Државната Агенција за филм и хрватската продуцентска куќа „Јадран филм“ секој ден преку медиумите се докажуваат кој е виновен зошто агенцијата крена раце од играната серија „Македонија“, за која државава за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ на почетокот одвои 1,1 милион евра, а вкупно предвиде 4,6 милиони.
Од целата ситуација со пинг-понг соопштенија и брифинзи од двете страни, може да се изведе само еден заклучок, а тоа е дека сè уште не можеме да ја погледнеме ниту првата епизода од стартната сезона, што првично требаше да биде завршена во април. Подоцна рокот е поместен за септември годинава, но и тој е пробиен.
Тоа е единствената работа што сега засега е јасна, а сѐ друго, вклучително и причината зошто серијата доцни, се наоѓа некаде на релацијата меѓу аргументите на двете завојувани страни.
За „Јадран филм“ образложението е дека станува збор за врвен телевизиски продукт, чија изработка бара време, додека првиот човек на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, се држи до она што е напишано и потпишано во договорот и прашува каде е серијата.
По избувнувањето на скандалот, „Јадран филм“ пушти во оптек трејлер кој открива дека нешто, сепак, е снимено, меѓутоа материјалот е далеку од она што било договорено со претходното раководство на агенцијата, а тоа се 14 епизоди од првата сезона, секоја во траење од по 45 минути завршени до септември.
Интересно и по малку иронично е дека серијата „Македонија“, пак, раскажува приказна за американски продуцент со македонско потекло кој доаѓа во земјава, за да сними ТВ-серија за татковината и за неговите предци и при нејзината подготовката има секакви потешкотии и притисоци . Речиси исто како и серијата „Македонија“ која во реалноста има проблеми при снимањето.
Целиов овој случај за да ги добие сите епитети на вистинска сапуница, придонесуваат и одредени лични односи помеѓу двете страни.
Колку и зошто доцни првата сезона?
БИРН се обрати до „Јадран филм“ со неколку прашања и барања. Сакавме да знаеме колку материјал во часови или во епизоди е снимен до првиот рок во април, а колку до септември и дали има начин некако да се увериме во сработеното.
Меѓутоа, одговорите што го добивме не беа конкретни.
Првиот човек на „Јадран филм“, Винко Грубишиќ, нѐ покани да ги посетиме во Хрватска и лично да се увериме во количината, но и во квалитетот на снименото, со тоа што додаде:
„Нагласувам дека ние не се тркаме на 100 метри, туку работиме престижна серија, чијшто квалитет го видовте од трејлерот“.
Со вклучувањето на обвинителството во случајот се додава на драмата околу снимањето на серијата „Македонија“, во која досега имаме заемни обвинувања и сведоштва за изневерени пријателства.
Тој потенцира дека нивната прва и основна цел била да продуцираат серија со максимален квалитет, а не само да ја исполнат формата без содржина.
„Сите поместувања на роковите имаа само мотив проектот да се доработи и серијата да има максимален квалитет, од сценариото, па сè до дизајнот на продукцијата и изборот на локациите“, изјави Грубишиќ за БИРН и најави дека во деновите што следат ќе презентираат и снимени сцени.
Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, пак, вели дека нему до ден денешен сè уште не му се презентирани материјалите од серијата.
Тозија по промената на власта дојде на позицијата в.д. директор на агенцијата и веднаш во август, неколку недели пред крајниот рок за испорака на „Македонија“, побарал „Јадран филм“ да му достави ДВД со снимениот материјал и дневен план од снимањето. Пет дена подоцна ги побарал и договорите за дистрибуција, а на први септември им пишал уште еднаш со напомена дека не доставиле ништо.
И БИРН неделава, покрај снимените материјали, ги побара и договорите за дистрибуција, меѓутоа „Јадран филм“ ни одговори дека сите податоци во врска со дистрибуцијата, која ќе одела на девет дестинации, ќе ги објават пред почетокот на емитувањето на серијата, со оглед дека во моментов биле изложени на притисоци.
„Всушност, некој се јавува и се обидува да ги исплаши партнерите со кои работиме со децении“, вели за БИРН, првиот човек на „Јадран филм“, Винко Грубишиќ.
Дополнително, „Јадран филм“ го обвинува Тозија оти во август, некаде пред крајот на рокот, го запознале со текот на серијата, тој прифатил да се сретне со нив во еден од скопските ресторани, каде што наводно биле договарани деталите за тоа како ќе продолжи соработката.
