Истражувањa

Спорни напредувања во академски звања го девалвираат високото образование

Надлежните институции не ги санкционираат спорните унапредувања, а луѓето што јавно ќе проговорат за тоа се соочуваат со откази и притисоци

Случајот со изборот на последниот ректор на државниот Универзитет по информатички науки и технологии „Свети Aпостол Павле“ во Охрид е парадигматичен пример за тоа како функционира високото образование.

Универзитетот по информатика „Св. Апостол Павле“ во Охрид, во 2009 година, во јавноста беше презентиран како прв од таков вид на Балканот, факултет со светско реноме со кој Македонија ќе се изедначи со современите информатички текови.

На изречно барање на премиерот Никола Груевски, летото 2008 година, Интернационален советодавен одбор го направи оригиналниот дизајн за Универзитетот. Во август проектот му беше претставен на премиерот, а Собранието го одобри, тврди еден од основачите, американскиот професор Питер Бок.

Денес, овој Универзитет го потресуваат скандали и станува парадигма за сите слабости на високото образование во Македонија: унапредувања без процедури, државна арбитража и отпуштање на професори кои протестираат поради нерегуларностите.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

Во неполни четири години од своето постоење, овој Универзитет во Македонија менува тројца ректори. Откако поради здравствени причини се повлече првиот ректор, Благоја Самаковски, назначувањето на вториот, Данчо Давчев, предизвика повлекување на неколку странски професори.

Документите до кои имаме пристап и сведоштвата на поранешните професори од овој Универзитет покажуваат дека назначувањето и на последниот ректор Нинослав Марина е спорно бидејќи не ги следи домашните законски процедури, но надлежните органи преку игнорирање или сопствено толкување на законските и подзаконските акти ја аргументираат исправноста на постапката.

„Изборот на д-р Нинослав Марина во вонреден и редовен професор на МИТ Универзитетот и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е спротивен на член 134 од Законот за високо образование во делот на рокови, за кои се врши избор на доцент, вонреден и редовен професор за време од пет години“.

Извадок од записникот на инспекторите на ДПИ

Инспекторите утврдиле дека Марина за само пет години се искачил на највисокото академско скалило и станал редовен професор во спорна процедура на Универзитетот во Штип. На 10 април годинава, инспектори од Државниот просветен инспекторат ДПИ  влегле во Охридскиот универзитет за информатика и почнале да го чешлаат купот документи за изборите во звања на ректорот Нинослав Марина.

Во записникот, до кој дојде БИРН, инспекторите констатираат дека тој е незаконски избран и за вонреден професор, што значи дека неговиот избор за ректор, всушност е направен со звање доцент, што е спротивно на законот.

„Изборот на д-р Нинослав Марина во вонреден и редовен професор на МИТ Универзитетот и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е спротивен на член 134 од Законот за високо образование во делот на рокови, за кои се врши избор на доцент, вонреден и редовен професор за време од пет години“, констатираат инспекторите.

Законот за високо образование пропишува дека откако еден академски работник ќе стане доцент, мора да почека пет години до следното скалило – вонреден професор. Ист е случајот со напредувањето од вонреден во редовен професор, каде е потребен петгодишен период.

Единствениот исклучок од ова правило е два института или катедри да поднесат барање за предвремен избор во звања и тоа под посебни услови. Во случајот со професор Марина, такви препораки не постојат.

Со самото тоа што Марина спротивно на закон е избран за вонреден, па за редовен професор на Штипскиот универзитет, не е јасно како воопшто станал ректор на охридскиот Универзитет за информатика, ако се знае дека исклучиво законски избран редовен професор може да биде ректор.

И покрај напорите да го добиеме ставот на ректорот Марина за тврдењата на неговите колеги од Универзитетот, како и за наодите од Државниот просветен инспекторат, тој сепак не ја искористи можноста неговата аргументација да биде застапена во истражувањето.  Службата за односи со јавност, на Универзитетот во Охрид, тврди дека изборот на Марина во редовен професор на Универзитетот во Штип за наставно-научната област, информациони системи и мрежи не е спорна.  „Изборот е извршен во согласност со сите законски норми и критериуми, со што легитимноста на професор д-р Нинослав Марина како сегашен ректор не се доведува во прашање“, ни одговори портпаролката на охридскиот универзитет“, Александра Дудиќ.

Инспекторатот констатирал дека освен Марина и дел од академскиот кадар кој предава на Универзитетот, а се претежно професори од странство, немале нострифицирани дипломи.  Професор  Братислав Станковиќ од истиот Универзитет во 2009 година станува доцент на охридскиот универзитет за информатика без нострифицирана диплома.

