Истражувањa

„Мој термин“ чека на реформирање 

Лекари и пациенти бараат реформирање на реформата „мој термин“

Шеесетгодишен пациент останал инвалид и го загубил видот, откако повеќе од шест месеци чекал за операција на скопската Клиника за очни болести. Сето тоа време, пациентот имал болки во левото око, но никој од лекарите не се нафатил да го оперира, плашејќи се дека можат да бидат казнети, затоа што не го почитуваат закажаниот термин.

Тој тврди дека останал инвалид и слеп на едното око, само поради оваа реформа на Министерството за здравство, која му го уништила животот.

Од друга страна, од Очната клиника велат дека тие мора да го почитуваат електронското закажување на пациенти и дека никој од нив не бил оставен да чека, доколку му била потребна итна операција.

Проектот „Мој термин“ функционира веќе четири години, но според дел од лекарите и од пациентите, оваа здравствена „реформа“ создаде тотален хаос во јавното здравство. Во лекарските кругови се коментира дека пациенти останале инвалиди или починале додека биле ставени на листите за чекање за „Мој термин“, нешто за што има индиции

Според досегашната практика, листите на чекање за ласерски или за кој било вид операции на очите се долги, но со проектот „Мој термин“ ситуацијата стана уште полоша. Па така, кој било пациент да се јави да закаже за „фако“ методот или ласерска операција на перде (која трае само 15 минути) во Градската болница „8 Септември“ или на скопската Очна клиника, ќе биде ставен на листа на чекање дури за наредната година, тврдат дел од вработените лекари таму.

Веќе години наназад, овој проект функционира во повеќето европски земји како Швајцарија, Италија, Шведска, Германија. Македонскиот модел е избран и копиран според германскиот здравствен систем, откако првиот човек во здравството, Никола Тодоров, се прошета во дел од германските болници и дојде со бројни идеи од таму како да профункционира македонското јавно здравство. Откако се врати, Тодоров одржа прес-конференција, раскажа кои проекти ќе почнат да функционираат во болниците, меѓу кои беше „Мој термин“, претходно веќе започнат како пилот проект.

Пациенти: кој преживее, ќе раскажува

pacienti-bolnici-foto-georgiev

На секоја клиника можеа да се затекнат револтирани пациенти кои чекаат со часови / Фото: Томислав Георгиев

„Мој термин“ стартуваше на 1 јануари 2012, првин како пилот проект. Според досегашната практика и начинот на кој функционира овој проект, и лекарите и пациентите се соочија со  огромни проблеми. Дел од болните се жалат дека поминуваат и по неколку недели додека да закажат за обичен преглед, а многу повеќе ако треба да закажат колоноскопија на дебело црево, онколошки преглед, магнетна резонанца, компјутерска томографија… Во тој случај чекаат од два до три месеци.

Тоа го проверивме кај матичен лекар, кој го отвори панелот со електронското закажување и провери во која друга болница има најбрз термин, на пример, за да се направи магнетна резонанца. Се зависи од тоа за каков вид снимање се работи. Според тоа што можевме да видиме, ако пациент има потреба да направи Магнет тип 1 или пак Магнет тип 2, што според објаснувањата на лекарите претставуваат различни секвенци на снимање, според „Мој термин“, за првиот начин слободни датуми имаше на средината од месецот, додека за вториот, слободни термини има дури за три месеци.

Екипата на БИРН изврши проверка и по скопските клиники за да поразговара со дел од пациентите и лекарите и да провери како на терен функционира овој проект. Бевме низ пет скопски јавни здравствени установи (ЈЗУ) – Клиниката за онкологија, Клиниката за кардиологија, Клиниката за инфективни болести, Клиника за абдоменална хирургија и Клиниката за гастроентерохетапологија. На секоја клиника можеа да се затекнат револтирани пациенти кои чекаат со часови или пациенти кои дошле од другите градови, поминале по 300 километри дневно, потрошиле пари за превоз и храна, а не завршиле никаква работа.

„Ми дадоа упат од болницата во Кочани за Клиниката за инфективни болести, за да направам испитувања. Од таму ме вратија дека не сум за таа клиника и дека треба повторно да се вратам и од Кочани да земам уште еден упат, затоа што мојот матичен лекар  ме упатил на погрешна клиника. Имам ненормални болки, не знам каде да одам, потрошив еден куп пари,а ништо работа не завршив. Ова не е нормално што се случува. Додека човек да закаже преглед може да умре “ истакна 58-годишниот Коста А.

Друг пациент имал болки во стомакот и од неговата матична лекарка добил приоритетен упат за Клиниката за гастроентерохепатологија. Тој има камен на жолчката и во јануари дошол на испитување, а термин му бил закажан дури за 10 април. Во меѓувреме, неговата здравствена состојба се влошила, па морал да отиде во приватна болница, да плати 8.000 денари, за да ги направи потребните испитувања.

