Регион

Србија ги штити командантите, на чии подредени им се суди за воени злосторства

Судот донесе одлука дека командантите не можат да бидат законски одговорни за злосторствата извршени од нивните подредени

Во утринските часови, на 14 мај 1999 година, српските сили ги опколија Реџе Келменди, неговиот брат Дема и уште неколку членови на нивното семејство и соседи, во куќа во албанското село Ќушка.

Во тоа време, селото, сместено во близина на Пеќ, во северозападно Косово, сè уште беше дел од Југославија, а војната меѓу ВЈ и српската полиција, и припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК), сѐ повеќе се заоструваше.

НАТО започна воздушна кампања, со која сакаше да го принуди Слободан Милошевиќ, да стави крај на репресијата врз косовските Албанци, а како одговор на бомбардирањето, силите на Милошевиќ ја засилија офанзивата, напаѓајќи села, протерајќи и убивајќи Албанците и ограбувајќи ги и палејќи ги нивните имоти.

Повеќе од еден час, семејството Келменди и другите жители на Ќушка, биле чувани во куќата, со рацете зад главата, а кога српски полицаец му наредил на Реџе да земе кибрит и да ја запали куќата, заедно со притворените селани во неа, тој скокнал низ прозорец и побегнал во блиската шума.

Останатите биле убиени, а нивните тела биле запалени. Вкупно 44 лица биле убиени тој ден во Ќушка.

Оттогаш, вели Реџе, тој и уште неколкумина преживеани жители „залудно чекаат правда“, надевајќи се дека убијците конечно ќе се најдат зад решетки.

Тој, пет пати сведочеше пред судот во Белград, во случајот што се води против 11 поранешни припадници на 177-от одред на ВЈ. Судскиот процес започна во 2010 година, но на постапката, дури и по повеќе од десет години, не ѝ се наѕира крајот.

Прекините и одложувањата на судскиот процес, предизвикаа сомневања дека ова е дел од поширок модел на негирање и опструкции, насочени кон прикривање на улогата на Србија, во злосторствата извршени врз косовските Албанци, кон крајот на 90-тите години.

Сепак, БИРН дојде до сознание дека неодамнешна одлука на српскиот Уставен суд, укажува на тоа дека српските судови нема да гонат високи офицери за командна одговорност за злосторства, како што се убиствата во Ќушка, извршени од нивните подредени, или за злосторства против човештвото.

„Имав чувство дека никогаш нема да бидат казнети

Реџе Келменди, во селото Ќушка. Фото: БИРН

Реџе, прв пат раскажал што се случило во селото, во 1999 година, кога разговарал со претставници на меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч, која го објави извештајот, „Уништено село“, во кој ги идентификуваше единиците на ВЈ и лицата присутни во селото, за време на нападот.

Истрагата на Хјуман рајтс воч, поддржана од Српското обвинителство за воени злосторства (ОВЗ), доведе до првите апсења, а повеќе од една деценија по убиствата, конечно започна и судењето пред судот во Белград.

Но, дури и на самиот почеток на судењето, Реџе Келменди бил загрижен за можниот исход.

„Кога за прв пат отидов во Белград во 2012 година, атмосферата беше тешка и имав чувство дека никогаш нема да бидат казнети. За време на судењето, видов како обвинителите и судиите се чувствуваат непријатно, кога им се обраќаа на оние што ги извршија злосторствата“, вели Реџе.

Обвиненијата против 11-те припадници на ВЈ, ги товарат осомничените за воени злосторства извршени за време на напади врз четири села во областа на Пеќ: Ќушка, Пављан, Захаќ и Љубениќ, во кои беа убиени најмалку 120 Албанци.

Голем број од посмртните останки на жртвите, подоцна беа пронајдени во масовна гробница во Батајница, крај Белград. Некои од нив и денес се водат како исчезнати.

Со првостепената пресуда донесена во 2014 година, обвинетите беа прогласени за виновни, но една година подоцна, Апелацискиот суд го врати предметот на повторно судење.

Невладината организација, Фонд за хуманитарно право (ФХП) со седиште во Белград, која ги претставува жртвите и го надгледува судењето, вели дека постапката трае неоправдано долго време.

„Судењето на овој случај трае повеќе од 10 години и неизвесно е кога ќе заврши постапката“, вели директорката на ФХП, Ивана Жаниќ, за БИРН.

„Во повторената постапка, генерално, беа одржани мал број главни расправи на годишно ниво, така што во 2016 година се одржаа само пет судски денови, во 2017 шест, во 2018 три, во 2019, исто така, три, а во 2020 година не беше одржан ниту еден судски ден“, додава таа.

