Регион

Србија и Косово повикани да ја интензивираат потрагата по масовните гробници

Масовната гробница во рудникот Кижевак, Рашка. Фото: Марко Рисовиќ

Европратениците синоќа ги усвоија двата одделни извештаи за Србија и за Косово, и ги повикаа двете земји да бидат поефикасни кога станува збор за случаите на луѓето исчезнати во војната во Косово.

Во извештајот се повикуваат властите во Приштина да „вложат поголеми напори за решавање на барањата на членовите на семејствата на исчезнатите лица“ и „да ги отворат сите воени архиви“.

Во резолуцијата Србија се повикува да „спроведе истрага за посмртните останки на трите лица ексхумирани за време на претходните ископувања на масовната гробница во селото Кижевак“. Гробницата е откриена во ноември 2020 година. Се верува дека таа содржи останки на Албанци, убиени во војната во Косово.

Над 1.600 луѓе, претежно Албанци, но и Срби, сè уште се водат како исчезнати.

Извештајот за Србија ја нагласува „важноста на регионалната соработка врзано за воените злосторства и на истрагата во случаите на исчезнатите лица“.

Србија, исто така, беше повикана да вложи повеќе напори „во отфрлањето на говорот на омраза и величењето на воените злосторници, како и да ги поддржи домашните обвинители во изведувањето на сторителите пред лицето на правдата“.

Во извештајот, на повеќе места, се споменуваат говорот на омраза и негирањето на геноцидот во Сребреница, во Србија, поради што Србија е повикана да се бори против „фалсификувањето на фактите утврдени од МКТЈ (Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија)“.

Извештајот на Европскиот парламент за Босна и Херцеговина сè уште не е усвоен, но во нацртот се вели дека БиХ се повикува „да ја забрза ефикасната на обработката на воените злосторства во согласност со ревидираната Национална стратегија за работа на предметите на воени злосторства“.

Во нацртот, исто така, се осудуваат „сите форми на историски ревизионизам, сецесионистичка реторика и слични акти, како и негирањето или величењето на воените злосторства, извршени за време на војната во 90-тите“.

Покрај извештајот за Србија и за Косово, Европскиот парламент го усвои и извештајот за Северна Македонија. Сите извештаи за земјите од поранешна Југославија ги повикуваат политичките лидери да го поддржат создавањето на РЕКОМ, комисијата за утврдување на фактите за сите воени злосторства и други повреди на човековите права, извршени во регионот.