Извештај

ВМРО-ДПМНЕ пет години не плаќало данок за Белата палата

Обвинителството со дополнителни докази во „Талир 2“

Со цеде и документи, обвинителот Љубомир Лапе, утрово во Кривичниот суд на судот му предложи дополнување на доказите на судењето за предметот „Талир 2“, кое се однесува на противзаконската градба на Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.

Обвинението за изградбата на скапото партиско седиште во центарот на Скопје е за начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ дошла до имот вреден 8,2 милиони евра, а е поднесено против Никола Груевски, како претседател, и Кирил Божиновски, како, во тоа време, генерален секретар на партијата.

Меѓу четириесетината докази, се најдоа и решенија од Град Скопје за платен данок на имот за седиштето на партијата.

„Со овој доказ сакаме да го побиеме сведочењето на Коце Трајановски“, рече обвинителот Лапе, појаснувајќи дека поранешниот градоначалник на Скопје, пред судот изјавил дека партијата редовно плаќала данок на имот.

Според листата докази што на судот му ја предаде обвинителот Лапе, ВМРО-ДПМНЕ, дури годинава платило данок на имот за Белата палата за периодот од 2017 до 2021 година.

Обвинителот, во листата докази предложи и царински декларации за набавениот инвентар во Белата плата. За набавката биле задолжени две фирми: „Гема инженеринг“ и „СС инвестмент“, а меѓу скапокупениот инвентар има дрвен паркет од над 75 илјади евра, теписон од Полска, кој чини над 21 илјада евра, подни плочки од Италија, кои чинат над 18 илјади евра, плафонски лустери, кваки, плочки…

СЈО, во обвинението, тврди дека скопски „Бетон“ не смеел да влезе во партнерство со ВМРО-ДПМНЕ бидејќи во 2011 и во 2012 година, кога почнал да се гради објектот на местото на старата жолта куќа, градежната компанија дури 75 отсто од приходите ги добила од државни тендери, со што се прекршени Законот за политичките партии, Законот за финансирање на политичките партии и Законот за облигационите односи.

На денешното судење, дополнителни докази предложи обвинетиот Кирил Божиновски, кој во тоа време бил генерален секретар на партијата.

Тој, во краткото сведочење говореше за тоа како функционираат партиските тела и дека ги потпишувал документите што ги донесувале централниот и извршниот комитет и не било пракса да ги оспорува или да не ги потпишува.

Обвинителството досега не поднесе барање за конфискација на партискиот имот, кој е привремено замрзнат.

Откако целосно ќе заврши доказната постапка, ќе следуваат завршните зборови на обвинителството и на обвинетите по што ќе биде изречена пресуда.

Следното рочиште е закажано за 17 мај.