Во текот на изминатата деценија, како што напредуваше судскиот процес, обвинителите честопати поднесуваа нови обвиненија, со цел да опфатат нови наводни сторители, што резултираше со вкупно седум ревидирани обвиненија. Последното обвинение беше поднесено откако осомничениот Предраг Вуковиќ, кој беше во бегство, беше уапсен во Црна Гора, во 2018 година.

Некои обвиненија, против обвинети кои починаа или имаа здравствени проблеми, беа отфрлени. А еден од обвинетите, Ранко Момиќ, побегна во Украина.

„Сето ова укажува дека на гонењето на злосторствата, извршени во овие села, им е пристапено многу површно и дека прашањата што требало да се решат за време на истрагата, се оставени да бидат решени за време на главниот претрес, што ја одложува постапката и ги изложува жртвите и членовите на семејствата на дополнителна трауматизација, затоа што тие не знаат кога постапката ќе заврши правосилно и дали ќе ја дочекаат правдата“, нагласува Жаниќ.

Обиди да се аболираат командантите

Дупки од куршуми на куќа во Ќушка, обележани од истражителите на Хашкиот трибунал. Фото: Фред Абрахамс/Хјуман рајтс воч.

Покрај честите одложувања и бавната постапка, судењето го следеа и одлуки, кои, како се чини, ги аболираа високите офицери на ВЈ, од каква било одговорност за убиствата во четирите косовски села.

Во првостепената пресуда, судијата утврди дека командантот на ВЈ, Топлица Миладиновиќ, бил свесен за злосторствата и дека единиците што убивале и ограбувале во Ќушка, не се измислени.

Меѓутоа, кога Апелацискиот суд ја укина пресудата и го врати предметот на повторно судење, објасни дека првостепениот суд не ја утврдил со сигурност структурата на 177-от одред на ВЈ и дека оттука било нејасно дали тој воопшто и постоел, дали Миладиновиќ командувал со него и дали тој всушност бил овластен да дава наредби за воени акции. Судијата кој беше одговорен во првостепената постапка, беше сменет.

Во исто време, ОВЗ започна истрага против пензионираниот генерал, Драган Живановиќ, кој беше командант на 125-та моторизирана бригада на ВЈ, за време на војната во Косово, и кој имаше надлежност над 177-от одред и неговиот интервентен вод.

На 24 април 1999 година, Живановиќ дал наредба до единиците на неговата бригада, да воспостават воена контрола врз селата Ќушка и Захаќ, бидејќи се верувало оти таму се кријат припадници на ОВК.

Во 2014 година, обвинителството тврдеше дека Живановиќ бил свесен оти овие единици, вклучувајќи го и 177-от интервентен вод, кога ќе постапуваат по оваа наредба, ќе убиваат цивили, ќе ограбуваат имоти и ќе го протеруваат локалното население од нивните домови.

Обвинителството, исто така, тврдеше дека некои војници на 177-от интервентен вод, кои во првостепена постапка беа осудени за воени злосторства, меѓу кои и Миладиновиќ, Милојко Николиќ и Дејан Булатовиќ, делувале под команда на Живановиќ.

Колку што е познато, Живановиќ е единствениот генерал на ВЈ, против кого е водена истрага во Србија. Но, во 2017 година, обвинителството ја прекина истрагата.

Истата година, Реџе Келменди и уште тројца преживеани жители на Ќушка, со помош на ФХП, поднесоа жалба до Уставниот суд на Србија, против одлуката на OВЗ, да ја затвори истрагата. Во жалбата се наведува дека биле повредени две права – правото на правично судење и правото на ефективна истрага.

Во октомври 2020 година, Уставниот суд ја одби нивната жалба.

Сепак, покрај отфрлањето на жалбата во врска со правичноста на судењето и ефикасноста на истрагата, судот се произнесе и за клучното прашање за командна одговорност.

„Ова прашање (за командна одговорност), заслужува одговор, поради неговата поширока важност за … осомничените во слични ситуации“, нагласува судот во својата одлука, што БИРН ја виде.

Пресудата претставува опасен преседан за сите други случаи, кои вклучуваат можно гонење на високопозиционирани команданти, за злосторства извршени за време на војните во 90-тите години.

Во пресудата се нагласува дека не е можно, во Србија кривично да се гони некое лице, за командна одговорност, за злосторства извршени од неговите подредени за време на војната во Косово, бидејќи концептот на командна одговорност е воведен во српскиот кривичен закон дури во 2006 година, а наводните злосторства се случиле во 1999.

Од истата причина, не е можно гонење на лица за злосторства против човештвото, сторени пред 2006 година.

„Од гледна точка на принципот на законитост, би било спорно нечие гонење за вакви злосторства, доколку тие се сторени пред 2006 година, бидејќи … не е можна ретроактивна примена на законот“, нагласува Уставниот суд.