Само три години подоцна, а не пет како што налага законот, повторно на штипскиот универзитет, како и во случајот со професор Марина, Станковиќ е избран во наставно-научно звање вонреден професор.  Братислав Станковиќ изјави за БИРН дека според измените на Законот за високо образование нема ништо спорно во неговото напредување, но немаше одговор како напредувал во звања пред да се случат законските измени.

„Имам информација дека решението на просветните инспектори е поништено од второстепена комисија на Министерството за образование“, ни рече Станковиќ, одбивајќи понатаму да коментира. И навистина, откако инспекторатот ги констатира неправилностите на државниот Универзитет за информатика во Охрид, изготви и решение со кое му наложи да ги отстрани.

Сепак, тоа не се случи.  Иако со обврска да го спроведе решението во рок од осум дена, Универзитетот тоа не го прави и вложува жалба до второстепената комисија. Еден месец подоцна сите наредби на инспекторите Ѓорѓи Илиевски и Африм Саљиу паѓаат во сенка на второстепената комисија која изготвува ново решение.

Образложението на второстепената комисија е скудно. Во него се наведува дека „Комисијата ги ценеше приложените докази кон списите на предметот и им подари целосна верба дека од страна на Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ – Охрид, не се прекршени одредбите од Законот за високо образование.   Хелсиншкиот комитет за човекови права наоѓа дека владината комисија недоволно се осврнала на констатираните неправилности на државните инспектори.

„За сето ова да се случува мора се работи за некоја силна роднинска или пријателска врска, со некој од владејачката структура, која има длабоки корени. Друго логично објаснување не постои“.

Самоил Малчески, Универзитет за информатика во Охрид

Решението на инспекторите е поништено во целост, а сепак не се дадени конкретни причини во делот на повредите за изборот на ректорот кои докази ги зела предвид Комисијата и утврдила дека во овој дел нема неправилности.

Инспекторите потпишани на записникот, во кој се нотирани нерегуларностите, не го оспоруваат решението на второстепената комисија. Практиката покажува дека речиси и нема случај кога инспекторите реагираат на наодите на второстепената комисија бидејќи станува збор за надредено тело кое ја контролира работата на инспекторите со право да ги поништи нивните одлуки.

Тоа тело е составено од претседател и два члена кои ги именува министерот за образование.  Откако избувна скандалот со изборот на ректорот Марина, се појавија шпекулации за, наводна, негова роднинска врска со тогашниот министер за образование Панче Кралев, поради тоа што неговата сопруга потекнува од истиот град.

Подоцна овие шпекулации се покажаа како невистинити.  Министерот Кралев ни изјави дека тој не е во роднинска врска со професор Марина и се воздржа од понатамошен коментар за случајот, упатувајќи на наодите на државниот просветен инспекторат.

Самоил Малчески од Универзитетот за информатика во Охрид тврди дека законот е прекршен многу пати и сè повеќе се крши и дека во тоа учествувале и претходниот и сегашниот министер за образование и наука, Државниот просветен инспекторат како и Второстепена комисија при Министерство за образование и наука и сите институции кои се надлежни да реагираат.

„За сето ова да се случува мора се работи за некоја силна роднинска или пријателска врска, со некој од владејачката структура, која има длабоки корени. Друго логично објаснување не постои“, вели Малчески.

Со оглед на спорните напредувања извршени на Универзитетот во Штип, назначувањата на Универзитетот во Охрид, а и медиумските извештаи за слични случувања и на државниот Универзитет во Тетово, врз основа на Законот за слободен пристап до информации, ги побаравме решенијата и записниците од извршените инспекциски надзори последните две години на овие три државни Универзитети, но се соочивме со молк на администрацијата и по истекот на законскиот рок од 30 дена.

Откази за непослушните

Напредувањата во кариерата носат престиж и етаблиран статус, а функцијата ректор е особено атрактивна, поради можноста тој да доведе „свој тим“ на Универзитетот, но и да го отстрани неподобните.

„Кога сфатив побарав да ми го избришат името од билтенот, го избришаа. Потоа телефонски ми се јавија дека веќе не сум им потребен на Универзитетот во Штип“.

Аристотел Тентов, Електротехнички факултет при УКИМ

Процесот на проверка на фактите околу изборот за Марина во звања, го иницираа неколку професори од Универзитетот за информатика од Охрид. Колегите на Марина сомневајќи се во законитоста на неговиот избор во звања и забележувајќи ги бројните дупки во процедурата, го кренаа гласот, но се соочија со препреки во работењето кои доведоа дури и до откази.

Доцент Рубин Земон од Универзитетот „Св. Апостол Павле“, вели дека отпорот за изборот на последниот ректор започна откако се дозна дека Нинослав Марина е нерегуларно и незаконски избран за редовен професор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, односно дека зад неговиот избор не стои тричлена рецензентска комисија како што е законски пропишано.

