Извештај

Талир 2: Државата на чекор да го конфискува седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Во случајот, именуван според монети од турско време, обвинителството бара да се одземе Белата палата

Ќе стане ли државата нов газда на елитната зграда на ВМРО-ДПМНЕ во строгиот центар на Скопје, популарно наречена Бела палата, е прашање кое од денеска натаму ќе биде во рацете на судијките Даниела Алексовска-Стојановска, Љубинка Башеска и трите поротнички.

Ако тоа се случи, тогаш државата ќе му стане прв сосед на неизградениот хотел „Бетон“, кој со години е во фаза на карабина. Сопственикот Минчо Јорданов, лани го понуди на продажба во пакет со други два хотелa.

Обвинителството за предметот „Талир 2“, на кој работеа обвинителите Ленче Ристоска и Љубомир Лапе, денеска го изнесе завршниот збор. Во него е побарано судот да ги огласи за виновни Никола Груевски и Кирил Божиновски дека ги злоупотребиле службената положба и овластување.

Но, не само тоа.

Обраќајќи му се на Судот, обвинителот Лапе, оценувајќи дека ова е еден од најголемите корупциски настани, предложи да ѝ се конфискува имотот на партијата како трето лице, бидејќи во нејзино име е остварена имотната корист. Меѓу недвижностите за кои се бара одземање се Белата палата и дваесетина објекти во сопственост на ВМРО-ДПМНЕ низ државата.

Накратко, суштината на предметот е што компанијата „Бетон“, која добивала државно спонзорирани проекти, на тогашната политичката партија на власт ВМРО-ДПМНЕ ѝ изградила ново луксузно партиско седиште и исплатила значителна сума пари. За возврат продолжила да добива тендери, кои кога не биле директно финансирани од државата, таа ги добивала како подизведувач.

Сега на потег е судот да одлучи за предлогот на обвинителот. Ако тоа помине и биде објавено со пресудата, следна инстанца за одлучување е Апелацискиот суд.

На Груевски и на Божиновски им се заканува затворска казна од најмалку три години.

Како „жолтата зграда“ прерасна во скап „бел дворец“

Од околу 2000 квадрати во 2009 на над 12 илјади квадрати за белата палата  | Фото: БИРН

На денешното рочиште, обвинителот Љубомир Лапе, речиси три часа ги анализираше доказите што биле изведени на досегашните судења. Во отсуство на обвинетиот Груевски, неговиот завршен збор го слушна неговиот адвокат по службена должност, обвинетиот Кирил Божиновски и неговата одбрана.

Трпеливо анализирајќи ги многубројните докази, обвинителот почна од 2009 година, тоа е годината кога на местото на сегашната Бела палата постоеше т.н. жолта зграда на улицата Македонија.

Градежното милениче на Груевски

Градежниот гигант на бизнисменот Минчо Јорданов, скопски „Бетон“ е една од фирмите што доби најмногу пари за изградба на „Скопје 2014“. Во пари тоа се третина од парите наменети за изградба на „Скопје 2014“, над 216 милиони евра.

Просториите биле, но земјиштето не било во сопственост на партијата. Од тогаш впрочем датираат почетоците на предметот „Талир 2“.

„Со непосредна спогодба од 15.6.2009 година, градежното земјиште, кое дотогаш било во сопственост на РМ, во вкупна површина од 1.241 квадратен метар и се простирало на две катастарски парцели е продадено на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за цена од 6.600 денари од квадратен метар“, рече Лапе.

Oбвинетиот Кирил Божиновски внимателно слушаше | Фото: БИРН

Обвинителот, во завршниот збор, во хронологија ги редеше дејствијата со кои новото луксузно седиште се градело спротивно на Законот за облигационите односи и на Законот за финансирање на политичките партии.

Лапе рече дека трипати бил менуван деталниот урбанистички план за од „скромните“ над 2.000 квадрати, партијата да добие ново седиште со над 12 илјади квадрати во атрактивниот простор на улицата Македонија.

„Партијата ја третирале како трговски субјект“, рече обвинителот, и потсети дека партиите се основаат поради духовна и идејна природа, а не за стопански дејности. 

Според обвинението на СЈО, за ова „проширено и надградено“ партиско седиште, да го претвори во скап дворец, скопски „Бетон“ инвестирал свои средства, а граделе на земја што партијата ја купи по повластена цена.

Договорот со „Бетон“, како што кажа обвинителот, бил економски неоправдан, бидејќи партијата била надмоќна над соинвеститорот „Бетон“. Само три члена со права и обврски биле за партијата, а 13 члена биле за соинвеститорот.