Имено, Винко Грубишиќ од „Јадран филм“ вели дека Тозија барал да се смени сценариото, во кое, наводно, имало политички пропагандни елементи, а барал и смена на режисерот. На средбата заемно било договорено во септември да се ангажира продуцентот Борис Грегориќ, инаку стар и многу добар пријател на Тозија од осумдесеттите години кога тој престојувал во Хрватска.
„Значи, Тозија бараше да се одложи снимањето поради тоа што му пречело (н.з. во серијата), а потоа нѐ обвини дека доцниме.“
Тозија за БИРН ја потврди средбата во скопскиот ресторан, меѓутоа демантираше дека нешто барал и дека прифатил нов термин за реализација на серијата.
„Имаат ли некаков доказ дека сум прифатил промена на рокот?“, прашува Тозија, алудирајќи на тоа дека навистина не постои официјален документ за овој, според него, наводен нов договор со „Јадран филм“.
Крај на едно филмско пријателство
Целата драма околу серијата добива и личен агол, бидејќи директорот на агенцијата, Горјан Тозија, и продуцентот Борис Грегориќ, како што и двајцата потврдуваат, биле многу добри пријатели и соработници уште пред неколку децении.
„Јадран филм“ го ангажирала Грегориќ за продуцент во септември, при крајот на рокот за првата сезона, како што тврдат оттаму по заемен договор со Тозија.
По сѐ она што следело околу серијата, Тозија за Грегориќ е „поранешен пријател“.
Иако прилично нејасно, сепак, во меѓусебните обвинувања на ова старо филмско пријателство провејува и една друга димензија.
Првиот човек на „Јадран филм“, Винко Грубишиќ, по раскинувањето на договорот испратил писмо до премиерот Зоран Заев, во кое на долго и на широко објаснува што се случувало, а со писмото испратил и писмена изјава од продуцентот Борис Грегориќ, датирана на 15 октомври 2017.
Серијата „Македонија“ раскажува приказна за американски продуцент со македонско потекло кој доаѓа во земјава, за да сними ТВ-серија за татковината и за неговите предци и при нејзината подготовката има секакви потешкотии и притисоци
Грегориќ за БИРН ја потврди веродостојноста на изјавата, во која меѓу другото пишува дека „Тозија, поради нашите нерасчистени односи, ме изманипулира за да нанесе штета на проектот“, додека при крајот на изјавата вели дека нерасчистени односи биле должничко – доверителски.
Грегориќ во телефонскиот разговор не сакаше детално да зборува за ова, велејќи дека тоа, сепак, биле приватни работи, додека Тозија за БИРН рече дека она што неговиот пријател смета дека се „нерасчистени односи“ датира од 1984 година. Тозија прашува доколку навистина имало нешто такво, зошто Грегориќ преку суд не си ја побарал правдата?
Покрај личните односи, во целата рашомонијада околу „Македонија“ има и неколку други дилеми од продукциски и од правен аспект.
За време на претходното раководство на Агенцијата за филм, Управниот одбор на оваа институција прифатил серијата да има 80 наместо првично договорените 130 епизоди, без да се намали паричната поддршка од страна на државата. Тоа како наод е наведен и во инспекцискиот извештај за проектот, а „Јадран филм“ ова повторно го објаснува со квалитетот на серијата.
„Причината за намалување на бројот на епизодите е поради оценката на сите рецензенти на серијата, дека сценариото е толку добро што таа треба да биде продуцирана во целост како драмска серија. Истото барање од нас го имаа и дистрибутерите. Тоа едноставно значи дека нашата серија е препознаена како производ со „прајм“ квалитет и тоа подразбира нова динамика, бидејќи ја коригиравме и драматуршката структура“, вели првиот човек на продукцијата, Винко Грубишиќ.
Правниот проблем, пак, „Јадран филм“ го гледа во фактот што Горјан Тозија од позиција на директор, без одлука на Управниот одбор го раскинал договорот.
Логиката вели дека ако Управниот одбор одлучил да ја избере оваа серија на конкурсот, потоа истото тело ги донело одлуките и за намалување на бројот на епизодите и за пролонгирање на рокот, тогаш треба истото тело да одлучи и околу раскинувањето на договорот.
Тозија не се согласува со ова и тврди дека законите му дозволуваат како директор да го раскине договорот.
Се укажува дека овој случај е само на почетокот од својата разврска. Со вклучувањето на обвинителството во случајот се додава на драмата околу снимањето на серијата „Македонија“, во која досега ги имаме сите елементи на класична сапуница, но не и снимен материјал.