Регион

Србија избра нов главен обвинител за воени злосторства

Снежана Станојковиќ е новиот главен обвинител за воени злосторства на Србија. Таа најверојатно, како приоритетни за обработка ќе ги земе предметите во кои станува збор за злосторства извршени над Србите, а не оние во кои тие се извршители.

Пишува: Филип Рудиќ, Белград

Зградата на собранието на Србија во Белград. Фото. Народно собрание на Република Србија

Српскиот парламент, во понеделник, ја избра Снежана Станојковиќ, до вчера заменичка на обвинителот, за нов главен обвинител за воени злосторства, позиција која веќе една и пол година не е пополнета.

Поголемиот дел од програмата, што ја достави како кандидат за позицијата главен обвинител, Станојковиќ ја фокусира на српските жртви и на ставањето крај на неказнивоста на злосторствата извршени над Србите.

„Функционалната (регионална) соработка бара преиспитување на досегашната соработка, бидејќи меѓусебно договорените и очекувани резултати не беа постигнати, особено кога станува збор за кривичното гонење на оние кои се одговорни за злосторствата извршени над лицата од српска националност“, се вели во програмата на Снежана Станојковиќ.

Србија беше без главен обвинител од декември 2015, кога на дотогашниот обвинител, Владимир Вукчевиќ, му истече мандатот.

Според експертите, фактот дека Обвинителството за воени злосторства веќе подолг период беше без главен обвинител, дополнително ѝ нанел штета на и така кревката институција, која се соочува со недостиг на поддршка и ресурси и која во последните неколку години е под политички притисок.

Станојковиќ работи во обвинителството од 2008 година, а според гласините во јавноста, пред самиот избор, таа беше фаворит за оваа позиција.

Работела на повеќе случаи, меѓу кои и на тековното судење на тројца припадници на српските вооружени сили, обвинети за убиство на 46 косовски Албанци, извршено за време на војната во Косово во 1999 година, во селото Љубовиќ.

За време на нејзиониот ангажман како заменик обвинител, поднела 16 обвиненија за злосторства извршени во Босна и Херцеговина, Хрватска и во Косово.

Станојковиќ се залага за судење во отсуство на хрватските војници осомничени за воени злосторства над Србите, со оглед дека меѓу Белград и Загреб нема договор за екстрадиција.

Таа, исто така, се залага за склучување на договори за признавање на вината, бидејќи смета дека таквите договори ќе придонесат, судските процеси за воени злосторства, да бидат поефикасни и побрзи.

Нејзин противкандидат беше Милан Петровиќ, кој во обвинителството работи од самиот почеток на неговото формирање во 2003 година, главно на предметите поврзани со војната во Босна и Херцеговина, која започна во 1992, а заврши во 1995 година.

Бројот на обвинети за воени злосторства со години е веќе мал. Во 2014 година беа подигнати само четири обвиненија, во 2015 немаше обвиненија, а во 2016 година осум – вклучувајќи го и првиот случај што Србија го иницира во врска со воените злосторства во Сребреница, додека другите се однесуваа на помали злосторства со по еден обвинет.

Обвинителството во април 2017 година поднесе две нови обвиненија во врска со војната во Босна и Херцеговина – едно, за убиство на Бошњаците киднапирани во Штрпце, а второто за убиства во Сански Мост.

Веќе три години, не е покренато ниту едно обвинение за злосторствата извршени во Косово.

Објавено и на Балканска транзициска правда