„Уставниот суд утврди дека во конкретниот случај не биле исполнети условите за спроведување истрага/кривична постапка против осомничениот (генерал на ВЈ) Драган Живановиќ, за командна одговорност, бидејќи поимот командна одговорност не постоел во српскиот правен систем, пред 1 јануари 2006 година“, се вели во пресудата.

„Оправдување поради необвинување на генерали“

Четворица членови на 177-от интервентен вод на ВЈ, на кои во моментов им се суди. Фото: Фред Абрахамс/Хјуман рајтс воч.

Водечки експерти од областа на човековите права и сферата на трибуналите за воени злосторства, велат дека српскиот Уставен суд не се повикал на меѓународното право, кога анализирал дали на Живановиќ може да му се суди за командна одговорност или за злосторства против човештвото.

„Утврдено е дека принципот на ретроактивно казнување не се крши, доколку некое лице се гони поради неговото однесување или пропуст, во врска со злосторства кои во времето на извршувањето се сметале за злосторства според меѓународното право, додека злосторствата против човештвото се утврдени уште пред конфликтите во 90-тите години во поранешна Југославија“, вели Дајан Орентлихер, професорка на Американскиот универзитет во Вашингтон и поранешен заменик шеф за прашањето на воените злосторства, во американскиот Стејт департмент.

„Оваа точка е недвосмислено препознаена со два договори потпишани од Србија – Европската конвенција за човекови права и Меѓународниот пакт за граѓански и политички права“, додава таа.

Орентлихер наведува дека принципот на командна одговорност ја одразува централната премиса на меѓународното хуманитарно право – „дека воените команданти имаат должност да обезбедат дека нивните подредени нема да вршат воени злосторства“. Командната одговорност е експлицитно наведена и во Дополнителниот протокол I на Женевските конвенции од 1949 година, чиј потписник е и Србија “.

„Според мое мислење, принципот на законитост тешко дека ќе беше повреден, ако српскиот обвинител го обвинеше воениот командант, поради тоа што не ги спречил неговите подредени да извршат воени злосторства во 90-тите години“, додава таа.

Орентлихер нагласува дека постои и друга опција врз основа на која еден командант може да биде обвинет за злосторства извршени од неговите подредени.

„Можно е да се обвини некој што не ги исполнил своите обврски како командант, врз основа на други принципи за одговорност, експлицитно наведени во Кривичниот закон од 1976 година (на Југославија). Во тој случај, а во светло на обврската на Србија според меѓународното право, се чини дека обвинителот за воени злосторства е должен да ја следи оваа опција со посветеност“, посочува таа.

И Манфред Новак, австриски адвокат за човекови права и професор, поранешен специјален известувач на ООН за тортура и судија во Домот за човекови права за Босна и Херцеговина, смета дека Србија има правна основа за гонење на овие злосторства.

„Советот за безбедност на ООН, за време на формирањето на МКТЈ (Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија) ​​во 1993 година, јасно ги прецизираше злосторствата против човештвото и воените злосторства, кои МКТЈ е надлежен да ги гони и суди, а кои беа извршени на територијата на поранешна Југославија“, вели Новак за БИРН.

„Специјалните судови за воени злосторства основани во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Србија, имаат задача да ја следат и завршат работата на МКТЈ и затоа можат да ги применуваат истите кривични дела, без оглед дали тие злосторства претходно биле опфатени со законот на поранешна Југославија или на Србија. Одлуката на Советот за безбедност на ООН е законски обврзувачка за сите земји“, додава тој.

Судовите во Босна и Херцеговина судеа голем број случаи, во кои офицери беа гонети за кривична одговорност. Хрватските судови, исто така, го користеа концептот на командна одговорност.

Одбивањето на Србија да гони високи офицери, се соочува со постојани критики на Европската унија, која ова го споменува во своите извештаи за напредокот на земјата кон членството во ЕУ.

ФХП смета дека пресудата на Уставниот суд е удар врз секој иден обид за гонење на генерали, за воени злосторства.

„Ваквата одлука ќе му послужи како одлично оправдување на Обвинителството за воени злосторства, да ја продолжи претходната практика да не обвинува никого врз основа на командна одговорност“, предупредува Жаниќ.

Пресудата на Уставниот суд претставува уште едно разочарување за преживеаните жртви од Ќушка, кои денеска ја одбележуваат годишнината од масовните убиства.

Реџе Келменди, посочува дека за одлуката дознал сега, затоа што не добил никакви информации од судот. Но, тој не е изненаден.

„Тие ги зедоа телата на цивилите и ги сокрија во масовни гробници“, вели тој и додава: „Разбирливо е дека тие ќе се обидат да го сокријат аболирањето на злосторствата“.