Освен изградба на објектот, „Бетон“ требало на свој трошок да го урне стариот објект, да обезбеди ревизија на проектната документација, да ги сноси трошоците за вршење на надзор над градбата, да обезбеди одобрение за градење, да го изгради објектот и без никаков надомест да ѝ го предаде во сопственост и владение на ВМРО-ДПМНЕ првиот функционален дел од објектот.

Бетон требал „на свој трошок по завршување на работите на градилиштето да ги отстрани преостанатите материјали, опрема и средства за работи, како и привремените објекти што ги изградил и да го исчисти градилиштето, да обезбеди објект кој ќе го користи ВМРО-ДПМНЕ додека трае изградбата, со тоа што закупнината ќе ја плаќа ВМРО-ДПМНЕ во периодот на изградба предвиден во договорот“, говореше обвинителот.

Во тоа време, фирмата на Јорданов била зависна од партијата, бидејќи над 70 проценти од приходите во годините кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, биле од државни органи, општини и јавни установи.

Банката или државата

ВМРО-ДПМНЕ се задолжи кај Комерцијална банка со кредит, а како хипотека го стави токму „Белиот дворец“. Доколку судот пресуди конфискација, останува неизвесно какво сценарио би можело да се случи при намирување на обврските, односно кој би имал предност, државата или банката.

„Обвинетите Груевски и Божиновски ги користеле партиските органи, тела и процедури за реализација на активностите, кои, всушност, тие ги организирале во насока на незаконито имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ“, рече обвинителот. За ова обвинителот се повика на прислушуваните разговори.

Уште пред да биде објавен јавниот повик за избор на инвеститор, „Бетон“ изготвил проект според ДУП, кој уште не бил ниту донесен, а требало да се прикаже дека процесот е транспарентен.

Обвинителот Лапе говореше скоро три часа за доказите | Фото: БИРН

Доказ дека улогата на „Бетон“ во однос на ВМРО-ДПМНЕ е поданичка е и тоа што со првичниот проект на фирмата, на ВМРО-ДПМНЕ требало да му припаднат 43 проценти квадратни метри од изградената површина.

Но, во 2013 кога двете страни го потпишале договорот за изградба на објектот, ВМРО-ДПМНЕ добила помалку квадрати. Наместо ветените 43 проценти, партијата добила околу 37,26 отсто од целиот објект.

Еден месец подоцна, ВМРО-ДПМНЕ и „Бетон“ се порамниле, и тоа на начин што партијата ѝ побарала пари на градежната компанија, бидејќи добила околу пет проценти помалку од ветеното. Поради тоа, на сметката на ВМРО-ДПМНЕ легнале нешто над два милиони евра.

Со нив бил купен недвижен имот за партијата на дваесетина места, и тоа во Берово, Велес, Кавадарци, Виница, Радовиш, Штип, Струмица, Охрид, Пехчево, Демир Хисар, Кочани, Пробиштип, Струга…

„Сметам дека се исполнети условите за конфискација од трети лица, па му предлагам на судот да ја конфискува имотната корист што ја остварило правното лице ВМРО-ДПМНЕ од кривичното дело на обвинетите, а која е трансферирана во недвижен имот и да го конфискува недвижниот имот“, рече на крајот обвинителот.

Патот до палатата поплочен со „одложени“ намери

Белиот дворец со препознатливата иконографија за партијата | Фото: БИРН

Обидот на СЈО да се „замрзне“ скапиот барокен дворец на плоштадот ВМРО, не беше лесен. Првиот обид на СЈО за „мраз“ не успеа, бидејќи судиите тоа го одбија.

СЈО потоа се обрати за да го спаси барањето за замрзнување до Врховниот суд, па се премисли и го повлече.

Потоа, во 2018, речиси паралелно со изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека партијата размислува да го продаде седиштето во центарот на Скопје или да го даде под закуп, СЈО побара ново замрзнување во што и успеа.

Во тоа време се проширија непотврдени информации дека партијата размислува објектот да го даде на странска амбасада. Со тоа би се осигурало дека државата не ќе може да го конфискува, поради принципот на екстериторијалност на странските амбасади.

Првото рочиште за незаконската градба на седиштето на партијата се одржа во август 2019 година, што значи дека предметот се судел две и пол години.

На судењето, меѓу другото, беа читани докази за скапиот инвентар во зградата на ВМРО-ДПМНЕ, како паркет, теписони, лустери, плочки и друго.

Овој предмет, познат под името „Талир 2“, во судот влезе во исто време со постапката за процесот „Талир“, за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, кој веќе со години почнува одново. Таму за една година не се одржа ниедно рочиште, а почнуваше од почеток поради разни прични како примпредавањето на надлежноста од СЈО или истек на мандат на поротници.