Истражувањa

„Ексико“ продава станови на Водно

Згради на Водно, земјиште, шума и имот на Кожуф и во Охрид се дел од имотот на „Ексико“, фирма која сопствеништвото го крие во Лугано, Швајцарија

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Контроверзната оф-шор фирма со швајцарски капитал, Ексико, продава станови на Водно, веднаш под комплексот „Панорама“, а во близина на куќата каде што беше приведен истражителот на СЈО додека ја фотографирал куќата на Сашо Мијалков.

Приземје, три ката и поткровје има зградата која според имотниот лист на катастарот се води со назнака Б5, што значи дека објектот треба да биде хотел. Но, на самата зграда, стои напис дека становите се продаваат. Како сопственик на објектот, според евиденцијата од катастарот, се води „Ексико“.

hotel-eksiko

Зградата на „Ексико“ во која се продаваат станови

Екипата на БИРН влезе во зградата на улицата „Славејко Арсов“ и разгледа дел од становите кои се на продажба. Станува збор за елитни станови од чии прозорци се гледа буквално цело Скопје.

pogled-eksiko

Поглед од еден од становите на „Ексико“

Мајстори наголемо работеа на станот на поткровјето кое завршува со купола. Ги завршуваа последните молерски работи.

„Не знаеме кој гради овде, но знаеме дека има слободни станови за продажба“, ни кажаа тие и не упатија каде да се јавиме за да добиеме подетални информации.

„Ексико е инвеститор, а газда е Тошо, знаете, Тошо Ексико“, ни рече лицето задолжено за продажба на становите.

Тој најверојатно мислеше на Тодор Мирчевски, директорот на „Ексико“ и единственото лице од Македонија што фигурира во документите на оваа фирма.

Цената не беше превисока за тој дел од Скопје – 1.250 евра по квадрат.

Се обидовме телефонски да стапиме во контакт со Мирчевски и да го прашаме зошто продава станови од објект кој се води како хотел, но тој не одговори на нашите повици.

Мијалков престојува во зграда на „Ексико“?

Објектот на „Славејко Арсов“ не е единствениот што „Ексико“ го поседува во елитната населба Водно.  На „Ексико“ се водат уште две парцели, на кои има две идентични згради. Во едната од нив, според „Нова ТВ“, престојува поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Дел од сопственоста во овие објекти има и фирмата „Бизнис проперти инвестмент“, чиј сопственик е Серјожа Марков, брат на судијката Маја Котевска (сопруга на Иво Котевски, поранешен портпарол на МВР и актуелен директор на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ).

Серјожа Марков е еден од сопствениците на адвокатското друштво „Чукиќ & Марков“, чии клиенти беа големи компании блиски до владејачката структура.

Меѓу нив беа и „Ексико“, „Ем медиа“ (фирмата која стои зад сајтот „Курир“), скопската фирма на Димитрис Контоминас, ДЦ Приме Пропертис, агенцијата за обезбедување СГС, Македонски телеком и други.

klienti-domashni-i-stranski-kompanii-chukik-markov

Старата веб-страница на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“

Минатата година, од веб-страницата на ова адвокатско друштво, беше отстранета нивната листа на клиенти.

klienti-markov

Апдејтираната веб-страница ма адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“

Токму на местото пред двете згради на Водно чие сопствеништво го делат „Ексико“ и „Бизнис проперти инвестмент“ на Марков, беше приведен истражителот на СЈО кој ги фотографирал објектите. И навистина, тешко е да се стигне до нив.

zgradi-mijalkov

Зградите пред кои беше приведен истражителот на СЈО

Меѓу зградите е поставена куќичка за обезбедување каде е поставен знак за „забрането фотографирање“. Двата објекти буквално се обиколени од камери за обезбедување.

Додека екипата на БИРН беше на местото, неколкумина обезбедувачи во цивилна облека се раздвижија и од една од четирите гаражи прво излезе автомобил „БМВ“, а потоа и џип со марка „БМВ“, двете возила со затемнети стакла.

Таксистот кој нè превезуваше до местото тогаш изреагира: „Ете, тоа е џипот на Мијалков“.

„Сите знаат дека тој живее овде, сме ги превезувале и неговите деца. Никој не знае точно дали улицата се вика „Салвадор Аљенде“ или „Славејко Арсов“, диспечерката само ни вели, одете кај зградата на Мијалков. Така си ја знаеме и ние“.

Во катастарот, слично како и другата зграда на „Ексико“, овие две згради се водат со назнака А4, што значи „објект за времено сместување“.

„Ексико“ се шири и на Кожуф и Горица

Освен овие објекти, „Ексико“ располага и со друг голем имот. Според податоците од Државниот катастар, на оваа фирма се води и земјиште на Водно од над 4.500 квадратни метри, на две парцели. Едната парцела, според катастарот е шума од 634 квадратни метри, а другата е градежно неизградено земјиште од 3.880 квадратни метри.

zemjiste-vodno

Една од парцелите на Водно чиј сопственик е „Ексико“

Токму за ова земјиште беше и една од „бомбите“ што ја обелодени опозицијата минатата година.

Освен на Водно, „Ексико“ се распространети и на Кожуф и во Горица, Охрид.

Според документите од катастарот, оваа фирма со сомнително сопствеништво има имот од 322 квадратни метри во Џибарица, Кожуф неизградено земјиште.

„Ексико“ се јавува и како сопственик на станови во зграда во Горица, Охрид.

Каде има добар бизнис, таму е „Ексико“

БИРН во мај 2016 година ексклузивно ги објави документите со кои се потврди дека газда на „Ексико“, пред фирмата да почне да го крие сопствеништвото на оф-шор локации, бил Жарко Луковски, главен оперативен директор на Македонски Телеком. Нејзин директор во тоа време (2002 година) бил Небојша Стајковиќ, бивш помошник министер за информатички технологии во МВР, осомничен од СЈО за случајот „Трезор“.

Последниве години „Ексико“се појави како акционер во „Стопанска банка АД – Битола“, Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и во познатата градежна компанија „Бетон – Штип“.

Имаше свој удел и во хотелот „Ибис“ кој се наоѓа во непосредна близина на скопскиот плоштад, веднаш до новото седиште на „Комерцијална банка“, додека преку фирмата „Архи“, учествуваше во градење на фамозната „Панорама резиденс“ на Водно за којашто и се одигра драмата околу советникот на СДСМ од општина Центар Мирослав Шиповиќ.

Преку истата фирма „Ексико“ одржуваше линкови и со еден од најголемите градежни бизнисмени –  Ванчо Чифлиганец.

Иако во последниве две години „Ексико“ полека заминува од компаниите, на нејзино место доаѓаат други фирми со ликови од истото бизнис-опкружување, оваа компанија сѐ уште е солиден акционер во „Бетон“ АД – Штип и со речиси петтина од акциите и во Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ со околу десет проценти.

ЗИК „Пелагонија“ и „Бетон“ АД – Штип се акционерски друштва кои во последниве години добија значителни суми од државата, што како земјоделски субвенции, што како пари за изградба на објектите од Скопје 2014.