Од друга страна, според кажувањата на дел од лекарите, никој од пациентите не е вратен од хируршките клиники доколку било итно, иако немал упат од матичен лекар.

Пациентот може да дојде само со лична карта и да добие број на шалтер и самиот специјалист издава и болнички упат, така што пациентите повеќе не се враќаат кај матичните лекари по упат. Сепак, со ова се обременува работата на специјалистите на клиниките, бидејќи често се соочени со пациенти кои не се за хирургија, а самите дошле на клиника. Така што се создава гужва, особено во ургентната амбуланта, во текот на денот, а особено попладне и ноќе, раскажуваат дел од хирурзите.

Друг проблем со „Мој термин“, велат истите извори е што не се води сметка дека; освен дваесет пациенти со први прегледи кои се закажани од матичен лекар, хирургот има уште дваесетина пациенти кои доаѓаат на контрола за преврски, вадење конци и консултации, а не се во списокот на ‘Мој термин’, па така се создава нервоза и гужва, бидејки за нив нема одредено време кога ќе бидат примени од докторот. Тука се и пациентите со приоритетен упат издаден од матичниот лекар кои се десетина дневно, така што специјалистот во амбуланта во период од 8:30 до 14:30 треба да прегледа и до педесетина пациенти, да креира упати, да закажува операции и интервенции, да упатува на дополнителни испитувања и да биде сконцентриран, да го сослуша пациентот, да го прегледа, да постави дијагноза, да му објасни каква интервенција е потребно да се изврши, да му објасни кои сѐ испитувања се потребни и да ги закаже“.

Критично кај малигните заболувања

Доктор Ѓорѓи Оровчанец, поранешен министер за здравство, вели дека проектот „Мој термин“ така како што е поставен системски и организациски, само повеќе го става животот на пациентите на коцка.

„Јавните здравствени установи немаат доволно капацитет за да може овој проект да функционира нормално. Затоа се враќаат пациентите и се ставаат на листи за чекање за испитувања и операции со месеци. Најстрашно е за пациентите со малигни заболувања, кои по операцииите со месеци чекаат за прегледи и контроли“ вели тој.

pacienti-bolnici-foto-georgiev-3

Најголем проблем со електронското закажување имаат пациентите за онкологија / Фото: Томислав Георгиев

Зборовите на Оровчанец ги потврдуваат и раскажувањата на дел од другите лекари со кои контактиравме. Најголем проблем со електронското закажување имаат пациентите за онкологија, кои мора да примаат хемотерапија, зрачна терапија или на кои во најбрз можен рок треба да им се направи испитување за да се открие дали боледуваат од некој вид карцином или не. Единствено, во целата ситуација може да ги спаси ако бидат закажани како итни пациенти, па во тој момент да бидат прегледани.

Матичниот лекар има можност да издаде приоритетен упат, доколку така процени. Приоритетниот упат важи седум дена и во тој рок мора да биде прегледан пациентот. Приоритетен упат можат да креираат и специјалистите на клиниките.  Матичните лекари, сепак, се соочуваат и со многу кочници околу ваквите упати.

Екипата на БИРН поразговара со матична лекарка која во детали ги објасни слабостите на електронското закажување на пациенти.

„Јас да сакам да дадам приоритетен упат, генерално можам, ама ако клиниката кај што го препраќам пациентот е пренатрупана, автоматски таа според системот ги блокира приоритетните упати. Секој ден се карам со Министерството за здравство, затоа што за да примат болно дете за кое има индиции дека има малигно заболување, се чека дури еден месец“.

Таа уште додава дека голем проблем имаат и со тоа ако пациентот не се појави на закажаниот термин.

„Тоа е уште една небулоза на проектот. Во тој случај, докторот чека внатре сам и не смее да го прими наредниот пациент сè додека не му дојде терминот “ додава таа.

Казни од по 5.000 евра за матичните

milco-panovski

Професор Милчо Пановски вели дека „Мој термин“ е добра замисла, но лоша изведба / Фото: Томислав Георгиев

Дел од лекарите-специјалисти тврдат дека матичните лекари се ставени во позиција да го ризикуваат здравјето на пациентите само за да се спасат од паричната казна.

Професор Милчо Пановски, абдоменален хирург на скопската Клиника за дигестивна хирургија вели декаМој термин“ е  добра замисла, но лоша изведба.

„Болните чекаат со месеци да им се закаже преглед или некое испитување, а матичните лекари не им даваат приоритетни упати, бидејќи се плашат дека министерот за здравство ќе ги казни со 5.000 евра“ тврди професорот.

