настани, додава тој.
„Мислам дека нашата претстојна книга дава увид во проблематиката на поделба во хрватското колективно сеќавање, а се занимава и со актерите кои ги одржуваат овие поделби, наместо да се обидат да ги решат и да се фокусира на сѐ поголемите економски и социјални проблеми”, објаснува тој.
Освен збирката, Павлаковиќ вели дека со проектот е создадена и база на податоци која содржи транскрипти, видео-снимки и фотографии од овие настани, кои можат да се користат во идните истражувања на комеморативните практики.
Иако проектот се фокусира на Хрватска, Павлаковиќ ја нагласува потребата за регионален пристап во решавањето на ова прашање, бидејќи и националистичките партии во другите постјугословенските земји, манипулираат со траумите од минатото.
Свртување на хрватската политика кон десно
Во анализата на комеморациите опфатени со проектот, Павлаковиќ, како критична карактеристика, го издвојува преиначувањето, односно значителните промени во начинот на кој комеморациите се одржувале во претходните години и во владиниот став кон нив.
Тој верува дека овие промени се делумно поврзани со идеолошките промени во хрватската политика, забележани во периодот во кој се спроведувало истражувањето.
По парламентарните избори во 2015 година, десничарската Хрватска демократска заедница, ХДЗ, ѝ ја презеде власта на левичарската Социјалдемократска партија, СДП. Претходно, истата година, претседателскиот кандидат на ХДЗ, Колинда Грабар-Китаровиќ, го победи во изборната трка кандидатот на СДП, Иво Јосиповиќ, тогашен актуелен хрватски претседател.
Што се однесува до справувањето со минатото, Грабар-Китаровиќ, во однос на Јосиповиќ, беше голема промена и таа се најде под лупа поради нејасната позиција кон усташкото наследство.
„Политичката борба меѓу поранешната влада на СДП и тогашната опозиција ХДЗ, се одрази и на комеморациите во Вуковар и во Книн, тргнувајќи од „зголемениот број колони“ во поворката во Вуковар во 2013 година, до потсмевањето кон поранешниот премиер, Зоран Милановиќ, и поранешниот претседател, Иво Јосиповиќ, за време на прославата во Книн, во 2014“, објасни Павлаковиќ.
Друга промена, додава тој, е враќањето на парламентарната поддршка на комеморацијата во Блајбург, јужна Австрија, под влијание на Владата на ХДЗ, во 2016 година, откако претходно, во 2012 година, Владата на СДП ја укина оваа подршка.
Во мај 1945 година, усташки и други колаборационистичка единици, кои ги следеле илјадници, претежно хрватски цивили, биле уапсени во Блајбург од страна на британската армија и предадени на партизаните. Во деновите и неделите што следеле, десетици илјади од нив биле убиени во Словенија и во Хрватска.
Годишната комеморација на местото на поранешниот логор Јасеновац, е уште едно жариште на политичките конфликти во последниве неколку години, особено откако во близина на ова место беше поставена спомен-плоча со усташкиот поздрав „За дом спремни“.
„Комеморацијата во Јасеновац, исто така, е поделена на неколку одделни настани, откако Владата и претседателката ‘млако’ реагираа на бројните проусташки провокации”, вели Павлаковиќ.
Тој го истакнува фактот дека владините политичари престанале да држат говори на комеморациите во Јасеновац, како и дека е намалено нивното присуство кога се одбележува Денот на антифашистичката борба во Брезовица, но оти државните функционери присуствуваат на контра комеморацијата за усташките сили и цивили кои беа убиени од партизаните кај јамата Јазовка, која се одржува истиот ден.
Тој нагласува дека екстремно десничарските групи, во 2016 година, го прекинаа одбележувањето на годишнината на почетокот на антифашистичкото востание во селото Срб, блокирајќи го пристапот до партизанскиот споменик.
„Сите овие промени покажуваат колку колективното сеќавање на 20 век е контроверзно во Хрватска, но покажува и колку различните политички и општествени елита се подготвени да ги искористат овие места на сеќавање, за да ги постигнат своите тесни интереси”, нагласува тој.
Рехабилитација на усташките симболи
Кога се зборува за комеморацијата во Јасеновац, вели Павлаковиќ, треба да се напомене оти тука постои политизација на жртвите. Како резултат на тоа, претставниците на српската и на еврејската заедница во Хрватска, како и антифашистите, четврти пат по ред, најавија бојкот на претстојната државна комеморација во Јасеновац.
„Сегашната влада настојува да ја нагласи својата посветеност кон антифашистичките вредности во меѓународните односи, но овозможува рехабилитација на усташките симболи и на ревизионистичкиот наратив на домашно ниво, со цел, а тоа е јасно, да добијат изборна поддршка од радикалниот десен спектар”, објаснува тој.
„Лицемерството на овој став се гледа во ‘намалувањето на значението’ на комеморацијата во Јасеновац – претседателката и премиерот ја прекинаа традицијата на одржување на говор на местото на концентрациониот логор, додека во исто време ги поддржуваат политичките говори во Блајбург”, вели тој.
Една од наведените причини за бојкотот на официјалната комеморација, е тоа што десничарскиот историски ревизионизам за Јасеновац, официјално се толерира и поддржува.
Павлаковиќ смета дека Владата, католичката црква и општествените и интелектуалните лидери, треба да поддржат едно соодветно академско истражување на оваа тема, како што е истражувањето на спомен-подрачјето Јасеновац.
„Со ова би се оспорила псевдо-научната работа на ревизионистите, кои, за жал, не се обидуваат да понудат конструктивна критика во насока на подобрување на постојните истражувања, туку настојуваат да го ‘оправдаат’ усташкиит режим за неговите злосторства извршени во Јасеновац и во многу други места во Независната Држава Хрватска (НДХ) и целосно демонизирање на партизанското движење“, рече тој.
Павлаковиќ смета дека историскиот ревизионизам во Хрватска ги храни ревизионистите во Србија и во босанскиот ентитет, Република Српска, кои бараат начини да го дискредитираат спомен-подрачјето Јасеновац и истражувачите поврзани со него, истовремено нудејќи своја дисторзија на историјата на логорот.
Што се однесува до комеморацијата во Блајбург, Павлаковиќ не е изненаден што минатиот месец католичката црква во Корушка го отфрли барањето на хрватската бискупска конференција, да одржи миса во Блајбург во мај, бидејќи, како што наведоа, настанот се користи за промовирање на националистички идеи.
Тој објаснува дека проблемот е во контекстот во кој настанот се организира.
„Комеморацијата се одржува на приватно земјиште, во странска земја, а ја координира организацијата Почесен блајбуршки вод, формирана од преживеаните усташки емигранти во дијаспората”, нагласи тој.
„Наместо да се развие нова комеморативна култура на одредени места во Хрватска, како што е Мачел (каде после Блајбург биле извршени убиства), со што може да им се оддаде вистински пиетет и чест на жртвите на партизанските злосторства на крајот од Втората светска војна, хрватските влади, по деведесетите години, некритички го прифатија ревизионистичкиот наратив за Блајбург“, додаде тој.
Тој вели дека е разбирливо, австриските власти и црквата, да одлучуваат за тоа кои комеморации ќе бидат одржани и кои симболи ќе бидат прикажани на нивна територија, исто како што Хрватска би ја забранила комеморацијата на четничкото движење на територијата на Хрватска.
„Жртвите на партизанските злосторства заслужуваат да бидат обележани и научно истражени, но не со извртување на природата на усташкиот режим или со виктимизација на усташките војници кои загинале во битка”, заклучи тој.