Професор Аристотел Тентов од Електротехничкиот факултет на УКИМ бил потпишан како член на комисијата без негова согласност. Откако интервенирал неговиот потпис да не фигурира на решението за избор на Марина во редовен професор, неговиот потпис е отстранет, но заедно со неговиот ангажман на Штипскиот универзитет.

„Кога сфатив побарав да ми го избришат името од билтенот, го избришаа. Потоа телефонски ми се јавија дека веќе не сум им потребен на Универзитетот во Штип“, објаснува Тентов.

Како непотребен е прогласен и доцент Рубин Земон, кој набргу по бунтот поради  назначувањето на професор Марина за ректор, доби отказ на Охридскиот универзитет. Тој не се сомнева во причините за отказот. „Ова директно е поврзано со тоа што бев протагонист и лидер избран од странските професори во сенатот да се бори за академски права и слободи и стандарди и критериуми“, вели Земон. Работниот ангажман заврши и за професор Илан Садех од Израел. Откако се вклучил во групата професори што се спротивставиле на, според нив, незаконското назначување на ректорот, покрај тоа што добил отказ, итно морал и да ја напушти Македонија.

Државна патронажа го урива високото образование

Академската заедница причините за предвремениот избор во звања ги поврзува со новонастанатите односи универзитет – власт, со што напредувањето губи академска смисла и се повеќе станува државна патронажа.

„Во сите случаи привилегија и предност имаа партиски подобни кадри кои изразиле желба за работа на високообразовна институција“.

Фросина Ременски, Факултет за безбедност на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола

Се чини дека се работи за шема која, особено на новоотворените државни универзитети, се одвива така што во министерството или во самиот владин врв се решава кој ќе биде ректор. Тој или таа потоа врз истиот принцип, во дослух со оние што ги назначија, решаваат кој ќе биде редовен професор, а кој асистент.

Професор д-р Фросина Ременски, од Факултетот за безбедност на Универзитетот „Климент Охридски“ во Битола, вели дека критериумите за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции формално станале построги,  но дека дури и одобрувањата за новите вработувања доаѓаат со конкретни имиња на лица кои треба да бидат избрани.

„Во сите случаи привилегија и предност имаа партиски подобни кадри кои изразиле желба за работа на високообразовна институција“, вели Ременски.

Д-р Александар Колекески, кој важи за добар познавач на состојбите во високото образование, смета дека на државните институции им се дозволуваат повластици и привилегии и дека во таков контекст настанува и вонсериското напредување.   „Кога државните факултети бесплатно се рекламираат на националните телевизии, кога им се опремуваат нови лаборатории, кога школарините им се минимални, се отвораат дисперзирани студии во мали гратчиња, зошто тогаш да не се напредува и побрзо во кариерата?“,  вели Колекески.

Професорката Билјана Ванковска од најстариот државен универзитет во Македонија, „Св. Кирил и Методиј“, во своето триесетгодишно искуство на овој универзитет, сведочи за најразлични ситуации на селективност и изместени критериуми при унапредувањето во повисоки звања, но никогаш тоа не било флагрантно кршење на законот, за разлика од она што се случува на другите универзитети.

Дипломи „за по дома“

Директна последица на неправилностите во функционирањето на високото образование е уривање на неговиот легитимитет и реномето на добиените дипломи.  Професор Питер Бок ни изјави дека „чувствува горчина“ по искуството со Универзитетот во Охрид каде идејата за создавање високообразовна институција што можела да стане пример во европски рамки се „претвори во партали“.

Аферите и незаконитостите на факултетот одат на сметка на студентите.  „Студентите ќе бидат соочени со невалидност на оценките секаде во светот, освен во Македонија“, вели тој.  Македонија има 19 високобразовни институции, универзитети или високи школи, но ниту една од нив не е на реномираната Шангајска листа на 500 најдобри Универзитети во светот.

Од регионов во листата на 500 најдобри се наоѓаат универзитети од Словенија, Хрватска, Србија и Грција.

По барање на Владата е извршено рангирање на вискообразовните институции според критериумите на Шангајската листа, но само на национално ниво, така што тоа рангирање не го става македонското високо образование во меѓународен контекст.

Според листата на универзитетот за рангирање според академски перформанси – УРАП, Универзитетот „Кирил и Методиј“ се наоѓа на 1.812. место и е единствен македонски универзитет на таа глобална листа.

Во рангирањето на „Сајберметрикс лаб“, која е дел од шпанската и наедно прва европска аналитичка организација во Европа ЦСИС, државниот Универзитет „Кирил и Методиј“ се наоѓа на 1.878. место, додека најмладиот, Универзитетот за информатика од Охрид, е неколку илјади позиции подолу на – 13.093. место.