Тој додава дека пациентите немаат право ниту на избор на лекар туку се лекуваат кај лекарот кај кого има слободен термин.

Со сличен став како него е и доктор Дејан Ставриќ. Според него, со тој проект се укинало основното право на пациентите, дефинирано во законот, а тоа е правото за избор на лекар.

За овој проблем со избор на лекари ни посочи и еден пациент од Клиниката за кардиологија:

„Имам вградено два стента и треба да правам редовни контроли неколку пати годишно. Кај два-тројца врвни кардиолози, меѓу кои и моите лекари, нема  термин со месеци. Кај другите кардиолози на таа клиника има термини многу побрзо. Бидејќи јас не сум итен пациент, чекам и си ги усогласувам контролите. Но тоа е проблем, кој не знам како да се реши со ‘Мој термин’, зашто ако повеќе работат во амбуланта, помалку ќе работат во интервентната сала“,  тврди пациентот.

Пациенти умираат, бројките се кријат

Се обидовме да провериме дали има поврзаност на проектот „Мој термин“ со нивото на смртност кај пациентите, бидејќи такви гласини слушаме и од лекарите и од пациентите.

Матичната лекарка со која разговаравме, под услови на анонимност, не ја исклучува таквата можност, истакнувајќи дека колку и лекарите да ги бараат бројките на починати пациенти последните неколку години, од Министерството за здравство ги кријат.

Последните три години по „Мој термин“ се креирани над 1.835.000 медицински досиеја,, од кои дури 15 проценти од сите услуги се во интерната медицина и тоа 1. 765.000 упати, на второ место е офталмологијата со 853 илјади упати, додека на трето место е рентген дијагностиката со 786.000 електронски упати

Ги кријат официјалните бројки, затоа што се поразителни“ додава таа.

Седумдесет и тригодишен пациент, кој починал пред една година, во ноември лани бил баран по „Мој термин“ за да дојде и да му се направи колоноскопија (испитување на слузницата на дебелото црево) на скопската Клиника за гастроентерохепатологија, информираат болнички извори. Според лекарите што работат на клиниката, пациентот се пријавил за преглед пред четири месеци, но додека чекал термин, во меѓувреме починал, а системот не препознава пациенти кои починале. За овој случај може не е виновен проектот, но, сепак и тука се детектира проблем поврзан со него.

„Медицинската сестра се јави, како и секој ден, да го потсети пациентот дека денеска има термин за колоноскопија. Сестрата се збуни кога жената почна да ѝ вика и да ѝ кажува дека тој починал пред два месеца и беше многу потресена. Ако сакаат да се прегледува по тој проект, тогаш нека си го средат системот“ реагираат дел од лекарите од Клиниката за гастроентерохепатологија.

Ова е само еден од примерите, кога пациент починал чекајќи да му се направи потребното испитување. Тој на површина ги извади сите контроверзи и сомневања поврзани со проектот „Мој термин“, особено со гласините дека е можна негова директна врска со зголемената смртност кај пациентите.

Ваквите тврдења прецизно не можат да се докажат, бидејќи, иако „Мој термин“ функционира повеќе од четири години, сепак не постојат официјални статистички податоци колку пациенти починале во македонските болници и дали овој проект ја зголемил или ја намалил смртноста на болните? Единствените податоци што можат да се најдат е дека според овој проект, за една година се прегледани над еден милион пациенти.

dejan-stavrik

Д-р. Ставриќ: Евидентно е губењето на времето на пациентите на пат до она што им е најпотребно – лекувањето

Сепак, според податоците на Државниот завод за статистика, во Македонија, бројот на умрените лица во првата половина на 2016 е  зголемен за 3,8 отсто во однос на истиот период претходната година. Но, директна корелација со „Мој термин“ не може да се направи, зашто погледнато наназад 4 години има незначителен пораст на морталитетот, но за него треба да се изјаснат експертите. Во 2015 имало 20.461 починат, во 2014 починати биле 19.718, додека во 2013 година тој број е 19.208, а во 2012 е 20.134 починати.

Дел од лекарите не ја исклучуваат поврзаноста со реформата во здравството, пред сè поради „влошувањето на квалитетот на здравствените услуги поради проектот“, како што наведува доктор Ставриќ. Тој вели дека евидентно е губењето на времето на пациентите во нивниот пат до она што им е најпотребно – лекувањето.

„Поради сите тие причини, веројатно е зголемена и смртноста на пациентите по болниците, затоа што не е исто дали еден карцином (рак) ќе стигне до хирургот во прв, втор или во терминален стадиум!“ истакна доктор Ставриќ.

И тој потврдува дека освен ресорното министерство, реално никој нема пристап до точните податоци за да се состави вистинската слика за трагичните состојби и починатите пациенти во јавното здравство.