Извештај

Автокефална прегратка за МПЦ-ОА од СПЦ

Патријархот Порфириј ја соопшти одлуката на Саборот на СПЦ

„Ви донесуваме уште една радост. Светиот архиејски сабор ѝ излезе во пресрет на молбата на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Благословува, прифаќа и признава автокефален статус“.

Со овие зборови на српскиот патријарх, Порфириј, кои одекнаа во соборниот храм „Свети Климент Охридски“ и громогласен аплауз, верниците ја дочекаа одлуката на СПЦ да ја прифати автокефалноста на МПЦ-ОА.

„Иако сме посебни, во Христос сме едно. Една е црквата наша и верата наша“, беседеше Порфириј.

Неговата беседа следуваше по заедничката литургија која утрово ја служеше заедно со архиепископот охридски и македонски, Стефан.

Храмот и дворот беа полни со клир, монаштво, верници и обезбедување од највисок ред. Литургијата се водеше на македонски и на српски јазик.

Втората заедничка литургија се одржа пет дена од првото заедничко сослужување во Белград во храмот „Свети Сава“.

Со минатонеделната литургија на помирување во храмот „Свети Сава“ во Белград, беше првиот чекор кон надминување на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА.  Тоа значеше зацелување на децениската „длабока и болна црковна рана“.

Ова следува откако на 9 мај Вселенската патријаршија ја призна Охридската архиепископија за канонска во православниот свет, а Соборот на СПЦ на МПЦ-ОА ѝ го потврди статусот доделен во 1959 година на најширока автономија, односно целосна внатрешна независност.

MПЦ-ОА преку црковна дипломатија со Вселенската Патријаршија сега треба да лобира за добивање т.н. томос (декрет) за конечно признавање од целокупната православна екумена.

Ако се суди според беседата што ја одржа архиепископот Стефан, кога тоа ќе се случи е само прашање на време, бидејќи соопшти дека Цариград го примил нивното „благодарствено писмо“ за прием во православниот свет, па на Духовден ќе сослужуваат литургија во храмот на Вселенската патријаршија.

фото: Роберт Атанасовски