Извештај

Спортското новинарство тивко исчезнува

Новинарите замолчени или потплатени

Спортските новинари се крајно потценети, медиумите сѐ почесто ја укинуваат рубриката „Спорт“ и ги принудуваат да известуваат за други теми. Нивниот број е преполовен во однос на „златните“ години на осамостојувањето на државава, а сега просечната старост им е околу 50 години.

Згора на сè слабо се платени.

Финансиски се на колена и затоа стануваат зависни од рекламерите, спортските федерации и клубови и на тој начин развиваат клиентелистички однос.

Ова е самооценка на професијата од некои од најискусните спортски новинари обединети околу спортската секција во Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

 Тие неделава организираа дебата на оваа тема.

Анкетата што ја направила спортската секција при ЗНМ ги потврдува оценките дека професијата старее. Од 45-те испитани спортски новинари, само петмина имале под 30 години

„Секојдневно се преполовуваат спортските редакции, се кратат спортските блокови во телевизиите со концесии, во печатот сме сведени на минимум. Некако преживуваат специјализираните портали, иако и тие се под силна конкуренција од социјалните мрежи“, вели Милорад Стојановски, искусен спортски новинар што работи како уредник во весникот „Слободен печат“.

„Во некогашниот расадник на спортски новинари – Македонското радио, денес се вработени само двајца наши колеги. А беа 13 во некое друго време, со богата спортска програма.“

Не толку одамна, објаснува Стојмановски, понеделничките прилози во весниците се печатеа на 16 страници, а по спортскиот викенд се правеа анализи, осврти, коментари, спортски разговори во специјални емисии, а околу тие новинарски продукти беа ангажирани цели екипи.

„Сево ова е сведено на минимум, а оние во порталите се и новинари, и фоторепортери, и камермани, и тонци, и монтажери.“

Перо Момировски, новинар од спортската редакција на Алфа ТВ, вели дека уредниците и менаџерите на медиумите сѐ почесто оценуваат дека спортското новинарство не е потребно и им претставува непотребен трошок.

„Ако за време на добивањето на независноста имавме околу двесте колеги, сега тој број е преполовен“, вели Момировски.

Анкетата што ја направила спортската секција при ЗНМ ги потврдува оценките дека професијата старее. Од 45-те испитани спортски новинари, само петмина имале под 30 години.

Испитувањето покажало и дека половината од нив работат во порталите и дури 75 проценти имаат примања помали од просечната плата.

Дури 18 проценти се под минималната плата, која изнесува 18.000 денари.

Оттаму не треба да чуди податокот дека речиси 70 проценти од анкетираните спортски новинари изјавиле дека би ја смениле професијата, доколку им се укаже шанса.

Цвета клиентелизмот

„Медиумите зависат од рекламите, а тие што ги даваат рекламите, си земаат за право да бидат уредници. Во спортското новинарство, оваа пракса е поизразена“, вели Билјана Благоеска-Петрушева, една од малкуте спортски новинарки, која работи како колумнист за порталот 24 Ракомет МК.

„Ретко кој од нас има храброст и финансиска моќ да застане и да каже – не, јас ќе се занимавам со новинарство, а не со бизнис.“

Таа ги коментира непринципиелните коалиции меѓу новинарите и спортските федерации и клубови.

Отсуството на вистинското и квалитетно спортско новинарство го користат федерациите и спортските власти, кои се комотни во трошењето на парите во спортот

„Недозволиво е, меѓутоа се случува, клуб да забрани на медиум да влегува на прес-конференции и да добива информации и да прави интервјуа. Дискриминација е да се ‘затвори’ водечка спортска федерација и таа да одбира двајца или тројца новинари што ќе имаат пристап на седниците на управниот одбор на федерацијата, кои по статут треба да се отворени. Исто како што е дискриминација кога федерациите селектираат кои новинари ќе ги следат натпреварите на националните селекции“, вели Богоеска-Петрушева.

Недостасува, децидна е таа, солидарноста на новинарите што не реагираат кога овие неправди им се случуваат на нивните колеги.

Производ од клиентелизмот е необјективноста.

„Ни недостасува критичкиот момент. Сè помалку се дрзнуваме да критикуваме. Одиме по линија на помал отпор, да не се замериме.“

Тоа како проблем го воочил и поранешниот ракометен репрезентативец Наумче Мојсоски, кој сега ја врши функцијата директор на Агенцијата за млади и спорт.

„Јас кога играв, не се сеќавам некој новинар да критикувал спортист или клуб.“

Спортскиот уредник во „Слободен печат“, Милорад Стојмановски тврди дека  молкот на спортските новинари се купува со платените патувања од клубовите и од репрезентациите.

Отсуството на вистинското и квалитетно спортско новинарство го користат федерациите и спортските власти, кои се комотни во трошењето на парите во спортот.

„Спортскиот денар, сеедно од кој извор доаѓа, зашто не се во прашање секогаш само јавните пари, туку и разни грантови на меѓународни федерации, може да биде злоупотребен. Тој станува лесен плен за моќниците, кои успеаја да ги замолчат спортските новинари со коруптивни методи“, вели уредникот Стојмановски.

Здравјето на нацијата

Корупцијата не е единствената последица. Отсуството на спортот во медиумите посредно влијае и врз здравјето на нацијата.

„Затоа има стагнација во процентот на населението што е физички активно. А, во пандемискиве години бевме сведоци колку е важен имунитетот на просечниот Македонец“, вели Стојмановски.

Корупцијата не е единствената последица. Отсуството на спортот во медиумите посредно влијае и врз здравјето на нацијата

Директорот на Агенцијата за спорт и млади, Наумче Мојсоски вели дека државата има начин како да им помогне на спортските новинари.

„Меѓутоа, прво треба да се исфилтрира квалитетот во професијата. Знаеме дека има новинари што се под влијание и на платен список на моќните федерации. Кога тоа ќе се отстрани, државата има начин да помогне преку стимулирање со награди и финансирање на тренинзи и на спортски содржини во медиумите.“