Истражувањa

Како жолтата зграда прерасна во неокласичен дворец

Школски пример за тоа како со малку пари и со неприкосновена политичка моќ може да се дојде до голем имот

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Власта носи привилегии, апсолутната власт, пак, носи голем имот. Вака некако може да се преформулира позната максима на англискиот историчар Лорд Ектон во случајот со ВМРО-ДПМНЕ и со нејзиното ново, поголемо и накитено седиште во центарот на Скопје.

Денес тоа здание личи на неокласичен дворец, кој блеска со сите свои осум ката плус спорната тераса, буквално стуткан во триаголникот меѓу сивите остроаголни згради на хотелот „Бест вестерн“ и онаа на „Технометал-Вардар“.

Трагајќи по тоа како препознатливата жолта трикатница на ВМРО-ДПМНЕ се претвори во габаритен објект висок 29 метри, стигнавме до заклучок дека новото седиште ќе беше само нечија замисла, доколку партијата не ги поседуваше сите лостови на власта.

Приказнава е школски пример за тоа како со малку пари и со неприкосновена политичка моќ може да се дојде до голем имот.

Платиле по 110 евра за квадрат

ВМРО-ДПМНЕ управуваше со центарот на градот уште од самиот почеток на милениумов, меѓутоа дури откако партијата се зацврсти на централно ниво во 2007, советниците во општината Центар ги утврдиле границите на денешново здание.

Тогаш за прв пат по 1997 година го смениле деталниот урбанистички план (ДУП) и околу жолтата трикатница, која зафаќаше 200 квадратни метри, нацртале нова градежна парцела со површина од околу 1.200 квадрати.

Според овој ДУП, првичната идеја била таму да подигнат нова шесткатница со канцеларии, висока 25 метри и со габарит од нешто помалку од 700 квадрати, меѓутоа за да можела партијата да се шири и да се извишува, прво требало да ја регулира сопственоста врз земјиштето.

Целата градежна парцела се простирала врз државно земјиште и според официјалните документи уште на почетокот од наредната 2008 Катастарот ги земал работите во свои раце, прекројувајќи и спојувајќи парцели, така што ВМРО-ДПМНЕ можела потоа со еден договор во пакет да ја купи целата земја.

Тоа се случило веќе наредната 2009.

Таа година во јуни Миле Јанакиески во име на Министерството за транспорт и врски ѝ го продал целото земјиште на ВМРО-ДПМНЕ по пат на непосредна спогодба. Од страната на партијата овој договор го потпишал Мартин Протоѓер во улога на тогашен генерален секретар.

Договорот со кој ВМРО-ДПМНЕ го купила земјиштето

Со други зборови, ВМРО-ДПМНЕ од државата што ја водела самата партија купила две парцели, онаа под жолтата зграда и поголемата околу неа, со вкупна површина од 1.241 метар квадратен или речиси колку што изнесува градежната парцела за новото седиште. Партијата го купила земјиштето за нешто повеќе од 130.000 евра, односно приближно за 110 евра по квадрат.

Тоа е цена која е далеку пониска од пазарната во најатрактивната општина во Македонија, бидејќи истото Министерство за транспорт и врски во центарот на Скопје наредната 2010 година продаде државно земјиште на јавна аукција за 3.000 евра по квадрат.

Меѓутоа ВМРО-ДПМНЕ го искористила Законот за градежно земјиште, поточно одредбата која вели дека сопствениците на легалните објекти може да ја приватизираат целата градежна парцела со договор во четири очи според цените што ги одредува Владата.

Ова се впрочем и единствените пари што ВМРО-ДПМНЕ ги вложила за изградбата на новата зграда, бидејќи подоцна го ангажираше „Бетон“ – АД Скопје како коинвеститор.

Партијата го даде земјиштето, компанијата го градеше објектот.

Им се брзало за дозвола за градење

Откако ВМРО-ДПМНЕ го пазарила земјиштето, објектот почнал да се шири и да расте во височина.

Во наредните години со неколку промени на ДУП-от за Мал ринг, габаритот на објектот пораснал од почетните 700 квадрати на околу 1.200 или колку што е целата градежна парцела, скокнал од 25 на 29 метри со што се зголемил и бројот на катови од шест со приземје на осум со приземје и поткровје на кое подоцна му е доградена и тераса.

Па така летото 2012, ВМРО-ДПМНЕ преку весниците бараше коинвеститор што ќе изгради објект од два дела, кои ќе имаат посебни влезови и откако ќе финишира градењето, фирмата ќе биде обврзана едниот дел да ѝ го отстапи на ВМРО-ДПМНЕ по принципот „клуч на рака“.

И додека траеле подготовките за новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ, се случија локалните избори на кои партијата по повеќе од една деценија ја изгуби власта во општината Центар.

И за време на изборите поради скандалот со гласачите од Пустец, меѓутоа посебно по „бомбите“ на Зоран Заев и по истрагите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), се дозна дека ВМРО-ДПМНЕ од петни жили се трудела да не ја изгуби оваа општина, а подоцна кога сфатила дека тоа е невозможно со сите усилби го одложувала предавањето на локалната самоуправа избоксувајќи втор и трет круг на изборите.

Токму меѓу вториот и третиот круг на гласањето во општина Центар, на 10 април 2013 администрацијата на градоначалникот во заминување, Владимир Тодоровиќ, на ВМРО-ДПМНЕ ѝ издала одобрение за градба на седиштето. Со тоа законски го покрила и обезбедила градењето на новото седиште и практично се спасила од ревизијата на урбанистичките планови, кои новиот градоначалник Андреј Жерновски се обиде да ја спроведе.

Има уште еден проблем со актуелната градежна маркичка на ова партиско седиште.

Спорната Б-категоризација во последниот ДУП за Мал Ринг

Спорната Б-категоризација во последниот ДУП за Мал Ринг

Она што е спорно од аспект на процедура е тоа што маркичката за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во декември 2012 добила преширока ознака Б, објект за комерцијални и деловни намени, а не поконкретна ознака Б4 – деловни простории или Б5 – хотел.

Правилникот за урбанистичко планирање на Министерството за транспорт и врски, кој има сила на подзаконски акт, не дозволува во деталните урбанистички планови вака прешироко да се обележуваат градежните маркички туку стриктно бара да се дефинира нивната конкретна намена, хотел или, пак, деловни простории.

Проблемот е во тоа што ВМРО-ДПМНЕ на овој начин била привилегирана да гради што сака во доменот на она што спаѓа под комерцијални и деловни објекти, а таа привилегија ја немаат другите организации, фирми и граѓаните.

За крај, вреди да се спомне дека скопски „Бетон“, кој со свои средства го изгради новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ врз земја што партијата ја купи по повластена цена, е градежната компанија што доби третина од парите наменети за изградба на „Скопје 2014“, дури 215 милиони евра до сега.

Таа е прва на листата фирми што добиле најмногу пари од проектот што го водеше ВМРО-ДПМНЕ преку Владата и преку општината Центар.